Навршуваат 18 години од уривањето на Милошевиќ, „камарадите“ уште на позиции


Белград, 5 октомври, 2018 - 10:19 (META) 

Пред 18 години големите демонстрации во Белград на 5 октомври доведоа до уривање на режимот на Слободан Милошевиќ. Сепак, значителен дел од луѓето во неговата гарнитура денес се на високи позици во Србија.

Демонстрациите почнаа кога Милошевиќ, тогашниот претседател на СР Југославија одби да ги признае резултатите од изборите на 24 септември 2000 година за претседател на државата, на кои загуби од кандидатот на Демократската опозиција на Србија (ДОС) и претседател на Демократската партија на Србија (ДСС), Војислав Коштуница.

По 18 години, учесниците во власта на Слободан Милошевиќ и противници на Петооктомвриските промени, денес повторно завземаат некои од најважните позиции во Србија.

Актуелниот српски претседател Александар Вучиќ во тоа време беше министер за информирање, а потпретседателката на тогашната сојузна влада, Маја Гојковиќ, сега е претседател на српскиот парламент, додека поранешниот истакнат член на ЈУЛ, Александар Вулин, сега е министер за одбрана. Тогашниот портпарол на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, сега е вицепремиер и министер за надворешни работи.

Војислав Коштуница, кој како кандидат на ДОС беше избран за претседател на СРЈ, одамна се повлече од политиката, а премиерот Зоран Ѓинѓиќ беше убиен пред зградата на Владата на Србија на 12 март 2003 година.

Слободан Милошевиќ умре во февруари 2006 година во затворот на Хашкиот трибунал во Схевенинген, додека неговата сопруга и тогашна претседателка на ЈУЛ, Мирјана Марковиќ, е во Русија, каде доби азил.


Брнабиќ: Србија ќе даде сѐ од себе за да има најдобри односи со Македонија


Белград, 9 септември, 2017 - 11:50 (META) 

Српската премиерка Ана Брнабиќ вчеравечер на приемот организиран во Белград по повод Денот на независноста на Република Македонија. порача дека Србија ќе даде сѐ од себе за со Македонија да има само најдобри односи. Таа рече дека не разговарала со својот македонски колега Зоран Заев, ниту со амбасадорката на Македонија во Белград, Вера Јовановска-Типко околу можноста Македонија да го поддржи членството на Косово во Интерпол.

– Вечерва не сакам да зборувам за тоа. Вечерва ги славиме нашите добри односи и Денот на Македонија. Србија е отворена, флексибилна и ќе дадеме сè од себе да имаме најдобри односи – истакна Брнабиќ, која во име на српската Влада го честиташе празникот на Република Македонија.

Таа нагласи дека завчера разговарала со амбасадорката Јовановска-Типко за натамошната соработка меѓу двете земји и потсети дека му упатила официјален повик на македонскиот премиер Зоран Заев да го посети Белград во ноември.

На приемот што го организираше во Белград, македонската амбасадорка во Србија, Вера Јовановска-Типко рече дека трајна определба на Македонија е развој на добрите односи со сите соседи.

– Тие добри односи не подразбираат илузија за некоја идилична атмосфера, туку односи во кои отворените прашања се решаваат преку искрен дијалог, заемно почитување и меѓусебна доверба. Токму кон такви односи стремиме со пријателска Србија, со која не поврзуваат многу елементи од минатото, сегашноста и иднината, а најмногу човечките релации и взаемните симпатии кои се трајна вредност и поттик за континуирано подобрување на односите – порача Јовановска-Типко.

Покрај српската премиерка, на приемот беа и претседателката на српскиот парламент Маја Гојковиќ, како и министерот за труд Зоран Ѓорѓевиќ и претставници на дипломатскиот кор.


Иницијатива за смена на претседателката на Собранието на Србија


Белград, 19 април, 2017 - 11:35 (META) 

Собранието на Србија денеска ја продолжува седницата што беше прекината на 1 март поради предизборната кампања. На седницата опозициските пратеници ќе пробаат на дневен ред да ја воведат иницијативата за смена на претседателката на парламентот, Маја Гојковиќ.

Иницијативата за смена на Гојковиќ ја поднесоа Демократската партија и движењето „Доста беше“, тврдејќи дека таа го деградира највисокото законодавно тело, дека ги крши уставот и деловникот за работа на парламентот, а иницијативата ја поддржаа и други опозициски пратенички групи, како и независни пратеници.

Смена на Гојковиќ, помеѓу другите, бара и Либерално-демократската партија чиј лидер е Чедомир Јовановиќ, додека радикалите на Воислав Шешељ досега официјално не се придружија на оваа иницијатива.

За ставање на дневен ред, а потоа и за смена на претседателката на парламентот потребни се гласови на најмалку 126 пратеници. Доколку сите партии и независни пратеници што досега јавно побараа смена на Гојковиќ гласаат „за“, ќе имаат 77 гласови.

Собранието не продолжи да заседава веднаш по завршувањето на изборите на 2 април поради протестите на студентите и граѓаните од иницијативата „Против диктатурата“, кои секојдневно почнуваат и завршуваат пред зградата на парламентот.