!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Уапсени 200 мафијаши во Италија, помеѓу кои и корумпирани функционери


Рим, 9 јануари, 2018 - 12:18 (META) 

Околу 200 припадници на еден од најпознатите мафијашки кланови се упасени во заедничка акција на полицијата во Италија и во Германија, соопштија италијанските официјални власти.

Според соопштението, уапсени се членови на криминалната група Ндрангета, чие што седиште е во регионот Калабрија.

Акцијата била спроведена заедно со германската полиција, имајќи предвид дека семејствата Фарао и Маринкола, кои је предводеле групата, работеле во двете земји.

Помеѓу уапсените има и функционети кои се сомничат за корупција, но не се наведува дали се од Италија или од Германија.

За време на акцијата одземен им е имот во вредност од 50 милиони евра, а деталите за акцијата ќе бидат соопштени во текот на денот.


Почина озлогласен шеф на сицилијанската мафија


Рим, 17 ноември, 2017 - 10:47 (META) 

Озлогласениот шеф на сицилијанската мафија, Салваторе Тото Рина, почина во Парма во 87-година од животот, јавуваат италијанските медиуми.

Рина е затворен во 1993 година, откако е осуден на 26 доживотни казни затвор. Се верува дека тој го наредил убиството на повеќе од 150 лица.

Рина боледувал од рак и бил во медицински индуцирана кома. Семејството имало посебна дозвола да го посетува во затворското крило на болницата во Парма, јавува „Би-би-си“.

Неговиот најстар син, Џовани, исто така служи доживотна затворска казна.

Рина е одговорен за низа бомбашки напади на мафијата во Рим, Милано и во Фиренца во 1993 година, кога загинаа десетици лица.

Една година пред тоа, двајца судии, борци против мафијата, Џовани Фалконе и Паоло Борселоно, се убиени во „војната на Рина против државата“.


ВМРО-ДПМНЕ: Зоран Заев и СДС се во спрега со криминално-мафијашките структури


Скопје, 12 мај, 2017 - 9:50 (META) 

„Зоран Заев и СДС се во спрега со криминално-мафијашките структури од Македонија и од регионот,“ се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека медиумите неколкупати објавиле фотографии на Зоран Заев и на други високи функционери на СДС со наркодилери и со други криминалци.

„Шпетин Положани, претседател на здружението на албански политички затвореници во Македонија, во интервју за телевизија „Шења“ кажа: „Имам евидентирано неколку случаи каде на албански семејства, СДСМ им има ветено дека ако гласаат за нив, ќе ги ослободи од различни кривични пријави, дека ќе им дадат некакви си привилегии, ако дојдат на власт“. Положани објаснува дека СДС извршил огромна манипулација кај нашите сограѓани од албанско етничко потекло“, се додава во соопштението.


Италијанската полиција уапси 69 лица за корупција и за местење тендери


Рим, 15 март, 2017 - 19:06 (META) 

Италијанската полиција во Неапол уапсила 69 лица, меѓу кои политичари и бизнисмени, за време на акцијата против мафијашката организација Казалези.

Обвинети се повеќемина претприемачи во градежништвото, за местење тендери и за корупција.

Обвинителството и финансиската полиција ги истражуваат договорите склучени помеѓу властите и компаниите што требало да градат музеи и нов крематориум.

Според италијанските медиуми, меѓу уапсените се наоѓа и еден угледен археолог, како и поранешниот градоначалник на Помпеја.


Роберти: Шверцот на дрога од Албанија во Италија е зголемен тројно


Тирана, 23 февруари, 2017 - 20:24 (META) 

Италијанскиот обвинител за борба против мафијата, Франко Роберти, денеска во Тирана изјави дека шверцот на дрога од Албанија во Италија, во изминатите неколку години е тројно зголемен и дека дел од приходите од овие активности можат да бидат искористени за финансирање на радикални исламистички групи.

Роберти, кој денеска имаше средба со јавниот обвинител на Албанија, Адриатик Љаља, рече дека неговата посета на Тирана била со цел заедно со албанските колеги да ги утврдат причините кои довеле до зголемување на шверцот со дрога од Албанија во Италија и да ги разгледаат можностите за подобрување на заедничката стратегија и соработка во борбата против овој вид криминал.

Италијанскиот обвинител рече дека една од причините за зголемувањето на шверцот на дрога е зголемената побарувачка во Италија и дека за шверцерите „увозот“ на марихуана е полесен и поисплатлив, отколку нејзиното одгледување во Италија.

Тој зборуваше и за врските помеѓу шверцот на дрога и терористичките активности.

– Станува збор за многу повеќе од истражувачка хипотеза. Ние сме убедени дека дел од нелегалните приходи од трговијата со дрога одат за финансирање на радикални исламистички групи, а со тоа и на потенцијални терористички активности – рече Роберти.

Роберти и Љаља разговараа за зајакнување на натамошната билатерална соработка, со заеднички истраги и поголема размена на информации.


Јанева во Палермо на комеморација во чест на судијата Фалконе


Палермо, 23 мај, 2016 - 16:21 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева денеска во Палермо, Италија учествува на комеморацијата во чест на сицилијанскиот истражен судија Џовани Фалконе, кој на денешен ден пред 24 години беше убиен во атентат организиран од мафијата, чии членови ги гонеше Фалконе, заедно со неговиот соработник Паоло Борселино.

Организатор на комеморацијата, како што соопштија од СЈО, е Фондацијата „Франческа Морвиљо Фалконе“, а во нејизиниот фокус е „борбата против организираниот криминал и истата има за цел да собере реномирани италијански и странски академици и експерти, вклучително и највисоки државни функционери“.

Јанева, која на комеморацијата учествува на покана на Фондацијата „Франческа Фалконе“, е придружувана од двајца обвинители од нејзиниот тим, главниот истражител на СЈО и нејзиниот шеф на кабинет.


Уапсени стотина членови на мафијата на Сицилија


Катанија, 10 февруари, 2016 - 13:45 (META) 

Повеќе од 100 осомничени членови на мафијашки клан од источниот сицилиски град Катанија се уапсени врз основа на обвинение за изнудување пари и за шверц на дрога, соопшти италијанската полиција.

Полициската операција особено го потресе семејството Лаудани, а апењата се изведени на Сицилија, во внатрешноста на Италија и во странство, се наведува во соопштението на полицијата.

Меѓу уапсените има и жени кои, како што наведува полицијата, го презеле управувањето со организацијата откако мажите се ставени зад решетки и воспоставиле фонд за помош на семејствата на членовите на кланот кои се во затвор.

Операцијата сè уште е во тек, а подоцна ќе бидат соопштени повеќе детали, стои во соопштението.


Во Келн уапсени 15 лица поврзани со албанската мафија


Келн, 26 јануари, 2016 - 14:06 (META) 

Во голема акција на германската полиција во Келн се уапсени 15 лица, а меѓу нив, наводно, е и шефот на албанската мафија во тој град.

Во акцијата учествувале околу 400 полицајци, а претресени се 54 стана.

Германската полиција соопшти дека станува збор за „банда по потекло од поранешна Југославија“, која се занимавала со шверц на хероин и на кокаин, како и со изнуда.


Италијанската полиција заплени имот вреден 2 милијарди евра, сопственост на Ндрагета


Рим, 22 јули, 2015 - 18:52 (META) 

Италијанската полиција во серија рации запленила имот вреден околу 2 милијарди евра, сопственост на моќната мафијашка организација Ндрагета, јавуваат медиумите.

Според информациите, запленети биле 1.500 обложувалници, 82 интернет-страници за коцкање, 45 италијански и 11 странски фирми што ги поседувала Ндрагета, организација која, според експертите, ја раководи трговијата со кокаин во Европа, а од полицијата биле издадени и 41 налог за апсење.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, италијанскиот министер за внатрешни работи, Анџелино Алфано, изјавил дека рациите во јужниот дел на регионот Калабрија „претставуваат сериозен удар врз Ндрагета“.

Според италијанските власти, шест од компаниите што се предмет на истрага биле во Малта, по две во Шпанија и во Романија и една во Австрија.

Ндрагета е мрежа од кланови која доминира во трговијата со кокаин во Италија и во Европа.

Таа е една од најмоќните мафијашки организации во Италија, покрај сицилијанската Коза Ностра и неаполската Камора.


Бразил: По 30 години е уапсен италијански мафијаш


Бразилија, 27 мај, 2015 - 12:12 (META) 

Бразилската полиција соопшти дека вчера е уапсен шефот на италијанската мафија Паскали Скоти, кој 30 години е во бегство и е осуден за убиство на повеќе од 20 лица во 80-тите години на минатиот век.

Педесет и шестгодишниот Скоти е уапсен во градот Ресифе на североистокот на Бразил, во заедничка операција на бразилската сојузна полиција и на Интерпол.

Паскали Скоти пред судот во Италија во 1991 година е прогласен за виновен за нелегално поседување огнено оружје, изнуда и за повеќе од 20 убиства. Тој бил шеф на мафијата Камора во Неапол и бил уапсен за време на вооружениот судир во 1983 година, кога повеќепати бил застрелан. Сепак, во декември 1984 година успеал да побегне од болницата во која бил на лекување откако потпиша спогодба за признавање на вината.

Италијанските власти почнале процес за екстрадиција. Скоти има две деца во Бразил и е уапсен додека ги водел на училиште.