Дедото на Тамара доби седум и пол години затвор


Скопје, 12 јули, 2018 - 14:03 (META) 

Љупчо Стојановски, дедото на Тамара Димовска од Велес, која почина во 2015 година чекајќи на операција на рбетот во странство, денеска во Кривичниот суд во Скопје доби седум и пол години затвор за обид за убиство на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

Стојановски пукаше во него непосредно пред тој да ја предаде должност на новиот министер Арбен Таравари на 1 јуни минатата година.

Дедото на Тамара има право на жалба на првостепената пресуда пред Апелацискиот суд во Скопје.

Тој претходно од овој суд доби преиначување на првостепената пресуда за нелегално поседување оружје, и од условна казната му беше сменета во ефективна – една година затвор.


Поднесено обвинение за дедото на Тамара кој пукаше во Никола Тодоров


Скопје, 28 септември, 2017 - 17:24 (META) 

Обвинение за убиство во обид и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи е поднесено против Љупчо Стојановски, дедото на малата Тамара, кој пукаше во поранешниот министер за здравство Никола Тодоров на 1 јуни годинава, пред примопредавањето на министерската функција.

Како што соопшти Основното јавно обвинителство – Скопје, истрагата против Љ.С. е завршена, обвинението е поднесено, а за него е побарано продолжување на притворот.

Дедото на Тамара е речиси четири месеци во притвор. Неговата 9-годишна внука Тамара Димовска почина на 9 февруари 2015 година, додека чекаше да биде одобрено да и се изврши операција на ‘рбетот во странство. Нејзиниот дедо рече дека пукал во министерот бидејќи го смета за виновен за смртта на неговата внука.


Поднесена кривична пријава против напаѓачот на Тодоров


Скопје, 2 јуни, 2017 - 15:48 (META) 

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје против 60-годишниот Љупчо Стојановски од велешкото село Каласлари, поради основан сомнеж дека вчера пред Министерството за здравство, со употреба на огнено оружје, пиштол, се обидел да го убие поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, соопшти МВР.

Во соопштението се наведува дека таткото на Тодоров ѝ сооопштил на полицијата дека Стојановски вчераутро во периодот меѓу 8.15 и 8.45 часот, се појавил на домашната адреса на поранешниот минитер, барајќи да се види со него.

На местото на настанот од страна на СВР Скопје-ЕУМНА е извршен увид и подигнатиот материјал – еден пиштол и други предмети, е доставен за понатамошна обработка, а пријавениот по укажаната лекарска помош е задржан во полициска станица. Во дадената изјава пред полициските службеници од Единицата за насилен криминал, Љ.С., во присуство на адвокат го искористил правото на молчење.


ОЈО бара притвор за напаѓачот на Тодоров


Скопје, 2 јуни, 2017 - 12:43 (META) 

Основното јавно обвинителство поведе истражна постапка и побара притвор за велешанецот Љупчо Стојановски, кој вчера со возушен пиштол пукаше во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.

„Осомничениот се гони за сторени две кривични дела и тоа обид за убиство од член 123 во врска со член 19 и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител до судот поднесе и предлог за определување притвор, бидејќи ценеше дека се исполнети законските основи за нејзиното изрекување“, се вели во соопштението.

Стојановски, кој е дедо на малата Тамара Димовска, која почина додека Фондот за здравство го одобри нејзиното лекување во странство, е однесен во Кривичниот суд, каде судија на претходна постапка треба да одлучува по барањето за притвор.
Нападот на Тодоров, кој не е повреден, следеше еден ден откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Стевананџија, го злоупотреби случајот на малата Тамара за собирање политички поени и за да ја нападне предложената влада на СДСМ.