Започна исплатата на првите договори од европската ИПАРД 2 програма


Скопје, 21 септември, 2018 - 14:37 (META) 

Од денска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој започна со првите исплати за финансиските средства од договорите склучени со последниот повик за програмата ИПАРД 2.

Преку ИПАРД 2 до денеска се склучени рекордни 898 договори во вкупна вредност на побарувани средства од 15,6 милиони евра, од кои 11,7 милиони евра се од европските фондови. Се очекува вкупната бројка на склучени договори да биде над 900 договори.

„Земјоделството е клучниот секотр на кој што се потпира Европската унија, затоа и 40 отсто од буџетот на ЕУ оди за земјоделство. Ако направиме споредби со земјите од регионот кои го поминаа патот кон кој ние сега силно чекориме, ќе видиме дека оваа поддршка за 10 пати ќе биде зголемена, пари кои ќе се искористат за модернизирање на земјоделството“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Преку програмата ИПАРД 2 Македонија од Европската Унија доби 60 милиони евра за инвестиции за модернизирање на земјоделството. За следната 2019 година е договорена поддршка од ЕУ во износ од 15 милиони евра.

Николовски посочи дека членството во НАТО и влезот во ЕУ ќе значи повеќе европски средства за субвенции, за механизација, за повисок приход, зголемување на средствата за поддршка на земјоделство.


ВМРО-ДПМНЕ прашува кој дозволил вработен на дело да уништи службен автомобил


Скопје, 17 август, 2018 - 9:36 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ го праша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски да објасни како се случило вработен на дело минатиот месец да упропасти во сообраќајна несреќа вон работното време службен џип.

Сообраќајката се случила на 9 јули на патот Берово – Виница, при што Н.Б. од Виница со „дачија дастер“ излетал од патот и слетал под мост.

„Дали лицето Н.Б. имало патен налог и дали истото смеело да управува со службено возило од министерството? Како се случило лице со договор на дело да има службено возило кое го уништил? Кој дозволил ова лице да управува службено возило? Со каква цел и каде било испратено ова лице и дали сообраќајната незгода се случила надвор од работно време? Дали и кој ќе ја покрие штетата направена од оваа сообраќајна незгода?“, прашува опозициската партија, барајќи одговорност од министерот Николовски.


Порибени акумулацијата Глобочица и ревирот Црн Дрим 2


Струга, 15 август, 2018 - 15:54 (META) 

Со порибувањето на риболовните води кои немаат концесионер, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се грижи за зачувување и заштита на автохтоните видови риби во речните води, порача министерот Љупчо Николовски при денешното порибување на акумулацијата Глобочиџа со 40 килограми, односно 8.000 единки подмладок од речна пастрмка и со 1.700 единки крап.

Во текот на денот ќе биде порибен и риболовниот ревир „Црн Дрим 2“ со 20 килограми подмладок од речна пастрмка. Потоа ќе се продолжи со порибување на другите водни текови и езера кои се без концесионер, за да овозможи одржување на популацијата. Планирано е порибување со пастрмка и на ревирите Охридски слив, Треска 1 – Кичевски регион и Црна река 1 – Демирхисарски регион, додека со крап ќе биде порибена и акумулацијата Ратево, односно Беровско Езеро.

Предвидени се  150 килограми подмладок од речна пастрмка, или околу 30.000 единки и 350 килограми подмладок од крап, односно околу 2.350 единки, појасни министерот Николовски.
Инаку, постапката за доделување на концесија на рибите за организирање на рекреативен риболов на овие риболовни води е во тек и се очекува да биде финализирана до крајот на септември.

Покрај за риболовните води без концесионер, МЗШВ ќе даде дополнителни 7,7 милиони денари за порибување на  Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, како и на акумулацијата Шпилје.


МЗШВ: Нова субвенција од два денари за килограм откупени сливи


Скопје, 14 август, 2018 - 15:36 (META) 

Владата на денешната седница донесе одлука за воведување на нова мерка за стабилизирање и решавање на проблемот со откупот на сливи, информираше на прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Сите правни лица откупувачи на сливи регистрирани за преработка на земјоделски производи и правни лица регистрирани за вршење на трговија со земјоделски производи, кои извршиле откуп на сливи од реколтата 2018 година од домашно производство, ќе добијат субвенција од два денари по килограм за откупени сливи. Одлука стапува на сила со објавување во Службен весник.

– Оваа нова мерка, ќе го поттикне договорениот откуп на произведената слива од родот 2018 и ќе ја подобри конкурентноста на домашната преработувачка индустрија. Субвенцијата ќе важи за количините на сливи кои ќе се откупат до 15 септември 2018 година, по откупна цена не пониска од пет денари за килограм индустриски сливи. Исто така, новата субвенција ќе ја добијат и оние откупувачи кои ќе откупат свежи сливи, со кои што на еден од состаноците што ги одржа тимот од МЗШВ, е договорено откупната цена за оваа слива да не биде пониска од осум денари за килограм – изјави Николовски.


Министрите од регионот го повикаа Косово целосно да ги укине зголемените царини


Белград, 25 јули, 2018 - 15:07 (META) 

Министрите од регионот денеска во Белград на заеднички состанок ја повикаа косовската Влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи во Косово, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тие ја поздравиле одлуката на Косово за делумно укинување на зголемените царини, но побарале од Приштина итно и целосно да ги укине воведените зголемени царини за извоз на земјоделски производи.

Иницијатор на средбата и домаќин бил српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, а на средбата учествувал и македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски.

– Сметам дека енергијата која ја дадовме до сега вроди со плод. Вчера на владина седница, Приштина донесе одлука за повлекување на царината од поголем дел од производите. Но,имајќи предвид дека на сила се мерки за зголемена царина за дел од производи за кои Македонија има извоз во моментов, бараме укинувањето на одлуката да се случи веднаш. Сметаме дека е потребно итно отповикување на оваа одлука која е спротивна на договорот ЦЕФТА, но и на СТО. Ние очекуваме укинување на оваа одлуката – изјави Николовски.

Љајиќ ги повикал и останатите членки на договорот ЦЕФТА да работат на укинување и отстранување на сите трговски бариери кои се спротивни на принципите на слободната трговија.

Учесниците на денешниот состанок истакнале дека се залагаат за реформа на ЦЕФТА, за олеснување на трговијата на Западен Балкан.


Владата со контрамерки ако Косово не ги намали царините на земјоделските производи


Скопје, 20 јули, 2018 - 12:12 (META) 

Во насока на решавање на проблемот со воведените зголемени царини од страна на Косово, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, е во постојана комуникација со ресорните министри од регионот, информираат од МЗШВ.

Следната недела е планирана заедничка средба на сите ресорни министри од регионот, на која што ќе присуства и министерот Николовски, а со цел да се заеднички модел за надминување на проблемот.

„Истовремено, Владите на Македонија и на Косово од вчера се во постојана комуникација, за изнаоѓање на соодветно решение. За таа цел, министерот Николовски заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, следната недела ќе имаат средба со косовските ресорни министри. Денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров ќе се сретне со државниот врв на Косово. На средбите, меѓудругото, ќе се разговара и за одлуката на Косово за зголемување на царините за увозните земјоделски производи“, се додава во соопштението.

Во текот на вчерашниот ден Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство и Министерството за економија, испратија допис до ЦЕФТА, Европската унија и до Владата на Косово, во кое се бара повлекување на одлуката на Косово за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук. Доколку Косово не ја повлече одлуката, Владата на Република Македонија ќе преземе мерки за заштита на домашното производство.


За зголемените царини во Косово, Македонија ќе се жали на ЦЕФТА и ЕУ


Скопје, 19 јули, 2018 - 14:52 (META) 

Против одлуката на Косово да ги зголеми царините за одредени земјоделски производи, Македонија денеска ќе се пожали на ЦЕФТА и ЕУ, а ќе испрати и допис до министерството за трговија и индустрија на Косово, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Тој рече дека зголемувањето на царината за 30 отсто е прекршување на договорот ЦЕФТА договорот, како и на Спогодбата за стабилизирање и придружување на Косово со ЕУ и нивната спогодна за стабилизација и асоцијација со Европската унија. Ако одлуката не биде повлечена, и Македонија ќе преземе мерки за да го заштити своето производство, најави министерот.

– Очекувам дека одлуката ќе биде повлечена. Ако тоа не се направи во најкраток временски период ние ќе го заштитиме нашето домашно производство – ова е нашиот приоритет. Ние од страна на Косово не сме консултирани во овој процес, јас се надевам на дијалог и на разумност од страна на Косово, оти веќе Владата има усвоено Меморандум со нивното министерство за земјоделство – вели тој.

Како што велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), тие и Министерството за економија во одлуката на Косово утврдиле правно нејасни елементи.

„Утврдени се елементи кои се формално правно нејасни. Така на пример, во дел од одлуката стои дека се однесува за овошје и зеленчук, а во листата на производи за кои ја зголемуваат царина стои пченка. Во самата табела каде што се наведени производите кои подлежат на зголемената царина, не се наведени тарифните броеви. Исто така се наведува дека се направени некои интерни консултации со домашните производители, има сериозни пропусти во целата процедура. Најмногу погодени производи од оваа одлука во овој период би бил извозот на доматите, пиперките и сливите. Во моментот се анализираат точните податоци, вкупниот извоз во Косово за 2017 е околу 6 милиони евра, а во првите шест месеци од годинава 2,5 милиони евра. Увоз на земјоделски производи од Косово нема“, соопшти МЗШВ, најавувајќи дека се контактира со другите министри во регионот за да се преземат заеднички мерки.

Како што најавија од македонското Министерство за надворешни работи (МНР), утре и задутре шефот на македонската дипломатија Никола Поповски утре и задутре ќе биде во посета на Косово, каде покрај другите теми, се очекува да разговара и за економската размена и трговијата.


Николовски: Просечната цена на пченицата е 9,14 денари


Скопје, 19 јули, 2018 - 12:11 (META) 

Просечната производна цена на пченицата годинава е 9,14 денари, а се очекува просечен принос од 3.500 килограми од хектар, соопшти денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски на прес-конференција.

Николовски ги повика мелничарите да ја земат предвид оваа цена добиена согласно анализите на производните трошоци на 300 земјоделски стопанства и врз основа на неа, да ја формираат откупната цена.

– Секој регистриран откупувач на пченица што ќе купи домашно лебно жито до 15 септември 2018 година и ќе го исплати до 15 декември, ќе добие субвенција од еден денар за килограм откупена пченица – рече Николовски и додаде дека за оваа мерка може да бидат одвоени и до еден милион евра.

Тој најави нови четири мерки за поддршка на полјоделството, особено на производството на пченица, со кои, како што нагласи, во секторот ќе влезат дополнителни четири милиони евра.

Министерот очекува новите мерки за поддршка да бидат усвоени на следната владина седница, во вторник.


Николовски: Нема застој во откупот на лубениците и другите земјоделски производи


Скопје, 4 јули, 2018 - 16:00 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски рече дека дневно се откупуваат по околу 500 тони лубеници, и доколку се процени дека има потреба, Владата ќе преземе соодветни мерки, како што бил случајот со доматите.

Тој потсети дека лани, МЗШВ воведе дополнителна субвенција од два денари за килограм за лубениците и шест денари за килограм праски, дополнителни мерки за пченицата, како и за грозјето.

„Оваа година, се зголеми на субвенцијата за предадени домати од три на седум денари за килограм, и се постигна договор вишокот домати да го откупат преработувачките капацитети, а се со цел стабилизирање на откупот“, изјави Николовски.

На новинарско прашање во врска со годинешната жетва на пченица, тој потенцираше дека пред почетокот на жетвата се одржале неколку состаноци со земјоделците и мелничарите, но и дека во тек е процедурата која што ја започнала Агенцијата за стокови резерви, со која што е планирано откуп на 12.000 тони домашна пченица.


Земјоделството е приоритет на Светска банка во нова стратегија за партнерство со државата


Скопје, 3 јули, 2018 - 12:16 (META) 

Светска банка започнува со подготовка на новата стратегија за партнерство со Македонија, во која што земјоделството е високо на листата на приоритетни сектори, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На состанокот, министерот Љупчо Николовски го информирал директорот на Светска банка за Македонија, Марко Мантованели за сегашните и идните реформи кои ќе ги спроведува МЗШВ, искористувањето на средствата од ИПАРД-програмата, капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, трансформацијата на шумарскиот сектор, справување со климатските промена и реформата во советодавниот систем.

„Посебен акцент беше ставен на креирање на услови за организирано договорно производство, подобрување на квалитетот и стандардите и стратегија за извоз на македонските земјоделско-прехранбени производи. Од Светска банка потенцираа дека во оваа област поседуваат експертиза и можност да обезбедат средства за  инвестиции во откупно-дистрибутивни центри. Светска банка следната недела ќе го потпише договорот со Европската унија, за спроведување на Функционалната анализа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од која што треба да произлезат идните насоки за системско функционирање на министерството како институција со цел обезбедување на навремени и квалитетни услуги и информации за граѓаните“, се додава во соопштението на МЗШВ.