!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Аселборн: Јас не сум Орбан, јас поддржувам нормално функционирање на државата


Скопје, 4 октомври, 2017 - 12:07 (META) 

Не можам да кажам кога ќе бидат почнати преговорите за членство на Македонија во Европската Унија, бидејќи ЕУ е покомплексна и од Балканот, изјави министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, по денешната средба со неговиот македонски колега, Никола Димитров, во македонското Министерство за надворешни работи.

Аселборн појасни дека Европската комисија може да предложи почеток на преговори со Македонија, но за тоа да се оствари, Советот на ЕУ мора едногласно да ја донесе одлуката.

– Во 2005 година бев сигурен дека во 2015 година ќе ги видиме Македонија и сите земји од регионот во ЕУ. Но, грешката не е само на Брисел, туку и на земјите што ги немаат исполнето копенхагенските критериуми – рече Аселборн.

Шефот на луксембуршката дипломатија рече дека доколку се исполнат сите услови, преговорите би можеле да почнат две-три недели по нивното исполнување. Тој изрази надеж дека новата влада и Грција со помош на посредникот Нимиц ќе најдат решение за спорот за името.

На прашањето за поделеноста во ЕУ во однос на поддршката на Никола Груевски, Аселборн рече дека тој не е Виктор Орбан, иако и двајцата се функционери од земји – членки на Европската Унија.

– Јас не се викам Орбан, туку Жан Аселборн, и има разлика. Јас ги поддржувам тие што сакаат да создадат услови за нормално функционирање на државата, исто како и повеќето политичари од ЕУ, кои сакаат да донесат стабилност на Балканот – рече Аселборн, истакнувајќи дека клучно е функционирањето на правото.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, истакна дека посетата на Аселборн доаѓа во важен момент и за Македонија и за регионот.

Прашан за спорот за името дали има конкретни насоки како ќе се решава, Димитров изјави дека засега не се знае како конкретно ќе изгледаат процесот и решението и повторно изрази надеж дека Атина ќе го препознае моментот и дека е добро и за Грција да има демократски сосед.

Во однос на изјавата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Хојт Ји, дека за евроатлантската интеграција клучно е да има одговорност за прислушувањето, Димитров рече дека извршната власт не е таа што може да одреди одговорност.

– Кризата завршува со одговорност, но извршната власт не е таа која ја одредува. Извршната власт и Собранието можат да создадат услови за судството, но не можат да донесат пресуда, бидејќи против тоа се боревме – рече Димитров, истакнувајќи дека се работи на изработка на нов модел кој ќе спречи повторно злоупотребување на техниката за прислушување.


Аселборн: Фараж донесе кукавичка одлука


Луксембург, 4 јули, 2016 - 17:01 (META) 

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, ја оцени како кукавичка одлуката на лидерот на британската Партија за независниот на Обединетото Кралство (УКИП), Најџел Фараж, да се повлече од лидерската функција на партијата.

– Ненадејно, политичари како што се Борис Џонсон и Најџел Фараж, како полжави се повлекуваат во своите куќички – рече Асeлборн за германскиот весник „Тагшпигел“.

Луксембуршкиот министер истовремено изрази надеж дека тоа ќе биде поука за политичките опортунисти, како што е антиимиграциски настроената Алтернатива за Германија или Герт Виндерс во Холандија.

Фараж, кој најави дека се повлекува од сегашната функција, е трет британски политичар кој решава да поднесе оставка наспроти можноста да се справи со бурната политичка иднина на својата земја, коментираат светските медиуми.


Коѕиас и Нимиц разговараа за спорот за името и за мерките за градење доверба


Луксембруг, 18 април, 2016 - 9:36 (META) 

Шефот на грчката диломатија, Никос Коѕиас, се сретна со посредникот во спорот за името, Метју Нимиц. На вчерашната средба во Луксембург, каде Коѕиас од денеска учествува на Советот за надворешна политика на Европската Унија, тие разговарале за насоката во која се движат преговорите за името.

Како што информираа од грчкото министерство за надворешни работи, Коѕиас го информирал Нимиц за ставовите и за размислувањата на грчката влада околу спорот за името. Нимиц слушнал и за напредокот околу спроведувањето на мерките за градење доверба меѓу двете страни за засилување на меѓусебната доверба, тема на која се очекува да разговараат Коѕиас и министерот за надворешни работи на Македонија,Никола Попоски, на нивната билатерална средба на регионалниот самит за бегалската криза во Солун.

Посредникот, пак, од своја страна го известил Коѕиас за активностите што ги презема во рамки на преговарачкиот процес и за разговорите што ги имал изминатиов период околу прашањето за името.

Последната официјална преговарачка рунда меѓу двете страни беше во ноември 2014 година, а Нимиц последен пат го посети регионот во авсгуст истата година. Лани во април Нимиц имаше средба со Коѕиас во Њујорк и тоа беше последната официјална јавна активност околу спорот за името.

Нимиц во интервју за грчката телевизија „Скај“ истакна дека е разочаран од паузата која постои во спорот за името поради бегалската криза и внатрешните проблеми на двете држави и апелираше двете држави да извлечат заклучок од бегалската криза за тоа колку е неопходно да се најде решение за името. Посредникот најави реактивирање на преговарачкиот процес набргу по изборите во Македонија.


ЕК отвори истрага против „Мекдоналдс“ поради избегнување на плаќање данок


Брисел, 3 декември, 2015 - 20:57 (META) 

Европската комисија покренала официјална истрага околу договорот на „Мекдоналдс“ со Луксембург, поради сомнеж дека благодарение на него компанијата плаќала помали даноци од оние што се предвидени во согласност со законите и правилата на Европската унија (ЕУ).

Како што пренесува ХРТ, работничките синдикати неодамна го обвинија „Мекдоналдс“ дека избегнал плаќање на околу една милијарда евра данок во периодот од 2009 до 2013 година, насочувајќи ги приходите кон својата луксембуршка филијала и ги повикаа европските власти да отворат истрага против синџирот на ресторани за брза храна.

Информацијата за отворањето на истрагата ја потврди и Европската комисија на својот твитер-профил.

Од „Мекдоналдс“, во меѓувреме, соопштиле дека немаат сознанија за каква било истрага на Европската унија против нив и дека ги почитуваат сите закони и прописи на ЕУ.


Лидерот на ЛДП се сретна со премиерот на Луксембург


Скопје, 21 ноември, 2015 - 12:28 (META) 

Претседателот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски, и делегација на партијата, за време на вториот ден на конгресот на АЛДЕ – Европските либерал-демократи, оствари бројни билатерални средби, соопштија од партијата.

Милевски се сретна и со премиерот на Луксембург, Хавиер Бетел, чија земја во моментов претседава со ЕУ. На средбата, како што е соопштено, се разговарало за актуелната политичка состојба во Македонија, при што било констатирано дека за надминување на политичката криза е неопходно целосно спроведување на Договорот од Пржино, потпишан со посредство на ЕУ, од четирите политички партии.

За време на конгресот, Милевски се сретнал и со данската министерка за прашања на деца, образование и на родова еднаквост, Елен Тране Норби, министерот за надворешни работи на Каталонија, Роџер Албинјана, како и со повеќе пратеници во Европскиот парламент од редовите на либерал-демократските партии од Европа.


Чавков и Попоски на конференција во Луксембург


Скопје, 8 октомври, 2015 - 10:16 (META) 

Министрите за надворешни и за внатрешни работи на Република Македонија, Никола Попоски и Митко Чавков, вечерва во Луксембург ќе присуствуваат на конференција за мигрантската рута Источен Медитеран – Западен Балкан.

Во организација на Советот за внатрешни работи на Европската унија, шефовите на полициите и на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ, заедно со нивните колеги од Западен Балкан, а предводени од високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, на оваа конференција се очекува да донесат декларација за блиска соработка на земјите низ кои транзитираат бегалците од арапскиот свет.


Могерини: Бегалската криза ќе трае и мораме да се прилагодиме на таа реалност


Луксембург, 5 септември, 2015 - 19:01 (META) 

Проблемот со бранот бегалци ќе биде присутен уште долго време, изјавила денеска високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската унија (ЕУ), Федерика Могерини, упатувајќи повик до земјите-членки на унијата да се прилагодат на новата реалност.

„Овој проблем уште долго ќе биде присутен и што побргу го прифатиме тоа, побргу ќе можеме обединети, како Европејци, да дадеме ефикасен одговор. Ова прашање нè засега сите нас. Пред неколку месеци тоа беше проблем само на Италија, Грција и на Малта. Сега е тука и Унгарија, а може да влијае и на други земји-членки во иднина“, изјавила Могерини по завршувањето на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ, што овие два дена се одржа во Луксембург.

Могерини посочила дека соработката со земјите од Западен Балкан и со Турција ќе биде засилена на повеќе нивоа, а деталите ќе бидат договорени на престојните состаноци на министрите за внатрешни и за надворешни работи во Луксембург и во Брисел.

„Балканските земји поради историјата, а Турција поради географијата многу добро ја разбираат природата на проблемот“, рекла високата претставничка на ЕУ, додавајќи дека „сите европски земји имаат морална и законска обврска да помогнат“.

Могерини истакнала дека на состанокот министрите имале „тешки разговори околу центрите за прием на бегалците надвор од територијата на ЕУ“ и дека е „многу важно да се избегне дестабилизација на земјите каде тие ќе бидат отворени“.

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборном, во име на својата земја, која во моментот претседава со ЕУ, изјавил дека е неопходно да се воспостави единствена европска јурисдикција околу правото за барање азил, наместо сегашниот систем со кој тоа ѝ се препушта на секоја земја-членка одделно.

Могерини го прифатила предлогот со констатација дека „времето за префрлање на вината од една на друга земја е истечено и итно мора да се донесат одлуки и да се стапи во акција“.


Попоски во Луксембург: Македонија очекува третман од ЕУ како кон земја-членка


Луксембург, 5 септември, 2015 - 17:27 (META) 

Потребно е Европа да обезбеди заеднички одговор, бидејќи ниту една земја не може проблемот да го реши сама, со сопствени ресурси, истакнал министерот за надворешни работи, Никола Попоски, на денешниот неформален состанок на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската унија (ЕУ) и земјите-кандидати за членство, кој се одржа во Луксембруг, а во чиј фокус беше актуелната мигрантска криза.

Како што соопшти МНР, Попоски ги запознал своите колеги од ЕУ со актуелната состојба на миграциската криза во Македонија и со „справувањето на нашата земја со масовниот наплив на мигранти“.

„Република Македонија очекува третман од ЕУ како кон земја-членка. Солидарноста и споделената одговорност ја истакнуваме како есенцијална. Недостапен е одговор на европско ниво за сегашната миграциска криза. Тенденциите во моментов се дека таа ќе се продлабочува и во бројки и во реални проблеми на терен. Доколку продолжат да опстојуваат одговори само на национално ниво, наскоро може проблемите да ги надминат капацитетите на државите што се засегнати директно од кризата. Тоа може да стане закана и за солидарноста и за хуманоста, кои мора да бидат главни одлуки во соочување со овие предизвици“, рекол Попоски на состанокот.

Шефот на македонската дипломатија, во рамките на настанот, присуствувал на работниот појадок помеѓу министрите за надворешни работи на групата на Европски народни партии (ЕПП) на покана на австрискиот колега Себастијан Курц и на претседавачот на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент, Елмар Брок.


Никола Попоски на состанок на министри за надворешни работи на ЕУ во Луксембург


Скопје, 4 септември, 2015 - 9:58 (META) 

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и на земјите-кандидати.

На покана на високата претставнчка за надворешни работи и за безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и на министерот за надворешни рабoти на Луксембург, Жан Аселборн, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, на 4 и на 5 септември 2015 година, во Луксембург, ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидати за членство во ЕУ, Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција.

Дискусиите на состанокот ќе се фокусираат на актуелната миграциска криза, која потекнува од земјите од јужното соседство на ЕУ, како и на менаџирањето од земјите-кандидати кои се соочени со масовен наплив на илегални мигранти.

На маргините на состанокот, предвидено е Никола Попоски да оствари билатерални средби со своите колеги од земјите-членки на ЕУ.


ЕУ свика итен состанок за мигрантската криза


Брисел, 31 август, 2015 - 10:05 (META) 

Европската унија (ЕУ) свика итен состанок на кој земјите-членки на унијата ќе разговараат околу ескалацијата на мигрантската криза, јавува „Би-Би-Си“.

Според информациите, претседателството на ЕУ ги повика министрите за внатрешни работи на сите 28 земји-членки да одржат вонреден состанок на 14 септември, бидејќи, како што се наведува во изјавата на ЕУ, кризата достигнала „невидени размери“.

„Ситуацијата со миграцијата надвор и во границите на Европската унија од неодамна доби невидени размери“, се вели во изјавата.

Одлуката за вонреден состанок, што вчера ја објави Луксембург, земјата што актуелно претседава со Европската унија, следи откако стотици бегалци се удавија во Средоземно Море, обидувајќи се да стигнат до Европа, а околу 70 лица беа најдени мртви во приколка од камион во Австрија, како и по големиот наплив на мигранти што се движат по т.н. балканска рута.

Според извештаите на Европската агенција „Фронтекс“, минатиот месец на границите на ЕУ пристигнале повеќе од 100.000 мигранти.

Од Обединетите нации истакнуваат дека конфликтот во Сирија е главниот фактор на кој се должи зголемувањето на бројот на бегалци и на мигранти.