Бугарскиот разузнавач што „го врбувал“ Љубчо Георгиевски, доби 15 години затвор


Софија, 23 јануари, 2018 - 17:47 (META) 

Затворска казна од 15 години и конфискација на имотот е денешната пресуда за поранешниот шеф на бугарската разузнавачка служба, генерал Кирчо Киров, јави бугарскиот „Де Факто“.
Киров го привлече вниманието на македонската јавност во 2015 година со тврдењето дека бугарската разузнавачка служба врбувала многу видни имиња во ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и нејзиниот прв претседател, Љубчо Георгиевски.

Тој е осуден за злоупотреба на 5 милиони лева (2,55 милиони евра) од парите за разузнавачка дејност до 1999 година. Софискиот Воен суд за соучесништво го осуди и Димитар Лидарев, полковник во резерва и поранешен функционер во Националната разузнавачка служба. Тој доби три годишна затворска казна и потоа пет години условно. Според пресудата, по налог на Киров, Лидарев подготвувал фалсфикат-документи за подигање пари и потоа ги подигал парите од благајната.

Многу детали за процесот се засега непознати и имаат статус на тајна. Процесот е почнат минатата година, кратко откако Воениот апелациски суд го врати на повторно судење првиот случај против Киров, во којшто тој исто така беше осуден. Повтореното судење заврши вчера, при што Киров исто така доби 15 години затвор, а беше наложено и конфискација на половина од неговиот имот. Во тој случај, Киров се товареше дека од 2007 до 2011 година проневерил долари и евра во вкупна вредност од 5,1 милиони лева.

Против Киров се води уште еден случај, за издавање државна тајна во 2014 година, кога во телевизиско интервју ги изнел деталите за спасување на бугарски возач од смртна казна во Иран.

Киров, кој е разрешен од функцијата во 2012 година, по девет години минати на тоа место, најави дека ќе ги обжали двете пресуди во Воениот апелациски суд.

Тој го привлече вниманието на јавноста во Македонија во 2015 година, со емисијата „Слободна зона“ со водителот Георги Коритаров, кога кажа дека имал активна улога во разбивање на СФРЈ, дека бугарското разузнавање врбувало членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои бил и првиот претседател на партијата, Љубчо Георгиевски.


Љубчо Георгиевски смета дека на Мицкоски треба да му се даде шанса


Скопје, 24 декември, 2017 - 12:04 (META) 

Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски на својот „Фејсбук“ профил го поддржа изборот на Христијан Мицкоски за нов лидер на партијата.

Георгиевски кој е првиот претседател на партијата смета дека на Мицкоски треба да му се даде шанса.

„Христијан Мицкоски од сите имиња што беа кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ сепак е најнекомпромитиран, неизвалкан со афери, најенергичен и конечно најхаризматичен. Христијан има шанса да остави свој печат во ВМРО. Треба да му се даде шанса…“, напиша Георгиевски на својот ФБ профил.

Мицкоски вчера на партискиот конгрес во Валандово беше избран за нов лидер на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и доаѓа на местото на Никола Груевски кој беше на чело на партијата од 2003 година. Од 438 пријавени делегати на конгресот, 376 гласаа за изборот на Мицкоски, додека 52 ливчиња беа неважечки.


Тасев: Дали Груевски треба да остане на чело е работа што треба ВМРО-ДПМНЕ да ја расчисти


Скопје, 1 декември, 2017 - 18:10 (META) 

Секоја партија по избори мора да направи реформа ако сака нормално да ги пречека следните избори, но нашата партија нема да се меша во внатрепартиските работи на ВМРО-ДПМНЕ, вели за „Мета“ Никола Тасев, член на извршниот комитет на ВМРО-НП, на прашањето како гледа на најавата за оставка од Никола Груевски на претседателското место во ВМРО-ДПМНЕ.

– Ставот на ВМРО – Народна партија за случувањата во ВМРО-ДПМНЕ, и за која било друга партија, е дека тоа е внатрепартиска работа и секој процес што се одвива е нешто што зависи од нив. Тоа се нивни работи и треба да си ги решат, но ако сакаат да функционираат нормално, треба да поминат процес на реформа. Секоја партија што сака нормално да ги пречека следните избори, мора да направи реформа. И во ВМРО-ДПМНЕ по изборниот пораз во 2002 година имаше реформи, гледаме дека и во СДСМ се случуваат реформи, и во ВМРО-ДПМНЕ се случуваат некои промени, но тоа сепак е нивна работа – вели Тасев.


Георгиевски: Уставниот суд и народот на избори да судат за владата на СДСМ, а не Иванов


Скопје, 9 март, 2017 - 14:44 (META) 

Платформата на албанските партии е негирање и дерогирање на Охридскиот рамковен договор, a приказната дека тој останал отворен и сега се довршуваат отворените прашања е лажна, напиша на „Фејсбук“ поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател на ВМРО – Народна партија, Љубчо Георгиевски.

„Охридскиот договор е затворен и оверен од меѓународната заедница. За жал, и двете партии наместо да ја одбијат платформата како беспредметна, и двете влегоа во суштинска дебата и така ѝ дадоа легимитет, прво ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и СДСМ без задршка“, вели Георгиевски.

Тој истакнува дека претседателот на државата, Ѓорге Иванов, вторпат го погазува Уставот на Македонија, македонската и европската демократска практика и дека мора да го даде мандатот на тие партии што обезбедиле мнозинство.

„Уставот е недвосмислено јасен, тој мора да го даде мандатот на тие партии што обезбедиле мнозинство. Во спротивно, тој ризикува да ја воведе Македонија во меѓународна изолација, да ги запали етничките страсти и да ја суспендира демократијата. Доколку новата влада на СДСМ носи непринципиелни и неуставни закони, постои Уставен суд кој ке ги поништува истите, а народот веќе во мај на локалните избори со историски пораз ќе ги казни“, вели тој.

Георгиевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ не смее да ги урне сите мостови кон албанските политички партии и дека не смее да стане непријател на земјите од евроатланската заедница.

– Не смее да си игра со стабилноста и со безбедноста на земјата. По никоја цена не треба да ги одложува локалните избори, бидејќи има шанса за голем триумф како прв чекор кон новото демократско враќање на власт“, заклучува поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.


Георгиевски: Третата опција може да ја освои битката за демократијата


Припеп, 9 декември, 2016 - 19:33 (META) 

Љубчо Георгиевски, носител на листата во четвртата изборна единица на коалицијата ВМРО за Македонија, денеска во Прилеп рече дека очекува коалицијата да освои 15 до 25 пратеници и дека битката за демократија на македонскиот граѓанин може да му ја обезбеди третата опција.

– Јасно е дека ние ќе бидеме трета политичка сила во Македонија и тоа за граѓаните треба да е гаранција за многу процеси во државата. На Македонија, како никогаш досега ѝ е потребен трет блок, здружената десница преку коалицијата ВМРО за Македонија, како баланс на политичките сили. Очекуваме освојување на 15 до 25 пратеници за да може да наметнеме политика во кој правец треба да оди Македонија – рече Георгиевски.

Според Георгиевски, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ нудат кандидати за премиери кои се под истрага и затоа е потребен баланс на силите.

– Со балансот на силите нема да се спроведуваат промашени проекти. На овие избори на македонскиот граѓанин му треба битката за демократија, а тоа може да го обезбеди третата опција, коалицијата ВМРО за Македонија. Силата е во неопределените граѓани – изјави Георгиевски.


На овие избори ќе освоиме најмалку 15 пратенички места, порача Бошкоски


Куманово, 6 декември, 2016 - 21:30 (META) 

„На овие избори ќе освоиме најмалку 15 пратенички места, кои ќе одлучуваат за судбината и идната влада на Макадонија“, порача Љубе Бошковски на митингот на коалицијата ВМРО за Македонија во Куманово.

Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, истакна дека нивните аргументи се нивната претходна работа во изминатите години, но и новата изборна програма.

Од коалицијата ВМРО за Македонија посочија дека нема да се занимаваат со никакви реваншистички политики и дека целото внимание ќе биде насочено кон развојот на Македонија и кон напредокот за граѓаните.


Бошкоски: Коалицијата ВМРО за Македонија ќе биде најголемо изненадување во Струга


Струга, 30 ноември, 2016 - 19:50 (META) 

Коалицијата ВМРО за Македонија денеска имаше средба со жителите на Струга, каде ја промовираше предизборната платформа и отвори изборен штаб.

Лидерот на ВМРО – Народна партија, Љубчо Георгиевски пред стружани ја промовираше идејата секое село да биде општина, бидејќи, како што рече, со тоа ќе се решат сите мултиетнички разлики, ќе се намали иселувањето и ќе донесе економски просперитет за граѓаните.

Носителот на листата за петтата изборна единица, Љубе Бошкоски, ги повика стружани да гласаат за коалицијата ВМРО за Македонија и рече дека очекува нивната коалиција тука да биде најголемо изненадување.

– Овие се прошетки без големи митинзи, но ова што го гледаме на секој чекор во Струга е доказ дека ВМРО се враќа дома, вмровците се враќаат во матичната партија, вмровците веруваат во нашиот и единствен лидер на ВМРО, Љубчо Георгиевски и мислам дека победата е на прагот – рече Бошкоски.


Коалицијата „ВМРО за Македонија“ потпиша договор, но не ги објави имињата за листите


Скопје, 4 ноември, 2016 - 14:02 (META) 

Коалицијата „ВМРО за Македонија“, составена од ВМРО-НП, Обединети за Македонија и од Достоинство, денеска, во пресрет на Митровденска задушница, во хотелот „Александар палас“ потпиша договор со кој трите партии договорија заеднички настап на претстојните избори. Договорот го потпишаа лидерите на овие партии, Љубчо Георгиевски, Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов.

Имињата на носителите за кандидатските листи ги најавија за подоцна и не оставија простор за прашања на таа тема.

– „ВМРО за Македонија“ е новото старо ВМРО, кое ги почитува идеолошките определби за слобода, демократија и за човечки правдини. Составивме коалиција од луѓе кои во најтешките моменти на Македонија ги презедоа вистинските чекори за да ѝ помогнат на таковината – изјави шефот на изборниот штаб на коалицијата, Ден Дончев.

Тој дополни дека главни стратешки цели на оваа коалиција се демократизирање на Македонија, владеење на правото со независни обвинители и судство, економски напредок, влез во ЕУ и во НАТО, пораз на раководоството на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори. Најави дека ќе го вратат достоинството на старото ВМРО што, како што рече, „беше згазено од членството на ДПМНЕ“.

Лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, рече дека ме е чест  да соработува со овие луѓе, кои во 20о1 година му дале одврзани раце заради одбраната на Македонија.

Љубчо Георгиевски од ВМРО-НП истакна дека Македонија никогаш досега не била посозреана за трета политичка опција.

– Порано, кога ќе се спомнеа нашите имиња, можеби потсетувавме на воена формација, но ова денес не треба да загрижува бидејќи го нема тој дух од тоа време и тие непријатели – изјави Георгиевски.

Тој додаде дека би било голема грешка доколку коалицијата „ВМРО за Македонија“ се гледа низ призмата на СДСМ и на ДПМНЕ, бидејќи тој ги повикува разочараните членови на ДПМНЕ да гласаат за нив, но, како што посочи, ќе понудат и програма што ќе ги задоволи оние од центарот и од левицата.


Ден Дончев, шеф на изборниот штаб на коалицијата ВМРО-НП, ОМ и Достоинство


Скопје, 3 ноември, 2016 - 10:12 (META) 

За шеф на изборниот штаб на коалицијата на ВМРО-Народна партија, Обединети за Македонија и на Достоинство е назначен Ден Дончев, кој ќе биде и носител на кандидатската листа во првата изборна единица. Официјално, промоцијата на кандидатите ќе биде утре.

Во втората изборната единица, носител на кандидатската листа ќе биде Љупчо Балковски, во третата – генералот Стојанче Ангелов, претседателот на Достоинство. Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, ќе биде носител во четвртата изборна единица, Љубе Бошкоски во петката, а шестката ќе биде резервирана за Достоинство.

Оваа коалиција се формализираше откако не успеаја да се договорат за заеднички настап со Коалицијата за промени и правда.

Ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од СДСМ не откриваат кои ќе им бидат адутите на пратеничките листи преку кои ќе се бара доверба од граѓаните на предвремените парламентарни избори, закажани за 11 декември. Последниот рок до кога листите со кандидати за пратеници треба да се достават до Државната изборна комисија е следниот петок, 11 ноември, на полноќ, а на 18 ноември ДИК мора да ги објави во дневен печат.

Од најголемата опозициска партија велат дека в недела, на партиски конгрес, ќе ги објават кандидатските листи за пратеници.

Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, информираат дека листите ќе ги објават на некој поголем собир, но сè уште дефинираат кога и како ќе изгледа тоа.

Засега само ДПА ги објави кандидатските листи, на кои лидерот Мендух Тачи е носител во шестата изборна единица.


Георгиевски „хипотетички“ би прифатил коалиција со ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 30 октомври, 2016 - 13:56 (META) 

Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, пред почетокот на состанокот на централниот комитет на партијата, во изјава за медиумите ги обвини Демократскиот сојуз и ФРОДЕМ за пропаѓањето на преговорите за формирање десен опозициски блок.

Како што рече Георгиевски, не е вистина дека побарале да потпишат изјава дека нема да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ, напротив, како што рече, повеќе зборувале за тоа колку биле разочарани од Заев како лидер на опозицијата, отколку што зборувале за Груевски и за ВМРО-ДПМНЕ.

– Хипотетички, доколку на овие избори освоиме 15 пратеници и ВМРО-ДПМНЕ ни понуди со нивна помош да формираме малцинска влада, ние тоа би го прифатиле – рече Георгиевски.

Централниот комитет на ВМРО-НП ќе ја разгледува можноста за реактивирање на преговорите за десен блок, но, најверојатно, коалицијата ќе биде единствено помеѓу ВМРО-НП, ОМ и Достоинство.

Според Георгиевски, Коалицијата за промени и за правда намерно ги „минирала“ преговорите.