МАНУ на заедничко чествување со БАН на Свети Кирил и Методиј во Софија


Скопје, 8 мај, 2018 - 12:31 (META) 

Делегација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), предводена од претседателот Таки Фити, в четвток и петок ќе престојува во Софија во посета на Бугарската академија на науките (БАН).

Двете академии ќе организираат заедничко чествување на празникот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

Притоа, в четврток во Институтот за економски истражувања на БАН, ќе бидат претставени два научноистражувачки проекта реализирани од страна на МАНУ и БАН.

Едниот проект, објавен на македонски и на бугарски јазик, ги третира прашањата поврзани со последиците од европската должничка криза врз интеграциските процеси на двете земји. Другиот проект е кофинансиран од ИПА-програмата на ЕУ и се однесува на градење капацитет за иновативност и конкурентност на претпријатија од Северниот плански регион на Македонија и од Ќустендилската област на Бугарија. Овој проект е објавен на англиски, на македонски и на бугарски јазик.

Во попладневните часови в четврток, еминентниот бугарски писател, академик Антон Дончев ќе го претстави преводот на бугарски јазик на романот „Балканвавилонци“ од академик Луан Старова.

Информациите за посетата се појавија во голем број бугарски медиуми, што зборува за голем интерес во бугарската јавноста за соработката со Македонија, по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји.


Писателот Луан Старова одликуван со францускиот орден „Офицер на Легијата на честа“


Скопје, 12 април, 2017 - 10:24 (META) 

Амбасадорот на Република Франција, Кристијан Tимоние, во име на претседателот на Франција, го одликува писателот Луан Старова со орден „Офицер од редот на Легијата на честа“.

Академик и писател, универзитетски професор по француска и компаративна книжевност и прв амбасадор на Република Македонија во Париз, Луан Старова го добива ова значајно француско одликување за неговиот голем придонес во развојот на односите помеѓу двете земји.

Амбасадорот Старова одржува блиски контакти со многу писатели, поети и француски мислители на нашето време, како Едгар Морен, Морис Дрион, Робер Мале, Анри Мешоник, Андре Френо и други, придонесувајќи на тој начин за подобро да се разбере регионот на Балканот во клучните години од последната деценија на 20 век.

Националниот ред на Легијата на честа го воспоставил Наполеон Бонапарта во 1802 година. Ова одликување се доделува за заслуга на личности кои имале исклучителен придонес за промоцијата на Франција и на вредностите што таа ги застапува и ги претставува во светот.