Владата го прошири опсегот на функционери што треба да кажат колку трошат


Скопје, 18 април, 2018 - 9:37 (META) 

Вчера Владата донела одлука најдоцна до 20 јуни годинава директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на министерствата и на инспекцискиот совет, на своите веб – страници да ги објават податоците за нивите службени трошоци за периодот од 01.12.2014 до 31.05.2015 година и за периодот од 01.12.2017 до 31.05.2018 година.

Истото им се укажува да го сторат и директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерски друштва во државна сопственост.

Со тоа се проширува досегашниот опсег на функционери и именувани раководни органи што треба да покажат отчетност пред јавноста.

„Обврската за објава на службените трошења, на долг рок ќе обезбеди ефикасност во работењето на институциите, како и зголемена одговорност на власта која работи транспарентно и отчетно без злоупотреба на државните ресурси“, соопшти Владата.

Истовремено, биле разгледани и усвоиени Правилници за мерките од Планот за економски пораст на Владата – столб 3. Правилниците се однесуваат на следните 4 мерки: Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“), посебна финансиска поддршка за микро претпријатија, финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за подобрување на иновативноста, како и зафинансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.

Во исто време, Владата ќе формира работна група за следење на реализацијата на мерките од столб 3 од Планот за економски пораст.

На предлог на премиерот е прифатена иницијативата да се формира Национално координативно тело за изедначување на правата на лицата со попреченост , кое ќе функционира во рамките на Владата. Обврската за формирање ваков орган произлегува од Меѓународната Конвенција на ОН за заштита на правата на лицата со попреченост, која Република Македонија ја има ратификувано во 2011 година.


За четири години со поддршка на УСАИД се вработиле 115 лица со попреченост


Скопје, 12 март, 2018 - 14:07 (META) 

Повеќе од 115 лица со попреченост се вработиле во периодот од 2012 до 2016 година како резултат на соработката на агенцијата на САД за меѓународна помош (УСАИД) со над 360 компании од приватниот сектор, со 40 организации кои работат во областа на застапување на правата на лицата со попреченост и со јавни институции и асоцијации. Притоа, 12 од нив отвориле сопствен бизнис, а повеќе од 70 лица добиле практична работа во различни компании, јавни институции и невладини организации. Преку 250 лица од приватниот сектор ги поминале обуките за менторство на лица со попреченост, посочија од агенцијата.

И во моментов УСАИД работи на проект кој има за цел да ја зголеми  интеграцијата на младите лица со попреченост на пазарот на трудот во Македонија, со акцент на ИКТ индустријата, па е изработена иновативна платформа со онлајн обуки за интерактивно учење, развој на деловно работење и меки вештини, како и обуки од полето на информатичката технологија. Сите курсеви се достапни за сите заинтересирани млади, без разлика дали имаат некој вид на попреченост или не, при што курсевите во комбинација со практично искуство во компаниите ќе им овозможат на младите да се стекнат со потребните вештини за да ги надминат бариерите што го спречуваат нивното учество во работната сила на пазарот на информатичката технологија.


Со помош на УСАИД се отвори првиот центар за поддршка на млади лица со попреченост


Скопје, 7 март, 2018 - 12:39 (META) 

Проектот на УСАИД за социјална инклузија преку технологија, организираше завршен настан и официјална промоција на првиот центар во Македонија и во регионот, што ќе нуди услуги на млади лица со попреченост и ќе ги оспособи да можат да започнат кариери во ИТ-секторот.

Исто така, центарот „ХабИТ“ ќе обезбедува услуги за компании за да ја зголемат пристапноста на своите услуги и производи.

„Ние сме горди на нашите учесници на проектот на УСАИД за социјална инклузија преку технологија, бидејќи тие ги разбија митовите и му покажаа на бизнис-секторот дека младите луѓе со попреченост можат да бидат вработени и целосно да придонесуваат во брзо растечкиот сектор на информатичката технологија во Македонија“, рече амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

„ХабИТ“ беше основан од проектот на УСАИД за социјална инклузија преку технологија и дополнително награден како успешен концепт за социјално претприемништво од проектот на Европска Унија „Смарт старт“.

Овој проект на УСАИД поттикна социјална инклузија на млади лица со попреченост на пазарот на трудот преку нивно интегрирање во брзо растечкиот сектор на информатичката технологија во земјава.

Проектот беше имплементиран од фондацијата „иВоте“ во соработка со „Отворете ги прозорците“ и „Здруженито на студенти и млади лица со попреченост“ во Македонија.


Лицата со попреченост бараат прилагодени тоалети во угостителските објекти


Скопје, 13 декември, 2017 - 16:12 (META) 

Под мотото „Живот без пречки, тоалет за секого“, вечерва од 18 до 21 часот во ресторанот „Александрија“ во скопската населба Влае ќе се одржи хуманитарен настан чија цел е да ги поттикне институциите и угостителските објекти да обезбедат тоалети погодни за користење од лицата со попреченост.

„Лицата во инвалидска количка не може да се социјализираат и да излегуваат во угостителски објекти, а немаат ни оспособени тоалети по голем број институции, како и концертни сали и места на одржување на концерти и фестивали. Се случува лице во количка, да седне на кафе или пијалок во центарот на Скопје, а во тоалет мора да оди до поголемите трговски центри, затоа што само таму има пристапност за инвалиди. Затоа и се прави оваа иницијатива- да се покрене свеста и кај надлежните, општините и власта“, велат организаторите.

Ресторанот „Александрија“, велат организаторите, е прв хорека објект во Македонија, односно е приспособен за лицата со попреченост – има внимателно поставена рампа за влез, универзална архитектура и поставеност на влезна врата, како и специјално оспособен тоалет. За слепите лица пак, ќе бидат изработени и менија на Браево писмо.


„Ларондина танцова група“ вторпат ќе настапува во Македонија


Скопје, 2 октомври, 2017 - 18:58 (META) 

Британската танцова група за лица со попреченост на Анџелина Алесендре, „Ларондина танцова група“, од 5 до 10 октомври вторпат ќе престојува во Македонија.

Посетата на групата е во организација на Амбасадата на Обединетото Кралство во Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и на Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби.

Во рамки на посетата, освен претстави, предвидени се и неколку работилници за правата на лицата со посебни потреби, со акцент на нивните можности, наспроти ограничувањата, во повеќе училишта во Скопје и во Битола.

„Ларондина танцова група“ е основана пред повеќе од 20 години од Анџелина Алесендре и има настапувано во Обединетото Кралство, Русија, Америка, Франција и во други земји. Групата има цел да ги зближи наставниците од Европа и пошироко во Лондон и да ги обучува за посебни методи кои се користат за двократна училишна агенда за откривање на уметничките скриени таленти на лицата со попреченост.

Во Битола тие ќе настапат во Националниот театар во 18 часот на 6 октомври, а во Скопје во „Телевизија 21“ од 18 часот на 7 октомври.


Лицата со попреченост четврти пат ќе кампуваат пред Собрание


Скопје, 20 јули, 2017 - 13:49 (META) 

Лицата со посебни потреби и нивните семејства од денеска во 22 јули четврти пат ќе ги постават своите шатори во паркот Жена –  борец, спроти Собранието.

Граѓанската иницијатива „Пет до дванаесет“ ги повикува сите лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби, заедно со нивните родители и семејства, да ја поддржат иницијативата и да учествуваат во процесот за изедначување на нивните права.

„Со Вашето присуство на настанот, сите заедно ќе покажеме колку нè има и ќе докажеме дека не отстапуваме од нашите ставови, сè до конечно исполнување на нашите барања“, велат од иницијатавата.

Од „Пет до дванаесет“ ги повикуваат одговорните во Собранието и новата Влада, да ја дадат поддршката за изедначување на правата на лицата со попреченост, хендикеп или посебни потреби.

Лицата со попреченост и минатиот месец со шатори кампуваа во паркот спроти Собранието и се сретнаа со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која по состанокот изјави дека системот за заштита на оваа група граѓани затаил во изминатиот период.

– Се договоривме граѓанските здруженија да бидат членови на работната група во Министерството, која ќе работи на сите законски измени и процеси во делот на социјална заштита за лицата со попреченост– изјави Царовска, која им ветила дека дневните центри ќе бидат зајакнати со квалитетен кадар и дека програмата ќе биде усогласена во согласност со потребите.

Граѓанските здруженија бараат отворање дневни центри, подобри услови во училиштата и во клиниките, како и формирање специјална институција што ќе ги брани интересите на лицата со посебни потреби.


Лицата со попреченост кампуваат пред Собрание, Царовска им вети подобри услови


Скопје, 20 јуни, 2017 - 14:32 (META) 

Родителите и децата со посебни потреби од денеска во наредните три дена со шатори ќе спијат во паркот Жена борец спроти Собранието, од каде што повторно ќе испратат апел да се слушнат нивните барања кои се однесуваат на законските измени за социјална заштита, за здравствено осигурување и во образованието.

Претставници на иницијативата „Пет до дванаесет“ денеска се сретнаа со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која по состанокот изјави дека системот на заштита на оваа група граѓани затаил во изминатиот период.

– Се договоривме граѓанските здруженија да бидат членови на работната група во Министерството, која ќе работи на сите законски измени и процеси во делот на социјална заштита за лицата со попреченост. Договоривме дека административната бариера за преминување на посебниот додаток во додаток за туѓа нега ќе се тргне со законска измена затоа што е целосно нехумано да ги малтретираме родителите на децата кои навршуваат 26 години, повторно да поминуваат низ конзилијарни мислења и комисии на веќе добиена дијагноза – изјави Царовска.

Министерката на здруженијата им ветила дека дневните центри ќе бидат зајакнати со квалитетен кадар и дека програмата ќе биде усогласена во согласност со потребите.

– Доколку измените се спроведат без регистар, ќе креираме политики без да имаме бројки и без да имаме утврдена состојба на лицата. Регистарот не е едноставна операција, но ќе почнеме со вмрежување на сите електронски евиденции во институциите што имаат обврска да евидентираат некое лице со попреченост. Следна фаза од тој регистар е пописот во Македонија, од кој, со додавање на посебна графа, ќе добиеме целосен увид – додаде Царовска.

Граѓанските здруженија преку петиција собраа 10.000 потписи за законски измени за кои се очекува да се достават во Собранието наредните денови. Меѓу многуте барања се: отворање дневни центри, подобри услови во училиштата и во клиниките, како и формирање специјална институција што ќе ги брани интересите на лицата со посебни потреби.