ЈСП: Дополнителен број автобуси на линиите 69 и 28


Скопје, 6 август, 2018 - 16:19 (META) 

ЈСП Скопје ги информира граѓаните дека во пресрет на верските празници Св.Петка и Св.Пантелејмон, на ден 7, 8 и 9 август ќе пушти во сообраќај дополнителен број автобуси на линиите 69 и 28.

„Утре, 7 август (вторник), на линијата 69 која сообраќа од Транспортен центар до село Дивле, ќе се реализира едно поаѓање и тоа во 15.30 часот. На 8 август (среда), ќе сообраќаат три автобуса од село Дивле кон Транспортен центар и тоа во 5.45, 15.30 и во 19.30 часот. Посочените поаѓања, всушност, се вонреден превоз имајќи предвид дека автобуската линија 69 сообраќа само за време на викенди. Во случајов, вонредниот превоз е по барање на црковниот одбор на „Св.Петка““, се вели во соопштението на ЈСП.

Од таму додаваат дека ЈСП Скопје ќе обезбеди и дополнителен број автобуси на линијата 28, в четврток и в петок.

„На 8 август (среда), освен редовните поаѓања утврдени со летниот возен ред, автобус на линијата 28 од Транспортен центар кон Нерези (Македонско село) ќе има и во 17.20 часот, како и во 19.50 часот во обратен правец. На 9 август (четврток), вонреден автобус ќе има во 7.10 часот од Транспортен центар кон Нерези (Македонско село), односно во 11.20 часот во обратен правец“, додаваат од Град Скопје.


Автобусот на ЈСП од Железничка кон Водно наместо во 8 ќе тргнува во 7.30 часот


Скопје, 27 јули, 2018 - 12:42 (META) 

Линијата број 25 која сообраќа од Транспортен центар до Средно Водно ќе има измена во возниот ред, информираат од ЈСП.

„Терминот за поаѓање на автобусот предвиден во 8 часот, се менува, односно поаѓањето ќе се реализира во 7.30 часот. Промената во возниот ред ќе важи за време на викендите и државните празници. Измената во поаѓањето е по барање на планинарите и поради високите температури во летниот период. Таа ќе започне да се применува од претстојниов викенд. Останатите поаѓања се реализираат според важечкиот утврден возен ред“, се вели во соопштението.

Од таму потсетуваат дека во викендите и за време на државните празници, возењето со автобусот на линијата 25 е бесплатно за сите граѓани, а истото важи и за сродните лини 25А и 25Б, кои сообраќаат до Средно Водно, а тргнуваат од Стара железничка станица, односно од Дом на печат.

Истото се однесува и за линијата 28 која вози од Транспортен центар до Нерези (Македонско село).

„Од денеска автобуската постојка кај џамијата Јаја-паша кон Бутел е поместена за стотина метри после пешачкиот надвозник, односно стојалиштето сега е пред ОУ „Лирија“. Поместувањето на постојката е поради безбедносни причини. На претходната локација, поради голема фрекфенција на луѓе и возила, често се случуваа незгоди“, додаваат од ЈСП.


ЈСП: Поради најавени три протести, голем дел од автобуските линии ќе бидат пренасочени


Скопје, 12 јули, 2018 - 13:04 (META) 

Денеска поради најавени три протести, голем дел од автобуските линии ќе бидат пренасочени, а дел од автобусите ќе возат по скратена траса од вообичаената, информираат од ЈСП.

Од таму додаваат дека „автобусите од јавниот превоз, како возилата на ЈСП Скопје, така и на приватните превозници, ќе сообраќаат согласно условите на терен и наложениот режим од страна на сообраќајната полиција.“

„Поради протестот на Бит пазар предвиден во период од 12 до 16.30 часот, изменет режим на сообраќање ќе важи за автобуските линии 2, 8, 9, 12, 17, 19, 45, 50, 54, 55, 57, 59, 62, 63, 63А, 63Б, 65, 65А, 65Б, 65В, 73, како и за сите останати градски и приградски линии кои по редовната траса минуваат преку Бит пазар. Најавен е и протест во период од 15 до 17 часот на крстосницата на „Рузвелтова“ со булевар „Партизански одреди“. Автобусите што сообраќаат во овој реон ќе возат во зависност од моменталните услови на терен, односно по траса наложена од сообраќајната полиција. Вообичаено како и во изминатите неколку денови и вечерва во период од 20 до 22.30 часот поради протест пред Собрание на РМ, затворен за сообраќај ќе биде центарот на градот. Возилата од јавниот сообраќај ќе бидат пренасочени по улица „Даме Груев“ (позади Собрание на РМ) и по булевар „Свети Кирил и Методиј“ (Рамстор)“, се вели во соопштението на ЈСП.


Автобуските линии на ЈСП со летен режим на работа


Скопје, 8 јуни, 2018 - 12:27 (META) 

ЈСП информира дека од 10 јуни (недела), автобуските линии почнуваат со летен режим на работа, а возниот ред може да се види на нивната веб-страница www.jsp.com.mk.

Од таму потсетуваат дека викендов, автобуските линии 25 (Транспортен центар-Средно Водно), 25А (Автомакедонија-Средно Водно) и 25Б (Дом на печат-Средно Водно) нема да сообраќаат, освен линијата 25 со редовен возен ред после 16 часот во сабота, односно после 15.30 часот во недела.

Причина за времениот прекин на автобуските линии е одржувањето на брзинско-ридскиот натпревар во автомобилизам „Награда на Скопје Водно 2018“ кој ќе се одржи на Водно.


Поради снегот дел од автобуските линии во Скопје се скратени или во прекин


Скопје, 26 февруари, 2018 - 10:40 (META) 

Поради снегот денеска во Скопје повеќе градски и приградски автобуски линии се скратени. Не сообраќа автобусот до Нерези (Македонско село) и приградските линии 64, 80, 80а и 180.

Како што соопшти ЈСП „Скопје“, автобусот со број 3 место до „Панорама“ сообраќа до Клинички центар, а 16 место до Пржино сообраќа до црквата „Св. Петка“. Автобусот со број 24 сообраќа само до Кисела Вода.

Од приградските линии, автобусите со број 58, 58а и 58б место до селата во општина Сопиште сообраќаат до Кисела Вода.

Автобусот со број 164 сообраќа до Орман, 160 до Шишево, 81 до Чучер, 74 до Драчево, а 73 до фабриката Усје. Автобусите со број 11 и 11а место до Рашче и Горно Свиларе сообраќаат до рампата пред селото, автобусот со број 32 сообраќа до Сарај, 47 до Радишани, а 47а до Љуботенски пат.

Автобусите со број 51 и 51а сообраќаат до крстосницата пред селото Студеничани, 53 оди само до село Катланово, 55 сообраќа до мостот пред Арачиново, а 55а место до Брњарци до крстосницата.

Автобусот со број 61 место до селото Побожје сообраќаа до Каменоломот, 63а оди до Бунарџик, 64а до Орман, а 65 и 65б до Црешево. Автобусот со број 65а место до Страчинци сообраќа до гробиштата, 68 до Ржаничино, а 70 место до Батинци, сообраќа до главниот пат до вториот мост.

Од ЈСП „Скопје“ информираат дека контактираат со Зимската служба на Град Скопје и во зависност од временските услови се очекува поголем дел од овие линии нормално да сообраќаат.


Автобусите на ЈСП со нов возен ред кон Водно


Скопје, 2 декември, 2017 - 11:35 (META) 

Поради големиот интерес на граѓаните, автобусите на пробните линии 25А и 25Б до Средно Водно од овој викенд ќе сообраќаат според нов возен ред и ќе зачестат, односно ќе тргнуваат на половина час, информираат од ЈСП.

Пробната линија со број 25А сообраќа на релација од Стара железничка станица до Средно Водно, а пробната линија со број 25Б сообраќа на релацијата од Дом на печат до Средно Водно.

Градот Скопје од минатиот викенд воведе забрана за движење за возила на патот до Средно Водно, која ќе важи секој викенд и за време на државните празници. Според планот, оваа забрана ќе важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркиралиштето кај манастирот „Св.Пантелејмон“ до Средно Водно.


Денеска градските автобуси во Скопје по изменети траси


Скопје, 7 мај, 2017 - 10:19 (META) 

Поради одржувањето на „Скопски маратон 2017“, денеска, во периодот од 7 до 14 часот, градските автобуси во Скопје, односно тие на ЈСП „Скопје“ и на приватните превозници, ќе сообраќаат по посебни траси, кои ќе отстапуваат од вообичаените линии.

Toчниот распоред може да се види на веб-страницата на ЈСП „Скопје“.


В недела градските автобуси во Скопје по изменети траси


Скопје, 5 мај, 2017 - 12:58 (META) 

Поради одржувањето на „Скопски маратон 2017“, в недела, во периодот од 7 до 14 часот, градските автобуси во Скопје, односно тие на ЈСП „Скопје“ и на приватните превозници, ќе сообраќаат по посебни траси, кои ќе отстапуваат од вообичаените линии.

Toчниот распоред може да се види на веб-страницата на ЈСП „Скопје“.


СДСМ: ЈСП да го среди проблемот со градскиот превоз што им го создаде на граѓаните


Скопје, 28 јануари, 2017 - 12:45 (META) 

„Веднаш да престанат кражбата и малтретирањето на граѓаните преку јавниот градски превоз во Скопје. Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) веднаш да го средат проблемот со градскиот превоз што им го создадоа на скопјани“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека „додека Никола Груевски се вози со „мерцедес“ од 600.000 евра, а неговите соработници дивеат во службени лимузини и дење и ноќе, загрозено е правото на граѓаните на редовен и достапен јавен градски превоз“.

– Граѓаните не се навреме информирани за своите права и обврски околу употребата на електронските картички. Не знаат која картичка е најисплатлива за нивните потреби. Во билетарниците и во автобусите, поради турканиците, вработените немаат можност да ги сослушаат граѓаните и тие се принудени да платат најмалку 150 денари за картичка, без да знаат дали им е потребна и кои им се другите поисплатливи опции – велат од СДСМ.

Во соопштението се вели и дека „воведените апсурдни рокови, до кога треба да се потроши сумата на картичката, што е право на граѓаните кои ја платиле, дополнително ги збунува граѓаните“.

– Им истекуваат платени картички, а треба да плаќаат за нови дополнувања. Дополнителен хаос и трошок се возењата со ноќните линии на градскиот превоз, бидејќи за нив не важеле месечните картички, па граѓаните требало да вадат дополнителна картичка за ноќни линии – се додава во соопштението.

Од СДСМ велат дека поради укинати или прераспределени линии, граѓаните наместо по 5 минути, чекаат автобус и по 20 минути на студот.


Лондонското метро ќе сообраќа и навечер, но само за викенди


Лондон, 20 август, 2016 - 12:20 (META) 

Лондонското метро почна да сообраќа и навечер, но засега само за време на викенди. За почеток се воведуваат две ноќни линии, една во должина од 74 километри, а другата 21 километар, и ќе работат петок и сабота.

Лондонскиот градоначалник Садик Кан на „Твитер“ напиша дека, повторното воведување на вечерни линии ќе им помогне на илјадници работници кои одат и се враќаат од работа, но и градот ќе има голем економски бенефит. Тој очекува дека со оваа мерка, градот ќе има 77 милиони фунти дополнителен приход.

Исто така смета дека, граѓаните ќе можат брзо и безбедно да стигнат дома по вечерните излегувања.

Лондонското метро е најстаро во светот, изградено во 1863 година, и превезува 1,3 милијарди патници годишно.