!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Комисиската расправа за буџетот за 2018 година ќе продолжи утре


Скопје, 29 ноември, 2017 - 17:24 (META) 

По дводневна пауза, утре во 11 часот ќе продолжи седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која ќе се расправа за буџетот за 2018 година. Првото продолжение на оваа седница се одржа во понеделникот, а претседателката на Комисијата, Лилјана Кузмановска, за вчера и за денеска не закажа термин.

Овој потег на Кузмановска беше критикуван и од политичарите и од јавноста, а пратениците на СДСМ претпладнево побараа од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да назначи нов претседател на ова парламентарно тело за да продолжи расправата за новата државна каса.

ВМРО-ДПМНЕ и Беса имаат поднесено 270 амандмани за предлог-законот за буџетот.


Со општата комисиска расправа за буџетот, почнаа и општите партиски препирки


Скопје, 27 ноември, 2017 - 15:58 (META) 

Дали буџетот за 2018 година е развоен или не, зошто новата власт нема доволно странски инвестиции и не ги зголемува пензиите и платите, кој за што се задолжувал и колку пари сега треба да се враќаат, беше содржината на дискусиите во општата расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска до паузата.

Откако министерот за финансии, Драган Тевдовски, го изложи предлог-буџетот, прва за збор се јави претседателката на комисијата, Лилјана Кузмановска, која рече дека во него нема ниту една нова инвестиција или договор со нов инвеститор, туку само продолжување на проекти почнати од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Таа забележа и дека нема пари за зголемувањето на пензиите од 5 отсто, како и за тоа што нема да има зголемување на плати во јавните институции, освен за образованието, здравството и за одбраната.

Пратеникот Васко Ковачевски од СДСМ рече дека буџетот за следната година е и „граѓански и развоен“, за разлика од трошењето на претходната власт која, како што рече, оставила многу долгови.

– Почнува економска стабилизација на државата, повеќе пари се насочуваат кон граѓаните, се создаваат напори за поголеми плати. Педантно и одговорно ќе се трошат парите на граѓаните, оти ова се пари на граѓаните и со него ќе се остваруваат основните функции на државата. Граѓаните ќе кажат на следните избори дали се исправни политиките – рече тој.

На ова реплицираше Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека е нормално да не се очекуваат спектакуларни резултати, но дека новата власт давала токму такви изјави.

Општата расправа на комисијата треба да продолжи во 15.30 часот.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата стопи 126 милиони евра од девизните резерви


Скопје, 11 август, 2017 - 14:53 (META) 

Во рок од два месеци, владата на СДС стопи 126 милиони евра од девизните резерви и се задолжи повеќе од 100 милиони евра само на основа на државни хартии од вредност, изјави на прес-конференција Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека со ребалансот на буџетот ќе се зголеми долгот за дополнителни 150 милиони евра.

– Со расипничкото и неодговорно работење, владата на СДС дневно ја задолжува државата за повеќе од 1,5 милиони евра, а притоа нема никаков ефект, нема проекти, нема почнување или довршување на канализации, водоводи, училишта, градинки, патишта… Ниту министерот за задолжување, Тевдовски, ниту Зоран Заев не даваат логично објаснување која е целта на повлекувањето на 126 милиони евра од девизните резерви или зошто се издаваат повеќе од 100 милиони евра државни хартии, многу повисоки износи од износите доспеани за исплата – изјави Кузмановска.


Интерпелација и за Тевдовски оти бил „министер за кратење и за задолжување“


Скопје, 10 август, 2017 - 14:18 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието ќе поднесат интерпелација за работата на министерот за финансии, Драган Тевдовски, изјави пратеничката Лилјана Кузмановска.

Како главни причина за интерпелацијата се наведуваат „целосно неразвојниот ребаланс на буџетот за значителното намалување на капиталните расходи, засилено и неосновано задолжување на граѓаните на домашниот пазар, зголемување на износот предвиден за задолжување на меѓународните финансиски пазари, непочитување на народните претставници во Собранието и манипулирање со економски податоци, параметри и индикатори“.

Кузмановска вели дека министерот за финансии е „министер за кратење и за задолжување“.

– Поради демонстрираното незнаење и неспособност да ја извршува оваа фукција, сметаме дека е потребно што поскоро Драган Тевдовски да заминине од функцијата – изјави Кузмановска.

Досега, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелации и за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и за министерот за надворешни работи, Никола Димитров.