Заборави ли Заев на „пржинската влада“ 100 дена пред избори?


Скопје, 1 октомври, 2018 - 16:20 (META) 

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека се можни предвремени парламентарни избори доколку во Собранието не се изгласаат уставните измени што ги предвидува Договорот со Грција. Како можен датум за избори го најави 25 ноември, но, законите велат поинаку.

На 23 јули во Клубот на пратеници, на лидерска средба помеѓу четирите најголеми политички партии требаше да биде договорен став за референдумот. На последниот ден преговори, Заев, на средина на денот излезе и потврди дека партиите договориле измени на неколку закони но дека не постигнале договор за референдумот. Тој тогаш соопшти дека се договориле за „пржинска влада“ пред секои избори.

Собранието по два дена ги изгласа овие измени со 99 гласа „за“.

– За овие три лидерски средби требаа многу нерви, трпение и лидерство. Се договоривме денеска да заврши лидерската средба, а каков договор ќе постигнеме зависи од сите нас. Го прифативме барањето, техничка влада, според формат идентичен на пржинскиот, да ги спроведува секои следни избори. Останува да се договориме за референдумското прашање, карактерот на референдумот и датумот на негово одржување – изјави кратко Заев.

По два дена, измените на законите стигнаа до пратениците и беа изгласани без никаква расправа. Тогаш ударна вест беше дека е избрана новата Државна изборна комисија, а измените на Законот за влада останаа незабележителни затоа што се брзаше со процедурите за спроведување на референдумот.

Измените на Законот за влада предвидуваат 100 дена пред денот на одржување на избори за пратеници во Собранието а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство.

Предвидено е и да се избере нов министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика на предлог на опозицијата со најголем број на пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Оваа „пржинска влада“ предвидува и дополнителни заменици министри за надворешни работи и на труд и социјална политика предложени од владејачката гарнитура. На предлог на опозицијата ќе има дополнителни заменици министри за финансии, за земјоделство и за информатичко општество.


Изгласан новиот состав на ДИК и законите договорени на лидерската средба


Скопје, 25 јули, 2018 - 20:19 (META) 

Собранието попладнево без образложение и расправа ги избра новиот состав на Државната изборна комисија – ДИК и измените на законите кои беа договрени на лидерската средба во понеделникот.

Членовите на ДИК беа избрани со 100 гласа „за“ без ниту еден пријавен за збор.

Претседател на Комисијата ќе биде Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ, а потпретседател Дитмире Шеху од ДУИ. Во комисијата членуваат Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристевска од СДСМ; Енвер Салиу од Беса.

Со 99 гласа „за“ и без пријавени пратеници за дискусија беа изгласани измените на Изборниот законик, на Законот за Влада и Законот за финансирање на политички партии.

Во Изборниот законик измените се однесуваат на делот за финансирањето на политичките партии, во Законот за финансирање на партиите има намалување на сумите кои можат да ги донираат физички и правни лица на партиите. Во Законот за Влада пратениците донесоа одлука измените да бидат во делот на предизборниот период каде ќе се избира техничка влада според пржинскиот договор, меѓу пратениците од опозицијата и власта.


Села ќе бара во Уставот и во пасошите да стои „Албанци/граѓани на Северна Македонија“


Скопје, 24 јули, 2018 - 13:59 (META) 

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, на прес-конференција во Собранието порача дека го поддржува договорот со Грција, но дека има забелешки. Тој рече дека при менувањето на Уставот, неговата партија ќе бара во пасошите и во Уставот за македонските Албанци да стои „Албанци/граѓани на Северна Македонија“.

Села рече дека е незадоволен од постигнатото на лидерските средби и дека албанскиот опозициски блок не бил соодветно застапен.

– Во делот на патните исправи каде стои „Македонци/ граѓани на Северна Македонија„, ќе бараме за Македонците да биде така, а за Албанците да стои „Албанци/ граѓани на Северна Македонија“ и така за сите народи кои се набројани во преамбулата. Преку процесот на уставни измени ќе бараме во преамбулата сите народи да се чувствуваат еднакви. Треба да покажеме европски ставови. Носител на суверенитетот се сите народи и граѓани и тоа треба да се отсликува – рече Села.

Дополнително, Алијансата за Албанците ќе бара во преамбулата на Уставот за службените јазици и да се внесе албанскиот јазик.


Фракција на ВМРО-ДПМНЕ: Неславно заврши епизодната улога на Мицкоски


Скопје, 24 јули, 2018 - 9:28 (META) 

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека вчерашната лидерска средба била дебакл на ВМРО-ДПМНЕ, поради однесувањето на преговарачите од партијата, во кои е и партискиот лидер Христијан Мицкоски.

Порачуваат дека партијата мора да престане да биде заштитник на Никола Груевски.

„По вчерашниот дебакл на лидерската средба по која го видовме вистинското лице и улога на преговарачите на ДПМНЕ сега е вистински и последен момент наметнатиот лидер Мицкоски да поднесе оставка, а партијата да свика вонреден партиски Конгрес. Итно е потребно Конгресот на ВМРО ДПМНЕ, како највисок партиски орган, да донесе Когресна одлука со која ќе се определи дали ВМРО ДПМНЕ и понатаму ќе функционира како злосторничко криминално здружение исклучиво за потребите и интересите на соборениот диктатор Груевски и неговата криминална „фамилија“ или во иднина ќе дејствува како современа демократска и патриотска политичка партија. Последиците од едното или другото ги знаат сите искрени и чесни членови, симпатизери и приврзаници на партијата“, се вели во реакцијата.

Партијата бара што побргу да се одржи конгрес на кој ќе се избере ново раководство.

„Што побрзо Мицкоски поднесе оставка и се одржи вонреден Конгрес последиците по државата и партијата ќе бидат помали. Членството на партијата, мора сторого да ја почитува партиската доктрина која јасно и децидно истакнува дека: „Значењето на татковината е огромно. ВМРО-ДПМНЕ е против општество во кое „владее егоизмот на интереси“. Без нација и национална свест нема еманципација од последиците на егоизмот“, се вели во реакцијата.


Нема договор за референдумот, Мицкоски лаже и бара амнестија, рече Заев по лидерската


Скопје, 23 јули, 2018 - 19:09 (META) 

Христијан Мицкоски лаже дека сака Македонија да стане дел од ЕУ и НАТО, лаже дека сака правна држава, лаже дека се бори за чесен референдум, рече премиерот Зоран Заев во изјава по лидерската средба помеѓу четирите најголеми политички партии која траеше повеќе од осум часа.

-За жал, Христијан Мицкоски не успеа да го препознaе моментот. Наместо да се качи на возот кој брза кон ЕУ и НАТО, тој избра да остане на мрачната страна на историјата. Денес ги извадивме работите на виделина. Треба на сите да им е јасно, Христијан Мицкоски срамно лаже кога тврди дека на ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ му биле важни изборот на ДИК со 2/3 мнозинство, техничката влада за следните избори или законот за финансирање на политичките партии. Мицкоски денес се обиде да ги прикрие своите вистински намери. Откако виде дека не постои ниту минимум шанса да се согласиме воопшто да разговараме за директна или индиректна амнестија, денес беше принуден декративно да се откаже од неговата срамна цел по секоја цена да издејствува спас за неговите ментори и колеги – изјави Заев.

Тој потенцираше дека Мицкоски разговарал без намера да се договори и дека неговата единствена цел била ако веќе нема амнестија тогаш да нема ниту договор.

-Партијата која една деценија се крсти во референдум како нивна програмска определба, денес неодговорно избега. Значи, Мицкоски вели граѓаните се со него, а не сака чесно да им даде избор. Мицкоски вели сака во ЕУ и НАТО, а не сака да поддржи ниту еден чекор кон таа цел. Јас да ви кажам: Мицковски не знае што сака – рече Заев и ги повика сите чесни членови на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на референдумот и да го направат вистинскиот избор.

Премиерот додаде дека иако не успеале да постигнат договор за референдумот, претходното договореното за ДИК и за законот за финансирање на политичките партии ќе остане да важи.

Претходно, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и коалиционен партнер во владата, рече дека вториот дел од преговорите бил разочарувачки и ја повика опозицијата да ги стави државните интереси пред партиските.


Собранието ќе чека да заврши лидерската за да премине на Изборниот законик


Скопје, 23 јули, 2018 - 13:09 (META) 

Собранието на Република Македонија во рамки на денешното продолжение на 53-тата седница едногласно со 78 гласа „за“ одлучи Предлог законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка, да се разгледува по завршување на лидерската средба која е во тек во Клубот на пратениците.

Претходно едногласно, со 61 глас „за“ и без присуство на опозицијата Собранието ги разреши од функцијата претседателот и членовите на Државната  комисија за одлучување во управна постапка и постапка во работен однос во втор степен.

Едногласно и без расправа, но во присуство на опозицијата пратенците ја донесоа и завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2017 година.

Беа донесени и Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, Законот за работно време на мобилните работници во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај со кој, исто така, се врши усогласување со европската легислатива, како и Законот за изменување на Законот за безбедност на производите, на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, на Законот за заштита на потрошувачите,  и на Законот за пратениците, поднесен од пратеници од владеачкото мнозинство.


Нова средба на лидерите на четирите најголеми партии


Скопје, 23 јули, 2018 - 9:16 (META) 

Лидерите на четирите најголеми партии, владејачките СДСМ и ДУИ и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и крилото на Беса на Билал Касами денеска повторно седнаа во Клубот на пратениците во Скопје.

Тие ќе се обидат да постигнат договор за претстојниот референдум за промената на името, односно за датумот на неговото одржување, формата на референдумското прашање и изборот на Државната изборна комисија, која треба да го спроведе референдумот.

Ова е трета лидерска средба, првата се одржа минатата среда со учество на сите политички партии, кои во Собранието имаат повеќе од еден пратеник, на што се спротивстави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ја напушти по околу еден час од нејзиниот почеток и побара потесен состав на состанокот.

Следниот ден се одржа втората лидерска, во скратен формат. По средбата во четвртокот во Клубот на пратениците лидерите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами изјавија дека за некои од прашањата за кои се разговарало постојат шанси за приближување на ставовите, додека за некои се далеку од договор.


Груби ја закажа за попладнево комисијата за изменување на Изборниот законик


Скопје, 19 јули, 2018 - 17:22 (META) 

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, за 17.30 часот денеска закажа седница на која единствена точка е предлог-законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка.

Овој потег на Груби уследи кратко по завршувањето на лидерската средба, на која претседателите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса на Билал Касами не постигнаа договор.

ВМРО-ДПМНЕ претходно многу пати го оквалификува потегот на Владата избор на ДИК наместо со двотретинско, да се овозможи  со мнозинство од 61 пратеник, како јасен обид да се погазат процедурите и да се донесуваат еднострани одлуки.


Мицкоски: Да превенираме каков било обид да се изигра волјата на граѓаните


Скопје, 19 јули, 2018 - 16:58 (META) 

По четиричасовната лидерска средба во Клубот на пратеници, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека лидерите на четирите најголеми политички партии за некои од прашањата имаат приближување на ставовите, а за некои немаат.

Тој апелираше вистинските европски вредности да бидат реални, а не декларативни и дека сите партии треба да се однесуваат според тие вредности.

– Тоа значи почитување на законите и Уставот. Да превенираме каков било обид да се изигра волјата на граѓаните, односно на референдумот да се поставуваат повеќесмислени прашања – рече Мицкоски.

На прашање дали амнестијата е на преговарачката маса, тој рече дека тоа е уште еден груб обид да се манипулира јавноста.

Мицкоски за денеска најави средба на Централниот и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и средба со пратеничката група на кои ќе се договараат идните чекори на партијата и ставови за следната лидерска средба.


Заев: Компромиси за стратешките цели нема, разговорите продолжуваат в недела


Скопје, 19 јули, 2018 - 16:43 (META) 

За некои прашања полесно се договараме за некои потешко, разговорите ќе продолжат или в недела вечер или в понеделник сабајле, кога очекувам да се најде конкретно решение за формирање на ДИК и за референдумот, изјави премиерот Зоран Заев по лидерската средба во Клубот на пратеници.

– Долги се разговорите за референдумот и за ДИК, но продолжуваме со преговорите. Сакам да потенцирам дека стратешки цели на Македонија и сите партии се ЕУ и НАТО. Компромиси нема за стратешките цели, директна или индиректна амнестија нема да има. Даваме шанса на дијалогот се додека тоа е можно – рече Заев.

На новинарско прашање, дали амнестија е условот која го бара опозицијата, Заев рече дека кога ќе завршат лидерските средби ќе ги даде сите одговори.