Фондацијата “Метаморфозис” и МИОА со ново видео го одбележуваат Денот на побезбеден интернет


Скопје, 5 февруари, 2019 - 13:15 (META) 

Во над 140 земји од светот денеска се одбележува меѓународниот Ден на побезбеден интернет под мотото „Заедно за подобар интернет“. Одбележувањето на овој ден претставува повик за акција кон сите засегнати страни, со заеднички сили да помогнат во креирањето на подобар интернет за сите, особено за младите.

Фондацијата “Метаморфозис” во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) го одбележуваат денот со ново едукативно видео за подигнување на свесноста кај младите за потребата од побезбедно и поодговорно користење на онлајн технологиите и мобилните телефони.

Сите заинтересирани можат да се вклучат во кампањата и да ја изразат својата поддршка преку тоа што:

1.Ќе речат „не“ на кибер-насилството

Онлајн насилството е широко распространет проблем и сосема е сигурно дека сите оние што се активни на социјалните медиуми имаат посведочено или биле жртва на ваков вид насилство. Но, добрата вест е дека младите од Европа се организираат против онлајн насилството преку кампања наречена #Togetherforrespect (Заедно за респект).

2. Ќе ја заштитат нивната приватност онлајн

Приватноста онлајн можеби изгледа смешно од оваа перспектива, но заштитата на личните податоци е неопходна за да може безбедно и сигурно да се ползуваат благодатите на онлајн светот. Податоците на граѓаните константно се прибираат од страна на платформите за социјални медиуми и разни апликации кои се користат на дневна основа. Ако не се обрнува доволно внимание на поставките за приватност, злонамерни лица можат да добијат пристап до податоците на граѓаните и да ги искористат за наштетување репутацијата или уцени.

3. Ќе научат да размислуваат на критички начин

Измамите на интернет добиваат екстремни пропорции и за оние кои ќе наседнат може да има сериозни последици. Освен измамите, многу поширок е проблемот за дезинформациите и лажните вести. Поради тоа, развојот на вештините за медиумска писменост е апсолутно неопходен.

На оваа веб страница се прикажани сите активности кои што се случуваат насекаде низ светот каде луѓе со слични идеи и предлози се обидуваат да го направат интернетот побезбедно место за сите.

Дополнителни ресурси за начините за заштита на децата и младите на интернет се достапни на веб-страницата на Проектот за Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет – CRISP (Children’s Rights on the Internet – Safe and Protected) или на „Безбедно на интернет“.

Активностите за Денот на побезбеден интернет може да ги следите и на социјалните медиуми преку #SID2019 и #SaferInternetDay.


Еден уапсен признал вина за кражбата на податоци на германски политичари


Берлин, 8 јануари, 2019 - 14:54 (META) 

Уапсениот 20-годишник, кој се сомничи за кражбата на податоци и разговори на стотици политичари во Германија, која беше откриена, ја признал вината, пишува германски „Шпигл“ на својата веб-страница.

Истражител од канцеларијата на Федералната криминалистичка полиција (БКА), која се занимава со овој, еден од најголемите досега, хакерски напади во историјата на Германија, рекол дека уапсениот рекол оти не бил свесен за сите последици на својата постапка и засега нема потврда дека бил поврзан со странски разузнавачки служби.

Полицијата соопшти само дека е пребаран станот на 20-годишникот не изнесувајќи други податоци.

Во овој случај што беше обелоденет во четвртокот, украдени се лични податоци и записи од разговори на околу 1.000 луѓе, од кои огромен број политичари од сите германски парламентарни партии освен од ултрадесничарската „Алтернатива за Германија“.


Хакери објавија разговори и лични податоци на Меркел и стотици германски политичари


Берлин, 4 јануари, 2019 - 15:43 (META) 

Германија врие од вчера, кога беше откриено протекувањето во јавноста на лични податоци и различни комуникации на германската канцеларка Ангела Меркел и на стотици политичари.

Материјалите, објавени на интернет, биле поставувани во изминативе две седмици од Твитер-корисникот ‘G0d’, кој вели дека се наоѓа во Хамбург, а според неговиот блог, станува збор за истражувач на ИКТ-безбедност.

Материјалите содржат и лични и партиски податоци, вклучувајќи тука електронски адреси, броеви на мобилните телефони, фотографии или снимки на лични карти, трансакции со дебитни картички, податоци за кредитни картички, разговори со членови на семејствата и разговори во рамките на партиите.

Интересен момент во скандалот е дека се објавени податоци од припадници на сите парламентарни партии освен од крајно десната Алтернатива за Германијa, што, според некои аналитичари, можеби сигнализира за мотивацијата на сторителите на хакерските упади.

Во моментов се прават опсежни анализи за тоа како се правени упадите и кражбите, а засега се знае дека во најголемиот скандал од овој вид во Германија досега, не се објавени политички чуствителни информации.

Протекувањето го истражува германската агенција за безбедност БСИ, а во објавените податоци има и материјали од музичари.

Претходно ваков голем напад беше направен во 2015 година, кога беше нападната мрежата на Бундестагот и беа украдени чувствителни информации. За овој напад беа обвинети руските државни органи.

Компјутерскиот систем на германскиот парламент беше нападнат и во 2017 година, но експертите успеаја да спречат упад.


Иселениците ќе се самопопишуваат од 15 до 31 март 2020 година со посебна апликација


Скопје, 13 декември, 2018 - 11:53 (META) 

Пописот во Македонија ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2020 година, а за лицата со македонско државјанство кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи самопопишување во периодот од 15 март до 31 март 2020 година на посебна апликација достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика, превидува предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија, 2020 година објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

Во законот се воведуваат многу новини по кои пописот во 2020 година ќе се разликува од сите досегашни пописи.

Прв пат ќе има таканаречен комбиниран попис во кој ќе се користат податоци од административни збирки на податоци на повеќе институции и ќе се врши истовремено попишување на терен како поддршка на попишувачите.  Исто така, прв пат во земјава пописот ќе се спроведе со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите за заштита на личните податоци.

Ќе се попишуваат државјани на Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без оглед на тоа дали во моментот на пописот се наоѓаат во Македонија или во странство, странски државјани кои се присутни во Македонија со одобрение за престој и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на пописот се затекнати во државата.

Во предлог-законот се предвидува за лицата што ќе бидат опфатени со пописот да се обезбедат податоци за географски карактеристики, демографски карактеристики, економски карактеристики, образовни карактеристики, миграциски карактеристики, културолошки карактеристики и инвалидитет/функционална попреченост.  Новина во законското решение е што нема прашање за етничка и за верска припадност.

„Податокот за етничка припадност нема никаква употребна вредност, туку само се злоупотребува за политички цели и поради тоа стојам на ставот дека тој не треба да биде дел од пописот“, рече директорот на ДЗС, Апостол Симовски на неодамнешниот брифинг со новинарите.

Во предлог-законот пишува дека апликацијата со која ќе се врши попишувањето ќе биде изготвена на седум јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки,  српски и бошњачки. Вкупно потребните средства за организирање, подготовка и спроведување на пописот ќе изнесуваат 522.751.000 денари.


„Фејсбук“ без согласност споделувал податоци со производители на смартфони


Њујорк, 5 јуни, 2018 - 12:05 (META) 

Социјалната мрежа „Фејсбук“ имала договор за споделување податоци на корисниците со компании производители на смартфони и други уреди, како „Амазон“, „Епл“, „Блекбери“, „ХТЦ“, „Мајкрософт“, „Самсунг“ и десетици други, пишува американскиот весник „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на извори во социјалната мрежа.

Како што е наведено, „Фејсбук“ има потпишано договори со најмалку 60 производители на паметни телефони и други уреди. Соработката траела околу десет години откако апликацијата „Фејсбук“ стана достапна за паметни телефони.

Од Фејсбук ги негираат наводите дека софтверот АПИ (Апликациски програмски интерфејс) и помогнал да добие пристап до уредите, на пример Aјфон.

Според „Њујорк тајмс“, во рамките на соработката, администрацијата на „Фејсбук“ им дала на производителите не само лични податоци на потрошувачите, туку и на нивните пријатели. Ова е направено без експлицитна согласност на корисниците, па дури и по објавувањето дека таквите информации повеќе не се пренесуваат надвор од социјалната мрежа и дури и кога во поставките за приватност корисникот забранил споделување.


МВР го испитува протекувањето на лични податоци на 4.739 студенти


Скопје, 1 февруари, 2017 - 11:26 (META) 

До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на Министерството за внатрешни работи (МВР) не стигнала пријава и поради тоа сè уште не се води никаква постапка во врска со протекувањето на околу 5.000 лични податоци на студенти од неколку државни и приватни факултети во земјава. Сепак, од Секторот за „Мета“ велат дека тие по службена должност го испитуваат случајот и своите наоди ќе му ги достават на надлежното јавно обвинителство.

Ве известуваме дека до нашиот сектор не е доставена пријава и поради тоа сè уште не се води некакава постапка. Но, мораме да Ве потсетиме дека поради службена должност, од нашиот сектор се прават првичните чекори, односно собирање на податоци за вистинитоста на инцидентот, како и за другите околности кои потоа ќе бидат презентирани до надлежното јавно обвинителство“, стои во одговорот на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР.

Прашањата на „Мета“ беа: „Дали МВР води истрага во врска со протекувањето на лични податоци на 4.739 студенти од неколку државни и приватни факултети во земјава?“ и „Дали од страна на Дирекцијата за заштита на лични податоци, која најави инспекција во врска со случајот, е побарана асистенција на МВР?“.

Во зависност од наодите на МВР, надлежното јавно обвинителство треба да одлучи дали ќе поведе кривична постапка во врска со случајот.

Инаку, во Кривичниот законик за делото злоупотреба на личните податоци се предвидени од парична казна до затворска казна до три години.

Личните податоци, како број на индекс, адреса на живеење, град, телефонски број, лозинка за електронска пошта биле испратени на адреси на стотина студенти, преку официјалниот меил на Машинскиот факултет. Инцидентот беше откриен на средината од минатиот месец, а Дирекцијата за заштита на лични податоци почна со вонредна инспекција за расчистување на случајот.

Директорот на ДЗЛП, Горан Трајковски, минатата недела изјави дека „вонредниот инспекциски надзор на Машинскиот факултет е во завршна фаза“, и дека сè што е алатка на законот во поглед на санирање на настанатите штети, веќе е преземено од Машинскиот факултет, а според насоки од ДЗЛП.

Засега нема информации дали во случајот станува збор за грешка или за упад во компјутерски систем.


Трајковски: Никој не може да гарантира сто отсто заштита на личните податоци


Скопје, 27 јануари, 2017 - 15:11 (META) 

„Вонредниот инспекциски надзор на Машински факултет е во завршна фаза, а сè што е алатка на законот во поглед на санирање на настанатите штети, веќе е преземено по наши насоки од страна на Машинскиот факултет. Останува да ги известиме сите засегнати студенти со нашите наоди за да може да си бараат одредени права во граѓански постапки пред судовите“, рече директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци, Горан Трајковски, во врска со случајот со неодамнешното споделување лични податоци на студенти од Машинскиот и други факултети.

ДЗЛП денеска организираше настан на кој се одбележа 28 јануари – Денот за заштита на личните податоци, на кој присуствуваше и народниот правобранител, Иџет Мемети.

Трајковски рече дека личните податоци се високоризична целна група во светски рамки и дека би било смело да се каже дека личните податоци се безбедни во Република Македонија.

И Трајковски и Мемети истакнаа дека во однос на заштитата на личните податоци, најважна е превенцијата и оти граѓанинот мора да си ги штити личните податоци.

– Од една страна, неспорно е дека станува збор за основно човеково право – правото на приватност, меѓутоа, секое право повлекува и одговорност. Во делот на превенцијата, апелираме на обврската секој граѓанин да ги штити своите лични податоци, да ја штити својата приватност. Во тоа ние можеме само да помагаме, меѓутоа како апсолутни заштитници ниту македонскиот орган за заштита на лични податоци ниту кој било друг светски орган за заштита на лични податоци не може да гарантира сто отсто заштита на личните податоци – вели директорот на ДЗЛП.

Во текот на минатата година, ДЗЛП извршила вкупно 307 инспекциски надзори во повеќе области, од кои 132 редовни, 157 вонредни и 18 контролни надзори, а Трајковски рече дека се подготвува нов закон за заштита на лични податоци.


ДЗЛП лани повела 23 постапки за објавени слики, плати и ЕМБГ во медиуми


Скопје, 18 јануари, 2017 - 17:08 (META) 

Дирекцијата за заштита на личните податоци во изминатата година повела постапка за вкупно 23 предмети при надзор во медиумите, а пет од нив се сè уште во тек. Од почетокот на 2017 година, Дирекцијата почнала три инспекциски надзори во два медиума, велат од ДЗЛП за „Мета“.

При инспекцискиот надзор утврдено е дека биле објавени фотографии на малолетно дете, биле објавени лични податоци (име, презиме, возраст, град на живеење) на подносителите на барањата за утврдување на повредата, износ на приходи, односмо хонорари, потоа матични броеви, како и копија од патна исправа.

„Во однос на утврдените повреди, во дел од постапките во тек се прекршочни постапки пред Комисијата за одлучување по прекршок на Дирекцијата за заштита на личните податоци. Воедно, во четири предмети донесени се заклучоци за одбивање на барањата за утврдување повреда на правото за заштита на личните податоци. За два предмети се води постапка пред Виш управен суд“, велат од ДЗЛП за „Мета“.

Дирекцијата за заштита на лични податоци пред два дена преку соопштение информираше дека минатата недела добила повеќе иницијативи за вршење инспекциски надзор врз медиуми, односно информативни интернет-портали, „заради утврдување на прекршувања на Законот за заштита на личните податоци“.


Во возило пронајдена копија од избирачки список на лица од ромска националност


Струмица, 11 декември, 2016 - 12:26 (META) 

Вчера при вршење на контрола на патниот сообраќај на крстосницата од улиците Ленинова и 24 Октомври во Струмица, околу 14.30 часот, полициски службеници сопреле автомобил „фиат“, управуван од Б.Г. (52) од Струмица, а во кој сопатници биле и лицата Е.Ф. (44), А.А. (32), А.А. (55) и К.А. (37), сите од Струмица.

При првичниот преглед на возилото, во багажниот простор била пронајдена копија од избирачки список, како и тетратка со имиња и презимиња и матични броеви на лица од ромска националност и броеви на избирачки места каде истите треба да го остварат своето право на глас.

Поради постоење основан сомнеж дека лицата во автомобилотги злоупотребиле личните податоци, ја повредиле слободата на определување на избирачите и поткупувале при избори и гласање, било известено Основното јавно обвинителство во Струмица.

Од судија на претходна постапка била добиена наредба за личен претрес на наведените лица, за претрес на возилото и за одземање на мобилните телефони. Постапено е според наредбите и во согласност со обезбедените докази ќе биде поднесен соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство.


ЕУ и САД најавија нов договор за приватност на податоци


Брисел, 12 јули, 2016 - 13:55 (META) 

Европската Унија и САД најавија потпишување на нов трансатлантски договор за приватност на податоци, со кој регулаторите од ЕУ ќе им наметнат построги обврски на американските компании за подобро да ги заштитат личните податоци на поединците.

Потпишувањето на спогодбата е најавено на заедничката прес-конференција на еврокомесаркарата за права на корисниците и на потрошувачите, Вера Јоурова, и на американската секретарка за трговија, Пени Притзер.

Европските претставници навеле дека спогодбата за заштита на личните податоци ќе стапи на сила веднаш по потпишувањето.