Грчките служби фатиле 410 тони експлозив наменети за Либија


Атина, 11 јануари, 2018 - 9:51 (META) 

Грчката крајбрежна стража спречила транспорт на 410 тони експлозив во брод што го пресретнале кај островот Крит.

Сандаците со експлозив се пронајдени на брод што пловел кон Либија под танзаниско знаме, а биле натоварени во турското пристаниште Мерсин, јавија грчките медиуми.

Приведени се 8 членови на екипажот. Бродот пловел кон Мисрата.


Спасени 300 мигранти кај Либија


Триполи, 29 август, 2017 - 16:23 (META) 

Либиската крајбрежна стража спасила повеќе од 300 мигранти во море, западно од Триполи, соопшти портпаролот на либиската морнарица.

Крајбрежната стража утринава спасила 140 илегални мигранти западно од Триполи и уште една група од 164 мигранти во близината на Сабрата, меѓу кои имало седум жени и шест деца, рече портпаролот.

Како што соопшти тој, мигрантите се од Подсахарска Африка, Египет, Мароко и од Тунис.


УНХЦР бара помош од 421 милион долари за бегалците од Африка


Женева, 18 јули, 2017 - 11:45 (META) 

Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) побара помош од 421,2 милиони долари (околу 365,3 милиони евра) за подобрување на заштитата на бегалците во Субсахарска и во Северна Африка, како и за напорите што Европа ги вложува во врска со барателите на азил, јавуваат агенциите.

Од УНХЦР навеле дека е потребен план за помош на бегалците и на другите луѓе кои го поминуваат опасниот пат кон Европа, преку Средоземно Море.

Според податоците на високиот комесаријат на ОН, во првите шест месеци од оваа година вкупно 2.171 мигрант настрадале при обидот да го преминат Средоземно Море, а се верува дека голем број луѓе загинале на патот кон Либија, од каде мигрантите преку медитеранската рута се обидуваат да стигнат до Европа.


Ирската морнарица спасила 712 мигранти кај брегот на Либија


Триполи, 26 јуни, 2017 - 19:15 (META) 

Ирската морнарица спасила 712 лица кај брегот на Либија, во рамките на меѓународна акција за спасување мигранти во Средоземното Море, соопштиле денеска одбранбените сили на Ирска, јавуваат светските агенции.

Во спасувачката операција учествувале голем број бродови на околу 40 километри северозападно од главниот град на Либија, Триполи.

„Можам да ви соопштам дека сите животи се спасени и дека нема жртви. Стануваше збор за комплексна операција во која животи беа загрозени цели осум часа“, изјавил командирот на ирската морнарица, Брајан Фицџералд.

Мигрантите, меѓу кои имало и 14 бремени жени и четири бебиња помлади од четири месеци, ќе бидат пренесени во безбедно пристаниште и ќе им бидат предадени на италијанските власти.


Египет како одговор на масакрот бомбардираше кампови на терористите


Каиро, 26 мај, 2017 - 23:34 (META) 

Египетски борбени авиони ги нападнаа камповите на терористите по масакрот на коптски христијани во Египет, соопшти претседателот Абдел Фатах Сиси. Нападите се извршени во источниот дел на Либија.

Претседателот на Египет вети дека ќе продолжи да ги напаѓа базите користени за обука на милитанти што вршат терористички напади во неговата земја, без оглед на чија територија се наоѓаат.

Сиси нагласи дека дека земјите што ги финансираат, обучуваат и вооружуваат терористите не треба да поминат неказнето.

Египет изврши шест воздушни напади во Дерна во источниот дел на Либија, јави египетската државна телевизија.

Денеска вооружени напаѓачи пукале на автобус кој превезувал коптски христијани во провинцијата Миња, при што загинале 28 лица, а 24 се повредени Нападот се случил додека коптите патувале од провинцијата Бени Суеф до манастирот Анба Самуел, во близина на Миња.


Пронајдени пет тела на мигранти кај Либија, се стравува дека се удавиле 200 луѓе


Триполи, 24 март, 2017 - 10:52 (META) 

Тела на пет настрадани мигранти се пронајдени во морето кај брегот на Либија, откако потонале чамците со кои пловеле. Се стравува дека повеќе од 200 лица загинале.

„Проактива“, една од неколкуте групи кои дејствуваат на море, соопшти дека добила известување дека еден чамец тоне и оти уште едно чамче потонало со него.

– Имајќи ја предвид големината на чамците, кои често криумчарите на луѓе во Либија ги претовараат, веројатно имало повеќе од стотина лица на секој од нив, соопшти портпаролката на „Проактива“ – Лаура Лануза.

Годинава се зголемува бројот на мигрантите кои се обидуваат да го минат Средоземно Море, а откако е потпишан договорот меѓу ЕУ и Турција, поголем дел од рутата кон Грција е затворена.

Според податоците на Меѓународната организација за миграција, годинава вкупно 559 мигранти загинаа во Средоземно Море. Минатата година вкупно 5.000 мигранти загинаа обидувајќи да стигнат до Европа.


Спасени 3.000 мигранти кај брегот на Либија


Рим, 20 март, 2017 - 11:14 (META) 

Во најмалку 20 операции изведени вчера во Средоземното Море, кај либискиот брег се спасени околу 3.000 лица, соопшти италијанската крајбрежна стража.

– По неколку мирни дена, денеска многу мигранти се спасени, затоа што временските услови за пловидба се поповолни – соопштија од стражата.

Според италијанските статистички податоци, од 1 јануари до 7 март годинава спасени се 16.206 лица, а минатата година во истиот период 11.911.

Италија и Либија неодамна потпишаа меморандум за разбирање кој предвидува зајакнување на безбедноста на границите на море со помош на ЕУ, за да се запре приливот на мигранти од северниот дел на Африка.


Во Средоземно Море пронајдени тела на 74 мигранти


Триполи, 21 февруари, 2017 - 14:34 (META) 

Либиската Црвена полумесечина соопшти дека тела на 74 мигранти испливале на брегот на Средоземно Море, кај градот Зави.

Портпаролот на оваа хуманитарна организација, Мохамед ал Мисрати, рече дека телата испливале утринава и додаде дека не се познати околностите во кои луѓето настрадале.

Мигрантските несреќи на медитеранската рута меѓу Либија и Италија се на рекордно високо ниво.


Меркел повика на единство во ЕУ


Валета, 3 февруари, 2017 - 14:17 (META) 

Германската канцеларка, Ангела Меркел, повика на европско единство во пресрет на состанокот на лидерите на ЕУ на Малта. Состанокот се одржува за да се пронајде начин да се намали бројот на мигрантите што ја напуштаат Либија.
– Европа својата судбина ја држи во сопствени раце – рече Меркел.

Таа истакна дека Европската Унија треба да биде што појасна во дефинирањето на својата улога во светот зашто така подобро ќе се грижи и за трансатлантските односи.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во четвртокот изјави дека очекува самитот на ЕУ за мигрантите да направи значително придвижување во однос на затворањето на илегалните мигрантски рути преку централниот дел на Средоземното Море, каде неколку илјади лица загинаа изминатите години во обид да стигнат до ЕУ.

– Можам да ве уверам дека е на дофат на рака пресекувањето на криумчарската рута – рече Туск по разговорите со италијанскиот премиер, Паоло Џентилони.

Туск порача дека пред сè тоа им го должат на тие што страдаат и ги ризикуваат своите животи, но и на Италијанците и на сите Европејци.

Повеќето мигранти што доаѓаат преку Либија се економски мигранти кои имаат мали шанси да добијат азил.

Џентилони синоќа објави дека постигнал договор со Либија за да се обиде да се спречат мигрантите кои во голем број го напуштаат брегот на Либија и се упатуваат кон Европа.

Џентилони, по средбата во Рим со либискиот премиер, Фајез ал Сара, рече дека двете страни потпишале меморандум за разбирање, за да ја зајакнат соработката со помош од Италија.

Италијанската крајбрежна стража ги координираше акциите за спасување на стотина илјади мигранти во Средоземното Море, во близина на Либија, во последните неколку години.


Либиската војска пронашла 90 тела на екстремисти


Триполи, 27 јануари, 2017 - 9:50 (META) 

Либиската војска пронашла околу 90 тела на убиени екстремисти на местата на неодамнешните воздушни удари извршени од коалицијата предводена од САД, во близина на упориштата на ИД кај градот Сирт.

Војската објавила фотографии од објекти во пустината, покриени со песок и со трева, наведувајќи дека овие позиции се користат за обука. На овие места е пронајдена муниција, појаси за самоубијци и стапици.

Воени претставници соопштија дека се уапсени две лица за кои се сомневаат дека се екстремисти, а четворица кои одбиле да се предадат се убиени.

Војската го зазеде Сирт по седуммесечна кампања, која заврши во декември минатата година.

Американски претставници соопштија дека на околу 45 километри југозападно од Сирт, користејќи наведувачка муниција, убиле 80 екстремисти, од кои некои планирале напади во Европа.

Либиската војска не открива повеќе детали за тоа која националност се екстремистите кои се предале, ниту каде претходно биле, но се наведува дека убиените побегнале од Сирт.