Во август нов договор за субвенционирани летови од македонските аеродроми


Скопје, 28 јуни, 2018 - 13:56 (META) 

Нов договор за доделување финансиска поддршка од државата за воведување нови дестинации од македонските аеродроми треба да биде потпишан во август годинава со авиокомпанија што ќе биде избрана на повикот што за таа намена го објави денеска Министерството за транспорт и врски.

Со тендерот на кој понуди ќе може да се доставуваат до 27 следниот месец, кога ќе има нивно јавно отворање, ќе биде избрана авиокомпанија која во наредните три години ќе добие финансиска поддршка од пет милиони евра.

За секоја нова дестинација од аеродромите во Скопје и Охрид ќе се исплаќа еднократен надомест од по 40.000 евра. За секој патник во заминување во првите три години за дестинации од Скопскиот аеродром авиокомпанијата ќе добива по девет односно осум и седум евра, а од Охридскиот аеродром финансиската поддршка по патник за првата година ќе изнесува 13 евра, односно 12 и 11 евра во втората и третата година.

Компаниите што ќе аплицираат меѓу другото треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

– Финансиската поддршка ќе се додели на авиокомпанијата која ќе понуди најголем број нови дестинации на кои ќе оперира од и до меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, а кои не биле опслужувани со редовен воздушен превоз во последните две ИАТА сезони – рече на прес-конференција ресорниот министер Горан Сугарески.

Според него, целата постапка ќе се одвива на јавен и транспарентен начин, а крајната цел е пораст на авиосообраќајот и обезбедување атрактивни дестинации за граѓаните согласно нивните потреби по прифатливи цени на билетите.

Како што појасни Сугарески, на повикот може да се пријават сите домашни и странски авиопревозници, вклучително и нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ која во изминатите шест години со два договора доби 9,5 милиони евра субвенции од државата.

Обврските на државата кон „Виз ер“, посочи Сугарески, се исполнети. Според условите на тендерот, компанијата што ќе биде избрана најдоцна до 1 декември треба да воспостави или одржи база од најмалку еден воздухоплов на охридскиот аеродром, а најдоцна до 1 ноември годинава да стартува со оперирање на најмалку две дестинации од меѓународниот аеродром Скопје, а од охридскиот аеродром со најмалку четири нови дестинации од кои првите две до крај на годинава, а останатите во рок од една година од склучување на договорот.


1,2 милиони патници од Македонија летале со „Виз-ер“


Скопје, 11 јануари, 2018 - 12:08 (META) 

„Виз ер“, лани  превезе 1,2 милиони патници на ниско-буџетните македонски авиолинии, што претставува пораст од 20 проценти на годишно ниво и поддржува 900 локални работни места во придружните индустрии.

Лани, компанијата ја прошири својата скопска флота на четири авиони и воведе четири нови авиолинии од Скопје до Будимпешта, Малта, Рим и Ваксјо.

– Како авиокомпанија со најголем удел во патничкиот авиосообраќај, очекуваме „Виз ер“ да продолжи со развојот на нивниот бизнис на македонскиот пазар, притоа инвестирајќи во нови дестинации и зголемување на фреквенциите на постојните авиолинии – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

„ТАВ Македонија“ лани ја заврши со 2 милиона патници (2.027.344) на скопскиот и охридскиот аеродром, што претставува пораст за 13 проценти споредено со 2016 година. Во исто време со порастот на патничкиот авиосообраќај, вкупниот број на летови на двата аеродрома во Скопје и во Охрид е зголемен за 7 отсто, достигнувајќи 18.130 летови во 2017 година.


Поради снежното невреме и студот во САД, починаа најмалку 17 лица


Њујорк, 5 јануари, 2018 - 13:15 (META) 

Најмалку 17 лица починаа од студ, предизвикан од снежното невреме и поларни температури кои зафатија најголем дел од Соединетите Американски Држави. Сите летови од Њујорк и од Њу Џерсу се откажани поради силниот ветер и снежната бура која се најавува. Во Њујорк се очекува да наврнат од 15 до 20 сантиметри снег.

Таканаречената метеоролошка „циклон бомба“ е проследена со силен ветер и обилен снег, денеска го погоди североистокот на САД, поради што се затворени училиштата и државните институции. Покрај обилните врнежи од снег, до крајот на неделата се очекува и голем пад на температурите.

Утрово, околу 65.000 домаќинства и компании останаа без струја, а се очекува дека бројката ќе се зголемува. Вонредна состојба е прогласена и во Флорида, каде што снег заврна по 28 години.


Поради маглата намалена видливост на патните правци околу Скопје


Скопје, 14 декември, 2017 - 19:01 (META) 

Намалена видливост од 50 до 100 метри поради магла има на патните правци Скопје – Катланово, Скопје – грaничен премин Блаце и обиколницата околу Скопје.

На останатите патишта во државата, Автомото-сојузот на Македонија информира дека собраќајот се одвива по наместа влажни коловози.

Маглата денеска предизвика проблеми и на скопскиот аеродром „Александар Велики“ каде дел од летовите се откажани, а дел се пренасочени кон Охрид и Приштина.


Поради снежното невреме, откажани се голем број на летови од аеродромите низ Европа


Лондон, 11 декември, 2017 - 12:19 (META) 

Снежното невреме предизвика големи проблеми во авиосообраќајот во Велика Британија, Германија и во Франција, поради што голем број на летови се откажани или одложени, јавуваат светските медиуми.

Најмалку 50.00 патници останале заглавени на аеродромот „Хитроу“, бидејќи стотина летови доцнат или се откажани.

Проблеми со невремето има и во Германија, а на аеродромот во Франкфурт откажани се повеќе од 300 летови.

Портокалово метеоролошко предупредување е издадени во речиси цела Европа, па така, во Португалија и Шпанија дуваат ветрови со огромна јачина, поради што се апелира на внимателност.


„Ејџијан ерлајнс“ повторно ќе лета на релација Атина – Скопје


Атина, 10 октомври, 2017 - 14:46 (META) 

По повеќе од една деценија, најголемиот грчки оператор „Ејџијан ерлајнс“ повторно ќе ја воспостави авионската линија помеѓу Атина и Скопје во јуни 2018 година, соопштија од грчката компанија.

Потпретседателот на компанијата, Ефтихиос Василакис, вчера го претстави новиот пакет на летови како дел од плановите за проширување на летниот период на „Ејџијан“ за 2018 година, во кој ќе се додадат осумнаесет нови дестинации во неговата мрежа, вклучувајќи ги Скопје, Загреб и Задар.

Превозникот допрва треба да ги пушти во продажба билетите за новата линија во Скопје. Македонскиот главен град беше првата меѓународна дестинација на „Ејџијан ерлајнс“ уште во 2003 година, меѓутоа летовите беа прекинати подоцна, кога односите помеѓу Македонија и Грција се влошија.

Наредното лето „Ејџијан ерлајнс“ од Атина ќе лета до Палермо, Болоња, Малага, Базел, Загреб, Задар, Вилнус, а ќе има и седум нови рути од грчките регионални аеродроми Крф – Москва, Санторини – Тел Авив, Миконос – Тел Авив, Миконос – Бејрут, Родос – Лион, Родос – Бејрут, како и Хераклон – Бејрут.

Соопштението доаѓа по добрите резултати објавени од двата меѓународни аеродроми во Македонија во текот на првите три квартали. Во Скопје и во Охрид патувале вкупно 1.546.193 патници во периодот јануари – септември годинава, што претставува зголемување од 12 отсто во споредба со 2016 година.

Двата аеродрома „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“ од јануари до септември, опслужиле вкупно 13.752 летови, што е зголемување за 6 проценти на годишно ниво.


Американскиот секретар за здравство, љубител на луксузни авиони, поднесе оставка


Вашингтон, 30 септември, 2017 - 10:17 (META) 

Секретарот за здравство и социјална заштита на САД, Том Прајс поднесе оставка откако беше покрената истрага за неговите патувања со скапи чартер летови, кои го налутија претседателот Доналд Трамп.

„Секретарот за здравство и социјална заштита Том Прајс ја понуди оставката и претседателот ја прифати“, се наведува во соопштението на портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс. Изјавата ја дадоа помалку од еден час откако Трамп на новинарите им изјави дека Прајс не понудил да поднесе оставка, но дека неговата судбина ќе биде решена подоцна во петок.

Трамп изрази разочарување поради тоа што американскиот министер за здравство летал со  скапи приватни чартер летови при извршување владини обврски. Прајс имал 26 одделни патувања оваа година со приватни авиони, во вкупна вредност од околу 400.000 долари, наведува Политико.

– Не сум среќен, тоа можам да ви кажам, не сум задоволен – изјави Трамп вчера пред новинарите.

Министерот Прајс беше на функцијата помалку од осум месеци.


Турција ги прекинува сите летови кон градовите на северот на Ирак


Анкара, 27 септември, 2017 - 19:46 (META) 

Турција ќе ги прекине сите летови кон градовите на северот на Ирак, во областите со мнозинско курдско население, јавуваат светските агенции.

Станува збор за една од првите мерки на официјална Анкара, откако регионалните власти на северот на Ирак во понеделникот одржаа референдум за независност.

Како што пренесуваат агенциите, ќе бидат прекинати комерцијалните летови кон градот Ербил, кој се смета за главен град на ирачката покраина, и кон Сулејманија. Забраната стапува на сила в петок во 15 часот.

Одлуката ја објавил турскиот конзулат во Ербил, потврдувајќи дека станува збор за одговор на курдскиот референдум.

Таа ќе се однесува на летовите на авиопревозниците „Туркиш ерлајнс“, „Пегасус“ и „Атлас глобал“.


„Еуровингс“ воведе авиолинија на релација Скопје – Минхен


Скопје, 17 август, 2017 - 12:38 (META) 

Нискобуџетната авиокомпанија „Еуровингс“ (Eurowings), членка на групацијата „Луфтханза“, ќе воведе нова линија Скопје – Минхен, поврзувајќи го скопскиот аеродром „Александар Велики“ со меѓународниот аеродром во Минхен, „Франц Јозеф Штраус“, информираат од „ТАВ Македонија“.

Линијата Скопје – Минхен ќе биде воспоставена од октомври, два пати неделно, односно, секој вторник и петок.

Официјалните претставници на авиокомпанијата најавија, најниските цени за авионските билети ќе почнуваат од 39,99 евра и веќе се во продажба преку веб-страницата на авиокомпанијата eurowings.com.

– Скопскиот аеродром „Александар Велики“ ќе биде поврзан со главниот аеродром во Минхен, што ќе претставува одличен избор и можност за продлабочување на комуникацијата меѓу двата града. Нашите патници, не само од Македонија, туку и од регионот, ќе имаат дополнителни конекции и во Европа и интерконтинентално – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

„Еуровингс“ неодамна најави 10 нови прекуокеански летови од аеродромот во Минхен. Сообраќа на повеќе од 150 дестинации во повеќе од 40 земји низ Европа и е добро позната по одличната мрежа на авиолинии до атрактивни туристички локации. Лета во многу држави во регионот, како што се Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора и Турција.


Работниците на аеродромите во Шпанија најавуваат штрајк


Барсеолона, 16 август, 2017 - 19:48 (META) 

Работничкиот синдикат на шпанската компанија за управување со аеродромите „Аена“, денеска најави дека ќе штрајкува 25 дена поради немање напредок во преговорите за поголема плата за вработените и подобри работни услови.

Доколку наредните недели не се постигне напредок, штрајковите ќе почнат од средината на септември и ќе бидат организирани за викенди и во деновите кога се државни празници до крајот на годината, соопштил синдикатот.

Од „Аена“ велат дека се надеваат дека ќе биде постигнат договор со синдикатот.

Патниците веќе се соочуваат со доцнење на летовите и долги редови на аеродромот „Ел Прат“ во Барселона поради штрајк на обезбедувањето.