ЕУ од 2021 ќе престане со зимско сметање на времето


Скопје, 24 октомври, 2018 - 14:25 (META) 

Македонија в недела во 3 часот ќе премине од летно на зимско сметање на времето, соопшти Бирото за метрологија.

Во 3 часот, стрелките на часовникот треба да се вратат еден час наназад и да покажуваат 2 часот.

Инаку, Европската комисија (ЕК) на 31 август годинава соопшти дека по обемната јавна анкета, најголемата по број на одговори на интернет од која било ваква анкета на ЕК досега, таа препорача да се исфрли промената на времето од летна во зимска и обратно. Дури 75 отсто од 4,6 милиони испитаници биле да престане ваквата промена на времето.

Законската рамка е веќе готова и се очекува наскоро да биде усвоена од Европскиот парламент и од земјите членки. Таа предвидува последното поместување на стрелките на часовникот поради премин на ново сметање на времето да се случи на 28 март 2021 година.


Јункер: ЕК предлага да прекине летното и зимското сметање на времето


Стразбур, 12 септември, 2018 - 13:53 (META) 

Во своето годишно обраќање пред европратениците во Стразбур, претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан Клод Јункер, соопшти и дека ЕК денеска го доставила предлогот во ЕУ да престане промената од зимско и летно време и обратно.

– Промената на часовниот мора да престане. Земјите-членки треба да решат дали нивните граѓани ќе живеат според летно или според зимско време. Очекувам и Парламентот и Европскиот совет да го споделат овој став. Нема повеќе време – рече Јункер.

Европскиот парламент на почетокот на февруари годинава го одобри предлогот за укинување на зимско и летно сметање на времето и ја префрли топката на ЕК. Комисијата денеска и официјално го прифати предлогот, по што во ЕП треба да се изгласа закон и потоа ќе остане 28-те членки на ЕУ да ја прифатат промената.

Одлуката Јункер ја најави на крајот на минатиот месец, соопштувајќи ги резултатите од онлајн-анкетата.


Јункер: ЕУ да се обедини во поглед на Западен Балкан


Стразбур, 12 септември, 2018 - 12:52 (META) 

Мора да постигнеме единство кога станува збор за Западен Балкан – еднаш засекогаш. Ако не го сториме тоа, нашето непосредно соседство ќе биде обликувано од други, порача претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, во своето последно годишно обраќање во мандатот, „Состојбата на Унијата 2018“, со поднаслов „Мигот на европскиот суверенитет“.

Обраќајќи се во Стразбур пред пратениците во Европскиот парламент, тој ги поздрави напорите на Грција за излез од кризата.

– Секогаш сум се борел за Грција, нејзиното достоинство и нејзиното место во еврозоната. Горд сум на тоа – рече Јункер.

Зборувајќи за разните постигања во текот на неговиот мандат, Јункер на осум месеци пред следните избори во ЕУ порача дека сега е часот на „Европски суверенитет“.

– Геополитичката ситуација создава час на Европа. Дојде времето на европскиот суверенитет. Време кога Европа ја презема судбината во свои раце, на развој на капацитет да игра улога, како Унија, во обликувањето на глобалните теми – рече Јункер, посочувајќи дека европскиот суверенитет не смее да биде на штета на другите.

Тој нагласи и дека ќе се преземат мерки за зајакнување на улогата на еврото на меѓународната сцена.

Јункер порача дека мора да се отстранат границите што беа повторно подигнати поради мигрантите и порача дека земјите-членки на ЕУ мора да создадат легални механизми за увоз на нова работна сила.

Претседателот на Европската комисија порача и дека е донесена одлуката за престанок на преминот од летно на зимско време и обратно и порача дека секоја земја треба да реши дали ќе се определи за летното или за зимското време.


Јункер: Планираме укинување на зимското сметање на времето


Берлин, 31 август, 2018 - 12:00 (META) 

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер денеска изјави дека ЕУ планира да го укине преминувањето од летно на зимско сметање на времето.  Одлуката доаѓа откако мнозинството анкетирани граѓани на ЕУ преку порачале дека треба да се укине поместувањето на стрелката на часовникот од летно на зимско време и во иднина во ЕУ да се користи само сегашното летно сметање на времето.

Јункер вели дека одлуката е донесена откако огромното мнозинство граѓани на ЕУ – првенствено од Германија – кои учествуваа во истражувањето за ова прашање, побарале укинување на промените при сметањето на времето.

Над 80 отсто од испитаниците на анкетата спроведена меѓу 4 јули и 16 август поддржале укинување на поместувањето на стрелките на часовниците во лето и зима. Околу 4,6 милиони луѓе учествувале во онлајн анкетата, со што таа е најголема во историјата на ЕУ.

Предлогот треба да биде прифатен од ЕК, да се изгласа закон во Европскиот парламент, а потоа 28-те земји-членки на Унијата да ја одобрат одлуката.


Денеска почнува пролетта


Скопје, 20 март, 2018 - 9:28 (META) 

Пролетта на северната Земјина хемисфера почнува денеска во 17.15 часот, а истовремено на јужната полутопка ќе настапи есента.

Пролетта ќе трае до 21 јуни до 11.07 часот кога календарски ќе настапи летото.

Летното сметање на времето, пак, ќе почне ноќта меѓу сабота и недела во 2 часот, кога часовниците ќе се поместат еден час понапред.