На викенд трките на „Стенковец“ дроновите јурат и по 150 километри на час


Скопје, 21 август, 2018 - 9:40 (META) 

Речиси секоја сабота и недела на спортскиот аеродром „Стенковец“ се одржуваат тренинг-трки со дронови што летаат со брзина и до 150 километри на час.

Ентузијасти од Скопје, Прилеп и Битола, се во потрага по адреналин од брзината и сатисфакција од умешноста рамо до рамо со истомисленици од целиот свет, натпреварувајќи се на европските и светските купови, од кои три годишно се организираат и во Македонија, велат Здравко Тодороски од воздухопловниот клуб „Фил Феникс“ од Прилеп и Александар Ников од Моделарско аеронаутичкиот колектив „РЦ Скопје“.

Леталата со кои се борат во светска конкуренција се само на прв поглед слични на оние дронови што може да се купат во продавниците или да се нарачаат на интернет за цена до стотина евра, објаснува Ников, кој интензивно учествува на европските и светските шампионати заедно со својот 17- годишен син.

– Добар дрон за некое почетно ниво за тркање може да чини околу 300 евра. На тоа додадете стотина евра за далечинскиот управувач, па уште околу 200 евра за очила, значи некаде околу 600 евра. А ако веќе сакате нешто повеќе за натпревар, тогаш зборуваме за многу повисоки суми, над 1.000 евра – објаснува Ников.

Натпреварувачите ги купуваат компонентите, па ги составуваат, а тука е и подесувањето. Изработката и подготовката одземаат многу повеќе време отколку самите тренинзи и натпреварите со дронови, објаснува тој. Вели дека бидејќи на натпреварувањата се лета со голема брзина, трките ја „цедат“ батеријата трипати подолго мирно летање.

– Брзина од 150 километри на час не може да постигнете со купен дрон. Потребно е знаење и вештина, а поради тоа и тренираме, речиси секоја сабота и недела на спортскиот аеродром „Стенковец“ – вели Ников.

Според Агенцијата за цивилно воздухопловство, во земјава се регистрирани само 52 дрона, иако ги има околу 1.000. Регистрацијата е законска обврска за сите што сакаат да ги летаат своите дронови, а мора и да се придржуваат до правилата. Натпреварувачите што тренираат на „Стенковец“, пак, бидејќи се на ограничено подрачја, не ги нарушуваат правилата.

Прилепчани во октомври ги очекуваат своите колеги од земјава и од светот во својот град, на последниот натпревар од светски ранг што ќе се одржи во земјава годинава. Претходно еден шампионат од светска конкуренција за воздухопловни модели се одржа во јули во Прилеп, како и „Мај Флај“ во мај во Скопје. Со тоа Македонија, иако со мал број натпреварувачи, го исполнува максимумот што Светската федерација на воздухопловни спортови (ФАИ) го овозможува, вели Здравко Тодороски од „Фил Феникс“.

– Светскиот куп Феникс што ќе се одржи на 13 и 14 октомври во Прилеп очекуваме да привлече поголем број натпреварувачи, оти е последниот во годинашниот календар на ФАИ – објаснува Тодороски.


По падот на „пајперот“, теренот се снима со дрон и се врши распит на двајца италијански пилоти


Скопје, 7 септември, 2016 - 14:47 (META) 

Во Јавното обвинителство Скопје се врши испитување на двајца пилоти од Италија кои биле со други две летала и слетале на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. Исто така, обезбеден е дрон кој треба да изврши воздушно снимање на теренот каде што се случила авионската несреќа, информираат од ОЈО Скопје.

„Во тек е увидот на местото на несреќата раководен од јавното обвинителство. И покрај тешките услови за пристап, се координираат и се преземаат мерки за прибирање и за утврдување на фактите и на причините за несреќата. Увидот го вршат двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, кои раководат со увидните екипи од надлежните органи. По наредба на јавен обвинител, обезбеден е дрон кој треба да изврши воздушно снимање на теренот каде што се случила авионската несреќа. Снимките од дронот ќе бидат од голема помош за утврдување на динамиката на движењето на леталото, како и за разоткривање на начинот на кој дошло до несреќата“, се вели во соопштението од обвинителството.

Оттаму додаваат дека било повикано и стручно лице кое е компетентно за овој вид несреќи.


„Ербас“ ќе гради гигантска сателитска мрежа


Париз, 15 јуни, 2015 - 15:41 (META) 

Европскиот гигант „Ербас“ склучил договор за изградба на најголемата констелација на сателити во светот, пренесува „Би-Би-Си“.

Компанијата планира да произведе 900 сателити за концернот „Уан веб“ (OneWeb), кој има намера да го прошири интернет-пристапот низ целиот свет.

Договорот бил објавен на Париското аерошоу и, според плановите, првично ќе бидат лансираат повеќе од 600 сателити, додека другите ќе се чуваат како резерва.

Консталацијата на сатетили на „Уан веб“, која ќе чини неколку милијарди долари, ќе ги минимизира сите претходни комерцијални мрежи за десетпати.

Според очекувањата, секој сателит ќе биде тежок околу 150 килограми, а според информациите „Уан веб“, цената за една единица ќе биде околу половина милион долари.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, од „Ербас“ изјавиле дека првите 10 ќе бидат произведени во фабруката во Тулуз, а потоа работата ќе се пресели во САД.

За транспортот на сателитите во орбитата, ќе бидат потребни голем број ракети, поради што, пренесува „Би-Би-Си“, во проектот најверојатно ќе биде вклучен и „Вирџин груп“ на Ричард Бренсон, кој, во меѓувреме, работи на развој на систем за лансирање сателити базиран на неговиот туристички „вселенски авион“.