Клиниката за хематологија најави засилен мониторинг на јавните набавки со лекови


Скопје, 10 мај, 2018 - 11:23 (META) 

ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје информира дека организациите „Транспарентност Македонија“ и Здружението на граѓани за борба против рак „Борка“, со свои претставници ќе го мониторираат целокупниот процес на јавни набавки.

„Согласно член 30, став 1 од Законот за јавни набавки, со својство на надворешни стручни лица кои не се вработени на клиниката, со делегирана надлежност да го следат и да вршат увид во начинот на кој се реализираат јавните набавки на клиниката, назначени се Ана Јаневска Делева и Биба Додева Христова. Уверени сме дека со овој чекор за унапредување на соработката со НВО-секторот воспоставуваме највисоки стандарди за отчетност и транспарентност во процесот на спроведување на јавните набавки“, се вели во соопштението на Клиниката.

Од таму веруваат дека „преку ваквиот пристап пациентите и целата јавност ќе добијат поголема сигурност во квалитетот на здравствени услуги и лековите кои се неопходни за нивно лекување.“

„Несомнено е дека даночните обврзници имаат целосно право да знаат и во секое време да имаат увид на кој начин и за кои цели се троши секој нивен денар. Наша обврска е тоа да го овозможиме преку вклучување на највисоко ниво на јавност во нашето функционирање. Се надеваме дека ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје ќе стане пример кои ќе го следат сите јавни здравствени установи со цел сите заедно да придонесеме за враќање на довербата на граѓаните во јавното здравство“, се додава во соопштението.


Филипче: Намалени се максималните цени на 336 генерички лекови


Скопје, 29 март, 2018 - 13:11 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека намалени се максималните цени на вкупно 336 генерички и 222 оригинаторни лекови, односно таканаречени иновативни лекови.

Тој додаде дека согласно Законот за лекови и медицински средства и методологијата за начинот на утврдување на цените на лековите, Министерството за здравство спроведе годишна ревизија на цените на сите лекови, кои се издаваат на рецепт.

– Намалувањето на максималните цени доведува до намалување и на големопродажните и малопродажните цени на лековите, кои ќе важат од 1. април 2018 година. Заштедата кај генерички лекови на годишно ниво изнесува 993 илјади евра, додека кај оригинатори, односно иновативни лекови изнесува 1.388.600 евра или вкупно 2.381.600 евра – информираше Филипче.

Тој додаде дека за споредба, во 2016 година вкупната заштеда е 1.126.000 евра, а во 2017 година вкупната заштеда е 398.315 евра.

– Со оваа најголема заштеда во лековите досега, граѓаните ќе добијат поевтини лекови и можност за лекување со нови терапии, односно можност за проширување на позитивната листа на лекови- додаде тој.


ФЗОМ ќе ги зголеми квотите на лекови во аптеките за овој месец


Скопје, 16 март, 2018 - 13:30 (META) 

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) одлучи да ги зголеми квотите на лекови за овој месец во износ од 15 милиони денари кои ќе бидат линеарно распределени по аптеките, рече денеска на прес-конференција директорот на ФЗОМ, Ден Дончев.

Тој додаде дека вкупниот буџет за лекови за годинава ќе се зголеми во износ од 100 милиони денари годишно, ќе има ревизија на Правилникот и методологијата на распределба на финансиските средства, квотите и надоместоците на аптеките.

Дончев најави и нова поправична и поефикасна распределба на квотите на аптеките и поефикасен систем за нивни надоместоци.

Во долгорочните мерки рече дека се предвидува разгледување на можностите за воведување интегриран и ефикасен електронски систем преку вклучување на сите институции и здравствени установи и работници од здравствениот систем со воведување електронско здравствено досие по пациент.


СДСМ: ОЈО да ги расчисти злоупотребите во Домот за стари лица во Прилеп


Прилеп, 23 јануари, 2018 - 14:26 (META) 

Членот на Советот на Општина Прилеп од СДСМ, Александар Китаноски бара Основното јавно обвинителство да ги расчисти кривичните пријави против поранешниот градоначалник, Марјан Ристески и поранешните директори на Домот за стари лица, Ирена Стерјовска Локвенец и Дарко Рибароски, за кои вчера актуелниот директор на оваа институција ја извести прилепската јавност.

– Веднаш да се расчистат сите индиции од кривичната пријава дека, поранешниот директор Дарко Рибароски и фирмата „Марфил“ го оштетиле Домот за стари лица за повеќе од 300.000 денари, со тоа што изготвувале фиктивни фактури за наводна испорака на прехранбени производи кои никогаш не пристигнале во оваа јавна општинска установа. Прилепската јавност е згрозена од информациите за злоупотреба на народните пари и пензиите на штитениците згрижени во домот, кои што долго време биле оставани без квалитетна храна и лекови, без соодветна медицинска заштита, без греење и во катастрофални услови за сместување – изјави Китаноски на прес-конференција.

Тој исто така побара Обвинителството да го расчисти, како што вели, и сомнежот за злоупотреба на службената положба на Марјан Ристески, дека именувањето на претседателката на Унијата на жени на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Ирена Стерјовска Локвенец, за директорка на старскиот дом „Киро Крстески – Платник“, било спротивно на посебните услови од објавениот јавен конкурс.

– Исто така, очекуваме дека надлежните институции ќе утврдат на кој начин поранешниот градоначалник Ристески, му овозможил на Рибароски, надвор од сите законски рокови, повеќе од шест години да ја извршува функцијата, вршител на должност директор на Домот за стари лица. Граѓаните на Прилеп сакаат да знаат како тоа поранешните директори на домот, и покрај партиципацијата на штитениците и субвенциите кои им ги доделувала Општина Прилеп, успеале да направат загуби од 15 милиони денари – додаде Китаноски.


Филипче: Ќе правиме реформи за никогаш повеќе да нема здравствени кризи


Скопје, 28 декември, 2017 - 11:25 (META) 

Ќе направиме се, па и измени на законската регулатива за никогаш повеќе да не се повтори криза како оваа со инсулинот и сите лекови во иднина да се набавуваат дури и предвреме. Ќе направиме и целосна надградба на електронскиот систем во здравството за тој да ги опфати сите институции и да ја олесни работата и да ни овозможи многу поголем увид во состојбите, порача денеска Венко Филипче на своето прво обраќање пред новинарите како министер за здравство.

– Сакаме да се подобри здравствената регулатива и тендерите за набавка на лековите да се распишуваат за подолг период наместо една година, како и да се распишуваат одреден период пред новата набавка, за никогаш повеќе да не се повтори ваква криза. Моментално нема инсулинска криза благодарение на донацијата од една фирма производител и ве уверувам дека ќе направиме се повеќе да не се случи таква криза – рече новиот министер за здравство.

Тој најави и изработка на нова позитивна листа на лекови, на која, како што рече, ќе се најдат и најскапите лекови.

Филипче најави целосна реформа на здравствениот систем за да се избегнат досегашните проблеми во здравството, почнувајќи од надградување и усовршување на електронскиот систем за евиденција.

Во поглед на паралелниот увоз на лекови, Филипче рече дека веќе се разговара со Министерството за информатичко општество и администрација да се измени законот за паралелен увоз и да се воведе сертификат за квалитет, како и систем за следење, за да се знае која доза лек каде завршила.

Филипче рече и дека со реформите ќе се настојува да се намалат непотребните трошења, па се размислува сите триесетина клиники во Скопје да се обединат во еден клинички центар, за да не се делат плати и хонорари на десетици директори и членови на управни одбори, а истата замисла ја има и за други капацитети во друтите градови.

Покрај зголемувањето на платите во здравството од 5 отсто од втората половина на следната година, новиот министер за здравство вети и зголемување на надоместокот за дежурства во работни денови од 900 до 1.340 денари сега на 2.500 до 3.000 денари, а за викенд дежурства наместо досегашните 2.800 денари да се исплаќаат по 4.000 денари.

Филипче рече и дека нема да го поништи конкурсот за избор на советник за здравствен менаџмент и здравствена политика, на кој една од трите барани сфери на образование беа и историските науки. Рече дека ќе се направи нова систематизација, за да не се повторуваат такви ситуации, а според министерот, избраниот кандидат на новиот конкурс не е толку проблематичен, оти сепак е економист.


СЗО: 11 отсто од лековите во земјите во развој се фалсификувани


Копенхаген, 29 ноември, 2017 - 10:01 (META) 

Светската здравствена организација соопшти дека околу 11 отсто од лековите во земјите во развој се фалсификувани.

Како што наведуваат од СЗО, таквите лекови веројатно се причина за смрт на десетина илјади деца од болести како што се маларија и воспаление на белите дробови.

Ова е прв обид СЗО да направи проценка и да го разгледа овој проблем, јавуваат светските агенции.

Експертите разгледале 100 студии за повеќе од 48.000 лекови. Речиси 65 отсто од фалсификуваните лекови се медикаменти за лечење маларија и бактериски инфекции.

Научниците кои ги ангажирала СЗО од Универзитетот во Единбург проценуваат дека меѓу 72.000 и 169.000 деца починале од воспаление на белите дробови затоа што примале лажни лекови.


Таравари: Советот за јавни набавки е виновен за доцнење на испораката на лекови


Скопје, 23 септември, 2017 - 13:05 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вината за доцнење на испораката на некои лекови ја лоцира во Советот за јавни набавки, а не во Министерството за здравство.

Тој појасни дека кога пред шест месеци една фирма конкурирала за испорака на лекови, немало проблем, а сега, кога истата фирма конкурира со истите стандарди, има проблем пред Советот за јавни набавки.

– Има еден Совет за јавни набавки кој е комплетно политизиран. Фирми кои поминувале низ тој Совет пред шест месеци, сега, кога конкурираат, се спречени и затоа се јавуваат проблеми со лековите – рече Таравари.

Тој нагласи дека секаде каде што требало направиле интервентен увоз, но тоа чинело многу. Таравари информираше дека е побарано од премиерот да најде решение.

Министерот за здравство денеска информираше за сработеното во првите 100 дена и во оваа пригода исто така кажа дека до крајот на ноември ќе се знае дали во Клиничкиот центар ќе се гради новата зграда за интерни клиники за која претходната влада потпиша договор.

Тој рече дека експерти ќе спроведат анализа и ќе одговорат дали може да се изгради клиниката или нејзината изградба ќе го попречува функционирањето на Клиничкиот центар. Според него, доколку нивната одлука е дека може да се организира работата ќе се изгради, но доколку нивната одлука е дека ќе спречи функционирање на Клиничкиот центар тогаш ќе се бара ново решение.

Во однос на неговата кандидатура за градоначалник на Гостивар, додаде дека во Министерството за здравство работи екипа од 15 лица кои се компетентни и кои ја вратија довербата во ова министерство.

– Додека сум јас кандидат за градоначалник нема никакви законски пречки за мојот заменик министер да ја врши мојата функција. Инаку екипата си функционира беспрекорно – рече Таравари.


На Прешево запленет товар со криумчарени лекови вреден милион евра


Белград, 11 мај, 2017 - 14:38 (META) 

На граничниот премин Прешево помеѓу Србија и Македонија, српски цариници заплениле товар со криумчарени лекови во вредност од околу милион евра, соопшти денеска Царинската управа на Србија.

Пратката со лекови од Индија е откриена во камион на аеродромски превозник од Скопје, кој требало да ја превезе до белградскиот аеродром. Како примач е назначена „Ер Србија“, која пратката требало да ја испрати во Виена, додека како краен корисник е наведена фирма од Бања Лука.

Товарот имал документација со гаранција издадена во Македонија и со наведена вредност од 7.000 евра, а цариниците воочиле бројни несовпаѓања, се наведува во соопштението.

Во пратката која требало да биде внесена во Србија, најброен бил лекот за потенција „камагра 100“, односно повеќе од 250.000 табли, што е шестпати повеќе отколку што е наведено во документацијата и чини околу 850.000 евра, како и непријавени лекови во вредност од околу 130.000 евра.


ЛДП: ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде кочничар на реформите во здравството


Скопје, 10 април, 2017 - 11:18 (META) 

„ВМРО-ДПМНЕ не смее и понатаму да биде кочничар на реформите во здравството на штета на здравјето на македонските граѓани“, се вели во соопштението на Либерално-демократската партија (ЛДП).

Оттаму додаваат дека секојдневните недостатоци на лекови, медицински помагала во болниците и реагенси во лабораториите се рефлектираат на најсуштествените потреби на пациентите.

„Иако во некои случаи причината е немање средства, во други – неточни предвидувања на потребите, сепак најчестата причина е доцнењето на тендерите за јавни набавки, поради долготрајните и нестручни подготовки на набавките. Аргумент плус за тоа е што тие редовно се враќаат на доработка во таканаречната „стручна комисија“ во Бирото за јавни набавки и тоа заради несуштествени и небулозни грешки“, се додава во соопштението.

Од партијата велат дека „сведоци сме на анекси на договори во многу сфери и за многу состојби во општеството, каде не се работи за итност и не се работи за човечки живот, но овде иако се работи за жива материја, тоа не се дозволува.“

„Молчат и директорите на болниците, како најверни послушници на партијата. Резултат на целокупната состојба – руинираното македонско здравство е на самото дно. На штета на пациентите се употребуваат лекови кои се на располагање, а не најдобрите и најсоодветните за дадената болест, операциите често се одложуваат, а лабораториите не издаваат целосни резултати“, велат од ЛДП.


ВМРО-ДПМНЕ: Одвојуваме двапати повеќе пари за лекови од сумите на СДСМ


Скопје, 8 април, 2017 - 18:26 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на денешната прес-конференција на Злате Мехмедовиќ од СДСМ, порачувајќи дека парите што се трошат за лекови се двапати поголеми отколку во последната година кога на власт бил СДСМ.

„Владата на СДСМ во 2002 година одвојуваше само  1 милијарда денари кои биле искористени за 8 милиони рецепти. Во 2003 г. СДСМ одвои 1,2 милијарди денари за 8,5 милиони рецепти, во 2004 г. одвои 1,6 милијарди денари за 10 милиони рецепти, во 2005 година – 1,4 милијарди денари за 9 милиони рецепти. Владата на ВМРО-ДПМНЕ за 2016 издвои 2,55 милијарди денари за 22,2 милиони рецепти, а за 2017 година – 2,75 милијарди денари“, се вели во реакцијата.

Според реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата на Мехмедовиќ биле изнесени „манипулации и невистини со кои се сака да се дефокусира јавноста од тиранската платформа“. Партијата посочи дека во 2005 година имало договори со само 40 правни лица кои издаваат лекови на рецепт, а сега биле 776 аптеки низ цела држава.

„Достапноста на квалитетни лекови за сите осигуреници во Македонија е континуирана заложба на владата на ВМРО-ДПМНЕ и во 2016 година на граѓаните им овозможи поголема достапност на лекови, олеснување на начинот на добивање лек на товар на Фондот. Во 2016 година, бројката на лекови на товар на Фондот достигна 1.210 лекови по заштитено име од различни производители, односно 427 генерики со фармацевтска дозажна форма и јачина од кои 75 отсто се лекови за кои осигурениците не треба да плаќаат дополнителни средства, освен партиципација согласно законските прописи“, се вели во реакцијата.