Истражување: На Источна Македонија ѝ недостигаат 190 лекари


Штип, 9 ноември, 2018 - 14:39 (META) 

Голема е разликата на износот што 11-те општини од Источна Македонија го трошат за работи во функција на граѓаните, а за кои се неопходни јавни набавки. Најмногу пари по жител во периодот 2013-2016 година инвестирала Општина Македонска Каменица – 42.000 денари, на второ место е Општината Карбинци со 31.000 денари по жител, додека најмалку Општина Виница, со 5.677 денари. Ова е резултатот од анализата на Здружението на граѓани „ИНИ“ од Виница, што денеска беше презентирана во Штип.

Оваа анализа го опфаќа и текот на легализација на дивоградбите, при што од „ИНИ“, на база на добиените податоци, утврдиле дека секое второ домаќинство пријавило дивоградба, но обработени се помалку од половината барања, односно 43,5 отсто. Постапката за легализација во 11-те општини е завршена за 17.000 дивоградби.

Тодор Цонев, кој го презентира истражувањето направено во рамките на проектот „Партнерство за добро владеење“, констатира дека никој од власта досега не проговорил за ефектите од легализацијата на дивоградбите.

– Исто така, прашање е и зошто општините не реагирале додека во изминатите години се граделе дивоградбите, имајќи предвид дека, само според наша проценка, изгубени се околу 20 милиони евра за комуналии. Овие средства требаше да се слеат во општинските каси – заклучува Цонев.

Со истражувањето е утврдено и дека на Источна Македонија ѝ недостигаат 190 лекари за да се задоволи европскиот просек од 3,4 лекари на 1.000 жители. Во моментов за здравјето на граѓаните во 11-те општини се грижат 443 лекари или 2.5 лекари на 1.000 жители.

Ова истражување го вклучува алармот за скорешен недостаток на специјалисти, по заминувањето на тие што сега се пред пензија. Вознемирува и фактот дека со години наназад се кршел законот, па во Управните одбори на општинските претпријатија се поставувале лица со средно образование, односно со несоодветни квалификации. Тоа ги направило управите неефикасни и неквалификувани за улогата што ја добиле благодарение на партијата, се вели во анализата.


Канада целосно ја легализираше марихуаната


Скопје, 20 јуни, 2018 - 10:19 (META) 

Канадскиот парламент го усвои законот со кој се легализира рекреативната употреба на марихуана во земјата.

Законот ја помина и последната пречка, откако вчера беше изгласан во Сенатот со 52 гласа „за“ и 29 гласови против и тој контролира и регулира како канабисот ќе се одгледува, дистрибуира и продава.

Канаѓаните слободно ќе можат да купуваат и консумираат марихуана најрано од септември.

По Уругвај, Канада е втора држава во светот која целосно ја легализираше марихуаната, 17 години откако ја дозволи и нејзината медицинска употреба.

-Досега, на децата им беше лесно да дојдат до марихуана, а на криминалците да го собираат профитот. Денеска го менуваме тоа. Нашиот план за легализација на марихуана тукушто помина во Сенатот – објави премиерот Џастин Трудо на Твитер.

Се проценува дека во 2015 година Канаѓаните потрошиле 4,5 милијарди долари на марихуана, па државата очекува огромен профит од оваа индустрија.


Со новиот закон ќе се ограничува правото за набавка на оружје


Скопје, 21 март, 2018 - 10:05 (META) 

На 60. седница Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за реализацијата на сите проекти од примарната гасификација, како и за секундарното гасифицирање во државата.

„Владата го задолжи Министерството за економија во рок од 30 дена да формира работна група со цел координација и следење на процесот за реализација на сите проекти од примарната гасификација, како и за секундарното гасифицирање во државата. Работната група има должност, да доставува информации до Владата за натамошниот прогрес на реализација на тие проекти“, се вели во соопштението на Владата.

Владата го разгледа и утврди новиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за оружјето, и донесе одлука да го достави до Собранието на натамошна постапка.

„Определени точки на изменување на Законот, меѓу другото, се однесуваат на преквалификација на определени видови оружје, ограничување на правото на набавување на кусо и долго огнено оружје со жлебени цевки за лица помлади од 25 години под определени услови, продолжување на рокот за заменување на дозволите за поседување и носење на оружје и дозволите за поседување на оружје, повторно воведување на легализација на оружјето од Б, Ц и Д категорија кое се поседува без соодветна важечка исправа издадена согласно одредбите на стариот Закон за набавување, поседување и носење на оружје и Законот за оружјето“, се вели во соопштението.

Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од донесување на Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, и го разгледа и го прифати текстот на Анексот бр. 1 кон Договорот за изградба на патна делница Кичево -Охрид заради продолжување на рокот за изградба помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и „Синохидро“.

На денешната седница, владата заклучи дека е неопходно целосно докомплетирање на документацијата и аргументацијата до наредната владина седница, за да се спроведе постапката за раскинување на договорот со концесионерот на рудникот „Казандол“.


Притвор од 30 дена за советникот на градоначалникот на Шуто Оризари


Скопје, 1 март, 2018 - 11:19 (META) 

Oсновното јавно обвинителство (OJO) Скопје соопшти дека јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против советникот на градоначалникот на Општина Шуто Оризари поради примање мито и побарал да му се изрече притвор.

Како што објавија медиумите, станува збор за Суад Мемеди. Според ОЈО Скопје осомничениот завчера во простории на општината примил претходно договорена награда во висина од 1.000 евра.

„Имено, тој ги побарал парите за да се донесе решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект“, соопшти обвинителството.

Јавниот обвинител кој работи на случајот до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за притвор. Барањето е удоволено и судијата изрекол притвор од 30 дена.


Обвинителството бара на Сокол Митревски да му биде забрането да го напушта Скопје


Скопје, 1 ноември, 2017 - 17:51 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека е отворена истражна постапка против девет лица за злоупотреба на службената положба и овластување.

Осомничените лица, меѓу кои е и поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, се товарат дека во 2014 година постапиле незаконски при одлучувањето во постапки за поднесени барања за утврдување правен статус на бесправни објекти, со што нанеле штета во висина од 4.100.090 денари, односно 66.550 евра.

Според Обвинителството, осомничените незаконски спровеле постапка за легализација на три објекти и приватизација на општинското земјиште по цена од едно евро за еден квадратен метар, иако пазарната цена била значително повисока.

Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка поднел предлог за определување мерки за обезбедување за шестмина од осомничените. Како мерки за обезбедување се предложени забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат во суд и одземање на патна исправа.


Митревски осомничен за продажба на општинско земјиште за едно евро за квадратен метар


Скопје, 1 ноември, 2017 - 11:23 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје потврди дека води постапка против повеќе лица осомничени за незаконско приватизирање на земјиште кое е сопственост на една општина.

Во соопштението на Обвинителството не е наведен идентитетот на осомничените лица ниту, пак, името на општината, но извесно е дека станува збор за поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, како еден од осомничените лица.

Според Обвинителството, осомничените незаконски спровеле постапка за легализација на три објекти и приватизација на општинското земјиште по цена од едно евро за еден квадратен метар, иако пазарната била значително повисока.

„На приватизацијата ѝ претходела постапка за утврдување на статусот на незаконито изградени три објекти, која била реализирана спротивно на закон. Како резултат на оваа постапка, извршена е легализација на објектите и приватизација на земјиштето. Со тоа е овозможено земјиштето да биде откупено по цена од едно евро за еден квадратен метар, додека пазарната цена на лицитација по редовна постапка би била значително повисока“, стои во соопштението на ОЈО Скопје, во кое се додава дека за повеќе детали во врска со текот на постапката, навремено ќе ја информираат јавноста.

Поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, како што потврдија за „Мета“ извори од истрагата, утрово бил приведен од полицијата и, според неофицијални информации, однесен во една од полициските станици во Скопје.


Кривични пријави за вработени во Општина Прилеп за незаконско легализирање деловен простор


Прилеп, 24 октомври, 2017 - 15:49 (META) 

Кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување поднела полициската станица од Прилеп, против раководителот на секторот за урбанизам во Општина Прилеп, како и против уште четворица вработени во Општината, еден геометар и директорот на „Пелагонија турс“ од Прилеп, поради незаконска легализација на деловен објект, соопшти МВР.

Пријави добиле И.К. (61), раководител на сектор за урбанизам во Општина Прилеп, И.Ч. (66), раководител во одделение за урбанизам во Општина Прилеп, како и К.Б. (60), член на комисија за утврдување на фактичка состојба на лице место во постапки за легализација и Б.В. (62), исто така член на комисијата. Пријавен е и С.К. (61), управител на ДОО ,,Пелагонија турс“ Прилеп, како и П.И. (50), геодет, вработен во ГПС ,,Премер“ ДООЕЛ Прилеп.

Според полицискиот билтен, првопријавениот И.К., од 25 август 2011 година до 22 ноември 2013 година, во договор со другите пријавени, презел дејства за легализација на деловен објект кој не можел да биде предмет на постапување во согласност со Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Со тоа пријавените овозможиле „Пелагонија турс“ ДОО Прилеп да стане сопственик на деловен  простор на приземјето од станбено-деловна зграда на улицата Маршал Тито во Прилеп, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 7.995.000 денари (130.000 евра).


Сугарески: Владата го усвои предлогот за продолжување на рокот за легализација


Скопје, 29 август, 2017 - 16:23 (META) 

Владата на денешната седница го усвоила предлогот на Министерството за транспорт и врски за измени и за дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со што се дава нова можност за легализација на дивоградбите, информираше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

– Сметано од 1 јануари до 31 декември 2018 година, сите граѓани што претходно не успеале да поднесат барање за легализација, ќе можат да го направат тоа во овој дополнителен рок. Граѓаните, пак, кои поднеле барања, но не ја обезбедиле неопходната документација, ќе имаат дополнителни шест месеци од 1 јануари до 30 јуни 2018 година – изјави Сугарески.

Тој нагласи дека услов за легализација на објектот е тој да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година и додаде дека и понатаму се потребни истите документи за аплицирање како и претходно.

Досега процентот на легализирани дивоградби е околу 40 проценти или околу 186.000 објекти кои се легализирани и запшани во катастарот.

Сугарески ги повика сите пратенички групи во Собранието да ги прифатат овие законски измени, кои, според него, се исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија.


Општина Тетово има решено 320 предмети од вкупно 3.500 барања за легализација на дивоградби


Тетово, 19 декември, 2016 - 17:11 (META) 

Општина Тетово има решено 320 предмети од вкупно 3.500 барања за легализација на дивоградби. За голем дел од поднесените барања не е доставен геодетски елаборат.

Последниот рок за поднесување барање за легализација на бесправни објекти заврши во март 2016 година, а физичките и правните субјекти кои во согласност со овој рок доставиле барање, треба до крајот на 2017 година да поднесат и геодетски елаборат за објектите.

На 31 декември оваа година е крајниот рок за доставување геодетски елаборат за дивоградбите, чиј рок за поднесување барање за легализација заврши во 2011 година.

Од Агенцијата за катастар велат дека се разгледува можноста да се продолжи рокот за поднесување геодетски елаборати за бесправно изградени објекти. За таа цел владата на Македонија има формирано меѓуресорска работна група.

– Таа работна група ќе работи да се овозможи продолжување на рокот за поднесување на геодетските елаборати. Сè уште се работи на тоа колкв рок би требало да биде даден, за да бидат сите страни задоволени. Од една страна, да немаме бесконечни рокови за поднесување геодетски елаборати, а, од друга страна, субјектите кои поднеле барања за легализација да имаат време да поднесат и геодетски елаборат, затоа што реално немале доволно време да изработат елаборати и нема доволно фирми во Македонија кои изработуваат елаборати – изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.

Претходно, неколкупати беше продолжуван рокот за легализација на дивоградбите.

Ваквите чести менувања на законите, според познавачите, им даваат храброст на инвеститорите бесправно да градат, како што е случајот во Тетово, каде во последниве неколку години се изградени голем број дивоградби, најчесто на државно земјиште.


До Општина Гостивар поднесени 4.027 барања за легализација на дивоградби


Гостивар, 6 април, 2016 - 15:39 (META) 

До Општина Гостивар поднесени се 4.027 барања за легализација на бесправно изградени објекти. Сопствениците на дивоградбите, за кои продолжениот рок за легализација истече на 31 март годинава, треба за објектите да ја комплетираат документацијата со геодетски елаборат најдоцна до крајот на 2017 година.

Од секторот за урбанизам при Општина Гостивар велат дека бројката на барањата за легализација е очекувана.

– Бројката е задоволителна, нашите служби изминатиов период работеа со продолжено работно време за да одговорат на потребите на граѓаните – изјави Дитмире Шеху од секторот за урбанизам при Општина Гостивар.

Измените на Законот за легализација на бесправно изградени објекти, преку кој се продолжи рокот за поднесување барања за легализација, беа донесени во декември 2015 година.