„Охрид СОС“: Бевме сведоци на зачестени случаи на незаконско расфрлање отров


Охрид, 1 април, 2016 - 14:46 (META) 

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ изразува сериозна загриженост за незаконското расфрлање отрови на територија каде живеат ретки и ендемски видови флора и фауна кои се од еволутивно значење и кои играат огромна улога во опстанокот на локалните екосистеми.

Нивната реакција следува откако во текот на вчерашниот ден се пронајдени мртви или во фаза на умирање неколку животни во селото Радожда близу Струга, меѓу нив и еден лебед.

– Во последните неколку месеци низ повеќе населени места во Охрид и Струга бевме сведоци на зачестени случаи на незаконско расфрлање отров- пестициди и инсектициди кои во Р.Македонија може да ги купи и дете во количина доволна да отруе цел град. Последиците од отровите беа полумртви и мртви бездомни и домашни кучиња и мачиња, а последната жртва е и еден примерок на лебед во селото Радожда – се вели во соопштението на „Охрид СОС“.

Тие се загрижени за последиците кои овие високо-токсични отрови можат да ги имаат врз останатите диви видови, кои се дел од уникатниот екосистем на Охридското Езеро.

– Целата состојба станува уште поопасна поради својството за лесно продирање во подземните слоеви на почвата кое го имаат одредени видови отрови и на кој начин би можеле да ја контаминираат водата за пиење во регионот. Испарувањето на езерото би го донел отровот во контакт со атмосферата каде преку дождот би можел да контаминира и зарази поголема површина и да предизвика вистинска еколошка катастрофа – реагираат од „Охрид СОС“.

Тие бараат надлежните институции да реагираат брзо и навремено, да ги фатат сторителите на делото незаконско расфрлање отрови на јавни површини и да спречат идни вакви активности.


„Анималиа“: Отруен лебед кај селото Радожда – остатоците испратени на вештачење


Струга, 1 април, 2016 - 13:00 (META) 

Невладината организација за заштита на животни „Анималиа”, со соопштение алармираше дека кај струшкото село е отруен лебед. Остатоците од лебедот денеска биле подигнати од ветеринарен инспекторат и се испратени на вештачење во Скопје.

Локалниот ветеринарен инспектор потврдил дека испратил лица да го подигне мртвиот лебед.

– Очекуваме преку тоа вештачење да стигнеме не само до откривање на материјата која била расфрлана како отров, а била наменета за труење на бездомни мачки и кучиња, туку и до доказен материјал за лицето кое тоа го сторило, а за кое жителите на селото Радожда имаат одредени сомневања. Истрагата продолжува, заедно со граѓаните и институциите мора да ставиме крај на овие и на сите злодела. Оној кој посега по живот на животинче, не е далеку од тоа да посегне и по човечки живот – се вели во реакцијата на „Анималиа”.

Пред речиси еден месец охридската, но и целата македонската јавноста жестоко реагираа, откако медиумите објави фотографии на кои се гледа како туристка извлекува повреден лебед од водата, наводно, за да се слика со него.

Овој случај предизвика внимание и беше пренесен и од повеќе светски медиуми.


„Анималиа“: За малтретирање на лебедот Џорџ, пријави до Агенцијата за ветеринарство и до полицијата


Охрид, 9 март, 2016 - 17:13 (META) 

Лебедот, кој на фотографиите што се појавија во македонските, но и во светските медиуми се гледа како жена го тегне за крилото, е жив иако се појавија написи кои тврдеа дека починал.

Од здружението за заштита на животните во Охрид „Анималиа“ веќе поднеле пријава до Агенцијата за храна и ветеринарство, а најавуваат дека случајот ќе го пријават и во полиција.

Од „Анималиа“ бараат Општината да иницира истрага за да се најде кој го повредил лебедот бидејќи, како што велат, „ваков туризам со вакви туристи не му требаат на Охрид“.

– Стравуваме дека можеби, освен психичка, нанесена му е и физичка повреда на лебедот. Крајно време е и да се оформи едно тело со стручни лица што ќе се грижи за овој заштитен вид птици, кои мамат воздишки кај сите посетители. Повеќепати сме апелирале за тоа, особено по неколкуте случаи со повредени лебеди, а за кои ние, како волонтери, не сме стручни да им помогнеме, иако сме се обидувале. Носевме лебед до Битола за да го спасиме. Срамота е лебедите да бидат оставени на милост и на немилост и да добиваме негативен публицитет во домашната и во странската јавност со тоа што по езерото пловат повредени птици – велат од здружението.

Тие тврдат дека името на лебедот, кој бил многу питом, е Џорџ, дека тој и претходно имал повреда на крилото, но дека тоа не му пречело да функционира.


„Мртвиот“ охридски лебед, што го влечеше туристка е жив, но со повредено крило


Охрид, 9 март, 2016 - 15:43 (META) 

Фотографиите, снимени пред неколку денови во Охрид, а на кои се гледа како туристка „од една соседна земја“, извлекува повреден лебед од водата, наводно, за да се слика со него, и понатаму се повод за коментари, реакции и за осуда по социјалните мрежи и во текстови во македонските и во светските медиуми.

Реакциите се движат од згрозување, до сериозни обвинувања за институциите што дозволиле вакво нешто да се случува пред очите на јавноста.

Иако во некои медиуми се појави информација дека лебедот починал, тој и понатаму е на истото место, на влезот во пристаништето кај споменикот Богојавление Водици. Десното крило му е сериозно повредено, вкочането и неподвижно.

– Мајка ми веќе неколку дена го храни лебедот на кој му е скршено крилото. Во Охрид нема услови за лекување на такво животно. Треба стручно лице да го прегледа и да го лекува. Не е во животна опасност, но не може да функционира – ни вели охриѓанка, која денес ни ја испрати и фотографијата подолу.

lebed1

Лебедот, сепак е жив, но е повреден и му треба стручна помош

Лебедот итно треба да се однесе во Скопје, на Ветеринарниот факултет, или во Зоолошката градина, каде би можело да му се укаже соодветен третман и да му се помогне.

Во меѓувреме, по бурните реакции во охридската, но и во македонската јавност, веста за малтретираниот и злоупотребен повреден лебед, стигна и до страниците на угледните „Хафингтон пост“, „Дејли мејл“ и „Мирор“.  Во текстовите се вели дека туристката е најверојатно од Бугарија.

Информација се појави и на британски „Телеграф“, но текстот е повлечен од нивната страница.

„Дејли мејл“ пишува дека „птицата не реагирала бурно затоа што лебедите навикнале на присуството на луѓето.

Српски „Б-92“ ја пренесе веста со коментар дека „луѓето се подготвени на сè, па дури и да си наштетат за да направат совршена фотографија, но дека не мора да загрозуваат недолжни суштества како лебедот“.