!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

ЛДП бара поништување на „скандалозниот“ договор за изградба на нов клинички центар


Скопје, 19 мај, 2017 - 19:26 (META) 

Никола Тодоров, Никола Груевски и Емил Димитриев денеска потпишаа и поддржаа скандалозен и бескруполозен договор за изградба на нов клинички центар во Скопје, свесно произведувајќи нови линии на поделба и беззаконие во Рeпублика Македонија, обвинуваат од Либерално-демократската партија (ЛДП).

Оттаму велат дека потпишувањето на ваков договор од страна на лице „кое не е ништо друго, освен пратеник во новиот собраниски состав“, е класично кршење на Уставот и на законите во државата.

„Прашуваме во кое својство Никола Тодоров потпишува милионски договори со поддршка на техничка Влада, која патем нема друга функција освен организирање избори. Или можеби провизиите се поважни од почитувањето на законите и владеењето на правото? ЛДП, како дел од новата влада, ќе го преиспита договорот и за истиот ќе има одговорност“, стои во соопштението на ЛДП.

Од партијата ги повикуваат надлежните институции да го поништат договорот, кој, како што велат од ЛДП, претставува преседан во секој поглед.

„И компаниите потписници на договорот би требало да знаат дека оваа техничка влада ниту имала, ниту има легитимитет да потпишува проекти, уште повеќе што се работи за изградба на клинички центар, кој е од голем национален интерес“, додаваат од ЛДП.


ЛДП: Прво влада, па законско решение за одржување на локалните избори


Скопје, 15 мај, 2017 - 10:39 (META) 

Либерално-демократската партија го повика Ѓорге Иванов да го додели мандатот за составување на нова реформска влада, а парламентарните претставници на ВМРО-ДПМНЕ да не ги опструираат демократските процеси за формирање влада. Партијата вели дека само по изборот на новата влада, може да се разговара за датумот на одржување на наредните локални избори. За застојот во досегашното работење, ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

„Во овој момент потребно е да се надминат разликите, да се постигне договор за формирање влада, за потоа да се определи и датум за одржување на локалните избори.Граѓаните на Република Македонија во оваа ситуација реално стравуваат од блокада на локалните самоуправи и од последиците врз нивниот секојдневен живот, но новото парламентарно мнозинство веќе размислува за законско решение за излезе од ситуацијата.  Блокадата на Собранието на Република Македонија, од страна на пратениците на ВМРО-ДМПНЕ, со бесконечно долгите дискусии и со нелогичното меѓусебно реплицирање, при изборот на Комисијата за прашања на изборите и на именувањата, е намерен обид за блокирање на институциите на државно и на локално ниво. Да беше избрана новата влада, досега ќе беа распишани и локалните избори и немаше да се доведе во прашање функицонирањето на општините“, се вели во соопштението од ЛДП.

Партијата освен барањето до претседателот на Република Македонија за доделување на мандатот за составување влада, бара и да се изберат најмалку две собраниски комисии, Законодавно правна комисија и Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, за да биде продолжен мандатот на локалните органи.


ЛДП: Реформската влада напорно ќе работи за влез во европското семејство


Скопје, 9 мај, 2017 - 10:36 (META) 

„Република Македонија се враќа на вистинскиот пат за влез во големото европско семејство. Патот по кој сигурно чекоревме пред 11 години, сега има уште поголемо значење на овој 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Брзата разврска на политичката криза, формирањето на новата влада, враќањето на демократските вредности, владеењето на правото, правдата, независноста на судството, слободата на медиумите ќе бидат алфа и омега за новата власт во државата. Само така ќе покажеме дека Република Македонија нема друга алтернатива освен членство во Европската Унија“, порача Либерално-демократската партија.

Во соопштението се нагласува дека новата реформска влада, во која ќе учествува и ЛДП, уште од првиот ден напорно ќе работи на враќање на државата на патот на прогресивните евроинтеграции.


СДСМ и ЛДП го честитаат 1 Мај: Сплотени обезбедуваме економски и социјално стабилни граѓани


Скопје, 1 мај, 2017 - 12:11 (META) 

Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај го честитаа и Зоран Заев, во свое име и во име на СДСМ, како и ЛДП.

„Бидете горди на нашата заедничка борба за правда, за квалитетен живот, за достоинствени работни места, за пристојни плати и пензии, за напредна Македонија. Овој 1 мај 2017 година е ден на нашата истрајност и верба во живот за сите и сведоштво дека тоа е можно. Заедно, сплотени, еден до друг, обезбедуваме демократска, слободна Република Македонија со економски и социјално стабилни семејства и граѓани“, порачува Заев во честитката.

Лидерот на СДСМ порачува дека само мотивирани работници може да ги развиваат претпријатијата кои се двигател на економијата, а СДСМ планира да се посвети на тоа.

Либерално-демократската партија, честитајќи го  1 Мај на сите граѓани, констатира дека има многу причини за незадоволство, а речиси ниту една за празнување.

„Во изминатите десетина години владеење на Груевски и на ДПМНЕ, достоинството на македонскиот работник е комплетно уништено. Политиките на ДПМНЕ од македонскиот работник направија модерен роб, работејќи за примања кои не можат да ги покријат основните домашни потреби. Овој факт го потврдуваат и податоците кои покажуваат дека потроувачката кошница за едно четиричлено семејство е 32.000 денари или нешто поголема од 500 евра, а повеќе од 50 проценти од сите вработени во земјата земаат плата помала од 15.000 денари – или само половина од синдикалната кошница. Дополнително, ДПМНЕ успеа преку добро воспоставениот систем на корупција и на заробување на институциите во најголем дел да ги поткупи синдикалните лидери и да ги претвори во заштитници на криминалните политики на Груевски, а не застапници на работниците“, порачува ЛДП.
Партијата вели дека како дел од новата влада, најголемо внимание ќе посвети токму на економијата, каде граѓанинот односно работникот ќе биде во фокусот.


ЛДП бара одговорност за набавка на палмите по нереално високи цени


Скопје, 27 април, 2017 - 10:11 (META) 

Палмите за кои се потрошија еден милион евра народни пари не беа најавени во никаква предизборна или каква било друга програма на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата, велат од Либерално-демократската партија.

„Палмите почнаа да се сушат уште во првите месеци од нивното засадување, но набрзина беа заменувани со други палми за да се прикрие нелогичноста на проектот. Сега е очигледно дека резервите се истрошија и дека не може веќе да се залажува јавноста. ЛДП долго време укажува дека долгогодишното безмилосно уништување на зеленилото и масовната сеча на дрвата заради неодржливата и прекумерна градба, придонесува за и онака големото загадување на воздухот. Наспроти повеќе-децениски дрва со голема зелена маса и апсорпциона моќ, се засадија неавтохтони палми за кои беше јасно дека нема да имаат долг век“, велат од ЛДП.

ЛДП бара одговорност за склучувањето договор за набавка на палмите по нереално високи цени и без каква било гаранција на рокот за вегетација на овие дрва од страна на увозникот и на производителот, што е сосема нормално за ваков вид договори.

Според ЛДП, одговорноста за овој целосно промашен проект треба да ја сносат Владата, ЈП „Македонски шуми“ и градоначалникот на град Скопје.


ЛДП: Граѓаните на Гевгелија се предвесници на демократските и еколошки реформи


Скопје, 24 април, 2017 - 10:12 (META) 

„Граѓаните на општината Гевгелија покажаа висока демократска и еколошка свест и со тоа станаа предвесници на овие реформи во земјава. Тие се спротивставија на ниско развиената еколошка свест, на недоволната информираност во врска со екологијата и со еколошките постапки што треба да се преземат и цврсто застанаа против неодговорноста на сите што сакаа да ја загрозат животна средина и здравјето на граѓаните за да ги зачуваат природните богатства за идните генерации“, порача ЛДП по успехот на референдумот со кој речиси едногласно жителите на општина Гевгелија се спротивставија на отворањето рудници за злато на планината Кожуф.

Честитајќи им на граѓаните, партијата порачува дека овој потег ќе придонесе за почиста средина и за поголем развој на државата.

„Нетранспарентната постапка за време на четиригодишните геолошки испитувања не им попречи на граѓаните да ја покажат висока еколошка свест за развој на користењето на природните богатства на планината Кожуф. Сега, пред сите нас претстојат долгорочни напорни активности за прогласување на делови од Кожуф за еколошки заштитени подрачја, за што ЛДП активно ќе се залага“, се вели во соопштението.


ЛДП: Да не ги забораваме жителите на поплавените подрачја


Скопје, 18 април, 2017 - 12:50 (META) 

„Граѓаните од Скопје и од околината што настрадаа во ланските поплави не треба да бидат заборавени ниту од институциите, ниту од хуманите граѓани. За жал, дури и по девет месеци од водената стихија, добар дел од нив се оставени сами да се снаоѓаат и да си ги решаваат проблемите и последиците од уништените домови“, порача ЛДП.

Членови на градската организација на ЛДП со пратеничката Јулијана Николова, по повод велигденските празници, посетиле семејства зафатени од поплавите од селото Стајковци и доделиле мала помош.

„ЛДП преку посетата сака да ги потсети надлежните институции, кои се сè уште раководени од техничката влада, дека имаат законска и морална обврска за помош во овие подрачја и засегнатите граѓани не смеат да бидат оставени без поддршка“, порачува партијата.


ЛДП: ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде кочничар на реформите во здравството


Скопје, 10 април, 2017 - 11:18 (META) 

„ВМРО-ДПМНЕ не смее и понатаму да биде кочничар на реформите во здравството на штета на здравјето на македонските граѓани“, се вели во соопштението на Либерално-демократската партија (ЛДП).

Оттаму додаваат дека секојдневните недостатоци на лекови, медицински помагала во болниците и реагенси во лабораториите се рефлектираат на најсуштествените потреби на пациентите.

„Иако во некои случаи причината е немање средства, во други – неточни предвидувања на потребите, сепак најчестата причина е доцнењето на тендерите за јавни набавки, поради долготрајните и нестручни подготовки на набавките. Аргумент плус за тоа е што тие редовно се враќаат на доработка во таканаречната „стручна комисија“ во Бирото за јавни набавки и тоа заради несуштествени и небулозни грешки“, се додава во соопштението.

Од партијата велат дека „сведоци сме на анекси на договори во многу сфери и за многу состојби во општеството, каде не се работи за итност и не се работи за човечки живот, но овде иако се работи за жива материја, тоа не се дозволува.“

„Молчат и директорите на болниците, како најверни послушници на партијата. Резултат на целокупната состојба – руинираното македонско здравство е на самото дно. На штета на пациентите се употребуваат лекови кои се на располагање, а не најдобрите и најсоодветните за дадената болест, операциите често се одложуваат, а лабораториите не издаваат целосни резултати“, велат од ЛДП.


ЛДП: Иванов е една од најголемите грешки на гласачите во поновата историја


Скопје, 6 април, 2017 - 14:47 (META) 

Со недавањето на мандатот за формирање влада на јасно изразено мнозинство во Собранието, Иванов се наметна како фактор на нестабилност, велат од Либерално-демократската партија (ЛДП).

Портпаролот на ЛДП, Филип Јаневиќ, денеска на прес-конференција истакна дека Иванов веќе втор мандат покажува дека не само што не е дораснат на функцијата претседател, туку раководејќи од тоа место, тој претставува безбедносен ризик, како за Македонија и за нејзините граѓани, така и за регионот.

Тој нагласи дека ЛДП, како дел од новата власт, ќе се залага наредниот претседател на државата да се избира со двотретинско мнозинство во Собранието.

– Ние од ЛДП цврсто веруваме дека Иванов е една од најголемите грешки на македонските гласачи во поновата македонска политичка историја. Меѓутоа, случајот со Иванов ни покажува дека Македонија ќе мора да го менува не само Иванов како актуелен претседател, туку воопшто и системот на избор за оваа државна функција – рече Јаневиќ.

Тој порача дека изборот на претседател со двотретинско мнозинство во Собранието, ќе овозможи да има функционална институција – претседател „од која ќе се очекува да носи државнички одлуки во интерес на националните интереси, а не да биде предводник во кршењето на уставниот поредок“.


ЛДП бара да се одблокира Собранието и да се избере легитимната влада


Скопје, 2 април, 2017 - 11:04 (META) 

„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потврди дека е антидржавно, со тоа што сега една недела го блокира и конституирањето на Собранието на Македонија. Никола Груевски треба да сфати дека е опозиција и од тој факт бегање нема“, се вели во соопштението на Либерално-демократката партија (ЛДП).

ЛДП бара од Груевски да престане да се крие зад бескрајните реплики и контрареплики и на мирен начин да ја предаде власта која граѓаните му ја одзедоа на 11 декември минатата година.

„ЛДП става до знаење дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најгрубо го кршат Уставот во неговите темелни вредности, како владеењето на правото и правната држава, политичкиот плурализам, прифаќање на резултатите од слободните, непосредните и демократски избори и почитувањето на волјата на мнозинството.Режимот е на самиот крај и неопходно е пратениците да разберат дека апсолутно никој, а најмалку тие како претставници на ВМРО-ДПМНЕ, нема да го сопрат падот на еден трул и временски надминат систем на владеење“, се вели во соопштението.

Од ЛДП велат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не смеат да се ставаат во улога на бранители на криминалот на врхушката на партијата.

„Тие треба да знаат дека со ваквите постапки стануваат соучесници во незаконското и нелигитимно задржување на власта. ЛДП бара веднаш да се одблокира работата на Собранието за да се избере новата реформска и легитимна влада која ќе донесе подобар живот за сите граѓани на Македонија“, се додава во соопштението.