Потпишан протокол за побрз проток на жива стока на Табановце и Богородица


Скопје, 14 мај, 2018 - 14:06 (META) 

Директорите на Царинската управа и на Бирото за јавна безбедност, Ѓоко Танасоски и Лазо Велковски, денеска потпишаа нов Протокол за уредување на постапките за побрз проток на жива стока, стока во жива состојба, опасни материи и стока.

Овој протокол, како што истакна министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Љупчо Николовски, е од исклучително значење за извозот на македонските земјоделско – прехранбени производи, бидејќи се овозможува 24 часовен слободен коридор за приоритетно движење на жива стока и стока во свежа состојба, за што порано имаше ограничено време.

„На овој начин значително се олеснува и забрзува протокот на стоки, што е важно за македонските земјоделско- прехранбени производи навреме да стигнат на странските пазари“, рече Николовски.

Новиот протокол, кој ќе стапи на сила веднаш, во исто време ќе придонесе и да се избегнат подолги задржувања на граничните премини и да се обезбеди брз и безбеден проток на жива стока на овие два гранични премини.


Горан Николовски – шеф на УБК, Лазо Велковски – на БЈБ, Владата донесе предлог за смена на Зврлевски


Скопје, 16 јуни, 2017 - 20:11 (META) 

На седницата што се одржува попладнево, Владата донесе одлука до Собранието да поднесе предлог за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, и ги избра новите  директори на Бирото за јавна безбедност и на Управата за безбедност и контраразузнавање, односно деловите на МВР кои се задолжени за полициските сили и за тајната полиција и за контраразузнавањето.

Горан Николовски е избран за директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, каде досега директоруваше Владимир Атанасовски. Нов директор на Бирото за јавна безбедност е Лазо Велковски, кој го наследува Митко Чавков.

Горан Николовски е вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање, каде е раководител на одделот за контраразузнавање за Балкан, а Лазо Велковски, долгогодишен вработен во МВР, во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, до формирањето на техничката влада, бил преместен во Агенцијата за разузнавање.

На владината седница е констатирано дека новоименуваните директори, Велковски и Николовски, се квалитетни експертски решенија со долгогодишно работно искуство во областа, кои не биле и не се членови на политички партии. Изразено е уверување дека Велковски и Николовски успешно ќе одговорат на одговорностите во двата важни органа за безбедноста, што функционираат при МВР, на чии челни позиции се поставени, со оглед дека претстојат сериозни реформи во МВР и во тајните служби, согласно забелешките на Извештајот на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе. За разрешените директори Чавков и Атанасовски е констатирано дека учествувале во недозволиви и незаконски активности против државата, соопшти Владата.

Одлуката за разрешување на републичкиот обвинител Зврлевски е донесена поради незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата.  Констатирано е дека обвинителот Зврлевски не е способен за извршување на функцијата, не поднесувал барања за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и со тоа го нарушил нарушил угледот на функцијата, се вели во соопштението од Владата.