!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Проекција на македонски филмови во Солун


Солун, 8 април, 2017 - 12:52 (META) 

Филмофилите во Солун имаа можност неделава да запознаат дел од современата македонска кинематографија преку проекцијата на филмовите „Лазар“ и „Незрели цреши“. Долгометражниот филм „Лазар“ на Светозар Ристовски и краткометражниот „Незрели цреши“ на режисерот Небојша Јовановиќ се прикажаа на 6 април во кино-салата на Францускиот институт од Солун.

Филмовите кои разработуваат интересни социјални и политички теми, „Лазар“ – актуелната тема за криумчарење мигранти, а „Незрели цреши“ – тематика поврзана со конфликтот од 2001 во Македонија, изнудија позитивни реакции кај публиката.

Проекцијата на македонски филмови во Солун беше иницирана од генералниот конзул на Македонија во Солун, Маја Апостолова. Апостолова говореше и на отворањето на настанот, посочувајќи дека се работи за проекција на особено важни уметнички и филмски дела, кои обработуваат клучни теми од современо-општественото милје на Македонија. Поддршка за проекцијата на филмовите во Солун, покрај Генералниот конзулат, обезбедија и Агенцијата за филм, Меѓународниот филмски фестивал „Киненова Скопје“ и Францускиот институт од Солун, кој често е домаќин на македонски писатели-франкофони.

Прикажување на дел од најновите филмски остварувања од македонската кинематографија во Грција е уште еден од интензивираните обиди на генералната конзулка Апостолова за поголема промоција на македонската современа и традиционална култура пред солунската публика. Генералниот конзулат зема активно учество во голем број културни настани во Солун и Северна Грција преку промоција на македонски автори и писатели, музички групи, уметници и режисери.

Паралелно со активностите за промоција на македонскиот филм во Солун, и македонската публика неодамна имаше можност првпат подетално да се запознае со совремниот грчки филм. Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ на крајот на март во Скопје организираше „Прва ревија на современ грчки филм“, на која првпат во Македонија беа прикажани неколку кратки и долги важни филмови од современата грчка кинематографија. На ревијата беа проектирани шест грчки филмови, а публиката имаше можност и да се запознае со дел од режисерите и продуцентите на филмовите.

Зачестените културни настани меѓу двете страни наидуваат на позитивни реакции бидејќи помагаат за надминување на јазот меѓу двете општества креиран од политичкиот проблем.