!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Курц и Заниер најостро ги осудија упадот во Собранието и нападот на пратениците


Виена, 28 април, 2017 - 10:09 (META) 

Претседавачот на ОБСЕ и австриски министер за надворешни работи, Себастијан Курц, и генералниот секретар на ОБСЕ, Лaмберто Заниер, најостро го осудуваат вчерашниот упад во Собранието на Македонија во Скопје.

Тие сметаат дека насилството не може да биде замена за политичките решенија и дека таквите решенија треба да се бараат во рамките на демократските процеси на одговорен начин.

„Нападите на неколку членови на Собранието, упадот во зградата на парламентот – срцето на демократијата на земјата, се шокантни. Ова е акт на заплашување, напад на претставниците на народот, кој јас категорично го осудувам. Смиреноста и редот мора веднаш повторно да се воспостават. Ги повикувам сите страни да се воздржат од понатамошна ескалација на тензии или насилство“, рече Курц.

Генералниот секретар Заниер рече дека за насилството нема место во политичкиот процес.

„Насилството мора веднаш да престане. Органите за спроведување на законот мора да обезбедат безбедност на пратениците и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“, изјави Заниер.

Претседавачот на ОБСЕ и генералниот секретар ги повикуваат политичките чинители повторно да го воспостават дијалогот во Собранието и да ги почитуваат демократските принципи, како и резултатите од декемвриските избори.


Заниер бара продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија


Приштина, 11 март, 2017 - 11:40 (META) 

Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, синоќа во Приштина се заложи за продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија, како и за спроведување на досега постигнатите договори.

Тој по средбата со претставници на Српската листа, соопшти дека главна тема на разговорите била „општата политичка и безбедносна состојба на малцинските заедници и функционирањето на институциите во заштита на немнозинските заедници“ во Косово.

Заниер се заложил и за продолжување на досегашната добра соработка на претставниците на малцинските заедници во Косово и на ОБСЕ, се наведува во соопштението на Српската листа.


Враќањето на политичката стабилност мора да биде највисок приоритет, порача Заниер


Скопје, 9 март, 2017 - 18:52 (META) 

Надминување на политичката пат-позиција и враќањето на политичката стабилност мора да бидат највисок приоритет, се наведува во соопштението на Мисијата на ОБСЕ во Скопје по завршувањето на посетата на генералниот секретар на организацијата, Ламберто Заниер, и на средбите со државниот и со политичкиот врв на земјава.

Заниер, стои во соопштението, изразил загриженост за последните случувања во земјава и ги повикал политичките лидери да ѝ стават крај на продолжената политичка криза во интерес на сите граѓани.

– Надминувањето на политичката пат-позиција и враќањето на политичката стабилност мора да бидат највисок приоритет. Клучот за решението лежи во рацете на политичките актери, кои треба да се справат со предизвикот и да ја решат кризата за доброто на сите граѓани – вели Заниер, забележувајќи дека резултатите од декемвриските избори во 2016 година „овозможија солидна основа за формирање влада и го повика Собранието да почне со работа, согласно демократските принципи и владеењето на правото“.

Заниер ги осудил неодамнешните провокативни пораки и инциденти кои би можеле да доведат до влошување на меѓуетничките односи и нагласил дека Охридскиот рамковен договор е од клучна важност за заштитата и за унапредувањето на правата на заедниците.

– Ги охрабрувам сите релевантни страни од Охридскиот рамковен договор да останат посветени на неговата имплементација. ОБСЕ, нејзините институции и Мисијата во Скопје ќе продолжат да се залагаат за мултиетничко и за демократско општество и да обезбедуваат помош во областите како што се владеење на правото, избори, демократско владеење и реформа на полицијата. Ги охрабруваме сите актери целосно да ја искористат оваа експертиза – вели генералниот секретар на ОБСЕ.

Заниер истакнал дека враќањето на довербата во институциите е од особена важност.

На средбата со претставниците на граѓанските организации, тој ја нагласил нивната важна улога „во промовирањето на демократското општество“ и изразил загриженост поради извештаите за притисоци“.

Во текот на посетата на Македонија, Заниер имаше средби со претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, лидерите на политичките партии ВМРO-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Движење Беса, Алијансата за Албанците и ДПА, како и со претставниците на невладиниот сектор.


Заниер твитна: Политичката криза не смее да се прелее во меѓуетнички тензии


Скопје, 9 март, 2017 - 18:05 (META) 

Политичките лидери мора да ги надминат партиските интереси и да ја решат политичката криза и не смее да се дозволи ова да се прелее во меѓуетнички тензии. Ова е главната порака што генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, им ја пренел на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и на министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

„Утрово се сретнав со претседателот и со министерот за надворешни работи. Мојата главна порака беше дека лидерите мора да се исправат пред предизвикот, да ги надминат партиските интереси и да ја решат политичката криза за доброто на сите граѓани. Не смее да се дозволи ова да се прелее во меѓуетнички тензии!“, стои во твитот на Заниер објавен на твитер-профилот на Делегацијата на ОБСЕ во Скопје.

Заниер на својот твитер-профил напиша дека на претседателот Иванов му ја нагласил својата „загриженост за политичкиот ќор-сокак“ и дека „вперувањето прст во меѓуетничките прашања е опасно и контрапродуктивно“.

Генералниот секретар на ОБСЕ, кој е во дводневна посета на земјава, напиша и дека е „многу загрижен од притисокот врз граѓанскиот сектор“, чија улога, како што напиша, е „клучна во демократските процеси“.

Генералиот секретар на ОБСЕ денеска во Скопје имаше средби со претседателот Иванов, шефот на македонската дипломатија во заминување, Никола Попоски, лидерите на парламентарните политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Беса, Алијанса на Албанците и ДПА, како и со претставници на граѓанските организации.


Попоски и Заниер разговараа за случувањата во постизборниот период


Скопје, 9 март, 2017 - 17:00 (META) 

Шефот на македонската дипломатија во заминување, Никола Попоски, денеска со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, разговараше актуелната политичка ситуација во Република Македонија, како и за севкупната соработка на Македонија со ОБСЕ.

На средбата, како што стои во соопштението од МНР, Попоски ја нагласил корисноста од поддршката на Организацијата, која е посветена на изборни реформи, интеграција преку образованието и на процесот за интегрирање на Македонија во ЕУ.

„Воедно, соговорниците разменија и мислења за најактуелните прашања на политички план, во постизборниот период. Министерот Попоски јa истакна и важноста на регионалната соработка меѓу државите од Балканот, во согласност со најдобрите практики и стандарди прифатени во ОБСЕ. Во тој контекст, го посочи неодамнешниот министерски состанок на земјите од Балканот што цели кон заеднички пристап за побрз влез во ЕУ, како и договорениот неформален систем за координирање на активностите на групата држави во регионот, што се стремат кон членство во ЕУ“, стои во соопштението од МНР.


Иванов – Заниер: Кризата е правна и политичка – од правната лесно ќе излеземе


Скопје, 9 март, 2017 - 13:52 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, кому му соопштил дека кризата има правен и политички аспект, кои се проблем, но и услов за излез од неа.

„Во однос на правниот аспект поврзан со роковите за доделување на мандатот, Иванов истакна дека е лесно надминлив. Во однос на политичкиот аспект, претседателот Иванов истакна дека останува на ставот дека платформата од Тирана треба да биде осудена и отфрлена, исто како и мешањето во внатрешните работи на Република Македонија, кои не помагаат во напорите за добрососедски односи и за стабилноста и безбедноста во регионот“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Од кабинетот на Иванов соопштуваат дека генералниот секретар на ОБСЕ изразил загриженост за меѓуетничките тензии и апелирал сите да направат конструктивни чекори за надминување на кризата. Тој се согласил со Иванов дека лидерите од регионот треба да се воздржат од штетна реторика.

Иванов и Заниер размениле и мислења во врска со безбедносната состојба во земјава и во регионот, како и за мигрантската и бегалската криза.

Претседателот Иванов изразил очекување за продолжување на соработката со ОБСЕ и на нивната поддршка во области како што се владеење на правото, полицијата, судството, и унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот.


Заниер: Политичката криза се заканува да добие меѓуетничка и регионална димензија


Скопје, 9 март, 2017 - 11:21 (META) 

Напредокот постигнат во 2016 година ќе биде загрозен без политичка стабилност, а продолжената политичка криза е штетна за земјата и му штети на народот, оцени генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, во колумна објавена во „Утрински весник“.

„Двегодишна политичка криза не само што ги забавува реформите, туку и се заканува да добие меѓуетничка и регионална димензија, нешто што земјата не смее да си го дозволи, а ниту, пак, регионот“, вели Заниер.

Тој истакнува дека иако предвремените избори во декември 2016 година генерално се сметаа за можност да се сврти страницата и да се продолжи понатаму, тоа сè уште не се случило и оти земјата, и покрај тоа што изборите беа генерално добро спроведени, влегла во нов проблематичен период.

Заниер наведува дека неодамнешните провокативни пораки на некои политички субјекти, тврдењата дека унитарноста и суверенитетот на државата се загрозени и етничките инциденти и слогани се загрижувачки. Тој, исто така, ги повикува лидерите од регионот да се однесуваат одговорно и да се воздржуваат од изјави или други иницијативи што би можеле да доведат до влошување на ситуацијата.

„Сега е време целиот фокус да се стави на владеењето на правото, независноста на судството, слободата на изразување и слобода на медиумите, демократското владеење, слободни и правични изборни процеси, меѓуетничките односи, образованието и градењето на капацитетите на државните институции. ОБСЕ може да ви помогне. Тоа е нашата улога и ве охрабрувам да ја искористите“, заклучува Заниер.


Шефот на ОБСЕ ќе се сретне со државниот и со политичкиот врв


Скопје, 9 март, 2017 - 9:41 (META) 

Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, синоќа допатува во Скопје поради новонастаната криза со недоделувањето на мандатот за формирање нова влада.

Заниер во текот на денот ќе се сретне со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, претседателот Ѓорге Иванов, лидерите на парламентарните политички партии, како и со претставниците на граѓанските организации.

Минатата недела, откако Иванов одлучи да не го додели мандатот, Заниер преку социјалната мрежа „Твитер“ изрази загриженост и ја најави својата посета на Македонија.

„Загрижен сум поради развојот на настаните во Скопје. Владеењето на правото мора да надвладее. Следната недела ќе го посетам Скопје и ќе имам средби со претставници на власта, лидери на политичките партии и со претставници на граѓанското општество. Резултатите од декемвриските избори се цврста основа за формирање влада што ќе ги застапува интересите на сите граѓани“, напиша Заниер на „Твитер“.


Кој побара Иванов да ја повлече одлуката, а кој го поддржа?


Скопје, 8 март, 2017 - 11:43 (META) 

Генералниот секретар на ОБСЕ, двајца еврокомесари, министри на земји членки на ЕУ, амбасадорот на САД во Македонија, министерката за надворешни работи на Канада и заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања досега побараа македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, да ја преиспита својата одлука да не го додели мандатот на СДСМ, кој обезбеди 67 пратенички потписи, односно мнозинство во Собранието.

Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, минатата недела на „Твитер“ изрази загриженост поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев:

„Загрижен сум поради развојот на настаните во Скопје. Владеењето на правото мора да надвладее. Резултатите од декемвриските избори се цврста основа за формирање влада што ќе ги застапува интересите на сите граѓани“.

Високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, за време на посетата на Македонија, побарала од Иванов да ја ревидира својата одлука во интерес на волјата и на интересот на сите граѓани:

„Никаде во демократскиот свет не може на парламентарното мнозинство, кое го претставува мнозинството на граѓаните во унитарна држава, да не му се дозволи да формира влада. Побарав од Иванов да ја ревидира својата одлука во интерес на волјата и на интересот на сите граѓани, согласно Уставот на Македонија, кој вели дека мандатот се дава на лидерот кој има мнозинство во парламентот“.

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, порача дека „во демократија мора да се признае парламентарното мнозинство, иако некому тоа можеби не му се допаѓа“:

„Сите лидери, вклучително и претседателот, мора да го почитуваат исходот од последните избори. Политичките лидери и институции да дозволат демократските процеси да течат, во интерес на граѓаните“.

Aмбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, минатата недела  го повика претседателот на државата, Ѓорге Иванов, повторно да ја разгледа својата одлука:

„Сметаме дека ова не е конзистентно со основните демократски принципи и со владеењето на правото, кои се клучни вредности на НАТО. Како стратешки партнери на Македонија и како пријатели, со цела почит кон суверенитетот и кон унитарноста на Македонија, го повикуваме Иванов повторно да ја разгледа одлуката“.

Се огласи и британскиот министер за Европа, сер Алан Данкан, со порака објавена на веб-страницата на британската канцеларија за надворешни работи:

„67 новоизбрани пратеници кои претставуваат различни заедници во Македонија побараа да формираат влада. 67 од 120 е јасно мнозинство. Претседателот Иванов треба да си ја преиспита одлуката“.

Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, изјави дека е вознемирен од состојбата во земјава и побара Иванов да ја преиспита одлуката:

„Претседателот Иванов го лишува досегашниот лидер на опозицијата од мандатот за формирање влада, иако тој го обезбеди парламентарното мнозинство зад себе. Тоа е спротивно на демократските принципи и на европските вредности, на кои земјата се обврза. Претседателот Иванов би требало да ја преиспита оваа одлука и да ја коригира во интерес на граѓаните на својата земја“.

Повик да се почитува демократската одлука на граѓаните и да се прифати секое демократски договорено мнозинство упатија и тројцата европарламентарци Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл:

„Од суштинско значење е исходот од изборите и волјата на народот да се почитуваат и да се овозможи да се одвиваат демократските процеси, како што би се очекувало во едно демократско општество“.

На почетокот на оваа недела, и канадската министерка за надворешни работи, Кристија Фриленд, испрати соопштение во кое ги повика македонските политички лидери да дозволат формирање влада без одложување, а претседателот Иванов да ја изврши својата уставна обврска:

„Канада ги повикува македонските лидери да го дозволат формирањето на новата влада без одложување. Апелираме до сите страни да продолжат со поддршката и со зајакнувањето на нашите заеднички демократски принципи, вклучително и почитување на демократските институции и владеењето на правото. Апелираме и до претседателот на државата да ја изврши својата уставна обврска и да го прифати формирањето на новата влада што следува по парламентарните избори во Македонија одржани на 11 декември 2016 година“.

Загриженост за актуелната состојба изрази и холандскиот министер за надворешни работи, Берт Кундерс, кој повика на почитување на парламентарното мнозинство и на смирување на тензиите:

„Сметам дека постои парламентарно мнозинство и дека Македонците треба да одлучат за тоа. Ние сме загрижени поради вербалната агресија во земјата. Мислам дека нештата мора да се решат на мирен начин и ги повикувам сите партии да го сторат тоа на мирен и на демократски начин“.

Заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји од Загреб ги повика сите страни во Македонија да бидат подготвени на компромис и да се формира нова постизборна влада:

„Искрено се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците кои изразија желба за тоа и на партиите што тие ги претставуваат да формираат влада што е можно поскоро, бидејќи на Македонија ѝ треба влада која ќе ги продолжи и ќе ги доврши почнатите процеси во рамки на претпристапниот процес на Европската Унија“.

Државниот секретар на Франција за европски прашања, Арлем Дезир, во изјава за актуелните политички случувања во Македонија порача дека Уставот, резултатите од парламентарните избори од 11 декември 2016 година и демократските принципи треба да се почитуваат:

„Франција со големо внимание ги следи најновите политички случувања во Скопје. Ние ја поддржуваме заложбата на високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, за излез од политичката криза, за време на нејзината неодамнешна посета на Република Македонија и апелираме за брзо формирање на влада која ќе ги спроведе реформите како предуслов за натамошно приближување на земјата кон Европа“.

Специјалниот ополномоштеник на Министерството за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа, Турција и за ЕФТА-државите, Кристијан Хелбах, по средбата со претседателот Ѓорге Иванов, шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, и со лидерите на политичките партии во Македонија, рече дека е потребно брзо формирање влада која ќе биде посветена на имплементирање на реформските приоритети.

„Ние сме уверени дека претседателот Иванов ќе покаже мудрост, ќе ги почитува резултатите од неодамнешните избори и ќе овозможи мнозинството во Собранието да формира влада што е можно поскоро“.

Соединетите Американски Држави се разочарани што претседателот Иванов одби да им понуди можност да ја формираат новата влада на претставниците кои имаат јасно парламентарно мнозинство и бара од него да ја преиспита својата одлука, стои во соопштението од обраќањето на шефицата на Мисијата на САД во ОБСЕ, Кејт Брнс во врска со политичката ситуација во Македонија.

„Заедно со нашите сојузници во НАТО и партнерите од ЕУ, САД внимателно го следат процесот на формирање на влада во Македонија, по парламентарните избори на 11 декември 2016 година. САД се разочарани што претседателот Иванов одби да им понуди можност да се формира новата влада на претставниците кои имаат јасно парламентарно мнозинство. Ние сметаме дека оваа одлука не е во согласност со заложбите на ОБСЕ, основните демократски принципи и владеењето на правото, што се основни вредности на оваа организација. Како стратешки партнер и пријател на Македонија, како и со целосно почитување на суверенитетот и единството, Мисијата на САД во ОБСЕ бара од претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука“.

Руското МНР со соопштението од 2 март и со изјавата следниот ден го поддржа Иванов:

„Еврокомесарот Јоханес Хан, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и други претставници на т.н. „просветлена Европа“, продолжуваат бесрамно да вршат невиден притисок врз македонскиот претседател Ѓорге Иванов, барајќи од него премиерскиот мандат да го даде на опозицијата, која ја прифати ултимативната „албанска платформа“.

Европратеничката Маријана Петир, која претседава со групата на пријатели на Македонија во Европскиот парламент, изрази загриженост за политичката состојба во Македонија и за „прифаќањето на платформата на албанските партии од страна на СДСМ“ и побара да се разгледа можноста за одржување нови избори.

„Условите на трите партии кои ја застапуваат албанската заедница во Македонија, кои по изборите формираа т.н. ‘албанска платформа’, не се во согласност со Уставот на Република Македонија…Со неа се бара на албанската заедница, која веќе ги ужива сите малцински права, да и се даде статус на државотворен народ. Доколку не е возможно да се постигне коалиција меѓу двете најголеми партии во Македонија, не треба да се исклучува одржувањето на нови избори како решение за кризата“.


Шефот на ОБСЕ, Заниер, утре и задутре во посета на Скопје


Виена, 7 март, 2017 - 12:20 (META) 

Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, в среда и в четврток ќе престојува во работна посета на Македонија. Според најавите, Заниер се очекува да разговара со претседателот Ѓорге Иванов, со министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, и со претставници на парламентарните политички партии.

Заниер во четвртокот минатата недела изрази загриженост поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за формирање влада.

„Загрижен сум поради развојот на настаните во Скопје. Владеењето на правото мора да надвладее. Следната недела ќе го посетам Скопје и ќе имам средби со претставници на власта, лидери на политичките партии и со претставници на граѓанското општество. Резултатите од декемвриските избори се цврста основа за формирање влада што ќе ги застапува интересите на сите граѓани“, напиша Заниер на „Твитер“.