Отворено писмо до Заев од режисерот Поповски од Москва: Некој ве лаже за хотелот во Лагадин


Скопје, 8 февруари, 2019 - 11:45 (META) 

Режисерот Иван Поповски коj живее и работи во Москва, со отворено писмо му се обраќа на премиерот Зоран Заев,  по повод неговата изјава во Охрид, дека на инвеститорот ќе му овозможи да го изгради спорниот хотел во Лагадин.

„Длабоко верувам дека Вашите помошници/советници не Ви објасниле дека криминалот за хотелот во Лагадин е направен не кога му е дадена дозвола за градба, туку претходно, кога е противзаконски донесен Општ акт за Лагадин. Општ акт не може да се донесе во места каде што постоел Детален урбанистички план, кој за Лагадин постои од 1966 година. Детален урбанистички план може да се промено само со нов Детален урбанистички план, но никако со понизок документ како што е Oпшт акт. Некој Ве става во целосна заблуда. Не е точно дека во Општина Охрид има „мечка” што го малтретира „чичко Никола” и не му дава да си го доизгради хотелот, туку има некои исплашени мечиња што со судни маки сакаат да и се спротивстават на мафијата и со поддршка на граѓаните и граѓанскиот сектор да направат да излезе на виделина „грешката” што е направена за Лагадин, а која понатаму ќе се шири и ќе го уништува целото непроценливо природно и културно богатство на овој дел на планетава и на нашава татковина“, вели Поповски во писмото.

Тој додава дека е револтиран од Заев и неговите изјави и го информира дека неговата ќерка Павла му пишувала писмо на еден друг „во тоа време многу поважен, чичко Никола“.

Во неговото писмо тој го објави и писмото на неговата ќерка, која го моли Груевски да не го гради хотелот, да се реши проблемот со канализацијата и отпадните води, да не се уништува Галичица. Тоа писмо не било испратено, но оваа прилика се обелоденува и истото се однесува на Заев.

„Сепак верувам дека моите ќерки и нивните помали и поголеми комшии, другари и гости ќе се израдуваат и ќе Ви пишуваат писма и разгледници со израз на благодарност кога ќе се соберат во летото 2019 во Лагадин и наместо хотелот, таму ќе видат зачнато убаво паркче со млади липи или дабови или јасени, со клупи и цвеќиња. Замолете ги Вашите помошници/советници да Ви покажат фотографија од објектот, ги има по интернет од нашите протести. „Објектчето за семеен бизнис” – за почеток ќе видите дека дотичниот отворено Ве лаже, а кој лаже треба да проверите што уште друго таму прави и кој му помага итн. Претходната власт направи сè за сериозно да го загрози статусот на Охрид како светско наследство на УНЕСКО. Ама тоа сите ќе го заборават. И сите ќе паметат која власт го изгуби“, додава Поповски во писмото.


„Охрид СОС“ со реакција на нападите врз нив на в.д. градоначаланикот Георгиески за Лагадин


Охрид, 8 февруари, 2019 - 11:12 (META) 

Активисти на граѓанска иницијатива „Охрид СОС“ во јавно обраќање до в.д. градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, реагираат за нападите врз нив, во кои тој ги набедува дека „ненавремено“ реагирале при носење на урбанистичко-планската документација за Лагадин.

„Дали се потрудивте да се информирате колку, и дали воопшто, јавноста била ефективно известена за носењето на спорните документи; дали било обезбедено нејзиното присуство?
Не, не сте се потрудиле да се информирате, бидејќи ако се потрудевте да ги добиете овие информации ќе знаевте дека во Лагадин живеат и охриѓани и тоа во текот на целата година. Охриѓани кои на никаков начин не биле известени за носењето на спорната урбанистичко-планска документација за тој потег за која ниту се одржала јавна расправа ниту се одржала јавна анкета. Охриѓани кои многу добро го знаат „успешниот стопанственик“ Толески и неговите активности „во согласност со законот“ и кои до ден-денес се прашуваат на кој начин деталниот урбанистички план за Лагадин во рок од една деценија се деградира во урбанистички план вон населено место, за на крај да заврши како Општ акт. Здружението на граѓани „Стар Лагадин“ – што лагадинци го формираа за да си го остварат уставно-загарантираното право на учество во одлуките кои ги засегаат на локално ниво – истово прашање му го постави и на Уставниот суд на РМ од кој наскоро се очекува одлуката за оценување на уставноста и законитоста на Општиот акт за Лагадин“, се вели во реакцијата на „Охрид СОС“.

Тие го потсетуваат Георгиески за конкретните и обврзувачки препораки со конкретен рок од УНЕСКО кои мора да ги исполните, инаку СДСМ ќе биде партијата која ќе го однесе регионот на Листата на светско наследство во опасност.

„Знаете ли за ноемврискиот извештај на владата на РМ до УНЕСКО во кој се вели „Република Македонија активно работи на зачувување на крајбрежниот појас и воспоставување ред во урбаната трансформација на светското наследство“? Знаете ли за препораката бр. 9 од Реактивната мисија на УНЕСКО која налага „ригорозна примена на законите и регулативата со цел да се оневозможи какво било понатамошно нелегално градење во рамките на доброто“. Осврнувајќи се на вашата последна изјава, несреќната изјава на премиерот Заев, очајните одлуки за вклопување бесправно изградени објекти во Градиште, мораме да ве прашаме во која насока работите? Во насока на исполнување на обврзувачките препораки на УНЕСКО или во насока на исполнување на ветувањата дадени на вашите бизнис-партнери и партиски финансиери? Знаете, нели, дека не може да ги задоволите и едните и другите?“, се додава во реакцијата.


Стопирана постапката за легализација на седум објекти во автокампот „Градиште“


Охрид, 6 февруари, 2019 - 13:10 (META) 

На вчерашната седница на Советот на општина Охрид, беше повлечена предлог-одлуката за легализација на седум бесправно изградени објекти во автокампот „Градиште“. Вршителот на должност градоначалник на општина Охрид, Константин Георгиески истакна дека, причина за ваквиот потег е разрешувањето на досегашната Комисија за денационализација и формирањето на нова од страна на владата, од која ќе се чека мислење поврзано со повлечената предлог одлука.

– Иако стручните служби солидно ја подготвиле информацијата за легализација на објекти во авто кампот “Градиште“  и прибавени се позитивни мислења од сите институции, сметаме дека поради новиот состав кој треба да биде избран во Комисијата за денационализација, овие точки треба да ги повлечеме од седницата и да ги разгледуваме во периодот кога ќе прибавиме мислење од новите членови на комисијата – истакна Георгиески.

В.д. градоначалникот кажа дека во Општина Охрид во тек е ревизија на документацијата, но и начинот како се стигнувало до одредени одобренија за градба.

Во тоа се вклучени и спорниот објект во Лагадин, како и вклопувањето на бесправно изградени објекти кај автокампот „Градиште“, на што реагираа наследниците на имотот.

– Се ревидира дали се воопшто донесени тие планови легално и законски за да стасаме до тие одобренија за градба кои мора да ги издаваме. Кога ќе дојде инвеститор и побара одобрение за градба на постоечки план, јас како градоначалник сум должен да постапам по тоа барање – рече Георгиеска.

Советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека и претходно и сега се соочуваат со проблем да не знаат какви објекти ќе се легализираат. Во иднина ќе бараат од општинската администрација и урбанизам слики од објектите за да знаат конкретно какви градби легализираат.

На 24-та седница на Советот на општина Охрид беа присутни и поголем број жители на Пештани кои претходно бараа повлекување на точката за легализација на бесправно изградените обејкти во Градиште.  Околу 100 семејства речиси  две децении водат правна битка за денационализација на имотите во АК Градиште или исплата на пазарана вредност


Изјавата на Заев за хотелот во Лагадин ги револтира охридските екологисти


Охрид, 5 февруари, 2019 - 13:54 (META) 

Изјавите на премиерот Зоран Заев на трибината во Охрид во саботата во врска со градењето на хотелски објект во населбата Лагадин, предизивикаа остра реакција на граѓанската иницијатива Охрид СОС од каде бараат, незаконскиот чир од градба итно да добие решение за отстранување , а Општината веднаш да пристапи кон спроведување“.

Екологистите предупредуваат дека не смее да се злоупотребува Собранието и другите институции за да се задоволат апетитите на сопартиец на Заев.

„Освен ако премиерот Заев не мисли да го злоупотреби Собранието за да го задоволи  својот сопартиец и да го силува Уставот со носење на lex specialis во урбанизмот кој ќе се вика  „Законот за чичко Никола“, незаконскиот чир од градба во Лагадин мора итно да добие решение за отстранување и општината мора веднаш да пристапи кон спроведување, овојпат  без изигрување на правото како кога ја поништија само клаузулата за правосилност на  одобрението за незаконската градба, а не го поништија и самото одобрение“, стои во соопштението на Охрид СОС.

Против бизнисменот кој го гради објектот, во 2016 година СВР Охрид поднесе кривична пријава за нелегална градба во заштитено подрачје, поточно во Националниот парк „Галичица“. Инаку за објектот за кој реагираат од граѓанската иницијатива Охрид СОС, инвеститорот кажа дека е едно „обично објектче“ за семеен бизнис со 8 соби и 9 апартмани.

На трибината во Охрид премиерот јавно кажа дека комуницирал со инвеститорот и дека му дал насоки на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

-Чичко Никола, за хотелот во Лагадин неколку пати пораки разменивме, насоки давав и на министерот, на Митко, шефот на кабинетот, и го знам проблемот. Неколку пати Транспорт и врски носи позитивна одлука, се враќа. Разговарав со покоен Јован, со секретарот на Општината, сега и со другите. Има една работа, премиерот интервенира оти правото е на ваша страна, министерот интервенира оти правото е на ваша страна. Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може ‘не бива’. ‘Не бива’, не може најлесно да биде ‘не’. Ќе најдат начин како да биде ‘да’. Затоа што баналноста на одговорот, дадено одобрение за градба, почнувате со градба на објектот, ви е готов и при контрола вика не сте информирале дека сте почнале со градба. Ако треба, ќе ја земам под раце Второстепената комисија и ќе дојдат тука и ќе го решиме до крај – кажа на трибината премиерот Зоран Заев.

Дополнително, Инспекторатот за животна средина потврди дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.


Со перформанс „Мора мораториум“ се протестираше за заштита на Охридско Езеро


Охрид, 31 јули, 2018 - 16:13 (META) 

Со мирен протестен перформанс, кој тргна од Лагадин, и застанувајќи на неколку места, заврши пред зградата на Општина Охрид, денеска балерината Гарсиа Елена од театарот „Баљшој“ од Москва, Охрид SOS и здружението Стар Лагадин, поддржани од Go green – Биди зелен, Фронт 21/42 и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н., заедно со туристи од Белгија, Италија, Франција, Русија, Молдавија, Грузија, Србија и други држави, побараа прекинување на прекумерната и непланската урбанизација на бреговите на Охридското Езеро.

Карванот кој тргнувајќи од Лагадин, застана кај Горица, Свети Стефан и Студенчишко Блато имаше една порака за Општина Охрид – прогласување на мораториум според шестата препорака на УНЕСКО, како и поништување на Општиот акт за Лагадин, односно стопирање на сите издадени дозволи за градење и стопирање на издавање нови.

Балерината Гарсиа Елена изведе дел од сцената „Умирање на лебедот“ од балетот „Лебедово езеро” на Чајковски. Подигањето на црните згради со црвени покриви ја симболизираше разуларената урбанизација, која го „убива“ лебедот како симбол на убавината и сето живо во природата, како симбол на Охридското Езеро.

Поетот Бруно од Франција, пак, рецитираше поема која ја напишал за Охридското Езеро и неговата одбрана од урбанизацијата.

Организаторите на протестот побараа да престане префрлувањето на одговорноста меѓу државната и локалната власт и итно преземање на сите потребни чекори за целосно спроведување на шестата препорака на Реактивната мисија на УНЕСКО –запрогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи, додека не се прифати соодветна правна регулатива и се воспостават ефикасни механизми за контрола.

Организаторите на протестот укажаа и на незаконитоста на Општиот акт за Лагадин со кој се овозможи урбанизација на овој дел на крајбрежјето и побараа да не се дозволи  спорниот хотел во Лагадин да се изгради.


Екологистите бараат од владата мораториум за градење на брегот на Охридското Езеро


Охрид, 20 април, 2018 - 13:43 (META) 

Еколошките здруженија, „Фронт 21/42“, „ОхридSOS“ и „Еко-свест“ преку отворено писмо побараа од премиерот Зоран Заев итно воведување мораториум на сите крајбрежни и и урбани трансформации во Охридскиот регион, според препораките на УНЕСКО.

Во дописот, здруженијата укажуваат на активности на терен кои веќе значат непочитување на препораката од УНЕСКО – како продолжување на изградбата на спорниот хотел во Лагадин, тампонирање, уништување на трската и поставување на бетонска основа во строго заштитениот крајбрежен појас.

„Бараме од Владата на Република Македонија во најбрз можен рок, не подоцна од 30 дена, да прогласи мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации на територијата на Светското природно и културно наследство – Охридскиот регион. Очекуваме Владата да ги напушти одамна застарените концепти за развој кои јасно покажаа дека завршуваат со деструкција токму на вредностите кои се основа за одржлив економски развој, односно недвосмислена определба за заштита на нашето најголемо национално природно богатство, во согласност со современите економски и еколошки стандарди“, се вели во дописот.

Здруженијата потсетуваат дека мораториумот морало да биде прогласен најдоцна до 2 февруари годинава, како што минатата година побарале реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, но тоа е игнорирано.

„Препораката за прогласување на мораториум беше во групата на итни мерки, кои Владата требаше да ги спроведе до 01.02.2018. Сепак, токму оваа препорака беше целосно игнорирана од страна на Владата во Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од УНЕСКО. Владата на Република Македонија не само што ја испочитува оваа препорака, туку на својата 53та седница одржана на 06.02.2018 Владата усвои информации кои се однесуваат на активности во Охридскиот регион, а кои предвидуваат крајбрежни трансформации на Охридското езеро“, посочуваат еколошките здруженија.


Граѓани утре ќе протестираат против спорниот хотел во Лагадин


Охрид, 3 август, 2017 - 14:10 (META) 

Со почеток точно напладне, утре пред градилиштето на спорниот хотел во охридската населба Лагадин и во непосредна близина на планираната локација за Медитеранска плажа, група граѓани ќе одржат протест за одбрана на Лагадин и на охридското крајбрежје од понатамошна урбанизација и девастација.

И покрај тоа што повод за овој мирен протест е изградбата на спорниот хотел, протестот има цел да го сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сите обиди за уништување на крајбрежјето, езерото и на Националниот парк Галичица, кои најчесто се прават под превезот на развојот и на унапредувањето на туризмот.

„Ги повикуваме сите што не се согласуваат со урбаното, еколошко, звучно и секакво друго насилство врз Охридскиот Регион, да дојдат и заедно со нас, преку еден симболичен чин, гласно да ги повикаат добрите духови на езерото и на планината, во одбрана на автентичното природно, културно и амбиентално богатство на Охрид и на крајбрежјето“, велат граѓаните во своето соопштение.


Од утре експертска група на УНЕСКО во инспекција на Охрид


Охрид, 9 април, 2017 - 18:58 (META) 

Од поодамна најавената експертска група на УНЕСКО утре конечно, доаѓа во контрола на Охрид. Странските експерти ќе извршат увид на одредени проекти кои се во тек на реализација, или се планирани да се реализираат во наредниот период во Охрид. Од националната канцеларија на УНЕСКО информираа  дека посетата, која требаше да се реализира во февруари годинава, доцни поради недостигот на слободни термини, а не како што се шпекулира во јавноста, дека експертите целосно ја откажале.

Последниот мониорнинг на УНЕСКО беше пред неколку години, кога тие вршеа детален увид на Плаошник, по што констатираа дека проектите не ги нарушуваат еколошките и археолошките стандарди.

Се претпоставува дека групата повторно ќе  врши увид на Плаошник, а најверојатно и на хотелот во Лагадин, на проектот Експресен пат до Свети Наум, како и на планираниот скијачкиот центар на Галичица.

Претходно, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 40. седница во Истанбул изрази сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид, поради бројните инфраструктурни проекти кои беа предложени, што потврдува дека тие најверојатно би предивикале значителни потенцијални влијанија врз исклучителната универзална вредност на регионот на Охрид.

Еколошките здруженија покренаа петиции, а експертите им дадоа поддршка во  барањата власта да се повлече од намерата за реализација на проектите, вклучувајќи го експресниот пат Охрид – Пештани преку Галичица, скијачкиот центар на Галичица, новата елитна населба во Студенчишко Блато и туристичко-развојната зона во Љубаништа. Еколозите укажуваат на правото, но  и должноста да се зачува ова наследство и да се пренесе на идните генерации, не само во Македонија, туку и како светско културно наследство.

Тие предлагаат мораториум на овие, како што ги дефинираат,  деструктивни проекти и целосна имплементација на законот за управување на природното и културно наследство во регионот на Охрид.


„Охрид СОС“ повторно бара Општина Охрид да го поништи одобрението за градба во Лагадин


Охрид, 15 март, 2017 - 13:56 (META) 

Активисти на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ велат дека се згрозени од последните изјави на Општина Охрид, во врска со одобрението за градба на хотел во Лагадин.

„Општина Охрид упорно го продолжува своето безочно противзаконско дејствување, но не можеме да кажеме дека очекувавме да постапат законски имајќи го предвид импресивниот обем на прекршени закони и подзаконски акти, како и Уставот на РМ, со издавање на незаконското одобрение за градба на хотел во Лагадин. Природно е сите вмешани кои се под ризик да бидат санкционирани, да стојат на своето самоволие до последно зашто за нив во моментов нема друг излез“, велат од иницијативата.

Оттаму додаваат дека според членот 244-а од Кривичниот законик на РМ, „службеното лице во локална самоуправа кое ќе донесе решение за локациски услови спротивно на важечки урбанистички план, ќе се казни со затвор од три до осум години“.

„Според истиот овој член, службеното лице подлежи на истата казна доколку при издавањето на бесправно решение за градба му нанесе штета на друг. Во случајов огромна материјална штета му беше нанесена на првиот сосед, кај кој беше урната терасата и почна да пука бетонската плоча внатре во куќата, со што се наруши статиката на целата конструкција и објектот стана опасен по животот на тие што престојуваат во него. Законот за инспекциски надзор е, исто така, јасен. Непостапување по решение издадено од инспекциска служба повлекува плаќање глоба и поведување прекршочна постапка по службена должност“, прецизираат од „Охрид СОС“.

Активистите потсетуваат дека моментално на сила како плански документ за потегот Лагадин-Пештани се забранува градење во заштитниот појас од 50 метри од највисокиот водостој на езерото.

„Актот е донесен без никаква јавна расправа, спротивно на сите демократски начела и принципи, а освен тоа, за него не е спроведена ни задолжителната постапка за оцена на влијанија врз животна средина како што се наведуваше во известувањето од Државниот инспекторат за животна средина. Во пресрет на реактивната мисија на УНЕСКО, на која ќе се решава дали ќе го задржиме или изгубиме статусот, Општината покажува не само целосна неодговорност туку и општа неспособност за добро владеење“, додаваат од „Охрид СОС“.


Општина Охрид не се откажува од контроверзниот хотел во Лагадин


Охрид, 9 март, 2017 - 13:34 (META) 

Постапката за издавање одобрение за градење хотелски комплекс во Лагадин се води според законски пропишана процедура, се вели во реакцијата на Општина Охрид на соопштението од „Охрид СОС“ во кое невладината организација известува дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам бара од Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба.

„Уште еднаш повторуваме дека целокупната постапка за донесување на општиот акт за Лагадин и издавањето на одобрението за градба на хотелскиот комплекс во населба Лагадин се водени во согласност со законски пропишаната процедура, предвидена во Законот за градење и во Законот за просторно и урбанистичко планирање“, велат од Општина Охрид.

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ денеска соопшти дека Државниот инспекторат за градежништво и за урбанизам (ДИГУ) до нив доставил известување во кое се наведува дека бара од Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба на хотел во Лагадин.

„Во меѓувреме, известување стигна и од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во кое се вели дека Општината го усвоила општиот акт за Лагадин прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена за влијанието врз животната средина. Дополнително, Инспекторатот за животна средина ги потврди и нашите констатации дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото“, велат од „Охрид СОС“.