Обвинителство почна предистражна проверка на тендерот за биореагенси


Скопје, 10 август, 2018 - 9:59 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција почнало проверка за тендерот за лабораториски реагенси што предизвика бројни реакции и повици за оставка на министерот за здравство, Венко Филипче.

Тоа се прави поради на индиции за повреда на законот при постапки на доделување на договори за јавни набавки во Министерството за здравство, но сепак не станува збор за отворање предмет. Обвинителството и претходно од јавноста и од партиите беше обвинето дека молчи за овој случај.

„Предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во Република Македонија во врска со неправилностите при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство. Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари“, соопштија од Обвинителство.


Филипче најави осум централни лаборатории за крв и работа за сите лаборанти


Скопје, 5 јуни, 2018 - 15:27 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција во Владата го претстави новиот систем на функционирање на oсум централни лаборатории. Според министерот, новиот систем ќе значи подобра услуга за граѓаните.

– Вкупно ќе има осум централни лаборатории од кои две во Скопје, една на Клинички центар, другата во ГОБ „8 Септември“, по една во Куманово, Штип, Тетово, Охрид и Струга – објасни Филипче.

Министерот за здравство истакна дека со овој начин на функционирање на лабораториите ќе се заштедат неколку милиони евра. Тој рече и дека ќе се намали бројот на апарати за анализи на крв од сегашните 300 на 120 и ќе се намалат и потребните количества реагенси.

Вработените, по најавите за централизирана набавка на реагенси, реагираа за најавените промени, бидејќи стравуваат за своите работни места. Но, Филипче на прес-конференцијата во Владата рече дека ниту еден здравствен работник во лабораториите нема да биде отпуштен и дека и со новиот систем ќе има работа за сите.


ЛДП: ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде кочничар на реформите во здравството


Скопје, 10 април, 2017 - 11:18 (META) 

„ВМРО-ДПМНЕ не смее и понатаму да биде кочничар на реформите во здравството на штета на здравјето на македонските граѓани“, се вели во соопштението на Либерално-демократската партија (ЛДП).

Оттаму додаваат дека секојдневните недостатоци на лекови, медицински помагала во болниците и реагенси во лабораториите се рефлектираат на најсуштествените потреби на пациентите.

„Иако во некои случаи причината е немање средства, во други – неточни предвидувања на потребите, сепак најчестата причина е доцнењето на тендерите за јавни набавки, поради долготрајните и нестручни подготовки на набавките. Аргумент плус за тоа е што тие редовно се враќаат на доработка во таканаречната „стручна комисија“ во Бирото за јавни набавки и тоа заради несуштествени и небулозни грешки“, се додава во соопштението.

Од партијата велат дека „сведоци сме на анекси на договори во многу сфери и за многу состојби во општеството, каде не се работи за итност и не се работи за човечки живот, но овде иако се работи за жива материја, тоа не се дозволува.“

„Молчат и директорите на болниците, како најверни послушници на партијата. Резултат на целокупната состојба – руинираното македонско здравство е на самото дно. На штета на пациентите се употребуваат лекови кои се на располагање, а не најдобрите и најсоодветните за дадената болест, операциите често се одложуваат, а лабораториите не издаваат целосни резултати“, велат од ЛДП.