Се враќа довербата во денарот


Скопје, 26 октомври, 2017 - 13:56 (META) 

За разлика од надолните движења на банкарските активности во првиот квартал од 2017 година, во вториот квартал од годината нивните промени се поповолни, се вели во извештајот за ризиците во банкарскиот систем во вториот квартал од 2017 годинa на Народна банка.

Во него се додава дека депозитите, иако минимално, се зголемиле на квартална основа.

„Порастот на депозитите од нефинансиските субјекти, пред сè, се должи на солидниот пораст од 7,9 проценти на денарските депозити од домаќинствата, за разлика од корпоративните депозити, кои се намалија. Побрзиот пораст на денарските во споредба со девизните депозити на домаќинствата е сигнал за постепено враќање на довербата и обновување на процесот на денаризација на депозитите, кој речиси запре во вториот квартал од претходната година под влијание на домашните политички случувања во тој период“, се вели во извештајот.

Во вториот квартал од годината, банките искористиле еден дел од ликвидните средства за позасилена кредитна активност. Така, кредитите на нефинансиските субјекти бележат пораст од 2,2 проценти, најмногу како резултат на долгорочните кредити одобрени на домаќинства.


Инфлацијата нема да надмине 2 проценти, велат од Народна банка


Скопје, 27 јули, 2017 - 13:39 (META) 

Во текот на вториот квартал на годината, порастот на домашните цени очекувано забрза и достигна 1,2 отсто на годишна основа, наспроти 0,5 отсто во претходниот квартал, објави Народна банка.

Од таму велат дека ова претставува мало надолно отстапување во однос на априлските проекции, што во најголема мера се должи на понискиот остварен годишен пораст на цените на енергијата од очекуваниот.

„За цела 2017 година, не се очекуваат позначајни отстапувања на инфлацијата од априлската проекција, при што и понатаму се очекува пораст на цените од 1,3 отато, кој умерено би забрзал до два проценти во 2018 година“, се вели во кварталниот извештај на Народна банка.


Јавниот долг на земјите од еврозоната е 89,5 проценти од БДП


Брисел, 21 јули, 2017 - 14:02 (META) 

Вкупниот јавен долг на 19 земји членки на еврозоната во првиот квартал на годината се зголеми на 89,5 проценти од домашниот бруто-производ (БДП), од 89,2 проценти колку што изнесуваше на крајот на последното тромесечје на 2016 година, објави европската служба за статистика Евростат.

Уделот на јавниот долг во БДП во првото тримесечје се зголемил и во 28 членки на ЕУ.

Најголем јавен долг имала Грција (176,2 проценти), а потоа се Италија (134,7 проценти) и Португалија (130,5 проценти). Најнизок јавен долг имала Естонија (9,2 проценти), зад која се Луксембург (23 проценти) и Бугарија (28,6 процнти).


Бројот на туристи во првиот квартал е зголемен за 10,7 проценти во однос на лани


Скопје, 12 јуни, 2017 - 15:00 (META) 

Во првиот квартал на 2017 година во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 10,7 проценти и тоа кај домашните туристи има зголемување за 9,4 проценти, а кај странските има зголемување за 11,4 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Во истиот период има зголемување и кај бројот на ноќевањата и тоа за 9,8 проценти. Кај домашните туристи бројот на ноќевања бележи зголемување за 3,4 проценти, а кај странските има зголемување за 14,6 проценти.

Бројот на туристите во април изнесувал 68.047, а бројот на ноќевањата изнесува 140.081. Во однос на истиот месец лани, бројот на туристи е зголемен за 18,4 проценти, а бројот на ноќевањата е зголемен за 18,6 проценти.


Невработеноста во првиот квартал изнесува 22,9 проценти, објави ДЗС


Скопје, 10 јуни, 2017 - 10:32 (META) 

Во првото тримесечје од 2017 година, активното население во Македонија брои 952.644 лица од кои вработени се 734.043, а 218.601 лице се невработени, објави Државниот завод за статистика.

Стапката на активност во овој период е 56,7 проценти, стапката на вработеност е 43,7 проценти, додека стапката на невработеност е 22,9 проценти.

Стапката на невработеност во првиот квартал годинава, споредено со истиот период лани, е намалена за 1,6 отсто.


Се зголемуваат корпоративните и депозитите на домаќинствата


Скопје, 16 декември, 2016 - 10:38 (META) 

Стабилизацијата на очекувањата на економските субјекти во третиот квартал позитивно се одрази на банкарското работење во целина, соопшуваат од Народна банка.

– Квартално зголемување е забележано како кај корпоративните, така и кај депозитите на секторот домаќинства. Речиси еднаков придонес за зголемувањето на вкупните депозити забележаа и денарските и девизните депозити – се вели во соопштението на Народна банка.

Намалувањето на ризиците по економијата во третиот квартал се гледа и од зголемувањето на ликвидните средства на банките од 5,5 проценти во третиот квартал.

Тоа овозможи речиси целосно обновување на ликвидните средства што се употребија во текот на вториот квартал за амортизирање на кризата со одливот на депозитите.


Во Црна Гора живеат 47 милионери


Подгорица, 2 ноември, 2016 - 13:51 (META) 

Во Црна Гора живеат 47 милионери, додека 206 компании  имаат депозити, односно заштеда поголема од еден милион евра, покажуваат податоците на централната банка на таа земја.

На крајот од третиот квартал годинава, вкупната заштеда на физичките лица во Црна Гора изнесува 1,5 милијарди евра, односно 52 проценти, додека депозитите на правните лица изнесуваат 1,4 милијарди евра, што претставува 48 отсто од вкупните депозити во системот.

Вкупните заштеди се речиси една милијарда евра од буџетот на Црна Гора проектиран за оваа година.


Јавниот долг изнесува 50,6 проценти од БДП, објави Министерство за финансии


Скопје, 31 октомври, 2016 - 15:25 (META) 

Министерството за финансии денеска ги објави податоците за државниот и за јавниот долг, кои изнесуваат 41,9 отсто и 50,6 проценти за третиот квартал од 2016 година.

Како што велат од Министерството за финансии, зголемувањето на државниот и на јавниот долг во однос на вториот квартал се должи на издавањето на еврообврзницата во јули 2016 година, која е наменета за покривање на буџетскиот дефицит во 2016 и во 2017 година.

– Со еврообврзницата ќе се покријат повеќе обврски кои доспеваат во текот на оваа и на наредната година, како отплата на 130 милиони евра која ќе се изврши во ноември врз основа на доспеан кредит – велат од Министерство за финансии.


Стапката на невработеност изнесува 24 проценти во второто тримесечје


Скопје, 9 септември, 2016 - 14:29 (META) 

Во второто тримесечје од годинава, стапката на невработеност изнесува 24 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Бројот на активно население е 948.376 лица, од кои вработени се 720.674, а 227.702 се невработени.

Во однос на првиот квартал, стапката на невработеност е намалена за 0,5 отсто.


БДП се зголеми за 2,2 отсто во второто тримесечје


Скопје, 9 септември, 2016 - 14:12 (META) 

Стапката на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за второто тримесечје годинава изнесува 2,2 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Најголем пораст е забележан во секторите градежништво, од 31 процент, стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности, од 11,5 проценти, и финансиски дејности и дејности на осигурување од 4,9 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 4,2 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 6,6 проценти.