!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ: За сто дена, Владата донесе мерки со кои го подобри квалитетот на живот на граѓаните


Скопје, 6 септември, 2017 - 10:30 (META) 

Парламентарното мнозинство и Владата предводена од СДСМ за само сто дена обезбедија повисока минимална плата во висина од 12.000 денари за околу 70.000 граѓани, ја враќаат евтината дневна тарифа на струјата, трајно го решаваат проблемот на 3.000 стечајни работници, обезбедуваат поголема помош за домашните компании и почнаа процедура за укинување на радиодифузна такса, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека институциите „се отвораат и работат во служба на граѓаните.“

„Од први септември почна двосменското работење на клучните институции, како што се Управата за јавни приходи, Царинската управа, градинките, Управата за водење матични книги и службите за издавање лични карти и пасоши во МВР, кои сега работат до 21.30 часот“, се додава во соопштението.


Царовска: Во Фондот на ПИОМ недостасувале 21,2 милијарди денари во 2016 година


Скопје, 22 август, 2017 - 16:29 (META) 

Во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), лани недостасувале 21,2 милијарди денари што е трипати повеќе од 2005 година, кога трансферот од буџетот во овој Фонд изнесувал 7,7 милијарди денари, информираше денеска министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

– Недостатокот на финансиски средства во Фондот на ПИОМ е огромен и ние ќе се трудиме да најдеме начин како да го надоместиме. Затоа ни е важно да имаме повисоки плати, а со тоа ќе добиеме и повисоки пензии. Колку ја зголемувате дупката во ПИОМ толку помалку внимавате за квалитетот на живот на пензионерите – рече Царовска.


Постојат двојни аршини за стоката за западот и за истокот на Европа, призна Јункер


Брисел, 27 јули, 2017 - 16:21 (META) 

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод-Јункер, по средбата со словачкиот премиер Роберт Фицо во Брисел, призна дека навистина постои проблем со двојните аршини за продуктите и стоките наменети за Западот и за посткомунистиките земји кои се членки на ЕУ.

Јункер оцени дека проблемот не е безначаен и дека практиката на различен состав е неприфатлива, но рече дека за тоа веројтано нема да биде потребно воведување нови европски закони.

– ЕК смета дека проблемот со различен производ со исто име не е безначаен. Ќе му посветам внимание на проблемот – рече Јункер на заедничката прес-конференција со Фицо.

За Европската комисија е неприфатлива практиката, на пример, во сувомесните производи за новите Европејци да има помалку месо и повеќе адитиви иако цената е речиси иста, а некогаш е и помала на Запад, или прашокот за перење подобро да пере на западот на Европа, отколку на истокот. Јункер рече дека засега не се потребни нови прописи, но не го исклучи нивното носење доколку не се реши проблемот.

Словачкиот премиер Фицо на состанокот со Јункер, еврокомесарката за правда и за потрошувачки права, Вера Јоуров, и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дојде како емисар на Вишеградската четворка, која во последните неколку години е сè погласна во барањата овие земји да престанат да бидат „канта за отпад“ на Европа и оти Чесите, Полјаците, Словаците и Унгарците имаат полно право под исто име да добиваат стока со ист состав и квалитет.

– За мене е најважно дека ЕК го призна проблемот и дека ќе дејствува да се реши. Не е важно како ќе го реши. Сеедно е дали мачката е црна или бела, важно е да лови глувци – рече Фицо и изрази надеж дека постепено ќе исчезне практиката што ги претвора Словаците во Европејци од понизок ред.

Чешката еврокомесарка Јоурова, која исто така активно води борба сите производите во Европа да бидат со ист квалитет, претходно изјавуваше дека сега секоја земја членка има национални контролни механизми кои би можеле да ги искористат за сузбување на практиката на двојни аршини.


„Арсена“: И гевгелиските села Моин и Богородица пијат вода со арсен


Гевгелија, 4 мај, 2017 - 15:16 (META) 

Лабораторијата во Солун утврдила дека гевгелиските села Моин и Богородица, кои се приклучени на градската водоводна мрежа, добиваат вода со висока концентрација на арсен, информираат од граѓанската иницијатива „Арсена“.

„Со анализа на примерок вода од домаќинства во овие населени места, констатирано е присуство на 17,7 микрограми арсен на еден литар вода во потпланинското село Моин и 16,9 микрограми арсен во еден литар вода во пограничното село Богородица. Дозволената граница на арсен во водата за пиење, според Правилникот за квалитет на води на РМ од април 2008 година и стандардите на Светската здравствена организација, изнесува 10 микрограми на еден литар вода. Секое количество што ја надминува оваа граница ја прави водата здравствено небезбедна“, велат од „Арсена“.

Оттаму додаваат дека референдумот не ги реши сите еколошки проблеми во Општината, при што и понатаму останува горливиот проблем – присуството на отровниот арсен во водата, која ја користат жителите на Гевгелија и уште шест населени места од општината.


АЕК решавала 918 приговори за висина на сметки и квалитет на услуги


Скопје, 2 јануари, 2017 - 11:04 (META) 

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) од јануари до декември изминатата година решавала 918 спорови, кои генерално се однесувале на висината на сметките и на квалитетот на услугите.

Најмногу спорови, односно 20,2 проценти, се однесуваат за говор во мобилната телефонија, по што следат 18,1 процент за мобилен интернет, 6,4 процент за дигитална телевизија, 5,5 проценти за говор во роаминг, 5,3 проценти за кабелска телевизија, 4,6 проценти за телевизија преку интернет протокол.

Од вкупниот број спорови, 50,7 проценти или 448 барања за решавање спор се за услуги од „Оне Вип“, 41,7 процент или 369 барања за решавање спор на „Македонски телеком“, а 7,6 проценти за спорови со другите оператори.

Од споровите на корисниците со „Оне Вип“ целосно или делумно се усвоени 20,5 проценти, во тек на решавање се 10,7 проценти, толкав процент операторот постапил по барањето на корисникот, а отфрлени се 54,5 проценти. Од споровите, пак, со „Македонски телеком“, за 14,2 проценти се подготвени решенија за усвојување или делумно усвојување, во тек се 19,1 процент, а отфрлени се 47,8 проценти. За 13,4 проценти од приговорите постапката е запрена.


Десет домашни компании добија признанија за македонски квалитет


Скопје, 2 декември, 2016 - 15:33 (META) 

Компаниите „Кодинг горска“, „Термалифт“, „Специјал продукт“, „Гринагро“, „Мирана“, „Конти хидропласт“, „Компанија Велкоски“, „Голден арт“, „Те-Те пласт“ и „Ансамбл Македонија“ се добитници на признанијата за македонски квалитет за 2016 година кои ги додели претседателот Ѓорге Иванов.

„Оваа манифестација има цел да ги поттикне домашните инвеститори, кои се вистински амбасадори на нашата земја со својот квалитет и со вложување во својата успешна работа. Во Сојузот на стопански комори на Македонија, членовите покажуваат особена динамика во својот развој, имаат претприемачки дух, современи се и ги следат најновите достигнувања во бизнис-светот, инвестираат и се успешни во своето работење“, изјави претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.

Претседателот Иванов истакна дека изборот на десетте најуспешни македонски компании за годинава бил тежок, поради тоа што има многу компании со извонредни постигнувања во земјата и надвор од неа.

Оваа традиционална манифестација која е под покровителство на кабинетот на претседателот на Македонија, се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските инвеститори за тековната година.


Производите од фабриката „11 Oктомври“ ќе се вратат на рускиот пазар


Куманово, 18 ноември, 2016 - 10:35 (META) 

Фабриката за заварени цевки „11 Октомври“ од Куманово ќе се обиде да се врати на рускиот пазар со помош на деловните асоцијации од Русија со кои Македонско-руската стопанска комора има воспоставено блиски контакти.

Ова беше истакнато при денешната посетата и разговорите на извршниот директор на Македонскo-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, со менаџерскиот тим на најголемата кумановска фабрика.

Во нејзините погони се произведуваат разни типови заварени челични цевки и профили, кои наоѓаат примена во повеќе делови од стопанството.

Компанијата ги поседува сите неопходни стандарди за квалитет, а за нивната имплементација можеби најдобро зборува фактот што рекламации за нивните производи воопшто нема.

– Извезуваме најмногу во Германија, Италија, Шпанија, Холандија, но и во земјите од регионот. Имаме врвен квалитет, но со ниски цени за европскиот пазар што е резултат на големата конкуренција. На домашниот пазар нашите цевки ќе бидат употребени за изградбата на гасоводот на трасата од Штип преку Неготино до Битола и од Скопје, преку Тетово до Гостивар, за што ќе бидат произведени 16.000 тони заварени цевки – истакна Страхил Пановски, извршен директор на ФЗЦ „11 Октомври“.


Kвалитетната градба e услов за стабилни објекти при силен земјотрес


Скопје, 16 ноември, 2016 - 14:07 (META) 

Во Македонија постои традиција и техничка регулатива за проектирање, изведба и за контрола на градби отпорни на силни земјотреси. Но, регулативата треба да се почитува во целост за да може објектите што се проектираат и се градат да се сметаат за сеизмички отпорни.

Ова е еден од заклучоците на домашните експерти кои учествуваа во дискусијата на стручниот форум посветен на сеизмичката отпорност на градбите во организација на Градежниот факултет од Скопје, Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии (ЗИМ), Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и Цементарница УСЈЕ.

Според професорите од Градежниот факултет во Скопје, неопходно е да се посвети внимание на делот од регулативата што го третира испитувањето на сеизмичката повредливост на постојните објекти, бидејќи за нив е неопходна специфична експертиза.

Дополнително, еден од основните услови за успешно асеизмичко проектирање на конструкциите, исто така, е и познавањето на геолошките карактеристики на почвата каде се гради.

„Особено внимание треба да се посвети на сигурноста на градбите за кои постојат недоречености во важечките прописи, како што се: доградбите, надградбите, објектите кои се реконструираат и другите специфични комплексни објекти“, истакна директорот на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Михаил Гаревски.


„Скопски џез-фестивал“ ќе се одржи од 13 до 16 октомври


Скопје, 7 октомври, 2016 - 16:37 (META) 

Пијанистот Бојан Зулфикарпашиќ ќе го отвори 35. „Скопски џез-фестивал“ на 13 октомври во МНТ.

Директорот, Оливер Белопета, денеска на прес-конференција соопшти дека нивна основна заложба е фестивалот програмски да го сочува исклучително високото квалитетно ниво и репутацијата што ја има во светот.

Фестивалот ќе трае до 16 октомври, ќе се одржува сите четири дена во Македонскиот народен театар (МНТ), каде ќе има вечерна програма и два полноќни концерти.


Се испитува квалитетот на земјоделските производи од поплавените подрачја


Скопје, 19 август, 2016 - 13:27 (META) 

Државниот инспекторат за земјоделство го испитува квалитетот на земјоделските производи во поплавените подрачја поради претпоставка за нивна контаминација, соопштија од инспекторатот.

„Пет тимови на земјоделски и фитосанитарни инспектори од денеска вршат обиколка на теренот, по што ќе бидат земени примероци за анализа во лабораториите на Ветеринарниот факултет. Покрај тоа уште еден тим од инспекторатот ќе биде постојано присутен на централниот пункт во Стајковци, каде производителите ќе можат да се консултираат со нив“, пишува во соопштението на Државниот инспекторат за земјоделство.

Директорот на инспекторатот Цветан Трипуновски апелирал до граѓаните кои одлгедуваат земјоделски производи да не ги продаваа, како и до откупувачите – да не откупуваат производи од овој регион додека не се утврди нивната безбедност.

Од инспекторатот велат дека нивните активности се во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство.