!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Цената на горивата се намалува за половина денар


Скопје, 16 октомври, 2017 - 15:27 (META) 

Малопродажните цени на бензинот „еуросупер БС-95“, на дизелот и на екстралесното масло за домаќинство, од вечер на полноќ се намалуваат за половина денар по литар, одлучи денеска Регулатрната комисија за енергетика.

Новата цена на „еуросупер БС-95“ изнесува 63 денари за еден литар, на „еуродизел“ – 51 денар, а „еуросупер БС-98“ останува со цена од 65 денари за еден литар.

Намалувањето се должи на пониската просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар, како и на намалувањето на курсот на денарот во однос на доларот.


Хрватска се подготвува за воведување на еврото


Загреб, 9 октомври, 2017 - 10:31 (META) 

Народна банка на Хрватска подготви стратегија за воведување на еврото, која содржи анализа во корист на можните ризици од влегување во еврозоната, а ќе се објави на крајот на овој месец, пишуваат хрватските медиуми.

Евростратегијата ќе послужи како темелен документ за јавна расправа за воведување на еврото, која ќе ја отвори премиерот Андреј Пленковиќ.

Пленковиќ изјави дека се залага за воведување на еврото, по што би следувало официјално барање за влегување на Хрватска во Европскиот механизам на девизен курс (ЕРМ2).

Последен пат одлука за влегување на некоја земја во ЕРМ2 беше донесена во 2005 година и тоа за Словачка.


Горивата поскапуваат од вечерва на полноќ


Скопје, 18 септември, 2017 - 16:26 (META) 

Бензинот од ноќеска на полноќ поскапува за половина денар по литар, а цената на дизел-горивата се зголемува за еден и пол денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Новата малопродажна цена на „еуросупер БС-95“ ќе изнесува 63,5 денари за еден литар, а литар „еуросупер БС-98“ќе се продава за 65 денари. Малопродажната цена на „еуродизел“ ќе биде 49,5 денари за еден литар.

Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 5,14 отсто повисоката просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 0,759 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.


Дизел-горивата поевтинуваат за 1,5 денар, а цената на бензинот останува иста


Скопје, 3 април, 2017 - 13:18 (META) 

Дизел-горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за еден и пол денар за литар, а цената на бензинот останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Малопродажната цена на „еуросупер БС-95“ останува 65 денари за еден литар, а на „еуросупер БС- 98“ е 67 денари за литар. Новата цена на „еуродизел“ ќе изнесува 50,5 денари.

Како причина за намалувањето на цените на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 1,71 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 2,27 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.


По победата на Трамп, вредноста на доларот почна да се зголемува


Вашингтон, 16 ноември, 2016 - 14:55 (META) 

Трговците со валути сметаат дека постојат 45 проценти шанси за вредноста на доларот спрема еврото да се зголеми на еден долар до крајот на идната година, пишува „Блумберг“.

Пазарот денеска се потпира на ветувањето на новиот американски претседател Доналд Трамп дека ќе ги намали даноците и дека ќе ја зајакне потрошувачката. Тоа би требало да го зголеми економскиот пораст, а тоа на крајот би довело до побрзо зголемување на каматните стапки на централната банка.

Аналитичар во „Дојче банка“, која е четврти најголем трговец со валути во светот, предвидува дека курсот ќе се зголеми на 1,05 долари за едно евро, а до крајот на следната година едно евро би можело да чини 95 центи.

На тој начин еврото во однос на доларот би било најслабо од 2002 година.


Народна банка откупила 91,3 милиони евра во првите девет месеци


Скопје, 12 октомври, 2016 - 15:37 (META) 

Најновите податоци за девизните резерви во септември покажуваат висок квартален пораст, што произлегува од задолжувањето на државата на меѓународниот финансиски пазар во јули, интервенциите на Народна банка со откуп на девизниот пазар и порастот на девизните депозити на банките кај Народна банка.

Народната банка и во септември интервенирала со откуп на девизи од банките (вкупно 18 милиони евра), а овој тренд продолжува и на почетокот на октомври.

– Со тоа, вкупниот износ на интервенциите за откуп на девизи на Народната банка во текот на летниот период, заклучно со почетокот на октомври, изнесува 91,3 милиони евра, со што се надоместија повеќе од 70 проценти од продажбите во периодот на шпекулативниот напад на девизниот курс оваа година. Со високата девизна ликвидност во септември, се овозможи банките и понатаму активно да пласираат девизни депозити на подолг рок (6 и 12 месеци), по позитивни стапки, кај Народната банка – се вели во најновиот извештај на Народна банка.

Податоците за септември покажуваат понатамошен пораст на депозитите на населението и намалување кај корпоративниот сектор.


Бензинот поевтинува за половина денар по литар


Скопје, 3 октомври, 2016 - 12:41 (META) 

Бензинот од ноќеска на полноќ поевтинува за половина денар по литар, а цената на дизел-горивата останува иста, одлучи денеска Регулаторната комсија за енергетика (РКЕ).

Новата малопродажна цена на еден литар „еуросупер БС-95“ изнесува 61,5 денари, а на „еуросупер БС-98“ – 63 денари. Цените на „еуродизел“ и на екстралесното масло за домаќинство не се менуваат, односно остануваат 48 и 36,5 денари за еден литар.

Како причина за намалување на цените на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 0,832 отсто пониската просечна цена на сурова нафта на светскиот пазар во изминатите две недели и за 0,148 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.


Гувернерот Богов смета дека Брексит нема да се одрази на девизниот курс


Скопје, 24 јуни, 2016 - 19:40 (META) 

Курсот на денарот е стабилен, нема дилеми за инфлација, гарантираме дека нема да има потреси за извозниците – оцени гувернерот на Народна банка, Димитар Богов по повод излегувањето на Велика Британија од Европска Унија и можните реперкусии врз македонската економија.

Според него, Македонија не може да влијае на глобалните движења, но она низ што ќе поминува економијата на Европската Унија ќе се одрази и врз нашата, бидејќи сме извозно-ориентирана земја.

– Она што најпрво треба да направиме е да ја стабилизираме домашната политичка ситуација и да ги намалиме ризиците на домашен план. Кога сме во бура, се гледа кој има цврста куќа, а кој не – додава Богов.

Тој истакна дека Брексит нема да се одрази на девизниот курс и сигурноста на банкарскиот сектор, но кредитирањето ќе биде намалено.

 


Одржување на ниска и стабилна инфлација една од целите на Народна банка


Скопје, 26 мај, 2016 - 14:06 (META) 

Oдржување ниска и стабилна инфлација преку одржување на стабилен курс на денарот во однос на еврото, одржувањето на финансиската стабилност како составен елемент на макроекономската стабилност и предуслов за остварување економски раст и просперитет, ќе бидат главните активностите на Народната банка, информираат од таму.

– Стратегискиот план за 2017 – 2019 година претставува продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во спроведувањето на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари, платните системи, статистиката и истражувачката дејност – велат од Народна банка.


Инструктори од САД ги обучувале македонските полицајци за управување со чамци


Скопје, 7 јули, 2015 - 11:58 (META) 

Инструктори на крајбрежната стража на Соединетите Американски Држави (САД) минатиот месец одржале обуки за граничните полицајци од регионалниот центар за гранични работи Југ и за службеници на царината за управување со чамци, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Курсот се одржал во водите на Охридско Езеро, а бил реализиран со поддршка на Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност при Амбасадата на САД во Скопје.

Покрај македонските, на курсот учестувале и полициски службеници од Косово и од Албанија.

„Целта на овој курс беше да ги запознае службениците со постапките за безбедно и ефикасно управување со чамци помали од 15 метри во должина. Обуката вклучува теми за одговорноста на персоналот за чамците, управување со ризици, вештини во пристаниште, превентивно оддржување, вештини за управување со чамци, спасување на пероналот, контрола на жртви, како и пловење и процеси за процена на ризик“, соопштуваат од МВР.