!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Русија демантира дека ќе има нова воена база во Сирија


Москва, 20 март, 2017 - 20:24 (META) 

Русија не планира да отвори нова воена база во Сирија, соопшти руското министерство за одбрана.

Изјавата доаѓа откако портпаролот на курдската единица за заштита на народот во Сирија, Редур Шелил, изјави дека на северозападот на земјата, Русија воспоставува нова воена база во договор со Курдите, кои ја контролираат таа област.

„Нема никакви планови за воспоставување нови руски воени бази на територијата на Сирија“, се наведува во соопштението на министерството.

Портпаролот на Курдите претходно наведе дека во таа база ќе бидат обучувани борците на единица за заштита на народот за борба против тероризмот.

Шелил тврдеше дека договорот со Русија е постигнат вчера и дека руските трупи со транспортери и со оклопни возила веќе пристигнуваат на позицијата во северозападната покраина Африн.


Околу 15.000 Курди во Стразбур побараа ослободување на Абдула Очалан


Стразбур, 11 февруари, 2017 - 17:04 (META) 

Околу 15.000 луѓе денеска се собраа во Стразбур на годишниот собир на Курдите во Европа, на кој демонстрантите побараа автономен статус за Курдистан и ослободување на нивниот лидер Абдула Очалан, јавуваат агенциите.

Полицијата во Стразбур навела дека на собирот имало меѓу 12 и 15 илјади луѓе. Демонстрантите во Стразбур пристигнале од Германија, како и од делови на Франција, Белгија и Луксембург.

Курдите што живеат во Европа веќе 18 години се собираат во Стразбур каде бараат ослободување на нивниот историски водач Абдула Очалан, кој се наоѓа во затвор во турција, како и решавање на статусот на Курдистан.

Генералниот конзулат на Турција во Стразбур побарал собирот да биде забранет со оценка дека тој претставува поддршка за терористите, бидејќи Анкара Работничката партија на Курдистан (ПКК) ја смета за терористичка организација.

По двегодишен прекин на огнот, судирите меѓу Кудрите и Турција продолжија во 2015 година, по прекинот на мировните преговори меѓу двете страни.


Курдска милитантна група ја презедe одговорноста за нападите во Истанбул


Истанбул, 11 декември, 2016 - 17:12 (META) 

Kурдската милитантна организација „Јастреби за слободата на Курдистан“ денеска на својата интернет-страница ја презеде одговорноста за синоќешните напади во Истанбул, во кои загинаа 38, а повредени се 155 лица.

„Јастреби за слободата на Кудистан“, која е одметнато крило на Курдската работничка партија, стои зад повеќе напади што годинава беа извршени во Турција.

Официјална Анкара денеска прогласи еднодневна жалост и нареди знамињата да се спуштат на половина копје по двојниот бомбашки напад во близина на стадионот во Истанбул.


Турција издаде налог за апсење на лидер на курдска партија


Анкара, 22 ноември, 2016 - 20:55 (META) 

Турција денеска издаде налог за апсење на лидерот на политичката партија на сириските Курди поради бомбашкиот напад во Анкара во февруари годинава.

Се работи за лидерот на курдската Партија на демократското единство, Салих Муслим, како и за уште неколку пребегнати членови на забранетата курдистанска работничка партија.


САД: Курдите се приклучуваат во борбата за Рака


Вашингтон, 16 ноември, 2016 - 12:48 (META) 

Курдските борци од Единица за заштита на народот се приклучиле кон борбите за ослободување на сирискиот град Рака од Исламска држава.

Претставникот на Белата куќа во коалицијата која се бори против ИД, Бред Мекгурк, наведе дека единицата ќе се повлече од сирискиот град Манби кон реката Еуфрат.

Мекбург го оцени тој чекор како пресвртница и додаде дека единицата ќе се повлече од Манби кога локалните единици ќе го минат тренингот и ќе можат да го бранат градот од ИД.

САД на курдската милиција гледа како на сојузник во борбата против ИД; но Турција ги смета за терористичка организација поврзана со курдските екстремисти, кои веќе три децении водат бунт во Турција.


Турција: Ослободувањето на Рака со помош на Курдите може да предизвика нови судири


Анкара, 30 септември, 2016 - 11:15 (META) 

Офанзивата која е поведена за ослободување на сирискиот град Рака од Исламска држава, со помош на курдските борци, може да предизвика етнички судири, изјави висок претставник на Турција и предупреди дека операциите не треба да предизвикаат нови судири.

Претставникот, кој побарал да остане анонимен, рекол дека група поврзана со Сириските демократски сили (СДС), која ја поддржуваат Курдите, и курдската милиција не се повлекле од сирискиот град Манбиџ, западно од реката Еуфрат, без разлика на ветувањата.

Турција ја смета курдската милиција за непријателска сила поради поврзаноста со курдските милитанти, за разлика од Вашингтон кој ги смета за верен и ефикасен сојузник во борбата против Исламската држава во Сирија.

Турскиот претставник изјави дека турскиот упад во Сирија „може да потрае со години доколку се покаже дека е потребно“ и додаде дека е „невозможно Турција да се откаже од барањата за екстрадиција на Фетулах Ѓулен“.

Истиот извор навел дека Турција и Израел ќе именуваат амбасадори во следните десет дена во рамки на нормализирањето на односите. Тој исто така рече дека очекува воведување на безвизен режим за граѓаните на Турција пред истекот на годинава.


Ердоган: САД ги вооружуваат Курдите во Сирија


Њујорк, 23 септември, 2016 - 12:08 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини САД дека ги вооружуваат курдските борци на северот на Сирија, на кои, како што тврди, им испорачале два авиона со оружје.

– Ако мислите дека можете да ја победите Исламска држава со заштитните единици на курдскиот народ и со нивното политичко крило ППК, не можете, затоа што тие се терористичка група – изјави Ердоган за турска телевизија од Њујорк.

Тој наведе дека САД пред три дена од авиони испуштиле товар со оружје во местото Кобане.

Ердоган рече дека прашањето вчера му го поставил на американскиот потпретседател Џо Бајден, кој рекол дека нема сознание за тоа.

САД, кои ги сметаат курдските групи во Сирија за главен стратешки партнер во борбата против Исламска држава, во 2014 година во Кобане исто така испуштија товар со оружје, од кое, според Ердоган, половина завршило во рацете на ИД.

 


Турција смени 25 градоначалници во областите населени со Курди


Анкара, 11 септември, 2016 - 12:44 (META) 

Турските власти смениле 25 градоначалници во општините на југоистокот на земјата, населени претежно со Курди. Ваквата мерка, како што јавуваат медиумите повикувајќи се на соопштение на канцеларијата на гувернерот на Дијарбекир, уследила поради процените дека тие ги поддржуваат курдските милитанти и на нивно место се назначени други лица.

Во речиси сите општини каде се сменети градоначалниците, на власт беше Народната демократска партија, која ја поддржува курдската опозиција, пренесуваат светските агенции.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во четвртокот оваа недела изјави дека кампањата против Курдската работничка партија (ПКК) е најголемата што земјата досега ја спровела и дека смената на државните службеници поврзани со партијата е клучен дел од таа борба.


Штајнмаер: Задржувањето на турските сили во Сирија е непожелно


Братислава, 2 септември, 2016 - 16:03 (META) 

Шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајмаер, денеска ја предупреди Турција да не ги задржува предолго своите воени сили во Сирија, откако Анкара поведе прекугранична офанзива против милитантите на Исламска држава и локалната курдска милиција.

– Турција има многу активна улога во Сирија во последните неколку дена, вклучувајќи и воена акција. Но, сите мораме да имаме интерес да избегнеме долгорочни воени судири на сириска територија – рече Штајнмаер во Братислава.

САД претходно соопштија дека се вознемирени од офанзивата на турската војска против курдските сили во Сирија, затоа што тие се дел од коалицијата која во таа земја се бори против Исламска држава.
Официјална Анкара претходно објави дека целите на интерес во Сирија се потиснување на ИД од нејзините граници и спречување на ширењето на влијанието на курдската милиција.


Сириските бунтовници зазедоа уште две села


Дамаск, 28 август, 2016 - 15:47 (META) 

Сириските бунтовници зазедоа две села што беа под окупација на сириските Демократски сили кои ги поддржуваат Курдите (СДФ).

Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека борците на СДФ и нивните сојузници се повлекле од селата Амарна и Аин ал Баид, по влегувањето на бунтовниците кои биле поддржани од турски тенкови.