„Диво Насеље“: Три години, малку вистински одговори, многу прашања и шпекулации


Скопје, 8 мај, 2018 - 17:17 (META) 

„Диво Насеље“, еден од најголемите случаи оквалификувани како тероризам во современата македонска историја, со осум загинати и 37 ранети припадници на МВР и 10 убиени напаѓачи и по три години е уште далеку од конечна судска развршница.

На 2 ноември минатата година, две години и пет месеци по настаните 9 и 10 мај 2015 година во кумановската населба,  и година и осум месеци по почетокот на судењето на 8 февруари 2016 година, Основен суд Скопје 1 ги изрече првостепените пресуди против обвинетите.

Седуммина обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.

Следниот ден беше изречена уште една доживотна затворска казна.

Поради пресудата се протестираше во Македонија, Косово, а имаше и мал протест во Албанија.

Адвокатите веднаш најавија жалби, а случајот се уште не е стасан во Апелациски суд Скопје, за второстепено одлучување.

Како што објаснија од Основен суд Скопје 1, жалбите се процесуирани, а во моментот пресудата се преведува на албански јазик, и набргу предметот ќе биде доставен до Апелација.

– Од страна на одбраната во предметот, до судот доставени се повеќе жалби изјавени против првостепената пресуда. Во моментов се врши превод на пресудата на албански јазик, кој е во финална фаза, по што пресудата ќе биде доставена до обвинетите и откако ќе се комплетира доставата, предметот веднаш ќе биде доставен до Апелациониот суд на надлежно постапување – одговорија од Кривичниот суд на прашање од „Мета“ до каде е постапката со испраќање на предметот во повисокиот суд.

По пресудата и владејачката ДУИ, но и нејзиниот лидер Али Ахмети, го повторија ставот дека ќе бараат меѓународна експертска група да го расчисти целиот случај, а и премиерот Зоран Заев нагласи дека мора да има меѓународен експерт што ќе го разгледува случајот за кој СДСМ тврдеше дека е фингиран од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

Но од сето тоа, како што утврди „Вистиномер“, досега нема ништо – ниту една институција не дала предлог до Владата или Собранието за почнување меѓународна истрага.

За расчистување на случајот ДУИ побара и формирање собраниска Анкетна комисија, која и се формираше, но освен конститутивната седница, не напреднала многу, а адвокатите на обвинетите не биле повикани на сослушување.

Косовското Министерство за финансии ја реализираше одлуката на владата од 10 октомври 2017 и на 7 февруари годинава на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во Диво насеље им исплати по 10.000 евра.

Во меѓувреме, нема нови индикации што ќе се прави со меѓународната истрага.

Во врска со самите настани, некои работи се потврдени, но некои сè уште се предмет на шпекулации.

Досега е познато следното:

  • Загинаа осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа повредени;
  • Криминално-терористичката група броела четириесетина членови;
  • Во борбите со полицијата убиени се 10 членови на групата;
  • По борбите, на полицијата ѝ се предадоа 28 терористи;
  • Како водачи на групата се идентификувани Мухамед Красниќи, таканаречен командант Малишева, Мирсад Ндрецај, таканаречен командант Нато, Сами Укшини, таканаречен командант Соколи, Бег Ризај, алијас командант Бегу, и Деме Шеху, алијас Јунику;
  • Групата повеќе месеци била следена од безбедносните служби;
  • Истата група е одговорна за нападот на караулата Гошинце на 21 април 2015 година;
  • Групата планирала напади на државни и на цивилни цели;
  • Во околината на селото Брест, во бункер на отворен простор е пронајдено украденото оружје од караулата Гошинце (местото го посочил еден од уапсените во акцијата во Куманово, кој, според информации на медиумите, што надлежните ниту ги потврдија ниту ги демантираа, успеал да ѝ побегне на полицијата;
  • Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју во емисијата „Патот кон…“ на „Алсат-М“, рече дека учествувал во преговорите за предавање на групата;
  • Еден од уапсените со терористичката група е вработен во Министерството за внатрешни работи (надлежните ја потврдија оваа информација по прашања иницирани од медиумите);
  • Агенцијата за разузнавање информира дека за случаите во Гошинце и во Куманово, „во однос на намерите на водачите на терористичката структура, нивни капацитети, логистички бази, курс на акција на непријателот, од страна на Агенцијата направено е рано предупредување во рамки на своите надлежности, во согласност со Законот за Агенција за разузнавање“.

Шпекулации:

  • Припадници на македонските тајни служби контактирале со членови на групата месеци пред настаните од 9 и од 10 мај;
  • Косовската разузнавачка агенција ги информирала претседателката Атифете Јахјага и премиерот Иса Мустафа за можноста за инцидент во Куманово;
  • Се споменуваат имиња на македонски политичари, агенти и функционери кои биле вклучени во инцидентот во Куманово;
  • Косовската полиција преку прислушувани разговори открила дека кумановската група планирала напад на косовскиот затвор во Подуево и ослободување на двајца озлогласени криминалци;
  • Борбите во Куманово биле договорено сценарио зад кое стоело предавство на членови на групата;
  • Плановите за Куманово биле правени во автомобил „бе-ем-ве“ во Урошевац;
  • Ноќта пред акцијата било евакуирани 70 отсто од населението во кумановско Диво Насеље;
  • Ситуацијата излегла од контрола кога членови на групата почнале да пукаат кон полицијата.

„Диво Насеље“: Пресудата се преведува, жалбите се процесуирани, предметот оди во Апелација


Скопје, 8 мај, 2018 - 14:58 (META) 

На 2 ноември минатата година, две години и пет месеци по настаните 9 и 10 мај 2015 година во кумановската населба, и година и осум месеци по почетокот на судењето на 8 февруари 2016 година, Основен суд Скопје 1 ги изрече првостепените пресуди против обвинетите.

Осуммина обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.

Адвокатите веднаш најавија жалби, а случајот се уште не е стасан во Апелациски суд Скопје, за второстепено одлучување.

Како што објаснија од Основен суд Скопје 1, жалбите се процесуирани, а во моментот пресудата се преведува на албански јазик, и набргу предметот ќе биде доставен до Апелација.

– Од страна на одбраната во предметот, до судот доставени се повеќе жалби изјавени против првостепената пресуда. Во моментов се врши превод на пресудата на албански јазик, кој е во финална фаза, по што пресудата ќе биде доставена до обвинетите и откако ќе се комплетира доставата, предметот веднаш ќе биде доставен до Апелациониот суд на надлежно постапување – одговорија од Кривичниот суд на прашање од „Мета“ до каде е постапката со испраќање на предметот во повисокиот суд.

По пресудата и владејачката ДУИ, но и нејзиниот лидер Али Ахмети, го повторија ставот дека ќе бараат меѓународна истрага, а и премиерот Зоран Заев нагласи дека мора да има меѓународен експерт за случајот за кој СДСМ тврдеше дека е фингиран од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

За расчистување на случајот формирана е собраниска Анкетна комисија, која освен конститутивната седница, не напреднала многу.

Поради пресудата се протестираше во Македонија, Косово, а имаше и мал протест во Албанија.

Косовската влада на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во Диво Насеље им исплати по 10.000 евра.


Прекршен е законот со преквалификацијата на убиството на Алмир, велат обвинители


Скопје, 16 март, 2018 - 14:27 (META) 

Вчерашната одлука на Основниот суд во Куманово за преквалификација на случајот на Алмир Алиу е непрофесионално, неразумно и кршење на законот. Ова го велат активистите за човекови права, професорката Мирјана Најческа и директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, додека Народниот правобранител Иџет Мемети не се смета за надлежен да го коментира случајот, бидејќи според него “тоа не е неговата работа “, пишува „Порталб.мк“.

На вчерашната одлука на обвинителството, случајот од “убиство” да се преквалификува во сообраќајка, реагираа обвинителите Ферат Елези, Башким Бесими, Џелал Бајрами и Исмаил Даршишта и ја нарекоа „скандалозна“.

Одлуката за повторување на случајот на Алмир Алиу помина без широка дебата во медиумите, дури и за неа немаше реакција од ниту една од политичките партии. Нов протест на граѓанската иницијатива “Правда за Алмир” е најавен за 21 март.

Инаку, вчера во Основниот суд во Куманово, на барање на обвинителката задолжена за случајот на Алмир, Сузана Кусиѓерска, беше одлучено повторно да го квалификува случајот од “убиство” во “сообраќајка“.

На обвинетиот Бобан Илиќ не му е опредлена мерка на претпазливост и тој вчера излезе од затворот во Шуто Оризари.


Учесниците на протестот за малиот Алмир побараа изземање на обвинителката


Скопје, 2 март, 2018 - 15:05 (META) 

Триесетина учесници на денешниот протест за судскиот процес за смртта на 4-годишниот  Алмир Алиу, кој во јуни 2016 година во Куманово беше прегазен од Бобан Илиќ, при бркотница со членови на семејството Алиу, побараа изземање на обвинителката Сузана Кусигерска, јави „Порталб.мк“.

Протестот се одржа пред Јавното обвинителство на Република Македонија во Скопје, еден месец по првиот.

Актерот Висар Вишка, еден од организаторите на денешниот протест, пак, го обвини Јавниот обвинител Љубомир Јовески дека лажел пред Собранието дека преквалификацијата на делото од убиство во сообраќајка со смртни последици ја потпишал неговиот претходник Зврлевски. Вишка побара Јовески да го објави документот.

Една од организаторките на денешниот протест, Анита Љатифи, побара Кусиѓерска, која е од Основното јавно обвинителство – Куманово, веднаш да биде изземена поради одлуката обвинителниот акт од убиство со умисла да го преквалификува во сообраќајна несреќа со смртни последици.

Истото барање го имаше и адвокатот на семејството Алиу, но тоа беше отфрлено од Основниот суд.

Демонстрантите негодуваа што Основното јавно обвинителство – Куманово наместо да го конфискува „мерцедесот“ со кој е прегазен Алмир, го вратило на семејството на обвинетиот.
„Поради ваквата истражна постaпка; уништување на доказите, односно на оружјето со коешто е извршено делото; пристрастноста на Јавниот обвинител при водењето на постапката; „шетањето“ на квалификацијата на делото од основото кон вишото и републичкото обвинителство, односно ПОРАДИ САБОТАЖА НА ПРАВДАТА во случајот Алмир, бараме изземање на Јавниот Обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово, Сузана Кусигерска“, порачаа демонстрантите.


Во Битола првите новороденчиња се машки близначиња, во Куманово и Струга момчиња


Битола, 1 јануари, 2018 - 14:39 (META) 

Во Битола ноќеска точно на полноќ се родиле две машки близначиња, и тие се првите бебиња родени во новата година. Како што информираат од Клиничкиот центар – Битола, по нив на свет биле донесени уште 10 новороденчиња.

Четири бебиња се родиле на првиот ден од новата 2018 година во Куманово, а првото е машко, родено 45 минути по полноќ на Одделението за гинекологија и акушерство во кумановската Општа Болница. Првото бебе ќе го носи името Ерион, а на раѓањето било тешко 3,4 килограми, долго 51 сантиметар. Во новогодишната ноќ се родиле две момчиња и две девојчиња.

Првото бебе родено во новата 2018 година во општина Струга е машко, информираат од Гинеколошкото одделение при струшката Општа болница. Бебето кое се родило триесет минути по полноќ е од Струга и тежи 3.230 кг. По него на свет се донесени уште четири бебиња.

Првото бебе родено во Гостивар во 2018 година е девојче, родено во 5.50 часот во Гинеколошко-акушерското одделение на гостиварската болница, тешко е 3,75 килограми и долго 54 сантиметри.


Пронајден мртов човек на автопатот Скопје – Куманово


Скопје, 12 ноември, 2017 - 13:39 (META) 

Мртов човек е пронајден на автопатот Скопје – Куманово, потврдија од МВР. На местото каде е пронајден трупот немало траги од крв, ниту пак траги од кочење на возило.

Од МВР наведуваат дека се преземаат мерки за откривање на причините за смртта кај човекот и оти со повеќе детали ќе излезат во текот на утрешниот ден.


Двајца повредени при експлозија на неисправна плинска инсталација на автомобил


Куманово, 12 ноември, 2017 - 13:24 (META) 

Две лица се повредени ори експлозија на плин, соопшти МВР. Експлозијата настанала поради невнимание при замена на цевка за плин, монтирање и демонтирање на плинска боца на патничко возлило.

Повредените биле во каналот под возилото кога дошло до експлозијата од која што внатрешноста на возилото целосна изгорела, а двајцата се здобиле со изгореници од втор степен во пределот на рацете и лицето. Од експлозијата опожарена била и гаражата.

Повредените со возило на итната медицинска помош биле пренесени во медицинскиот центар во Куманово, а пожарот бил изгаснат од противпожарната единица во Куманово.


За семејствата на осудените во „Диво насеље“, косовската влада ќе даде по 10.000 евра


Приштина, 10 ноември, 2017 - 15:19 (META) 

Владата на Косово денеска додели вкупно 219.000 евра за семејствата на осудените за случајот „Диво насеље“ и на загинатите во инцидентот на 9 и 10 мај мај 2015 година, јави „Порталб“.

Мерката ја објави премиерот на Косово, Рамуш Харадинај.

– Доделени се 219.000 евра за покривање на трошоците на семејствата на осудените и на загинатите во кумановскиот случај – рече Харадинај, објаснувајќи дека тие пари ќе бидат распределени по 10.000 евра за семејство.

– Парите за обештетувањата ќе се земат од државните резерви на Косово, а ќе ги префрли министерството за финансии – објасни Харадинај.

Министерот за финансии на Косово, Бедри Хамза, побара семејствата да му достават банкарски сметки, појаснувајќи дека ќе нема никакви проблеми поради префрлањето на парите.

Првостепената пресуда за „Диво насеље“ беше изречена на 2 и 3 ноември, при што беа изречени осум доживотни затворски казни, 13 казни по 40 години затвор, шест по 20 години и уште седум казни од по 18, 14, 13 и 12 години затвор.


Протест за „Диво Насеље“ дeнеска пред Кривичен суд во Скопје


Скопје, 5 ноември, 2017 - 10:39 (META) 

На потегот од плоштадот Скендер-бег до Основен суд Скопје 1, денеска со почеток од 13 часот, ќе се одржи протест против судската пресуда за случајот „Диво Насеље“.

Протестот го организира Здружението за албанска култура, коe вчера го пријави настанот во полициската станица Бит-пазар.

Во повикот за протестот што го пренесоа дел од медиумите е наведено дека треба да присуствуваат сите граѓани кои сметаат дека „изживувањето и самоволието на судот во изрекување на казните се уште еден пример за неправедна правда и за двојни аршини од страна на судот“.

Претходно, на социјалните мрежи се договараше учеството, а според тоа, се очекуваат и демонстранти од Косово и од Албанија, кои го најавуваа своето учество.

„Нашето учество само ќе укаже на тоа колку сите сме за соживот, без маски и агенди“, велат организаторите.


ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација и за Садула Дураку


Скопје, 11 август, 2017 - 15:33 (META) 

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата за подобра Македонија денеска поднесоа интерпелација за министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.

Тоа е петтиот министер од владата на Зоран Заев за кого опозициската коалиција неделава поднесува интерпелација.

За интерпелацијата на Дураку, пратениците како причина го наведуваат тоа што тој е „виновен за крајната негрижа и неодговорност за животната средина“. На товар му ставаат дека „повеќе од три месеци граѓаните на Струга живеат во канцероген чад, граѓаните на Тетово и на Куманово мака мачат со дивите депонии, додека една третина од територијата на Република Македонија е во пламен и се кратат средства од буџетот за рехабилитација на деца кои биле жртви на загадувањата во нивните средини“.

– За сето ова ниту една институција не смогна сили да им излезе во пресрет на граѓаните бидејќи за Владата и за Министерството за животна средина и просторно планирање приоритет се партиските вработувања и назначувањето на неспособни и некомпетентни директори и функционери во институциите – рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, образложувајќи ја интерпелацијата.