!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трајановски спинува околу неговата ефикасност


Скопје, 29 септември, 2017 - 21:30 (META) 

Градоначалникот Трајановски кој од граѓаните на Скопје го бара третиот мандат има нереализирани крупни проектни ветувања, особено во делот на инфраструктурата и екологијата. Оттука, неговото спротивно тврдење е извртена вистина или спин, пишува „Вистиномер“.

„Еден од кандидатите за нов градоначалнички мандат за Скопје, Коце Трајановски, презентирајќи ја својата програма на отворањето на градскиот изборен штаб, меѓу другото го искажа и следново тврдење што го сметаме за спин: Спин:  Моите програми никогаш не биле ветени, а да не се реализираат. Се надевам дека мојата посветеност и работа на терен веќе ви е позната…

Поединечните проверки што ги правеше „Вистинимер“ во изминатите години, исто така, покажуваат дека има проекти кои биле ветени, а до ден денес не се исполнети и тоа не било кои, туку поголеми и позначајни од областа на инфраструктурата и од областа на животната средина. Така, на пример, не е реализирано ниту едно од ветувањата за подземни улици или надземни крстосници на две нивоа, за што „Вистиномер“ направил проверка“, се вели во написот.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


„Шарената револуција“ блокираше повеќе крстосници во Скопје отколку што најави


Скопје, 8 јуни, 2016 - 12:32 (META) 

„Шарената револуција“ денеска во 12 часот блокираше повеќе крстосници во центарот на Скопје. Покрај најавените три крстосници, ненајавено, со герила-акција, беше блокирана и крстосницата кај Министерство за економија, што ги изненади возачите.

Претходно, полицијата го расчисти сообраќајниот метеж на предвидените крстосници, на кои, додека беа блокирани, немаше нервозни возачи.

Како што најавија од „Шарената револуција“, тие ќе изведуваат вакви герила-акции и понатаму, сè до 18 јуни, рок кој го дадоа за решавање на политичката криза. Тие побараа оставка од претседателот Ѓорге Иванов, формирање на техничка влада, ослободување на сите притворени демонстранти и одржување на фер избори со прочистен избирачки список.


„Шарената револуција“ точно напладне ќе блокира три крстосници во Скопје


Скопје, 8 јуни, 2016 - 9:52 (META) 

Денеска точно напладне, „Шарената револуција“ и граѓанската иницијатива „Протестирам“ ќе ги блокираат крстосниците кај Судска палата, Црвен крст и кај Соборниот храм.

Со блокирањето на улиците и со мирен и достоинствен протест, демонстрантите сакаат да покажат како изгледала Македонија во годините што изминале. Тие велат дека оваа власт реагира единствено на силен притисок и на гласни граѓани. Од движењата ги повикаат граѓаните да бидат трпеливи и да се приклучат кон блокадата.

„Нашата борба продолжува со блокада на овие крстосници во центарот на градот. Нашиот протест ќе биде мирен и достоинствен. Ние живееме во блокирана држава, со блокиран пристап до правда, со блокирани и партизирани институции. Ќе го оневозможиме движењето како што со години оваа власт ги оневозможува еднаквоста пред законот и слободата на граѓаните. Ве повикуваме масовно да се приклучите кон овој протест! Наместо да се лутите, свирнете за поддршка. Сетете се, сè што бараме е правда и еднаквост за сите нас. Ова е нешто што секој треба да го поддржи“, пишува во известувањето од „Шарената револуција“.


„Шарена револуција“ блокираше неколку крстосници во центарот на Скопје


Скопје, 1 јуни, 2016 - 12:16 (META) 

Граѓани кои протестираат како дел од „Шарената револуција“ и граѓанската иницијатива „Протестирам“ денеска во 12 часот блокираа неколку крстосници во Скопје. Крстосниците на „Бит пазар“, кај Црвен крст и пред Соборниот храм беа блокирани од граѓани со знамиња на Република Македонија и неколку возила на кои пишува „#Протестирам“.

„Ова е блокада за правда и слобода. Ова е блокада против аболиции за криминалци. Ова е блокада за граѓанскиот глас да продре подлабоко во системот кој е окупиран од режим. Ги замолуваме сите граѓани за трпение и за поддршка! Ако се соочите со блокада, приклучете се, свирнете за поддршка, свирнете за себе и за слободна Македонија“, напишаа од „Шарената револуција“ на „Фесјбук“.

Александар Младеновски од „Шарената револуција“ им се извини на граѓаните на Скопје за денешната блокада на три крстосници, но вели дека тоа е во интерес на сите.

– Овој систем веќе не смее да глуми нормалност. Ги прегазија сите можни чекори и рамки. Во последните денови сме под закана и под огромен притисок да престане „Шарената револуција“ но ние не само што нема да престанеме туку ќе продолжиме во секаков вид. Нашите барања се веќе познати и ќе бидеме издржливи се додека не се исполнат. Нашиот вид на протест од ден на ден ќе го менува својот вид така да ќе продолжиме и да протестираме како и да преземаме други мерки – рече Младеновски.