Обвинетите за насилството во Собранието со поддршка за пратениците кои гласаа „за“


Скопје, 22 октомври, 2018 - 12:25 (META) 

Обвинетиот за насилството во Собранието, Вилијам Михајловски на денешното судско рочиште за настаните од 27 април рече дека сака да даде поддршка за пратениците кои во петокот во Собранието гласаа за пристапување кон уставни измени.

Михајловски во име на обвинетите рече дека „им изразуваат поддршка на храбрите пратеници кои гласаа за уставните измени“. Судијката Добрила Кацарска го прекина и го опомена Михајловски.

Претходно, пратеникот Љубен Арнаудов, обвинет за случувањата од 27 април во Собранието, на влегување во судот, изјави дека не смета оти некој е предавник и дека не знае кој стои за вчерашното писмо. Истакна дека не е точно дека имале закани и дека примиле пари.

Пред почетокот на денешното рочиште, обвинетиот Богдан Илиевски – Бетмен беше прашан дали се чувствува предаден, и посочи само „сите ние сме браќа“.

Денешното рочиште е прво по пуштањето од домашен притвор на тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов и нивното гласање за уставните измени во петокот во Собранието.

Во судот денеска се сите обвинети за 27 април, а во судницата се прегледуваат видеоснимките од собраниските камери.


Укинат домашниот притвор на пратеникот Крсто Мукоски


Скопје, 19 октомври, 2018 - 14:02 (META) 

Апелациониот суд до Основниот суд, денеска доставил решение со кое ја уважил жалбата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Мукоски, обвинет за настаните од 27 април 2018 година во Собранието и го преиначи решението на советот со што ја укина мерката куќен притвор.

На Мукоски му се определени мерки за претпазливост – Одземање на патна исправа, односно забрана за издавање нова и Обврска обвинетиот повремено да се јавува на овластено службено лице во судот во Струга.


Укинати притворите на Чавков, Мукоски и Василески, Тарчуловски и Димовски


Скопје, 27 март, 2018 - 9:36 (META) 

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василески излегуваат од истражниот затвор „Скопје“ во населбата Шуто Оризари, откако вчера попладне Врховниот суд донесе одлука да им го замени притворот со куќен притвор.

Врховен суд вчера решавашe по жалбите кои Чавков, Мукоски и Василески ги поднесоа на одлуките на Кривичниот и Апелацискиот суд, со кои им се одредуваше и продолжуваше притворот.

Врховниот суд одлучи од притвор да се пуштат и Митко Пешев, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски и Мунир Пепиќ сите вработени во МВР, на кои исто така им е одреден куќен притвор.

По вчерашната одлука во притвор остануваат уште четворица осомничени за настаните од 27 април. Меѓу нив се членовите на патриотското здружение од Велес, Горанче Анѓелов и Илија Славевски.

Врховен суд, исто така, вчера решаваше за жалбите на пратениците Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, кои повеќе од еден месец се во куќен притвор, и им го укина притворот и им одреди мерка на претпазливост, односно одземени им се патните исправи и тие мора задолжително да се јавуваат во суд еднаш неделно.


Врховен суд треба ја соопшти одлуката за притворените од 27 април


Скопје, 26 март, 2018 - 10:02 (META) 

Врховниот суд на Република Македонија денеска, три дена откако истече рокот за тоа,  треба да ја донесе одлуката по жалбите за притворите на пратениците и другите осомничени за настаните во Собранието на РМ од 27 април минатата година.

Рокот од 48 часа за донесување на решението по однос на жалбите на притворените истече во четвртокот.

Осомничени за настаните од 27 април се 35 лица, меѓу кои пратеници, организатори на протестот и вработени во МВР.

Врховен решава за жалбите на пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски и десетина осомничени граѓани.

Според претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, судот не доцни со решение, туку се работи за сложен предмет за кој не може да се очекува да има брза одлука.


Врховен суд решава за притворите на Мукоски и Василевски


Скопје, 20 март, 2018 - 9:31 (META) 

На јавна седница во Врховниот суд денеска ќе се одлучува за притворите на обвинетите за насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

Судот треба да се изјасни дали ќе биде потребно продолжување на притворот на пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски.

Тие се дел од 35-те осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Меѓу нив е и поранешниот министер на МВР, Митко Чавков.


Владо Јовановски заминува во куќен притвор, Мукоски останува во „Шутка“


Скопје, 22 февруари, 2018 - 17:08 (META) 

Кривичниот совет на Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на актерот Владо Јовановски и му ја ја замени мерката притвор во истражен затвор, со мерка куќен притвор.

Пратеникот Крсто Мукоски, чии жалби денеска ги разгледуваше Апелација, останува во притвор. Второстепениот суд го одби негово барање притворот да му биде заменет со куќен притвор.

Тој пред Кривичниот совет на Апелацискиот суд се пожали дека психичкото здравје му е сериозно нарушено и оти не планира да бега.

Јовановски и Мукоски се меѓу 35-те осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Вчера, Апелацискиот суд потврди дека ги прифатил жалбите на организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски и Богдан Илиевски и на пратеникот Љубен Арнаудов, и дека мерката притвор во истражен затвор им ја заменил со куќен притвор и одземање на пасошите. Покрај нив тројца, Апелација им одреди куќен притвор и одземање на пасошите и на Јане Ченто, Иван Цветановски и на Оливер Радулов.

Во исто време, Апелацискиот суд одлучи поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков да остане во притвор, пратеникот Јохан Тарчуловски во домашен притвор, а отфрлени се жалбите и на Горан Ангеловски, Илија Славевски, Сашо Марковски и Вилијам Михајловски.

Во притвор остануваат и пратеникот Сашо Василевски, шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, началникот во МВР, Душко Лазаров и началникот на посебните и специјалните единици на МВР, Митко Пешов откако Апелација им ги одби жалбите и ја потврди одлуката на Кривичниот суд.


И Мукоски останува во притвор, одлучи Апелација


Скопје, 17 јануари, 2018 - 14:45 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ја одби како неоснована жалбата за продолжувањето на притворот и на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, осомничен за минатогодишните насилства во Собранието од 27 април.

Второстепениот суд за жалбата на Мукоски одлучувал на затворена за јавност седница.

Со одлуката на Апелација Мукоски останува во притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, кој на 27 декември, минатата година му беше продолжен за нови 30 дена.

Судот дополнително треба да решава и за жалбите на пратениците Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски, на кои им е продолжен куќниот притвор.

Од Апелација информираат дека сè уште се чекаат одговорите на жалбите од Вишото јавно обвинителство за овие два предмети.

Инаку, Апелацискиот суд досега ги одби сите жалби за продолжените притвори на осомничените за 27 април, меѓу кои и на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, на актерот Владо Јовановски, на Игор Дурловски, Богдан Илиевски – Бетмен и на пратениците Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љубен Арнаудов.

За насилствата во Собранието се осомничени 36 лица, кои се товарат за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.


Продолжен притворот на пратениците и на Чавков, Илиевски, Дамовски, Дурловски…


Скопје, 27 декември, 2017 - 15:55 (META) 

Кривичниот суд во Скопје денеска им го продолжи притворот за нови триесет дена на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и на уште шестнаесет лица осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, оваа година.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје постапувајќи по предлог на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор и мерката куќен притвор за 29 лица, а во врска со настаните од Собранието на Р.Македонија од 27 април, донесе решенија со кои го прифати предлогот на обвинителството и за К.М., С.В., Љ.А., М.Ч., Д.Л., Г.Ѓ., О.П., О.Р., М.П., А.А., Е.Д.Б., И.Ц., Б.Д., Б.И., В.Ј., И.Д., М.П., З.С., Ј.Ч., И.С., Г.А., В.Т. и В.М. ја продолжи мерката притвор во траење од 30 дена“, стои во соопштението на судот.

Куќниот притвор им е продолжен на пратениците Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и на уште еден осомничен, додека за С.М. и М.М. судот го прифати предлогот на обвинителството за укинување на мерката притвор и определување мерка куќен притвор.

Против овие решенија осомничените имаат право на жалба до Апелацискиот суд во рок од 48 часа од приемот на решенијата.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 28 ноември отвори истрага против 36 лица за насилствата во Собранието, кои ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата.


Судот им одреди притвор на пратениците Мукоски, Арнаудов и Василевски


Скопје, 5 декември, 2017 - 15:48 (META) 

Кривичниот суд по денешниот распит, попладнево им одреди притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, осомничени за насилствата во Собранието од 27 април. Нивните колеги, Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, добија куќен притвор.

Мукоски, Арнаудов и Василевски попладнево, со полициска придружба, беа изнесени од задниот влез на Кривичниот суд и ставени во полициско комби, кое треба да ги спроведе во истражен затвор на издржување на мерката.

Од судот попладнево и официјално ги соопштија одлуките по денешниот распит на шестемина пратеници.

„Постапувајќи по предлог на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 денеска беа повикани шест лица опфатени со предлогот на обвинителството, а по нивно изјаснување во однос на предлогот судијата на претходна постапка донесе решенија со кои за К.М., Љ.А. и С.В. го прифати предлогот на обвинителството и им определи притвор во траење од 30 дена. За Ј.Т. и Ж.П. судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и им определи куќен притвор. За Љ.Д. судија на претходна постапка не го прифати предлогот на обвинителството за определување притвор и му определи куќен притвор“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Притворените имаат право на жалба во рок од 24 часа.

Шестемина пратеници денеска дојдоа на сослушување во Кривичниот суд откако во петокот минатата недела, Собранието на пленарна седница одлучи да им го одземе имунитетот.

Од вкупно 36 осомничени за насилствата во Собранието, во притвор веќе се наоѓаат поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, организаторите на протестите од „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски и уште дваесетина лица.

Обвинителството за организиран криминал и корупција сите ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата.


Комисиската расправа за предлог-буџетот за 2018 година закажана за утре


Скопје, 4 декември, 2017 - 16:41 (META) 

Првото продолжение на 12. седницата на Комисијата за финансирање и буџет, на која треба да се расправа за предлог-буџетот за 2018 година, треба да се одржи утре.

Оваа седница почна на 27 ноември и иако беа закажани неколку продолженија, не се одржа ниту едно.

Еден од членовите на Комисијата за финансирање и буџет е и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, кој во вторникот беше уапсен заедно со уште дваесетина лица поради основано сомневање за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста, од член 313 од Кривичниот законик.

ВМРО-ДПМНЕ и Беса имаат поднесено 270 амандмани за предлог-законот за буџетот.