!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Министерство за култура: За Домот на културата во Охрид речиси ништо не е сработено


Скопје, 11 јули, 2017 - 14:39 (META) 

Министерството за култура денеска се огласи со реакција на вчерашната прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски, кој обвини дека министерот Роберт Алаѓозовски ги прекинал и ги поништил постапките за реализација на проектот за реконструкција, надградба и за осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

„Лага е дека за овој објект бил обезбеден буџет и дека била завршена постапката за избор на проектант. Всушност, токму за тоа идејно решение бил распишан тендер за избор на проектант, а поради промени во буџетот, односно несоодветно испланирани финансии за реализација, министерот за култура одлучи да ја поништи оваа постапка. Од изнесените наводи, точно е само тоа дека досега било избрано само идејното решение за новиот изглед на Центарот за култура“, се вели во реакцијата.

Министерството за култура информира дека ја анализира документацијата за проектот, по што ќе следува избор на проектант преку јавен тендер.


ВМРО-ДПМНЕ: Алаѓозовски спречи Охрид да добие современ центар за култура


Скопје, 10 јули, 2017 - 16:26 (META) 

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, тајно и зад грбот на јавноста, без никаква транспарентност ниту дебата, ги прекина и ги поништи постапките за реализација на проектот за реконструкција, надградба и за осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во кој се сместени и работат националните установи Театар Охрид, „Охридско лето“ и Библиотеката „Григор Прличев“, обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски.

– Веќе беше обезбеден буџет, избрано беше идејно решение и фирма проектант, која треба да ја изработи потребната проектна документација по што би се почнало со градежните активности за реконструкцијата на објектот. Но, сега тоа е стопирано од Алаѓозовски, Заев и од СДС, кои не сакаат во Охрид да има нов, современ и квалитетен објект, кој не е ниту нивна идеја ниту, пак, нивно дело. По контекст на ова, јавно ги прашуваме министерот за култура и владата на СДС, дали прекинувањето на овој значаен проект за бисерот на културата, Охрид, значи „живот“ за Охрид и за охриѓани? Дали за Алаѓозовски, охриѓани не се достојни да добијат објект на кој ќе се гордеат и во кој ќе може да ги следат бројните културно-уметнички настани во својот град? – праша Јовановски.


ВМРО-ДПМНЕ: Ние не сме Срби ниту Бугари, престанете со негаторскиот однос


Скопје, 22 јуни, 2017 - 15:46 (META) 

„Престанете со негаторскиот однос кон Македонија. Престанете да нè навредувате. Ние не сме ниту Срби, ниту србомани, а уште помалку антибугари. Ние сме Македонци. Престанете сите кои се чувствуваат како Македонци да ги нарекувате Срби или србомани или да ги обележувате како непријатели на Бугарија“, порача денеска ВМРО-ДПМНЕ, преку две прес-конференции на пратениците Крсто Јовановски и Зоран Илиоски.

„Македонија не навредувала ниту, пак, омаловажувала никого. Јавните настапи на Зоран Заев во Софија ја отворија Пандорината кутија. Зоран Заев кажа дека Македонија го затворала поглавјето на национализам и на омраза. Ваквиот негов настап беше поздравен и пофален и од европратеникот Џамбаски и од директорот Димитров. Џамбаски срамно ја нарече Македонија творба на Kоминтерната и плод на српската пропаганда, а Димитров целата посета ја протолкува како историска бидејќи со реализација на договорот се укинувал македонизмот и се одело во насока на формирање втора бугарска држава“, порача пратеникот Крсто Јовановски.

Тој рече дека Македонија не е плод на српската пропаганда ниту, пак, творба на Коминтерната.

– Децата во Македонија мора да учат македонска историја и не смее да им се наметнува никаква туѓа. Македонската историја е само  македонска. Таа е автономна и автохтона. Исто како и Илинденското востание – рече Јовановски.

Илиоски праша дали Македонија со новата власт ќе ги менува учебниците по историја и на кој јазик ќе се потпишува договорот за добрососедство.

– Овие прашања го вознемируваат македонскиот народ. Овие прашања заслужуваат одговор. На кој јазик ќе се потпише договорот со Бугарија и дали Бугарија ќе го признае македонскиот јазик и македонскиот народ? Дали ќе стои во договорот дека Македонија има своја, автохтона историја? Дали во договорот ќе има реципроцитет во однос на обврските на двете страни? Градењето на добрососедски односи не подразбира уривање на сопствените државни и национални интереси. За жал, Зоран Заев продолжува да манифестира основно непочитување кон сопствениот народ јазик и историја – порача Илиоски.


ВМРО-ДПМНЕ: МВР мора да бара одговорност од тие што го поттикнале „атентатот“ врз Тодоров


Скопје, 4 јуни, 2017 - 15:28 (META) 

Обидот за атентат врз Никола Тодоров не беше афектен чин, туку чин кој беше поттикнуван со години, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски, денеска на прес-конференција во партиското седиште рече дека СДСМ и „невладините организации под контрола на Сорос измислуваа стотици лаги против Тодоров само за да ја подготват и да ја подгреат атмосферата до момент во кој некој ќе им поверува и ќе одлучи да пролее крв“.

– Нема земја во светот во која не починал пациент, но тие сметаа дека со прогласувањето на Тодоров за масовен убиец ќе успеат да манипулираат со чувствата на болните, нивните блиски или оние кои загубиле некого. Јасно е дека атентаторот не се одлучил сам да го стори убиството токму на првиот ден од доаѓањето на Зоран Заев на власт – изјави Јовановски.

Тој ги повика органите на прогонот да утврдат кој му го дал пиштолот на осомничениот за да го стори криминалниот акт и да побараат одговорност од сите што го поттикнувале и го помагале атентатот.

– Молкот е неприфатлив. Не смее да се молчи и за подметнатата бомба во семејната куќа на пратеникот Антониjо Милошоски. Не смее да се молчи ниту за демолирањето на автомобилот на Гордана Јанкулоска. Доколку Министерството за внатрешни работи наскоро не ги изведе виновниците пред лицето на правдата ќе биде повеќе од јасно кој стои зад овие крвави пресметки. Јавноста веќе гледа на каков начин антиреформската влада ќе врши дефокус наместо да се посвети на ветувањата што ги даваше. ВМРО-ДПМНЕ им порачува на сите што мислат дека со вакви подли и кукавички акти ќе нè уплашат и ќе нè замолчат дека многу се лажат – рече Јовановски.


Јовановски: Кабинетот на Џафери се претвори во штаб на ДУИ


Скопје, 5 мај, 2017 - 16:00 (META) 

Трет ден како нелегално избраниот претседател на Собранието не ги отстранува албанските знамиња од кабинетот. Сведоци сме дека освен знамињата на туѓа држава, кабинетот кој би требало да му припаѓа на легално избран претседател се претвара во штаб на ДУИ, рече денеска на прес-конференција Крсте Јовановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој изрече и осуди за Зоран Заев, обвинувајќи го дека води антидржавна политика.

– ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува последните изјави на криминалецот Зоран Заев, со кои ја оспорува посебноста на македонскиот народ и им дава аргументи на сите што го негираат македонскиот идентитет – рече Јовановски.

Тој обвини дека Заев ја прифатил „тиранската платформа“ и брза да ја реализира и рече дека постапките на претседателот на СДСМ не се гаф, туку разнебитување на Македонија кое Зоран Заев го спроведува „по насока на некој сценарист кој не сака да постои Македонија“.


ВМРО-ДПМНЕ: СДС мора да ја прифати волјата на народот


Скопје, 22 април, 2017 - 16:42 (META) 

„СДС мора да ја прифати волјата на народот“ и мора да престане да води антимакедонска политика и да се пазари со националните и државни интереси, изјави денеска на прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски.

– Граѓаните јасно кажуваат дека тиранската платформа врз која СДС сака да формира влада не смее да се реализира. Народот е против редефинирање и против разнебитување на Македонија. Народот е тој што ќе спречи двојазичност, менување химна, менување знаме, име, народот е тој кој ќе спречи менување на мултиетничкиот карактер на Македонија и нејзино претворање во бинационална држава со тенденција за федерализација и за кантонизација. Тоа што аболираниот криминалец Зоран Заев го ветувал дома и надвор, не поминува кај граѓаните – изјави Јовановски.