!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кривични пријави против четворица момчиња за извршени разбојништва во Карпош и Центар


Скопје, 7 јануари, 2018 - 12:27 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривични пријави против Л.А. (21), Ф.С. (20), Џ.Ќ. (17) и Б.Е. (19), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела, разбојништво.

Пријавените ги извршиле кривичните дела во периодот од 27 до 30 декември 2017 година, на подрачјето на општините Карпош и Центар во вечерните часови, и на тој начин се стекнале со противправна имотна корист од околу 80.500 денари.

На 27 декември 2017 година, околу 20.30 часот во Градски парк во Скопје, кај големото езерце, Л.А., Ф.С. и Џ.Ќ. со закана со нож на оштетениот му го побарале мобилниот телефон и пари, по што го турнале во езерцето. После тоа побегнале од местото на настанот.

На 28 декември 2017 година, околу 20.00 часот на улица Јордан Хаџи Константинов-Џинот, четворицата пријавени пресретнале четири малолетници и со закана со нож и метален боксирач од оштетните одзеле пари и мобилни телефони.

На 29 декември 2017 година околу 22.30 часот на пешачката патека на кејот на реката Вардар, Л.А., Ф.С. и Џ.Ќ., со закана со ножеви, од две лица одзеле паричник и мобилен телефон. Пријавените физички нападнале едно од оштетените лица затоа што им се спротивставил. Откако го извршиле кривичното дело, Л.А. го продал телефонот на лице од село Кондово. Лицето кое го купило мобилниот телефон подоцна заклучило дека телефонот не му припаѓал на продавачот. Настанот го пријавил во полициска станица, а мобилниот телефон го вратил.

По преземени оперативни мерки било утврдено дека можни сторители на кривичните дела се горенаведените лица. Подоцна, во полициска станица, пријавените биле препознаени од оштетените. По извршен разговор со четворицата пријавени, истите ги признале делата.


СВР Штип околу Нова година запленил три килограми марихуана – двајца притворени


Штип, 2 јануари, 2018 - 13:16 (META) 

Секторот за внатрешни работи Штип во два одвоени случаи запленил околу три килограми марихуана и поднел кривични пријави против три лица, кои се товарат за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и прекузори.

Во едниот случај, кривична пријава е поднесена против 33-годишниот штипјанец Б.М. во чиј, при претрес полицијата пронашла и запленила околу половина килограм марихуана, псакувана во три најлонски ќеси.

Вториот случај бил реализиран од екипа на надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани кои по добиени инофрмации на 29 декември, минагтата година извршиле претрес во домот на 20-годишната Н.Ј. од каде заплениле 2.245 килограми марихуана, 133 таблети амфетамин и дигитална вага.

Истиот ден бил извршен и претрес во домот на 22-годишниот К.С. во Кочани. Кај него биле пронајдени 21,82 грама марихуана и дигитална вага.

На Б.М. и на Н.Ј. судија на претходна постапка им одредил мерка притвор од 30 дена.


Кривична пријава за полициски инспектор поради злоупотреба на службената положба


Кочани, 22 декември, 2017 - 13:37 (META) 

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против полициски инспектор од надворешната канцеларија за криминалистички работи во Кочани, поради злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што соопшти МВР, инспекторот со иницијали З.С. е осомничен дека „со непреземање на службени дејствија дозволил да застарат кривични пријави со што предизвикал штета на засегнати граѓани од 409.000 денари (околу 6.650 евра)“.

Против полицаецот е поведена и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе биде суспендиран од работното место до завршување на постапката, додаваат од МВР.


Mалолетници од Битола осомничени за 14 кражби на мотоцикли


Битола, 28 октомври, 2017 - 12:50 (META) 

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе извештај до надлежното Oсновно јавно обвинителство против шест малолетни лица на возраст од 13 до 17 години, поради сомневање дека извршиле 14 кражби и тешка кражба.

„Имено, пријавените во 14 случаи, при тоа во различен состав од лица, во периодот од 11 април до 14 август годинава низ повеќе локации во Битола, од пред куќи, визби, влезови на згради, одземале различни марки мотоцикли – скутери, како и велосипед. Пријавените со преземените дејства предизвикале вкупна материјална штета од 904.000 денари“, се вели во соопштението на МВР.


Кривични пријави за вработени во Општина Прилеп за незаконско легализирање деловен простор


Прилеп, 24 октомври, 2017 - 15:49 (META) 

Кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување поднела полициската станица од Прилеп, против раководителот на секторот за урбанизам во Општина Прилеп, како и против уште четворица вработени во Општината, еден геометар и директорот на „Пелагонија турс“ од Прилеп, поради незаконска легализација на деловен објект, соопшти МВР.

Пријави добиле И.К. (61), раководител на сектор за урбанизам во Општина Прилеп, И.Ч. (66), раководител во одделение за урбанизам во Општина Прилеп, како и К.Б. (60), член на комисија за утврдување на фактичка состојба на лице место во постапки за легализација и Б.В. (62), исто така член на комисијата. Пријавен е и С.К. (61), управител на ДОО ,,Пелагонија турс“ Прилеп, како и П.И. (50), геодет, вработен во ГПС ,,Премер“ ДООЕЛ Прилеп.

Според полицискиот билтен, првопријавениот И.К., од 25 август 2011 година до 22 ноември 2013 година, во договор со другите пријавени, презел дејства за легализација на деловен објект кој не можел да биде предмет на постапување во согласност со Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Со тоа пријавените овозможиле „Пелагонија турс“ ДОО Прилеп да стане сопственик на деловен  простор на приземјето од станбено-деловна зграда на улицата Маршал Тито во Прилеп, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 7.995.000 денари (130.000 евра).


Полицијата привела 19 лица за време на изборите


Скопје, 16 октомври, 2017 - 18:15 (META) 

Во текот на вчерашниот ден, за време на изборниот процес, од седум до 19 часот, приведени се вкупно 19 лица, соопшти МВР.

Десет лица се приведени поради фотографирање гласачко ливче. Од МВР посочуваат дека сите овие случаи се расчистени и против лицата ќе бидат поднесени прекршочни пријави.

Во Битола приведени се три лица поради сомнеж дека давале поткуп при гласање. За нарушување на јавниот ред и мир, МВР поднела четири прекршочни пријави за три лица.

Од МВР истакнуваат се поднесени и три кривични пријави, една за напад на службено лице при вршење работи на безбедноста и две за злоупотреба на избирачко право.

Министерството за внатрешни работи истакна дека презема мерки и активности за расчистување и на другите случаи кои беа пријавени во текот на вчерашниот ден и дека по расчистувањето, соодветно ќе ја информира јавноста.


Спасовски: МВР веќе не прислушува нелегално, отворени сме за контрола


Скопје, 1 октомври, 2017 - 13:29 (META) 

„Одговорно тврдам дека веќе не се прислушува нелегално и за тоа може да имаме експертски контроли, собраниски контроли во секое време. Ние стоиме на располагање и сме отворени, врз основа на законските прописи, да се направат такви контроли“, вели вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

Тој, исто така, ги отфрла обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека МВР е вклучено и злоупотребено во кампањата на СДСМ, со тоа што се извршени полициски интервенции врз активисти на ВМРО-ДПМНЕ и врз кандидатот за градоначалник во Ново Село.

– Таквите обвинувања ги отфрлам во целост. Луѓето што МВР си го нарекуваа МВРО немаат никаков кредибилитет да зборуваат за тоа дека некој партизира институција на системот или поточно го партизира МВР. За нас врвен приоритет е да имаме фер и демократски избори, затоа се подготвуваме, правиме обука на сите полициски службеници што ќе учествуваат во спроведувањето на изборите, заедно со ОБСЕ – вели министерот за внатрешни работи.

Тој вели и дека МВР не можело да чека да поминат изборите за да се поднесат кривични пријави против градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, од кои дел се повторно кандидати на партијата за тие функции.

– Ако го видите извештајот на Прибе, јасно укажува дека не се преземаат доволно мерки кои би ја задоволиле правдата во Македонија. Од тој аспект, навистина временски детерминиран систем или модел, кога и на кој начин ќе реагира МВР е ирелевантно. Ние мора да ги утврдиме фактите и доказите и без разлика дали е некој на одредена позиција или е обичен граѓанин, доколку постојат аргументи и факти што треба да бидат процесуирани со закон, тоа треба да се направи. Се поставува прашањето зошто тие аргументи и факти биле чувани некаде во фиоки или не биле процесуирани досега и навистина не може и не се согласувам дека Министерството за внатрешни работи не треба да биде активно и дека не треба да ги спроведува своите овластувања кога било, кога се работи за криминал – вели Спасовски.


МВР поднесе три кривични пријави против градоначалникот на Неготино


Неготино, 19 септември, 2017 - 13:39 (META) 

Полицијата во Неготино поднела три кривични пријави против градоначалникот на општината, Ванчо Апостолов, кој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Како што информираат од МВР, првата кривична пријава е поднесена бидејќи градоначалникот од 2014 до 2017 година без тендерска постапка склучил договор со локален интернет-портал за рекламирање на општината, објавување огласи и конкурси, текстови за тековното работење и за други услуги од информативен карактер. На порталот за услугите во овие четири години му исплатени вкупно 480.000 денари (околу 7.800 евра), односно сумата за која МВР го товари Апостолов дека го оштетил буџетот на Општината.

Со втората кривична пријава, градоначалникот е осомничен дека кон крајот на 2015 година издејствувал Советот на Општината да го прифати барањето фирмата „Рудуна енергија“ за ослободување од плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште (комуналии) за изградба на фотонапонска електроцентрала, во кое тој бил еден од содружниците и основачите.

„Спротивно на Законот за судир на интереси, со одлука на Советот на Општина Неготино, друштвото е ослободено од плаќање надоместок за комуналии во висина од 1.765.000 денари (28.700 евра), со што за таа сума е оштетен општинскиот буџет“, стои во соопштението на МВР.

Апостолов е осомничен и дека кон крајот на јули оваа година донел решение за престанување на мандатот на в.д. директорот на Основното училиште „Страшо Пинџур“, кој бил поставен на оваа функција кон средината на октомври 2015 година. Според полицијата, градоначалникот не ги испочитувал роковите на траење на мандатот на вршител на должност на некоја функција.


Уште две пријави за насилствата во Собранието, а двајца од УБК на испрашување во СВР-Скопје


Скопје, 19 мај, 2017 - 13:13 (META) 

Поднесени се две нови кривични пријави за насилствата во Собранието на Република Македонија на 27 април, до Основно јавно обвинителство Скопје се испратени уште три известувања, а во СВР Скопје е извршен разговор со двајца вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање и за нив ќе биде подготвен поднесок, информира МВР за најновите активности од истрагата за сериозниот инцидент.

Исто така, не бил извршен еден претрес на дом зашто на полицајците никој не им отворил врата.

Секторот за внатрешни работи – Скопје поднел кривични пријави против А.Б. (60) од Тетово и А.Ш. (22), товарејќи ги за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејство, според чл. 384 од Кривичниот законик.

„А.Б., откако насилно влегол во Собранието, во прес-салата се туркал и се обидел физички да се пресмета со обезбедувањето на пратеникот О.С., упатувајќи им закани. Во моментот кога сакал да се доближи до пратениците, бил задржан од друго лице. Второпријавениот, А.Ш., насилно ја отворил влезната врата на Собранието, удирајќи ја со раце и со нозе, притоа туркајќи ги и влечејќи ги полициските службеници поставени во кордон пред вратата. За преземените дејства на двајцата пријавени обезбедени се видеозаписи, со нив биле извршени разговори во кои целосно ги појасниле преземените дејства, по што истите се ослободени“, стои во соопштението од МВР.

Исто така, до Основно јавно обвинителство Скопје доставени се три известувања. Првото е за прегледани видеоматеријали, при што било утврдено дека осум лица се присутни во Собранието, но стоеле мирно. Второто и третото известување се за побарана евиденција на разговори на едно лице против кого претходно била поднесена кривична пријава, а третото е известување дека е обезбедена целокупната здравствена документација за повредените кои побарале лекарска помош во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ (поранешна Градска).

Во СВР Скопје бил извршен разговор со С.С. (38) од Скопје, по што е ослободен, како и со О.Р. (42) и со С.М. (51), вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. По извршениот разговор и тие биле ослободени, а во консултации со јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен поднесок, информираат од Секторот.

СВР Скопје известува и дека вчера се обиделе да извршат претрес во домот на  И.Ј. (46) од Куманово, но претресот не бил извршен бидејќи никој не ја отварал вратата.


Финансиската полиција поднесе кривични пријави против поранешни градоначалници


Скопје, 15 мај, 2017 - 14:55 (META) 

Управата за финансиска полиција подготвила пет кривични пријави против поранешни градочалници на општините Струга, Свети Николе, Дебар, Студеничани и Долнени, како и против едно физичко и едно правно лице. Пријавите се поднесени во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое соопшти дека ги проучува пријавите и ќе се произнесе за нив.

„Кривичните пријави се поднесени поради основан сомнеж дека се направено кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство од член 275-в од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството.