!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нова кривична пријава против деветмина учесници во насилствата во Собранието


Скопје, 5 јуни, 2017 - 17:22 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје поднел нова кривична пријава против девет лица од Скопје, Кочани и од Кичево, осомничени за учество во насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април оваа година, соопшти денеска МВР.

Осомничените се товарат за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство, напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста и за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

Според МВР, осомничените на 27 април заедно со други лица, против кои веќе се поднесени кривични пријави, како и со поголема група засега неидентификувани лица, откако го пробиле полицискиот кордон пред Собранието, влегле внатре, го демолирале ходникот и нападнале тројца полицајци од внатрешното обезбедување на Собранието. Потоа, тие влегле во салата број 3, каде физички ги нападнале пратениците Зоран Заев (сега премиер), Зијадин Села, Радмила Шекеринска (сега министерка за одбрана), Оливер Спасовски (сега министер за внатрешни работи) и други пратеници од СДСМ, ДУИ и од Алијанса за Албанците.

СВР Скопје, се додава во соопштението на МВР, и понатаму презема мерки и активности во врска со настаните од 27 април за „обезбедување на преостанатите кривично пријавени лица, како и за идентификација и за документирање и на други лица учесници во настаните“.

МВР досега поднесе кривични пријави против повеќе од 30 лица, а деветмина од нив се осудени на условни казни.


Поднесена кривична пријава против напаѓачот на Тодоров


Скопје, 2 јуни, 2017 - 15:48 (META) 

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје против 60-годишниот Љупчо Стојановски од велешкото село Каласлари, поради основан сомнеж дека вчера пред Министерството за здравство, со употреба на огнено оружје, пиштол, се обидел да го убие поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, соопшти МВР.

Во соопштението се наведува дека таткото на Тодоров ѝ сооопштил на полицијата дека Стојановски вчераутро во периодот меѓу 8.15 и 8.45 часот, се појавил на домашната адреса на поранешниот минитер, барајќи да се види со него.

На местото на настанот од страна на СВР Скопје-ЕУМНА е извршен увид и подигнатиот материјал – еден пиштол и други предмети, е доставен за понатамошна обработка, а пријавениот по укажаната лекарска помош е задржан во полициска станица. Во дадената изјава пред полициските службеници од Единицата за насилен криминал, Љ.С., во присуство на адвокат го искористил правото на молчење.


Поднесена кривична пријава за нападот врз Заев во Собранието


Скопје, 22 мај, 2017 - 20:49 (META) 

Единицата за насилен криминал во СВР Скопје до Основно јавно обвинителство Скопје доставила уште една кривична пријава, против лицето Ј.Ч. (28) од Прилеп, поради постоење основи на сомневање за извршено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

Тој на 27 април околу 19 часот откако со употреба на физичка сила насилно влегол во Собранието на Република Македонија, се упатил во прес салата 3 и физички го нападнал претседателот на СДСМ, Зоран Заев удирајќи го со нога во пределот на стомакот.

На 19 мај Ј.Ч. е повикан и со него извршен е разговор во кој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело, а во консултација со Јавен обвинител по извршениот разговор тој бил ослободен.

До Основно јавно обвинителство доставено е и „известување во врска дејствие“ на охриѓанецот М.М. (45), вработен во Единицата за потраги при СВР Скопје.

Тој бил службено ангажиран како физичко обезбедување на протестот за „За заедничка Македонија“ но околу 19 влегол во Собранието при што се обидел и насилно да го одземе службеното оружје на еден од обезбедувањето на Заев кога тој го извадил пиштолот од футрола и испукал еден проектил во воздух со цел да ја спречи и предупреди толпата.

Дополнително МВР информира дека лишено од слобода е уште едно лице од Охрид со иницијали К.Т. Во саботата тој бил приведен на скопскиот аеродром по што бил сослушан и задржан во полициска станица. Подоцна бил сослушан и од единицата за насилен криминал по што е ослободен, а во консултации со јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен примерок.


Покрената кривична пријава против тетовец за разбојништво


Тетово, 21 мај, 2017 - 13:44 (META) 

Кривична пријава поради основано сомнение дека сторил кривично дело „разбојништво“ е поднесено против тетовец. Тој се сомничи дека заедно со непознато женско лице нападнале и ограбиле жител во стан на улицата „Методија Митевски“ во Скопје.

Од МВР информираат дека кривичната пријава е поднесена против Н.Ш. (32).

На 6 јуни минатата година околу 17 часот непознатото женско лице отишло во станот на оштетениот под изговор дека ја испратил негов пријател за да и најде стан под кирија. Се задржала околу 15 минути и си заминала. Подоцна, околу 23 часот таа се вратила во станот под изговор дека нема каде да преспие, додека пријавениот Н.Ш. останал во ходникот од зградата да ја чека. По кратко време непознатото женско лице ја отклучила влезната врата и телефонски го повикала пријавениот да влезе во станот. Откако влегол пријавениот, женското лице го удрила оштетениот во пределот на лицето, го соборила на подот и со помош од пријавениот го покрила со ќебе. После тоа продолжила да го држи оштетениот. Во меѓувреме, пријавениот извршил пребарување по мебелот од дневната соба од каде одзел еден пиштол марка „Бровинг“ калибар 7.65 м.м. во кој имало рамка со три куршуми и пари. После тоа двајцата го напуштиле станот.
Увидна екипа на СВР Скопје извршила увид на местото на настанот, по што по наредба на јавен обвинител извршено е вештачење на траги најдени на местото на настанот.

На 11 мај 2017 година од страна на полициски службеници од СВР Тетово, лицето Н.Ш. е лишено од слобода и е предадено на полициски службеници во ПС ОН „Бит Пазар“ каде е извршен разговор во кој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.

Секторот за внатрешни работи Скопје и панатаму презема мерки и дејствија за откривање на непознатото женско лице. По нејзино откривање ќе следи соодветен поднесок.


„За нас се работи“ поднесе кривична пријава против директорите на ЕЛЕМ и на РЕК Битола


Битола, 16 мај, 2017 - 13:06 (META) 

Битолското здружението „За нас се работи“ денеска до Основното јавно обвинителство – Битола поднесе кривична пријава против седуммина директори и раководители на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) и на РЕК Битола поради сторено кривично дело загадување на животната средина и на природата.

Битолските екологисти кривичната пријава ја поднесоа против генералниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски, директорот на РЕК Битола, Иван Куковски, директорот за развој и за инвестиции во комбинатот, Тони Паспаловски, директорот на рудници, Панде Петковски, раководителот на отпепелување на РЕК Битола, Симо Атанасов, како и одговорното лице на ХТВ-лабараторија, Лидија Поповска.

Здружението ги сомничи директорите и раководителите дека во периодот од 2010 година до денес на сопствената депонија, која се наоѓа во непосредна близина на РЕК Битола, во село Новаци, при одложување на отпадот во вид на пепел и на згура, несовесно и со непреземање мерки за заштита на животната средина не го спречиле проширувањето на радиоактивниот отпад, при посилен ветер, низ Пелагониската Котлина и низ поблиските села. Со ова тие ги загадиле воздухот, водата и почвата и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето, иако „знаеле дека одлагањето на пепелта се врши на несоодветен начин и дека при неповолни временски услови може да дојде до загадување на околината“.

– Предлагаме ОЈО Битола да спроведе истрага и да поднесе обвинение заради сторено кривично дело загадување на животната средина и на природата – рече Иван Чулаковски од здружението „За нас се работи“.

Воедно екологистите обвинуваат дека ЕЛЕМ како „наводно општествено одговорна компанија“ се однесува „неодговорно дрско и безобразно кон жителите од Пелагонискиот Регион, во кој спаѓа и градот Битола“.

– Кривичната пријва е само почеток на судски процес кој доколку е потребно, ќе стигне и до меѓународни судови, сè до целосно решавање на проблемот со кој се соочуваат жителите на Пелагонија – рече Илија Балтовски од „За нас се работи“.


ОЈО: Kуќен притвор и мерки на претпазливост за двајца напаѓачи во Собранието


Скопје, 7 мај, 2017 - 11:29 (META) 

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство поднело две кривични пријави, против две лица за учество во толпа, информираат од Обвинителството.

„За едното лице, надлежен јавен обвинител по прибирање на доказите ја утврди дадената правна квалификација. Со оглед на обемната медицинска документација за здравствената состојба на осомничениот, јавниот обвинител кој постапува во предметот предложи до судија на предходна постапка од Основниот суд Скопје 1, определување мерки на претпазливост. Со решение на судот, на лицето му се определени мерки за претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа, забрана за приближување на место каде се одржува протест во растојание од 500 метри и забрана за приближување на лицата кои евидираат како оштетени од овој настан“, се додава во соопштението.

За другото лице за кое е поднесена кривичната пријава, Основното јавно обвинителство Скопје ја прифатило правната квалификација за сторено кривично дело.

„Ценејќи дека постојат законски основи, надлежен обвинител до судија на предходна постапка достави предлог за определување мерка на обезбедување. Судот со решение на осомничениот му определи мерка куќен притвор со времетраење од осум дена“, додаваат од Обвинителството.


Нови пет лица добија кривични пријави за дивеењето во Собранието


Скопје, 2 мај, 2017 - 17:36 (META) 

СВР Скопје денеска ја дополни кривичната пријава за дивеењето и за бруталното насилство во Собранието во четвртокот со уште пет лица, со што сега бројката на идентификувани се искачи на 20 лица.

Според соопштението од полицијата, новите петмина пријавени, кои се од Скопје, Куманово и од Велес, се идентификувани по прегледување на видоснимките од медиумите и од безбедносните камери во Собранието. И тие, како и претходно пријавените, МВР ги гони за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, по член 385 од Кривичниот законик.

Како што соопшти СВР Скопје, тоа се  Д.П. (33) од Скопје, Т.Т. (53) од Куманово, В.Т. (40) од Скопје, И.С. (44) од Велес и В.Ц. (33) од Скопје. Според кривичната пријава, откако пријавените влегле во салата 3 во Собранието, И.С. со фантомка на главата упатувал закани и пцости кон присутните, по што ја извадил фантомката и престанал со насилното однесување.

Т.Т. со тупаници ги нападнал пратениците и фрлал со тврди предмети кон нив и кон нивното обезбедување, В.Т. со лакт ја удрил пратеничката Радмила Шекеринска во пределот на грбот, а со противпожарен апарат прскал дел од пратениците кои биле во близина на лифтовите.

Пријавениот В.Ц. му се заканувал на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и го пцуел, а Д.П. со тупаница го нападнал пратеникот А.Г., а навредувал и други пратеници и присутни.

СВР Скопје информира дека продолжуваат мерките за идентификување и на другите насилници.


МВР ги идентификувало лицата што го отвориле главниот влез на Собранието


Скопје, 2 мај, 2017 - 14:53 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје доставил три нови известувања за неколку лица во врска со истрагата за насилствата во Собранието на Република Македонија од минатиот четврток.

Известувањата биле пратени откако по прегледот на видеоматеријалите од безбедносните камери на Собранието биле идентификувани лица кои учествувале во отстранувањето на блокадата на вратата од главниот влез на законодавниот дом, од внатрешната страна, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Во неделата, СВР Скопје поднесе кривична пријава против вкупно 15 лица, кои се товарат за кривичните дела учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство и учество во толпа што ќе изврши кривично дело.

Претходно ОЈО Скопје побарало распишување на централна потерница за приведување на сите 15 осомничени.

„На 30 април 2017 г. од слобода беа лишени осум лица, кои беа изведени пред судија на претходна постапка, кој за петмина од нив изрече мерка притвор од осум дена, за едно лице – мерка домашен притвор, а за две лица – мерка претпазливост.

Од МВР додаваат дека СВР Скопје во координација со ОЈО Скопје продолжува интензивно да работи на понатамошна идентификација на лица кои биле учесници во насилствата од 27 април.


МВР: Кривични пријави за 15 лица, петмина приведени за учество во толпа


Скопје, 30 април, 2017 - 15:37 (META) 

За насилниот напад во Собранието, при што повредени беа неколку пратеници, МВР поднело до Основото јавно обвинителство 15 кривични пријави кои се однесуваат на неколку членови од кривичното дело учество во толпа. Како што информира МВР, петмина од идентификуваните веќе се приведени.

Против лицата Б.М. (38), Н.М. (34), К.Џ. (54), Д.Д. (45), В.Н. (45), С.П. (57), А.З. (63) од Скопје и Д.Х. (43) од Прилеп е поднесена кривична пријава за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство. Против Д.В. (36), А.С. (39), М.Ц. (39) и М.С. (47) поднесени се пријави за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, а против Д.А. (62) од Скопје и И.Ј. (46) од Куманово пријавите се однесуваат на двете кривични дела.

„Врз основа на прегледани видеоматеријали и преземени оперативни мерки, извршена е идентификација на горенаведените лица и петмина од нив веќе се приведени. Покрај ова, МВР до надлежното ОЈО достави и посебно известување за организаторите на протестите за евентуалното понатамошно постапување на обвинителството околу целосното расчистување на случувањата“, информираат од МВР.

Според соопштението од Министерството, откако пријавените го пробиле полицискиот кордон, кој бил поставен пред Собранието, влегле внатре, каде го оштетиле ходникот, а потоа физички нападнале тројца полициски службеници на внатрешното обезбедување. Тие влегле во прес-центарот и физички ги нападнале присутните пратеници од СДСМ, ДУИ и од Алијанса за Албанците.

„Пријавените со употреба на физичка сила и закани, сториле насилства спрема луѓе и оштетиле имот, со што ги извршиле наведените кривични дела“, велат од МВР.

Од МВР додаваат дека СВР Скопје во консултација и во соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности за идентификување и за документирање и на други лица учесници во настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија.


Парите од НЛБ отишле во Србија, тројца му помагале на Бобан С. во грабежот


Скопје, 19 април, 2017 - 15:24 (META) 

Единицата за економски и за компјутерски криминал на МВР до надлежното Основно јавно обвинителство поднела кривична пријава против уште три лица осомничени дека биле вмешани и му помагале на Бобан С. во грабежот на 3 милиони евра од трезорот на НЛБ, соопшти денеска МВР.

Како што информираат оттаму, станува збор за братот на Бобан С., 44-годишниот Г.С., потоа 24-годишната Е.П., вработена како банкарски комерцијалист во НЛБ, и за 38-годишниот Б.М., пријател на првоосомничениот.

Според полицијата, за нив постојат основани сомнежи дека директно му помогнале на Бобан С. во грабежот на банката.

Осомничената Е.П., како што информираат од полицијата, помогнала во прикривањето на кусокот од 100.000 швајцарски франци, односно првиот затаен износ од авионската пратка од вкупно 1.000.000 швајцарски франци што го украл Бобан С. Потоа, по негово упатство, додека двајцата биле на смена, тој во трезорот, таа на шалтер во банката, примила пари од трезорот во апоени од 500 и од 100 евра, вкупно 375.000 евра, и без да подготви документ за исплаќање на парите од трезорот, му ги дала на рака на Бобан С., кој ги изнел од банката.

На 10 април, кога осомничениот трезорист ја изнел најголмата сума од 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, сокриени во украсна ќеса, според полицијата, тој парите му ги предал на својот брат, кој, пак, му ги дал на Б.М., кој наредниот ден по 14 часот, преку граничниот премин Табановце со возило „фолксваген голф“ ја напуштил земјава.

Од МВР наведуваат дека вчера тој бил уапсен и бил изведен пред судија на претходна постапка, но не посочуваат каде е извршено апсењето.

„Од страна на СВР Скопје – Единица за економски и за компјутерски криминал, во координација со Основното јавно обвинителство во Скопје, и понатаму се преземаат мерки за целосно расветлување на кривично-правниот настан, за утврдување на кој начин Б.С. изнел од банката дополнително и уште 300.000 швајцарски франци“, стои во соопштението на МВР.

Сепак, и понатаму останува мистеријата што се случило со украдените пари, кои сè уште не се пронајдени.