Алаѓозовски: Музичките субвенции биле алатка за купување послушност на уметниците


Скопје, 12 јануари, 2018 - 15:30 (META) 

Министерството за култура испратило инспектори во Македонската радио-телевизија (МРТВ) во врска со одлуките за субвенции за поддршка на домашната музичка продукција, кои констатирале дека роковите за носење на овие одлуки биле „длабоко пробиени“ и поради тоа треба да бидат поништени, соопштија од Министерството од каде велат и дека не само што нема да одобрат исплата на парите за избраните композиции, туку дека ќе спроведат истрага и за претходните конкурси.

Како што изјави министерот за култура, Роберт Алаѓозовски во Битола, инспекторите го предупредиле раководството дека се соочува со кривична одговорност поради незконски донесени одлуки, со кои се создава „штета по буџетот и кои претставуваат злоупотреба и несовесно работење во службата“.

Истоа така било констатирано дека во комисиите наместо музички уредници со работно искуство на таа позиција од најмалку пет години, дел од членовите воопшто не го исполнувале тој критериум, односно никогаш не работеле како музички уредници.

Алаѓозовски вели дека на некои автори им било овозможено да добиваат пари и преку категоријата „изведувачи“, а некои други за истата причина биле одбивани од конкурсот, а биле забележани и случаи на судир на интереси каде што сопружници биле членови на комисија, која доделила средства на група во која членувал нивниот син.

– Со оваа настаната ситуација уште еднаш се покажа колку бил штетен овој закон, кој постојано создавал долгови по буџетот на граѓаните, бил спроведуван на несоодветен начин и со неправилности, а воопшто не ги постигна декларираните ефекти, ниту пак придонесе за зголемување на квалитетот, развој на музичката индустрија и поголема присутност на домашните артисти на нашите медиуми, туку се претвори во алатка за клиентелизам и за купување послушност на музичките уметници – изјави Алаѓозовски.


По Заев, и СДСМ порача дека ќе се бара одговорност за корупција


Скопје, 10 декември, 2017 - 12:03 (META) 

Откако вчера премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, обраќајкќи се до јавноста порача дека ќе се бара одговорност од секој функционер или јавен службеник за коруптивно однесување, и неговата партија ја испрати истата порака.

„Борбата против корупцијата и владеењето на правото се врвни вредности и приоритети на СДСМ. Секој носител на јавна функција има одговорност кон граѓаните. Надлежните институции мора да го слушаат и почитуваат гласот на граѓаните и да практикуваат професионален и достоинствен однос кон нив. Оттаму, тие се должни да постапуваат и да го санкционираат секое коруптивно однесување, без разлика кој е сторителот и каков вид функција извршува. Во борбата против корупцијата нема и не смее да има привилегирани поединци и групи. Секој кој преку корупција, за лични или партиски цели, работи спротивно на интересите на Република Македонија и нејзините граѓани, ќе мора да се соочи со одговорност“, порача партијата.


ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава за генералниот секретар на Владата, Рашковски


Скопје, 9 септември, 2017 - 15:47 (META) 

Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека нејзината партија поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство за генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за злоупотреба на службената положба. Го товарот за незаконско именување директори.

– Рашковски ја употребил својата положба и овозможил именување на директори од страна на Владата без тие да ја имаат исполнето со закон потребната квалификација. Единствена квалификација која тие ја имаат е тоа што се активисти на СДС. Рашковски од периодот на негово назначување за генерален секретар до датумот на распишување на изборите, повеќепати организирал именување на повеќе в.д. директори од страна на владата, на лица кои не ги исполнуваат законските основи за да бидат именувани, но и именувал луѓе кои не биле писмено предложени од надлежни органи, како, на пример, управен одбор, за позициите за кои тоа било потребно – рече Колариќ.

Таа рече дека СДСМ и Рашковски ги употребиле сите можности за поставување партиски кадри.

– Рашковски од позиција на генерален секретар до Владата доставувал решенија без комплетна документација за именување в.д. директори на институции, а именуваните кои требало да имаат писмен предлог за именување од одредена институција, го немале или истиот бил доставен до архивата на Владата и заверен по именувањето.  Ова е грубо и свесно кршење на законот, со цел целосна партизација на институциите и нивно ставање под јаремот на партијата на власт. За ова одговорност мора да има и ќе има – рече Колариќ.


СДСМ: Иванов да го даде мандатот, ВМРО-ДПМНЕ да не ја кочи демократијата


Скопје, 13 мај, 2017 - 11:50 (META) 

Потребно е сите институции и политички субјекти во државата да бидат на највисоко ниво на одговорноста за да се избере новата влада во најкус можен рок и за да се создадат законски услови за одржување на локалните избори, побара СДСМ денеска, повторувајќи дека ја гарантира уставноста на државата.

Партијата обвини дека сите блокади се само за да се заштитат Никола Груевски и дел од врвот на ВМРО-ДПМНЕ од кривична одговорност.

„Ѓорге Иванов треба веднаш да го даде мандатот за формирање влада. Постои програма на реформската влада што ја гарантира унитарноста на Република Македонија, работа според Уставот и во интерес на евро-атлантските перспективи. Ќе има и реафирмирање на овие стратешки определби, за да се разбијат докрај оправдувањата поради кои Иванов и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги блокираат демократските процеси, а тоа се одразува штетно врз граѓаните. Оваа практика на свесно кочење на демократските процеси во заштита на Никола Груевски и на неколкумина негови соработници од соочување со правдата, оди на директна штета на граѓаните, кои чувствуваат штети врз нивните семејни буџети, а од понеделник голем дел од грaѓаните во општините ќе останат без плати и без потребните општински услуги“, се вели во соопштението.

СДСМ порачува дека на граѓаните „итно им е потребно смирување на општествено-политичката ситуација, стабилизација на државата, економски напредок и евро-атлантски развој“ и вели дека поради тоа секое блокирање на демократските процеси е „противуставно казниво дело, бидејќи прави директена штета на државните и на граѓанските интереси“.


Хелсиншки во извештај за дивеењето во Собранието, бара акција од Обвинителството


Скопје, 5 мај, 2017 - 13:27 (META) 

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија подготви посебен извештај за дивеењето и за бруталното насилство во Собранието на Република Македонија на 27 април, со кој сака да ја информира прецизно јавноста за сите сторени кривични дела, меѓу кои и обиди за убиство.

Истовремено, Хелсиншкиот комитет со извештајот од МВР и од Основното јавно обвинителство побара да биде поведена предистражна постапка за утврдување кривична одговорност за кривичните дела опфатени во извештајот.

Овој посебен извештај се однесува на кривични дела идентификувани преку фотографии, аудио-видеоматеријали и сведоштва, како и на кривичните дела за кои постојат сомнежи, но сè уште не е истражено дали биле сторени и од кого.

Извештајот се осврнува и на повредите на права и слободи гарантирани со Уставот и санкционирани со Кривичниот законик. Содржи вкупно 27 кривични дела, од кои за 17 веќе постојат значителен број на докази и 10 кривични дела за кои постои сомневање дека се извршени. Можните сторители се поделени во четири групи: организатори, извршители, полициски службеници, нивни претпоставени.

„Улогата на правосудните органи е да утврдат дали и кои од посочените кривични дела се сторени или имало обид да бидат сторени и да не дозволат погрешна квалификација, колективизирање на одговорноста и паушално санкционирање“, се вели во извештајот.


СДСМ: Блокадата на демократските процеси повлекува кривична одговорност


Скопје, 22 април, 2017 - 10:12 (META) 

Демократските процеси ќе продолжат и државата мора да профункционира во полн капацитет, бидејќи во прашање е доведена егзистенцијата на граѓаните и на фирмите поради неразумните блокади со кои се спречува мирен трансфер на власта, порачуваат од СДСМ во редовното утринско соопштение.

„Министрите во заминување имаат технички овластувања. Престануваат за кратко време сите ингеренции на градоначалниците и на советите во општините, а нови локални избори не може да се закажат без нов претседател на Собранието. Тоа би значело блокада на целиот државен систем. Тоа парламентарното мнозинство нема да го дозволи“, стои во соопштението на СДСМ.

Од партијата нагласуваат дека институциите, политичките партии и сите поединци треба да знаат дека поттикнувањето тензии меѓу граѓаните и активностите против државните интереси се тешко погазување на Уставот и на законите на Република Македонија и казниво дело, кое повлекува сериозна кривична одговорност.

„Неопходно е опозицијата, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да постапат во интерес на граѓаните и да престанат со сценаријата на нестабилност и на криза, со кои не можат да ги спречат правдата и промените“, порачуваат од СДСМ.


Наумов: Со издавањето на еврообврзницата, јавниот долг ќе надмине 5 милијарди евра


Скопје, 9 јули, 2016 - 14:37 (META) 

Одлуката да се издаде еврообврзница на износ од 650 милиони евра е финансиско злосторство врз граѓаните, економијата и врз идните генерации, обвини денеска на прес-конференција Кире Наумов од СДСМ.

Тој рече дека со најавеното издавање на еврообврзницата на износ од 650 милиони евра, јавниот долг и официјално ќе го надмине износот од 5 милијарди евра или 54 отсто од БДП.

– Тоа се 5 милијарди евра на грбот на идните генерации. Криминалната власт ги крати капиталните инвестиции под изговор дека бил предизборен период, а задолжувањата неколкукратно ги зголемува во изборна година. Јасно е дека Кирил Миноски е избран да биде камиказата и да стави потпис на ова незаконско, криминално задолжување. Со ставањето потпис на издавањето на еврообврзницата, Миноски ќе биде директниот извршител на ова финансиско злосторство. За ова, Миноски и сите инволвирани, по промената на власта ќе понесат кривична одговорност. Ги известуваме „Сити банк“, „Дојче банк“, „Ерсте банк“ и „Сосиете Женерал“, како агенти за издавањето на најавената еврообврзница, дека согласно Законот за Влада, сè уште на сила се законски норми како и при издавањето на четвртата еврообврзница. Ако не биде испочитувана истата правна процедура, како при издавањето на таа еврообврзница, тогаш по промената на власта ќе го оспориме ова задолжување како законски јавен долг – рече Наумов.

Тој додаде дека оваа влада нема легалитет да носи вакви одлуки со кои ги задолжува државата и идните генерации.