Тенка е линијата меѓу говорот на омраза и слободата на изразување


Скопје, 15 февруари, 2019 - 16:15 (META) 

Во Кривичниот законик има сосема доволно толкувања и санкции и за омразата и за говорот на омразата и за кривичните дела кои настануваат од омраза. Сепак, секогаш треба да се внимава на балансот што мора да постои помеѓу уставно гарантираното право на слобода на говор и говорот на омраза, пишува „Вистиномер.мк“.

Со последните измени и дополнувања на Кривичниот законик, извршени на крајот од 2018 година, овој главен казнен нормативен акт во државата станува покомплетен за справување на појавите поврзани со омразата. Тој и досега ја нормираше омразата, посебно говорот на омразата, но сега е додадена дефиниција.

Воедно се додадени зборовите „од омраза“ или „ако делото е сторено од омраза“, со што се санкционираат појасно кривични дела кои настануваат како последица од омразата.

Кривичниот законик е доволно „опремен“ со членови кои го санкционираат и говорот на омразата и делата од омраза. Ефектите од вака запретените казни може да се почувствуваат во општеството само доколку обвинителствата и полицијата поефикасно си ја извршуваат работата.

Сепак, секогаш треба да се внимава на балансот што мора да постои помеѓу уставно гарантираното право на слобода на говор и недозволениот говор на омраза, кој потоа може да создаде и криминал од омраза. Слободата на говор не смее да биде загрозена, исто како што и не смее да биде злоупотребувана.

Целата сторија може да ја прочитате на „Вистиномер.мк“.


16 граѓански организации побараa итно да се повлечат измените на Кривичниот законик


Скопје, 28 декември, 2018 - 15:46 (META) 

Вкупно 16 граѓански организации денеска од претседателот на Собранието и од пратениците-предлагачи, побараа итно да го повлечат Предлогот на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка. Тие сметаат дека со промената во членовите на Кривичниот законик, ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот.

„Ние, долупотпишаните граѓански организации, бараме веднаш да го повлечете од дневен ред Предлогот на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, доставен од пратениците Артан Груби, Снежана Калеска Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска, Весел Мемеди и Реџеп Мемеди“, се вели во барањето на 16-те граѓански организации.

Тие велат дека преку повлекување на овој предлог-закон, пратениците ќе спречат можност некој да не понесе одговорност за сторениот криминал за кој СЈО води судски или истражни и предистражни постапки. Инаквото постапување ќе значи и продолжување на заробувањето на државата, порачаа организациите.

„Инсистираме на повлекување на предлогот, поради промената во членовите на Кривичниот законик, со кои ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот. Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. На овој начин се амнестираат криминалот и корупцијата, и продолжува неказнивоста“, се вели во прогласот.

– Итно повлекување на точката за промена на Кривичниот законик со којшто сметаме дека ќе овозможат најголем број од обвинетите во предмети на специјалното јавно обвинителство да имаат намалени казни или нивните обвиненија да застарат. Тој факт нè вознемирува многу. Се боревме за правда за да има мир. Нè вознемируваат овие измени, сметаме дека ова е неприфатливо за да се прават промени на закони за да се оневозможи правдата – рече Фани Каранфилова-Пановска од Фондација „Отворено општество“.

Зад барањето за повлекување на законот застанаа Фондација Отворено општество – Македонија, Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“, НВО Инфоцентар Центар за европски стратегии, Евротинк Форум – ЦСИД,  Коалиција „Сите за правично судење“, Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Македонско здружение на млади правници, Агора – Центар за промовирање на граѓански вредности Скопје, ЦИВИЛ – Центар за слобода, Kоалиција МАРГИНИ, Центар за современи уметности и Институтот за европска политика – Скопје и Институт за човекови права.


Измените на Кривичниот законик изгласани на собраниска комисија


Скопје, 27 декември, 2018 - 13:26 (META) 

Собраниската Комисија за политички систем ги усвои измените на Кривичниот законик предложени од група пратеници од владејачкото мнозинство, а кои се однесуваат на членот 275-в за висината на казната.

Со измените на Кривичниот законик во член 275 в се намалува затворската казна за дела поврзани со злоупотреба на јавните набавки, а според некои толкувања со овие измени обвинетите можат да добијат и условна казна.

Се очекува со нив да бидат опфатени делата во кои е обвинетата Елизабета Канческа Милевска како и синот на пратеничката Владанка Авровиќ, Василије Авировиќ.


Судските закони денеска на владина седница


Скопје, 12 декември, 2018 - 10:22 (META) 

На 108. седница која ќе се одржи денеска во 13 часот, Владата ќе ги разгледува предлог-законите за судството.

Министрите ќе одлучуваат за предлог – законите за изменување и дополнување на Кривичниот законик, на законот за судовите, законот за Судскиот совет, законот за извршување на санкциите и за предлог – законот за изменување и дополнување на законот за прекршоци.

Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за потребата од донесување на закон за изменување и дополнување на Законот за поштенски услуги.

За седницата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја предлага информацијата за распишување на јавен повик за прибирање на понуди за давање во закуп земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до 3 хектари, со предлог – решение.


Проектот за чистење на ОХИС и судските закони денеска на владина седница


Скопје, 11 декември, 2018 - 9:21 (META) 

На својата 107. седница, денеска Владата ќе ги разгледува предлог-законите за судството, а ќе се зборува и за проектот за чистење на дворните површини на ОХИС.

Министерството за правда треба да ги достави за одлучување Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, Предлог-законот за извршување на санкциите, Предлог-законот за прекршоци.

На предлог на Министерството за правда, ќе се разгледува и анализата за примената на Законот за правда за децата, за период јануари – јуни 2018 година.

Исто така, на денешната седница на Владата ќе биде презентирана и информацијата за потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Владата, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Норвешка, со кој ќе се реализира проектот за чистење на дворните површини на ОХИС.

Владиниот кабинет ќе одлучува и за предлог-измената на Среднорочната програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година.

Ќе се дискутира и за формирање на Агенција за квалитетот во високото образование, што ја предлага Министерството за образование и наука.


Се подготвуваат поригорозни казни за кривичните дела извршени од омраза


Скопје, 16 ноември, 2018 - 17:07 (META) 

Се очекува Кривичниот законик на Република Македонија да претрпи измени во 31 член, со цел кривичните дела извршени од омраза да бидат повидливи, односно лицата што ќе извршат кривични дела како резултат на омраза во иднина ќе се казнуваат поригорозно, пишува „Порталб“.

Министерството за правда, по 20-дневен јавен увид, го поднесе новиот нацрт-закон за злосторства од омраза во Владата, а се очекува следната недела од таму да биде доставен до Собранието за усвојување. Со овој предлог, Министерството за правда не предвидува правни измени за говорот на омраза, што е казниво кривично дело, туку само во поглед на кривичните дела извршени како резултат на омраза.

„Овој закон се заснова на истите принципи на кои се заснова Кривичниот законик. Главна цел на овие измени е да се дополни Кривичниот законик и да се подигне видливоста на делата на омраза, преку опис на правната дефиниција на тој термин и предвидува посебни форми на кривични дела од омраза во Посебен дел, што согласно принципите на законитост ќе ги задолжи органите на редот да ги откријат, утврдат и да ги гонат таквите дела”, се вели во појаснувањето на предлог-законот.

Според извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, Македонија нема евидентирано никакви официјални податоци за откривање, гонење и казнување на сторители на дела од омраза. Такви податоци евидентира само Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Според податоците објавени на нивната веб-страница „Злосторства од омраза“ во периодот од февруари 2013 до 30 септември 2018 година, се регистрирани 464 инциденти.

Во сите години, најголемиот дел од овие инциденти се случиле во Скопје. Станува збор за кривични дела „нанесување тешки телесни повреди“, „насилство“, „загрозување на безбедноста“, „оштетување на туѓи објекти“ итн.

Но, официјалните бројки, како за случаи на говор на омраза, така и за кривични дела извршени како резултат на омраза, се далеку од реалноста. Имено, во 2015 година, полицијата пријавила пет случаи, а за три се подигнати обвиненија и двајца од нив се осудени, додека во 2016 година, се поднесени само две пријави од страна на полицијата, но никој не е осуден.


ЗНМ: Измени на Кривичниот законик за поголема заштита на новинарите


Скопје, 19 октомври, 2018 - 14:40 (META) 

Претставници на Здружението на новинарите на Македонија учествувале на работната група за измени и дополнувања на Кривичниот законик, каде биле разгледани препораките на ЗНМ за измена на Кривичниот законик во делот на заштита на новинарите и медиумските работници при вршење на нивната професионална должност.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски побарал воведување на нови кривични дела во Кривичниот законик како што се „Спречување на новинарите во извршувањето на професионалните задачи“ и „Напад врз новинарите во извршувањето на професионалните обврски“ односно дополнување на постојните членови во законот кои се однесуваат на закани и физички напад вклучувајќи и убиство.

„Со овие предлог измени, секое лице кое ќе се закани или ќе нападне новинар, медиумски работник или нивно блиско лице поради извршување на професионални новинарски задачи ќе добие поголема казна од страна на судот. Освен ова, за дел од овие повреди на права во иднина обвинителството ќе презема мерки по службена должност наместо праксата на приватни тужби од страна на новинарите како што е тоа во моментов. Целта на овие измени на Кривичниот законик е да се воспостави поефикасен систем на заштита на новинарите, а во исто време да се одвратат потенцијалните напаѓачи во иднина“, информираат од ЗНМ.

Со предложените измени новинарските екипи ќе добијат зголемена заштита во извршувањето на професионалните обврски, нешто слично како и службените лица. Таквата заштита ќе биде во согласност со меѓународните и европските стандарди и практика на Европскиот суд за човекови права, а во нашиот локален контекст ваквата заштита е повеќе од потребна.

Работната група за измени на Кривичниот законик е во рамки на Министерството за правда и е предводена од академик Владо Камбовски. Во идниот период се очекува да има дополнителни средби на кои ќе усогласат измените и дополнувањата на овој закон.


Јавното обвинителство формираше Комисија за следење на изборни нерегуларности


Скопје, 3 октомври, 2017 - 13:17 (META) 

Јавното обвинителство на Република Македонија формираше привремена Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности за претстојното спроведување на локалните избори, закажани за 15 октомври 2017 година.

Комисијата ќе треба да постапува по евентуални изборни нерегуларности поврзани со постоење на кривични дела од глава 16 од Кривичниот законик – кривични дела против изборите и гласањето, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.

За претседател на Комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија. Членови на комисијата се обвинителите Наталија Тасевска, Димче Пажески, Анита Поп-Методиева, Вјолца Елмази и Наташа Гоџоска.

Комисијата ќе има задача да ги следи сите дневни настани од државата поврзани со процесот на организирањето и на спроведувањето на локалните избори. За тие настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство.

– Јавното обвинителство на Република Македонија, преку Привремената комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности, ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.gov.mk – изјави денеска претседателот на Комисијата, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.


Медарски: Пресудата за навреда на Ердоган е спротивна на практиката на судот во Стразбур


Скопје, 25 август, 2017 - 14:22 (META) 

Членот од Кривичниот законик и пресудата на скопскиот кривичен суд со која лицето Е.А. е осудено за навреда на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на „Фејсбук“ се спротиви на праксата на Европскиот суд за кочвекови права во Стразбур, смета адвокатот Филип Медарски.

– Самиот член, а посебно пресудата се спротивни на практиката на Стразбург – напиша Медарски на „Твитер“, посочувајќи ја како пример пресудата на ЕСЧП во врска со жалба на Французин кој во 2008 година бил осуден од домашниот суд на парична казна од 30 евра поради навреда на тогашниот претседател Никола Саркози.

Околу основаноста и потребата од посетоење на вакво кривично дело во македонското законодавство, односно во Кривичниот законик, Медарски за „Мета“ вели дека можеби треба да постои, но во видоизменета форма, а не како што стои сега.

– Во принцип се работи за навреда на симболи (знаме, грб и химна) и на институции на други држави, како институцијата претседател. Но, овде не е се работи за навреда на претседателот како институција, туку за навреда на личноста што во моментот ја врши функцијата, во случајов -Ердоган. Ова е забелешката на ЕСЧП и во пресудата што ја наведувам – вели Медарски.

Скопскиот суд го осуди Е.А., кој има македонско и турско државјанство, на парична казна од 24.600 денари (400 евра), во процесот што беше отворен по кривична пријава од амбасадорката на Турција во земјава, Тулин Еркал Кара, кон крајот на минатата година.

Во одлуката на судот било наведено дека обвинетиот во номеври 2016 година, преку својот фејсбук-профил „објавил иронични изјави и упатил навреди кон лидерот на една странска земја“.

Доколу не ја плати паричната казна, Е.А. ќе мора да одлежи затворска казна.

Инаку, според членот 181 од Кривичниот законик на Македонија, предвидена е парична казна за „тој што со намера за исмејување јавно ќе изложи на подбив странска држава, нејзино знаме, грб или химна или шеф на држава или дипломатски претставник“.


Поради Супер купот, препродавањето билети ќе биде кривично дело


Скопје, 28 јули, 2017 - 15:49 (META) 

Во Собранието по попладневната пауза експресно беше закажана и се одржа 10. седница, со единствена точка на дневен ред – донесување предлог-закон за изменување и за дополнување на Законот за кривична постапка во скратена постапка, со кој рекламирањето билети за препродажба и нивната препродажба ќе станат кривично дело.

Ваквата препродажба досега воопшто не беше опфатена со законите, рече Томислав Тунтев, координаторот на пратеничката група на СДСМ. Тој предлогот на четирите најголеми партии во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Беса, го образложи со барањата на УЕФА за одржувањето на Супер купот, а со тој закон ќе се овозможи на Фудбалската федерација на Македонија да ги исполни барањата на Европската федерација.

Откако предлогот беше прифатен, претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара матичната комисија и Законодавно-правна комисија да го известат кога ќе ја продолжат процедурата за измената на Кривичниот законик и потоа ја прекина седницата и прогласи дека Собранието ќе продолжи со работа на точката од петтата седница, но набргу даде пауза за да овозможи комисиите да се координираат.