Нова кривична пријава за поранешниот градоначалник на Крива Паланка


Крива Паланка, 13 јануари, 2018 - 14:20 (META) 

СВР Куманово поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување против поранешниот градоначалник на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски и против поранешниот директор на средното училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка. Ова за Алексовски е трета кривична пријава, а за директорот на училиштето втора.

Во кривичната пријава до СВР Куманово до Основното јавно обвинителство – Куманово се вели дека А.А. (57) и М.М. (67) во периодот од јуни 2009 година до мај 2013 во два наврати ја злоупотребиле својата службена положба и овластувања. Според полицијата, двајцата пријавени 29.05.2009 година изготвиле и потпишале лажна исправа – Договор за инвестирање во изградба на спортска сала „Петар Поп Арсов“ со Агенцијата за спорт и млади како инвеститор на проектот. Во договорот во член 7 став 1, навеле дека спортската сала наводно ќе биде изградена во дворот на ДСУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, иако таму веќе имало изградено спортска сала.

Исто така, согласно склучениот договор, Општина Крива Паланка се обврзала да го подготви теренот и да обезбеди пристапни патишта и да изврши технички прием и да издаде употребна дозвола, како и да ја заведе во катастарот. Но тоа не било исполнето и тогашниот градоначалник донел и потпишал Решение за локациски услови за градба и потпишал Одобрение за градење на спортската сала на друга локација, на катастарска парцела која дел била во сопственост на Општината а дел во сопственост на Република Македонија, и без претходно да се изврши пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно.

Полицијата ги товари двајцата Алексовски и тогашниот директор на училиштето дека потпишале Записник за примопредавање на спортскиот објект со Агенцијата за млади и спорт иако таа не била довршена и не била изградена придружната инфраструктура, па сега Општина Крива Паланка мора да ги изведе тие градежни работи.

Според СВР Куманово, новоизградената спортска сала воопшто не била внесена во катастарот.


Кривична пријава за Арсенчо Алексовски, поранешниот градоначалник на Крива Паланка


Крива Паланка, 10 ноември, 2017 - 16:36 (META) 

СВР Куманово поднел кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување против поранешниот градоначалник на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, како и против директор на средно училиште во Крива Паланка и вработени во ученички дом.

Според соопштенението, Алексовски како градоначалник на Крива Паланка од мај 2014 до јуни 2015 година  во четири наврати, на барање за согласност за вработување на две лица-воспитувачи во Општински ученички дом (ОУД) „Боро Менков“, доставено од В.Ј., која била в.д директор на домот, дал четири согласности за нивно вработување на определено време. Тоа е направено спротивно на Законот за ученички стандард и спротивно условите за нивно вработување, вели полицијата.

Второпријавената В.Ј., в.д.директор на ученичкиот дом, доби кривична пријава оти  дополнително по објавен конкурс за прием на ученици во јавни ученички домови за учебната 2014/2015 година, овозможила прием на 38 редовни ученици и потоа списокот го доставила до Министерството за образование и наука (МОН), иако знаела дека 27 ученици воопшто не ги исполнувале условите за престој во домот. Притоа, иако некои од нив не престојувале во домот, директорката за сите барала пари од МОН, во периодот од септември 2014 година заклучно со март 2015 година. Со тоа, нанела штета на министерството во износ од 1.417.500 денари.

Тројца вработени во ученичкиот дом, пак, од СВР Куманово добиле кривични пријави оти „го покривале“ таквото постапување на директорката.

Пријава добил и М.М., тогашен директор на Средното општинско училиште  „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка. Полицијата го товари дека од септември до крајот на декември во учебната 2014/2015 година без документација и изјави од родители или старатели, внел 24 ученици на списокот за бесплатен превоз. Потоа МОН исплаќало пари на училиштето, иако тие 24 ученици биле сместени во ученичкиот дом.


Во Крива Паланка истепан возач кој најавувал митинг на партија


Крива Паланка, 6 октомври, 2017 - 18:03 (META) 

Кривични пријави за насилство добија тројца жители на Крива Паланка, од кои еден е малолетник, поради тоа што истепале возач на автомобил облепен со плакати на политичка партија, со кој преку разглас се најавувал митинг на партијата.

Полициската станица од Крива Паланка поднела кривична пријава против В.С. (39) и Т.А. (45), двајцата од Крива Паланка, а против 17-годишен малолетник од Крива Паланка е поднесено известување до ОЈО Куманово.

Според пријавата, на 30 септември, околу 15.30 часот, на улицата Единство во Крива Паланка, тројцата му пришле на О.С. (24) од Крива Паланка, кој управувал „опел зафира“ обелепен со плакати на политичка партија и на кандидат за градоначалник на општина Крива Паланка, и 39-годишникот побарал да се изгасне разгласот.

Потоа малолетникот почнал да го удира возачот со тупаници, а третиот пријавен го грабнал возачот за врат и го извлекол од возилото, по што продолжил да го удира, заедно со други лица. На возачот му биле нанесени телесни повреди.


Мицкоски: Бесмислена е кривичната пријава за градоначалникот на Крива Паланка


Скопје, 25 септември, 2017 - 17:40 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз продолжува со политичката хајка и со притисоците врз кандидатите за градоначалници, што е израз на нивниот страв и нервоза од претстојниот изборен пораз, изјави денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција во седиштето на партијата.

– Тоа што Социјалдемократскиот сојуз го прави не е само киднапирање на институциите, не е само диктатура и режим, во Македонија завладува хунта. Во истиот момент кога министерот за внатрешни работи, господинот Спасовски, дава изјава дека полицијата нема да се вклучува и да интервенира во изборите, имаме поднесување на монтирана и целосно бесмислена кривична пријава против градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ од Крива Паланка, господинот Арсенчо Алексовски, од една едноставна причина – затоа што обезбедил бесплатен превоз за учениците. Негова била вината зошто децата се превезувале бесплатно. Исто така денеска финансиската полиција раководена од политичките структури на Социјалдемократскиот сојуз упадна во исто време во Општината Вевчани и во семејната фирма на градоначалникот на Вевчани, господинот Цветомир Угриновски – вели Мицкоски.

Според Мицкоски, кривичните пријави за градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се јасен показател дека на овие избори Социјалдемократскиот сојуз има недостиг од проекти, идеи, предлози и дека нивна главна понуда ќе бидат политичките хајки и притисоци против кандидатите за градоначалници предложени од ВМРО-ДПМНЕ.


На дело фатен пироман кој потпалил шума во Кривопаланечко


Крива Паланка, 9 септември, 2017 - 14:02 (META) 

Полицијата вчера уапсила 29-годишен жител на кривопаланечкото село Габар, кого пожарникарите го пријавиле дека намерно предизвикувал пожар.

Како што соопшти полицијата, вчера во Габар, околу 14.30 часот, бил уапсен Ж.С. Него пожарникари од Територијалната противпожарна единица Крива Паланка, кои гаснеле пожар во тој предел, го виделе како потпалува оган, па пријавиле во Полициска станица Крива Паланка.

Против пријавениот, по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, известува МВР.


Сообраќајна несреќа кај Крива Паланка, две лица се потешко повредени


Крива Паланка, 3 септември, 2017 - 13:38 (META) 

Во сообраќајната несреќа што се случила денеска околу 10.15 часот кај местото Чешмиче, на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, две лице се потешко повредени.

Сообраќајот сè уште е во прекин, а возилата се пренасочуваат по стариот пат.

Во несреќата учествувало теренско возило „тојота“ со косовски регистарски ознаки, управувано од С.Ф., и автомобил „рено меган“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од И.С. (52). Во „реното“ се наоѓале и двајца сопатници, 46-годишна жена и А.С. (19).


Старица прегазена на пат кај Крива Паланка


Крива Паланка, 4 август, 2017 - 15:50 (META) 

Во сообраќајна несреќа вчера претпладнето била усмртена 87-годишна жителка на Крива Паланка, извести СВР Куманово.

Според полицискиот билтен, вчера околу 10.30 часот на магистралниот пат А-2 во Крива Паланка, во близина Осички мост, автомобил „сеат кордоба“ со кривопаланечки регистерски ознаки удрил во 87-годишната С.В., која починала веднаш. Со автомобилот управувал Б.В. (53) од Крива Паланка.

Увид извршиле јавен обвинител и екипа од Полициската станица во Крива Паланка, а по наредба на обвинителот, телото на починатата е дадено за обдукција.


Oбвинителството чека МВР да реагира во случајот со починатите во брзата помош


Скопје, 13 март, 2017 - 17:05 (META) 

Надлежното јавно обвинителство чека официјално известување и документација за целиот случај од Полициската станица во Крива Паланка, па кога тоа ќе стигне, ќе го разгледа случајот, е одговорот што „Мета“ го доби од службата за односи со јавноста на Јавното обвинителство на Република Македонија, на прашањето дали обвинителството по допрен глас ќе го истражува случајот со двајца пациенти што вчера починале во возило на брза помош што од Крива Паланка било упатено кон Скопје.

„Надлежното јавно обвинителство е информирано за настанот и чека да пристигне официјално писмено известување со целокупна документација за целиот случај од Полициската станица во Крива Паланка. По пристигнување на информацијата, обвинителството ќе го разгледа случајот“, гласи одговорот.

Во врска со случајот на двајцата пациенти, од кои едниот по десетина дена од трансплантација на бубрег се јавил во Здравствен дом во Крива Паланка поради болки, а вториот пристигнал непосредно пред заминувањето на возилото на брза помош и бил веднаш качен и транспортиран, во јавноста се појавија многу шпекулации.

Претходно и в.д. директорот на Здравствен дом Крива Паланка за „Мета“ даде образложение за случајот и порача дека е најдобро да се утврдат фактите и да не се суди предвремено. Истрагата на Јавното обвинителство би требало да фрли повеќе светлина на случајот.


На возилото на брзата помош во кое починале двете лица, му откажале сопирачките


Крива Паланка, 13 март, 2017 - 12:30 (META) 

„За жал, точно е тоа дека починале двајца пациенти. Се случило тоа што се случило, но за причините, сепак, да не избрзуваме, да се соберат факти и документација, па тогаш да утврдуваме“, вели за „Мета“ в.д. директорот на Здравствен дом – Крива Паланка, Јоско Стефановски, кого го прашавме што се случувало вчера, кога две лица починале во расипано возило на брза помош.

Како што објасни тој, пациентите по приемот се веднаш испратени во најблиската соодветна медицинска установа зашто состојбата им била критична. Едниот пред кратко време бил на трансплантација на бубрег, а вториот стасал во здравствениот дом во тешка состојба, задушувајќи се. Пред да тргне возилото, и тој бил веднаш качен во него.

– Вистинската состојба е таа:  Доаѓаат луѓето во критична состојба, во таква каква што биле. Едниот имал трансплантација на бубрег пред десетина дена и имал тегоби, се жалел на болки. Веднаш се подготвило возило за најблиска здравствена установа во Скопје. Во меѓувреме додека го качуваат пациентот, доаѓа веднаш и друг, постар човек, на 86 години, кој се задушувал. Нормално, го испраќаат и него со истото возило, со екипа од лекар, сестра и од возач – вели Стефановски.

Поради состојбата на пациентите, брзата помош се упатила во Медицински центар – Куманово, но таму, како што вели Стефановски, доктор примариус ја видел состојбата на пациентите и рекол дека нема што да им прават, па препорачал или да ги вратат назад или да ги носат на друго место. Постариот маж починал на излезот од Куманово, а другиот малку подоцна, кога возилото стоело во дефект и чекало друго возило на брза помош за да го преземе пациентот.

– Утрово го повикнав докторот што беше во таа екипа, и тој објасни дека кога во Куманово доктор примариус видел каква е состојбата на пациентите, рекол: „Нема што кај нас… Или вратете ги или возете ги кај знаете, на друго место“. На излегување од болницата, пред вклучувањето за автопатот за Скопје, постариот пациент починал, а возилото јурнало кон Скопје, но се случува тоа што се случува и целата тежина сега паѓа на тоа. Некаде кај Романовце, кај мотелот, му откажуваат сопирачките на возилото, па, среќа, возачот бил прибран и успеал да го стабилизира возилото и стигнал полека до втората наплатна станица кај Бунарџик. Веднаш повикуваат брза помош и од Куманово и од Скопје, а потоа по договор на двете служби, доаѓа скопска брза помош, како поблиска, и, за жал, констатира смрт и кај вториот пациент – објасни в.д. директорот на Здравствен дом – Крива Паланка.

Стефановски вели дека веднаш е повикана втора брза помош.

– Веднаш е повикана брза помош, тоа е сè документирано и регистрирано. Веднаш е јавено и кај нас, во Крива Паланка, и е испратено возило за да ја земе екипата – појаснува тој.


Две лица починале во расипано возило на брза помош


Крива Паланка, 12 март, 2017 - 19:37 (META) 

Две лица од Крива Паланка со брза помош биле испратени во Ургентниот центар во Скопје денеска, но возилото се расипало и тие починале додека се отстранувал дефектот, некаде пред скопска патарина. Таа информација вечерва по електронска пошта беше испратена до голем број новинари и редакции.

„Мета“ се обиде да ги потврди овие наводи, но на телефонската централа на Здравствен дом Крива Паланка не се јавуваше никој.

Успеавме да стапиме во контакт со вработен во Здравствениот дом, кој неофицијално ни кажа дека слушнал дека „брза помош се расипала некаде пред скопска патарина“, а на прашање што се случило со пациентите во возилото, рече оти слушнал „дека умреле“.