Студентите порачаа: Не верувајте на сè, проверувајте ги информациите


Скопје, 7 ноември, 2018 - 15:02 (META) 

Со голем, студентски митинг, десетина студенти од  прва година на Правниот факултет „Јустинијан Први“, со инспиративни говори на стотина свои колеги на платото на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ им ја пренесоа пораката дека секој граѓанин мора да ги совлада барем основите на медиумската писменост, односно да бидат свесни дека не секогаш сите информации што им се пренесуваат се вистинити, па секогаш убаво да ги проверуваат наводите, односно да размислуваат критички.

На денешниот настан, кој беше надополнет со настап на младиот пејач Јасмин, кој инаку е студент на Правниот факултет, како и со диџеј-сет, се зборуваше за повеќе аспекти на медиумската писменост. Настанот „Не биди медиумска мета“, инаку, се одржува во рамки на одбележување на Eвропската недела на медиумска писменост. Тој е дел од проектот „Не биди медиумска мета“ кој се спроведува од Македонскиот институт за европски студии (МИЕС) во рамки на големиот проект „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ – центар за европски стратегии, а финансиран од Европската Унија.

Говорите на студентите беа насочени кон повеќе аспекти на манипулацијата со вниманието на јавноста и обидите да се пласираат лажни информации заради политички или економски цели. Освен против пропагандата, се зборуваше и против говорот на омраза и потпалување нетрпеливост, но и против агресивното потрошувачко општество, отуѓувањето, рекламното тероризирање, жртвите на видео игрите, агресивниот маркетинг, но најмногу за неповолната медиумска слика во Македонија и за потребата критичкото мислење на граѓаните за медиумските производи да стане дел од задолжителното образование.


Студентски митинг „Не биди медиумска мета“ во УКИМ утре


Скопје, 6 ноември, 2018 - 16:06 (META) 

Со почеток во 11 часот утре, на платото на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ќе се одржи хепенинг „Не биди медиумска мета“, во рамки на одбележување на Eвропската недела на медиумска писменост.

Настанот,  претставен како студентски митинг, е во рамките на проектот „Не биди медиумска мета“ кој се спроведува од Македонскиот институт за европски студии (МИЕС) во рамки на големиот проект „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и Евротинк – центар за европски стратегии, а финансиран од Европската Унија.

На овој настан ќе говорат студентите. Пораките ќе бидат: „не биди мета“, „јас имам свој идентитет“, „доста со дезинформации“, „доста со манипулации“, „јас не сум вмрежен“, „студентите се авангарда“.


Стартуваат шест проекти за медиумска писменост и критичко мислење


Скопје, 19 октомври, 2018 - 15:17 (META) 

Во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк – центар за европски стратегии“, шест граѓански организации денеска во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје ги презентираа своите замисли со кои во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ во неколку градови во земјава ќе работат на развојот на критичкото мислење и зголемување на медиумската писменост и сузбивање на дезинформациите кои се шират и преку социјалните мрежи и преку медиуми.

Како што истакна Филип Стојановски, програмски директор во „Метаморфозис“, целта на проектот, со финансиска поддршка на Европската Унија преку ИПА Програмата за граѓанско општество и медиуми, е да се работи повеќе со граѓаните, наместо со новинарите, за да се крене нивото на критичко размислување кај граѓаните, оти дезинформациите и другите негативни појави се насочени кон нив, а не толку кон новинарите.

– Младите се авангардата и нивната едукација за критичко размислување е нешто што, се надеваме, ќе има долгорочни ефекти, и овие проекти и нивниот ефект ќе имаат еден свој живот кој ќе продолжи долго – порача Стојановски.

Горан Лазаров од „Евротинк“, кој е еден од координаторите на проектот, рече оти денешниот координативен настан е со цел да се создаде мрежа на соработка меѓу организациите-добитници на грантови, која на локално ниво ќе ги спроведува целите на главниот проект.

– Целта е темата околу критичкото мислење, медиумската писменост да ја спуштиме и на локално ниво. Голем дел од активностите на суб-грантистите се поврзани со создавање на медиумски производи, одржување јавни настани, и целта е да се направи некакво вмрежување на сите активности и преку тоа на национално ниво да се влијае околу целата работа. Секако, очекуваме да се создаде мрежа што ќе се гради и понатаму и ќе ги реализира целите – вели Лазаров.

Проектите, кои ќе наскоро ќе почнат да ги реализираат „Диверзити Медиа“ заедно со „Алсат-М“, ДРОМ од Куманово со телевизијата „Плус“, Фондацијата „Фокус“ од Велес со „Дума“ и телевизијата КТВ, „Ганимед“ од Битола со ТВ „21“, потоа Македонскиот институт за европски студии заедно со „Студентско радио“, но и „Медиа плус“ од Штип заедно со „Канал 77“, ќе бидат насочени претежно кон младите, односно средношколците и бруцоши на факултетите од областа на општествените науки на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“.


Младите се централен фокус на напорите за ширење на медиумската писменост


Тетово, 14 септември, 2018 - 14:38 (META) 

Во проектите на Европската унија, кои се однесуваат на ширењето на критичкото мислење и медиумската писменост главните напори се насочени кон младите и начинот на кој тие ги восприемаат и користат вестите и информациите, пред сѐ, од интернет, како е доминантен дел од нивниот медиумски екосистем

– Демократијата треба да овозможи длабоките несогласувања да бидат дискутирани јавно на цивилизиран начин. Ова значи да се слушне различното мислење, да се дебатира со нечие различно мислење, да се препознаат дезинформациите, да се развие критичкото мислење и да се стане медиумски писмен – рече шефот на делегацијата на Европската унија, Самуел Жбогар, на денешната панел дискусија, која се одржа во просториите на Центарот за балканска соработка – ЛОЈА во Тетово и на која беа претставени проектите на ЕУ во земјава кои работат на развивањето на медиумската писменост.

Жбогар додаде и дека овој настан се одржува само неколку дена пред манифестацијата Медиумски денови, инаку годишна медиумска конференција меѓу Европската комисија и Западниот Балкан која на почетокот на идната недела за првпат ќе се одржи во Скопје во присуство на европскиот комесар за проширување Јоханес Хан.

На панел дискусијата присутен беше и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, кој обрна особено внимание на младите и медиумската писменост:

– Критичкото размислување е особено важно да се развива кај учениците уште од најрана возраст, затоа што само така тие ќе прераснат во индивидуи и цели генерации, кои ќе можат да бидат коректори на актуелните состојби во сите сфери во општеството, односно само така ќе можат да учествуваат или да бидат непосредни креатори на промените за подобро утре“, рече министерот Адеми.

И останатите говорници во своите дискусии обратија особено внимание на младите и медиумската писменост со оглед на фактот што преовладува мислењето дека таа треба да биде вклучена во образовниот процес. Цитирајќи истражувања на јавното мислење, Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум рече дека 46% од испитаниците сметаат оти младите ги нема на телевизија, а нема ни содржини за нив.

– Половина од публиката мисли дека за младите не се зборува и дека тие не се дел од ТВ  програмите. 14 отсто од младите никогаш не прочитале весник, а една третина никогаш не биле во кино“, истакна таа, додавајќи дека нивниот терен е интернетот што ги прави да не бидат зависни од традиционалните медиуми.

Александра Теменугова од Центарот за комуникациски студии, пак, премиерно претстави резултати од најново истражување на оваа панел дискусија, спроведено неодамна на национално ниво на примерок од 1.015 граѓани на Македонија според кое, 59,3 отсто од граѓаните велат дека се информираат од телевизија, а 27,3 од Интернет. Кога станува збор за тоа какви новости читаат, 48,7 велат политика, 39,1% забава, 34,1 отсто економија, а 23,6 отсто спорт. Фејсбук е очекувано најпопуларна социјална мрежа на која свои профили имаат 51% од испитаниците. Инаку, сите бројки се понаклонети кон интернетот кога одговорите на овие прашања се добиваат од младите, а најдобар показател за тоа колку интернетот е интегрален дел од нивниот живот е и фактот што дури 83,1 отсто од испитаниците велат дека на Интернет најчесто пристапуваат преку мобилен телефон.

Филип Стојановски, пак, од Фондацијата „Метаморфозис“ рече дека во напорите за ширење на медиумската писменост и критичкото мислење треба секогаш да се има на ум инклузивноста, односно етничкиот и јазичниот диверзитет на граѓаните, истакнувајќи дека припадниците на сите етнички групи се заинтересирани за ова прашање. Тој, исто така, цитираше истражување на јавното мислење од лани, изработено од Фондацијата, според кое само 7-8 отсто од граѓаните читаат весници, а само 9-10 отсто слушаат радио, додавајќи дека навиката за читање е многу важна за стекнување вештини со кои се развива критичкото мислење.

Кога станува збор, пак, за младите и интернетот, Стојановски истакна дека ние мораме да го запознаеме он-лајн светот во кој егзистираат младите за да осознаеме што е она што ги интересира, па дури потоа можеме да видиме како да влијаеме врз нив во насока на засилување на нивните капацитети за критичко мислење.


Информативни сесии низ Македонија за повикот за грантови за проектот „КриТинк“


Скопје, 8 јуни, 2018 - 15:31 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“ – Центар за европски стратегии ги покануваат заинтересираните локални граѓански организации и медиуми да учествуваат на информативни сесии за Програмата за мали грантови во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, поддржан од Европската Унија.

Конкурсот за мали грантови е првиот од двата циклуса на Програмата за мали грантови и е објавен на 1-ви јуни, а ќе биде отворен до 6-ти јули 2018 година. Во рамките на првиот циклус е предвидено да се доделат 8 грантови со кои ќе се поддржи по еден проект од 8-те плански региони во Македонија. Вкупниот буџет за грантови во првиот циклус изнесува 50.000 евра, односно ќе бидат доделени поединечни грантови во износ помеѓу 5.000 и 7.000 евра.

Детални информации за проектот и Програмата за мали грантови се достапни на веб-локациите на партнерите и на веб-локацијата на проектот http://crithink.mk/

Основна цел на проектот е да промовира медумска писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање на култура за критичко мислење, плурализам на мислења и демократски вредности.

Специфичните цели на проектот се:

  • Да се поттикнува култура на критичко размислување преку едукација на општата јавност за штетните ефекти на медиумските манипулации врз демократијата и европските вредности.
  • Да се зголемат капацитетите на граѓанските организации и медиумите да се справуваат со медиумски манипулации (вкл. и говор на омраза) преку подобрување на медиумската писменост во содејство со државните институции.
  • Да се зголеми побарувачката од граѓаните за поголема отчетност и одговорност на медиумите преку јавно неформално образование, промоција на професионалните стандарди и меѓународните практики за заштита на слободите на мислење и изразување

Со цел да ја приближат и да ја дообјаснат Програмата за мали грантови и самиот проект до сите заинтересирани, „Метаморфозис“ и „Евротинк“ организираат информативни сесии  во градовите од 8-те плански региони во Македонија.

MacedoniaMap.Mk

Ова е распоредот на информативните сесии:

Град Датум и час Локација на настан
Тетово 11.06.18г; 10:30ч. НВО Лоја, ул Илинденска бр. 18А
Струга 11.06.18г; 15:30ч. х. Дрим
Битола 12.06.18г; 11:00ч. Младински културен центар, Битола, ул. Цар Самоил бр. 29
Велес 12.06.18г; 15:30ч НВО центар, ул. Трајче Панов бр. 22
Куманово 13.06.18г; 12:00ч општина Куманово
Штип 14.06.18г; 11:00ч х. Оаза
Струмица 14.06.18г; 16:30ч Центар на заедниците
Скопје 19.06.18г. 11:00ч Граѓански ресурсен центар, бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 50 (во близина на ЕУ Инфоцентар)

Детални информации за проектот и Програмата за мали грантови се достапни на веб-локациите на партнерите и на веб-локацијата на проектот http://crithink.mk/


Утре во ААВМУ ќе се одржи презентација на Мрежата за медиумска писменост


Скопје, 6 јуни, 2018 - 14:31 (META) 

Утре, на 7 јуни 2018 година во 12 часот во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе се одржи состанок и презентација на Мрежата за медиумска писменост http://mediumskapismenost.mk/.

На состанокот ќе се претстават трите проекти за медиумска писменост кои ќе ги спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“, МИМ и МОФ, а кои се финансиски поддржани од Европската Унија.

Сите три проекти ќе спроведуваат во наредните три години и преку своите активности ќе се застапуваат за зголемување на свеста кај јавноста за одговорни отчетни и професионални медиуми, без лажни вести, пропаганда и говор на омраза.

На средбата ќе има и дискусија за да се пренесат најновите европски искуства во поглед на функционирањето на мрежите за медиумска писменост.

Овој месец е актуелен повикот за грантови http://crithink.mk/bara-e-za-aplikacii-grantovi-za-gra-anski-organizacii-vo-ramki-na-proektot-kritink/ за невладини организации и медиуми објавен од „Метаморфозис“ и „Евротинк“’ кој е отворен до 6 јули 2018 година.


Промовиран „КриТинк“, проект за медиумска писменост со грант шема


Скопје, 1 јуни, 2018 - 15:12 (META) 

Во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје се одржа воведен настан за проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој со поддршка од Европската Унија во наредните три години ќе го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Центарот за европски стратегии – Евротинк.

На средбата, на која присуствуваа преставници на граѓански организации, медиуми и на државни институции, тимот на проектот ги претстави основните елементи и го најави првиот повик за мали грантови кој ќе трае до 6 јули.

Во првиот циклус на програмата за мали грантови на „КриТинк“ планирано е да бидат доделени осум грантови, со кои ќе се поддржат проекти наменети за секој од 8-те плански региони.

KRITINK

 

Целта на проектот, како што рече Филип Стојановски, раководител на проектот „КриТинк“ и програмски директор во „Метаморфозис“ е да промовира медумска писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање на култура за критичко размислување, плурализам на мислења и демократски вредности.

Шемата на малите грантови ја претстави Горан Лазаров, проектен координатор во Евротинк, а за значењето на медиумската писменост и за националната Мрежа за медиумска писменост зборуваше Емилија Петреска-Камењарова, раководителка на Одделението за човекови права и медиумска писменост во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Сите детали за повикот заинтересираните можат да ги погледнат на веб-локацијата на проектот CritThink.mk.