!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Убиениот напаѓач од аеродромот „Орли“ бил на листата на радикализирани поединци


Париз, 18 март, 2017 - 15:54 (META) 

Напаѓачот кој денеска беше убиен на аеродромот „Орли“ во Париз, бил на листата на радикализирани поедници и имал долго криминално досие, вклучувајќи и пресуди за вооружено разбојништво, соопштиле француските власти, пренесува „Би-би-си“.

Тој беше застрелан и убиен од француските безбедносни сили, откако се обидел да одземе пиштол од припадничка на воена патрола на јужниот терминал на аеродромот.

Станува збор за 39-годишен маж, чиј идентитет сè уште не се открива.

Тој, како што пренесуваат француските медиуми, повикувајќи се на информации од полицијата, утрово бил вмешан во вооружен инцидент во северниот дел на Париз, по што украл автомобил и со него дошол на аеродромот „Орли“, каде ја нападнал припадничката на воената патрола и се обидел да ѝ го земе оружјето.

Мотивите за нападот засега не се познати. Таткото и братот на напаѓачот биле веднаш приведени, што е стандардна процедура кога станува збор за сомневања за терористички напад.

Од француската полиција соопштиле дека напаѓачот не носел експлозив. Во двата инциденти нема други повредени лица.

Откако беше затворен и евакуиран, делови од аеродромот „Орли“ се повторно отворени по, како што го опишуваат француските власти, екстремно сериозниот инцидент.


Албанија: Тројца функционери би можеле да останат без мандат поради криминални досиеја


Тирана, 20 декември, 2016 - 18:22 (META) 

Основното јавно обвинителство на Албанија побара од албанската изборна комисија да ги поништи мандатите на двајца пратеници и на еден градоначалник поради нивните криминални досиеја, јавува дописникот на „Мета“ од Албанија.

Ова ќе биде прв ваков случај во Албанија, откако парламентот минатата година донесе закон со кој се забранува лица со криминално досие да бидат вршители на јавни функции.

Обвинителството соопшти дека пратениците Шкелким Селмани од Социјалното движење за интеграција (СМИП) и Дашамир Тахири од Партијата за правда, интеграција и единство (ПДИУ), како и градоначалникот на Каваја, Елвис Роши, од редовите на Социјалистичката партија, во формуларите не ги навеле претходните казни.

– Тахири не ја пријавил казната за перење пари во Фоџа, како и казната од 2009 година за возење со фалсификувани документи. Тој рече дека фалсификуваните пари ги добил од еден келнер. Пратеникот Селами, според обвинителството, не ја навел пресудата од 1994 година за учество во организиран криминал. Тој еден месец беше во затвор, по што беше ослободен – соопшти портпаролот на обвинителството.

Од обвинителството исто така истакнуваат дека градоначалникот на Каваја, Елвис Роши, во формуларот не ја навел пресудата за кривично дело групно силување, извршено во Италија, ниту, пак, пресудите што му се изречени во Швајцарија.

– Роши во 1993 година во Швајцарија беше гонет за дрога, а во 1997 година се обидел да се врати во Швајцарија под друго име, но бил вратен во Албанија откако побарал азил. Швајцарската полиција добила информации и за негова вмешаност во други случаи со дрога – соопшти портпаролот на обвинителството.

Албанското обвинителство сè уште води истрага за фалсификуваните пријави за декриминализација на политичарите.