За олеснување на трговијата и транспортот, 26,2 милиони евра заем од Светска банка


Скопје, 19 февруари, 2019 - 9:31 (META) 

За да се намалат трошоците за трговија и да се зголеми ефикасноста на транспортот, Министерството за финансии во име на Владата ќе склучи договор за заем со Светска банка во износ од 26,2 милиони евра, информираат од таму.

Договорот ќе биде потпишан по донесувањето на Закон за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, кој што е во собраниска процедура.

„Условите за заемот се исклучително поволни. Рокот на отплата е 12 години со вклучен грејс период од четири години, а каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемена за фиксен распон.Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан е од регионален карактер и во првична фаза, покрај нашата земја, ќе ги вклучи и Србија и Албанија, а понатаму ќе се приклучат Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Основната цел на Проектот е промоција на подлабока економска интеграција во рамки на регионот, намалување на трошоците за трговија и зголемување на ефикасноста на транспортот во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.


Општина Струмица поднесе барање до Владата за намалување на стапката на ДДВ за гасот


Струмица, 11 февруари, 2019 - 13:47 (META) 

Општина Струмица доставила барање до Владата за намалување на стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) за гасот од 18 на пет проценти. Според градоначалникот Коста Јаневски, решението на проблемот со загадениот воздух, во кое во најголем дел учествува затоплувањето на домовите е преку гасификација, како и проширување на гасоводната мрежа. За таа цел Јавното претпријатие „Срумица гас“ аплицирало до Светска банка за кредит во висина од 26 милиони денари, за проширување на гасоводната мрежа во должина од седум километри.

– Направивме и акционен план, дадовме конкретни предлози до Владата кои би требало овој енергенс да го направат поефтин за да може нашите граѓани да се приклучуваат. Предложивме данокот на додадена вредност на гасот да се намали од 18 на пет проценти и има расположение тоа да се направи, потоа да се субвенционираат горилници и приклучни елементи и според мене, тоа е реалниот начин на кој треба овој проблем да се решава, како и со проширувањето на мрежата за гасификација – смета Јаневски.

Општина Струмица го субвенционира секој приклучок на гасоводната мрежа со 100 евра. Советот на Општината изгласал мерка со која идните инвеститори на згради и домови ќе имаат намалување од осум проценти од комуналните давачки, ако се одлучат да изградат зелени покриви и фасади.

Во Струмица, која е гасифицирана од 2012 година, е изградена гасоводна мрежа од 33 километри.


Собранието одобри заем за набавка на еколошки автобуси за Скопје


Скопје, 8 јануари, 2019 - 16:24 (META) 

Собранието денеска го усвои Законот за гаранција на Република Македонија за обврските по Договорот за заем за финансирање на набавката на 30 до 40 нови автобуси на еколошко гориво за Скопје, со што ЈСП треба да замени дел од сегашните дизел возила на ЈСП без клима и дополнителна опрема.

Според информациите од Градот, новите автобуси ќе бидат нископодни и ќе работат на компримиран природен гас, со голема економска исплатливост и еколошка предност во учеството на намалувањето на аерозагадувањето.

Новите еколошки автобуси за потребите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ќе се набават со 12 милиони евра, од кои 10 милиони евра ќе бидат заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а останатите од буџетот на јавното претпријатие. Парите од ЕБОР ќе бидат кредитно задолжување на ЈСП Скопје, а државата ќе биде гарант.

Огласот за јавна набавка ќе се распише откако ЕБОР ќе го одобри заемот.


Анѓушев: Со 1,5 милиони евра кредит, „Југохром“ ќе се рестартира до јуни 2019 година


Тетово, 22 ноември, 2018 - 15:26 (META) 

По одлуката на владата за обезбедување кредит од 1,5 милиони евра за комбинатот „Југохром“ од Јегуновце, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев при посетата на фабриката порача дека комбинатот може профитабилно да работи, а работниците можат да ја гледаат својата егзистенција во „Југохром“.

– Преку одобрувањето на кредитот е постигнат договор за рестартирање на „Југохром“. Повторно ќе работаат најголемите печки, со што ќе се функционира со 50 отсто од капацитетот. Сметаме дека тоа е повеќе од доволно. Како услов за давање на кредитот беше прво сопственикот да ги инвестира своите средства, а потоа да се обезбедат средствата. Комбинатот мора да ги исполни еколошките стандарди, а Владата ќе помогне преку Македонската банка за поддршка на развојот, која ќе склучи договор со фабриката, за изградба на филтерска постројка за заштита од загадување- истакна Анѓушев.

Се работи за кредит со хипотека кој со себе носи комерцијална камата. Управителот на „Југохром“, Васко Скендеровски, изјави дека комбинатот има перспектива и овој пат ќе се исполнат економскиот, еколошкиот, како и социјалниот сегмент во неговото работење.

– До сега се инвестирани 1,8 милиони евра, а во наредните 5,6 месеци ќе се инвестираат и добиените 1,5 милиони евра. Со тоа ќе се заврши изградбата на филтерската постројка. Според оптималните услови, кон крајот на април, почетокот на мај се очекува финализирање на изградбата, а потоа следи еден месец „ладна проба“, по која во месец јуни би требало да се започне со рестартирањето на работата. До Нова година, 150 вработени ќе бидат вратени на работните места, а потоа и останатите – рече Скендеровски.

„Југохром“ престана со работа пред две години, бидејќи не ја изгради филтер станицата во зададениот рок, која е задолжителна за комбинатот да добие А интегрирана еколошка дозвола за работа.


Тевдоски: За сегашната нова зграда на Клинички парите ќе се враќаат


Скопје, 27 август, 2018 - 15:01 (META) 

Државата ќе врати 70 милиони евра во Банката на Советот на Европа што беа наменети за проектот за изградба на Клинички центар и од септември, заедно со оваа институција и експерти од Европската комисија, ќе почне да се работи на изноѓање решение за Клинички центар што ќе даде современа здравствена услуга на едно место.

Тоа беше кажаното од министерот за финансии Драган Тевдовски на собраниската Комисија за финансирање, и буџет на која во прво читање беше прифатен Предлог-законот за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на Клиничкикот центар Мајка Тереза во Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип.

Според Тевдоски, парите ќе бидат вратени без државата без да се плаќаат пенали или дополнителни средства. Тој појасни дека договорот е склучен на 97 милиони евра, од кои 70 милиони се за Клиничкиот центар во Скопје и кои ќе бидат вратени, а 27 милиони евра се наменети за Клиничката болница во Штип – но тој проект се реализира, рече министерот за финансии.

Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ забележа дека со ова се запира реализација на еден капитален проект и оцени дека како што оваа владеачка гарнитура ги реализира капиталните инвестиции дека до крајот на мандатот нема да може да го реализираат.


Заев: Уште размислуваме дали новиот Клинички центар да се гради во Бардовци


Скопје, 31 јануари, 2018 - 13:32 (META) 

Сè уште немаме донесено одлука, и чекаме во наредните денови сите надлежни институции да ги достават побараните информации, па ќе решиме дали новиот Клинички центар во Скопје ќе се гради на сегашната локација или пак во Бардовци или во Индустриската зона Визбегово, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничкото прашање на Павле Богоевски, дали изборот на изведувачот, италијанската компанија ИНСО, е законски и дали дала соодветна банкарска гаранција.

Заев појасни дека почетокот на изградбата на новиот објект, кој ќе биде само дел од Клиничкиот центар во сегашниот круг, би можела да почне во јуни или јули годинава, ако Владата донесе одлука комплексот да се гради на сегашното место. Но ако се донесе одлука да гради целосно нов Клинички центар во Бардовци или Визбегово, камен темелник би се ставил за пет години и целио комплекс би чинел 450 до 500 милиони евра, наспроти 85 милиони евра колку што би се потрошиле за новата градба на сегашната локација.

Договорот за изградба на комплексот што ќе ги вдоми Интерните клиники, а ќе биде поврзана со Хируршки клиники и со Гинекологија, беше потпишан во 19 мај лани, меѓу тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров и италијанско-македонски конзорциум составен од фирмите „Инсо системи“ од Италија, „Гранит“ и „Бетон“ од Скопје.

Премиерот Заев рече дека почетокот на изградбата бил блокиран со неизибрање надзор од страна на владата на СДСМ, оти сакале да се уверат дека сите постапки на меѓународниот тендер се в ред. Рече дека сè се покажало законски.

Проблемот со градење на новиот комплекс на сегашната локација е што ќе продолжи и ќе се зголеми сообраќајниот хаос и околу комплексот и во него, појасни Заев, додавајќи дека сепак се планирани две катни гаражи – едната под Клиниката за белодробни болести, а другата од кај МВР, во која би имало 2.200 паркинг места.

Премиерот рече дека ако се изгради нов клинички центар во северниот дел на Скопје, тоа би овозможило растоварување на сообраќајот и полесен пристап на пациентите од другите градови, но исто така сегашната локација би можела да се пренамени во градежна зона, од што државата би добила пари од комуналии. Но во тој случај ќе треба да се платат и 5,5 милиони евра казна поради раскинувањето на договорот за кредитот од 85 милиони евра од Банката на Советот на Европа, која не сака да го пренамени кредитот.


Заев: Изградбата на новиот клинички центар е еден од приоритетите за оваа година


Скопје, 23 јануари, 2018 - 14:43 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска со министерот за здравство Венко Филипче, имале средба со делегација на Банката за развој на Советот на Европа (ЕЦБ), предводена од регионалниот менаџер на банката, Витомир Мајлс Рагуз, на кој тема бил „најновиот статус за изградбата на новиот клинички центар во Македонија“, за кој е обезбеден кредит од ЕЦБ.

На средбата, како што соопштија од Владата, биле презентирани фазите за реализација, односно локацијата на клиничкиот центар, изградбата, опремувањето на клиниките „соодветно на најновите достигнувања во медицинската технологија“, како и инфраструктурните проекти за поддршка на работењето на центарот и сообраќајните решенија.

„На состанокот со претставниците на банката беше искажана јасната определба на Владата на Република Македонија дека ова е еден од најважните приоритети во оваа година, и дека се очекува конечната одлука за најдобрите опции за изградба на Јавната здравствена установа клинички центар „Мајка Тереза“ да биде донесена на една од наредните седници на Владата“, стои во соопштението.

Последните измени на проект за новиот клинички центар, кои главно се однесуваат на инфраструктурните и сообраќајните решенија, ќе бидат презентирани и пред целиот состав на Владата на денешната седница.


Грција и кредиторите постигнаа договор за новите обврски од мерките за штедење


Атина, 2 мај, 2017 - 10:40 (META) 

Грчката влада и кредиторите успеаја да постигнат договор за новите грчки обврски и мерки за да може државата да добие зелено светло за исплаќање на новата рата од кредитот за Грција. По неколкумесечни тензични преговори и натегања, грчкиот министер за финансии, Евклидис Цакалотос, рано утринава објави дека е постигнат договор и дека преговорите се успешно завршени.

Владата во Атина е делумно задоволна, делумно резервирана за постигнатиот договор и се надева дека по ова ќе почне дискусијата за реструктуирање и за кратење на грчкиот долг. Прелиминарниот договор со кредиторите, кој во следните две недели треба да биде одобрен од грчкиот парламент, опфаќа финансиски цели и планови по 2018 година, но не и ставки за реструктуирање на грчкиот долг. Според првичните информации во грчките медиуми, договорено е ново кратење на пензиите од 18 отсто, поволни промени во работничките права и во колективните договори и промени во начинот за колективни отпуштања.

Меѓу Грција и кредиторите е постигнат договор и за нови позитивни мерки, кои ќе може да се применат во 2019 и во 2020 година доколку Грција ги оствари договорените фискални цели. Тука се предвидени мерки за поголема социјална и финансиска помош за поранливите групи граѓани, зголемување на финансиската помош за државните училишта и за градинките, 250.000 евра за отворање нови работни места.

Грчкиот министер за финансии, Цакалотос, истакна дека владата треба да го примени договорот и дека е време кредиторите да го почнат разговорот за одржливост и за реструктуирање на грчкиот долг. Тој забележа дека од некои мерки се задоволни, а од други се помалку задоволни, како и дека постои задоволство што не им се побарани дополнителни мерки за 2018 година.

Грчката опозициска партија Нова демократија остро го критикуваше договорот како понижувачки, оценувајќи дека овој договор носи нов финансиски товар од половина милијарда евра за грчкиот народ. Лидерот на десничарите, Кирјакос Мицотакис, го оцени договорот како нов меморандум со мерки за штедење.

„За да остане на власт, Ципрас се согласи за четврти меморандум, поинаков и потежок од претходните. Ќе го осиромаши грчкото општество, особено средната класа“, истакна Мицотакис.


Напредок во преговорите меѓу Грција и меѓународните кредитори


Атина, 7 април, 2017 - 11:14 (META) 

Грција и европските министри за финансии успеаја да постигнат напредок во разговорите за реформите што треба да ги спроведе грчката влада заради исплаќање на следната рата од грчкиот кредит. Според информациите во Грција, со постигнатиот напредок и со прелиминарен договор е договорено во Атина да се вратат претставниците на европските кредитори пред Велигден за да се довршат разговорите и да се комплетира договорот.

Претседателот на еврогрупата, Јерун Дајселблум, изјави дека е постигнат напредок, но денеска на состанокот нема да има никаков договор.

„Постигнат е напредок, но нема да има целосен политички договор за Грција денеска“, истакна Дајселблум пред почетокот на состанокот на еврогрупата.

Неделава преговорите меѓу Грција и кредиторите беа заострени поради барањето на ММФ новите мерки да се спроведат една година порано, односно во 2018 година наместо во 2019 г.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на средбата со првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека доколку не се постигне напредок на денешниот состанок на еврогрупата, ќе бара свикување на Советот на ЕУ за да се најде решение на ниво на европските лидери.

Постигнатиот напредок е сигнал дека најверојатно нема да има потреба од ваков состанок и Грција и кредиторите ќе успеат да се договорат за затворање на вториот дел од извештајот со кој се оценуваат спроведените реформи договорени со пакетот мерки за штедење меѓу Атина и Брисел.


ВМРО-ДПМНЕ ја дала партиската зграда под хипотека


Скопје, 16 февруари, 2017 - 10:20 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ неколку дена пред изборите зела кредит од три милиони евра од Комерцијална банка и за таа цел го заложила под хипотека новото седиште, палатата „Христо Татарчев“, објави „Призма“.

Како што пишува во Службен весник, партијата зела „рамковен риволвинг кредит“, што значи дека не морала да ги подигнe сите три милиони евра одеднаш.

Освен својот дел од објектот, ВМРО-ДПМНЕ во банката заложила и подвижен имот и опрема.

„Призма“ се обратила и до партијата и прашале за што им требаат парите, колку години ќе го враќаат кредитот и дали под хипотека го ставиле целото седиште, a од таму рекле дека ќе одговорат во наредните неколку дена.

Зградата во период од 2013 до 2015 година ја изгради скопски „Бетон“ на Минчо Јорданов, врз земјиштето во центарот на Скопје што е сопственост на партијата и каде што се наоѓаше нивното седиште, т.н. „жолта куќа“.