!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Децата со попреченост се креативни, покажа проектот „Креираме заедно“


Тетово, 14 мај, 2017 - 16:25 (META) 

Фотографии и видеозаписи изработени од ученици со и без попреченост денеска беа преставени пред тетовската публика во Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, во рамки на проектот „Креираме заедно“.

– Станува збор за фотографии и за видеозаписи кои, меѓу другото, се изработени и од деца од инклузивни училишта од Струмица, Тетово и од Скопје. Добивме одлични записи – објасни Мимоза Петровска, претседателка на „Сината птица“, здружение за подршка на деца и млади со различности, кое беше вклучено во проектот подржан од Европската Унија и од УНИЦЕФ.

Целта на проектот е уште повеќе да ја разбуди креативноста на децата со пречки, вели модераторот на денешниот настан, Драги Неделчевски.

– Јас имам дете со попреченост и знам колку е важна креативноста кај овие деца. Многу луѓе сметаат дека ако некои деца имаат пречки, не треба ова или она да го работат или, пак, не се креативни. Напротив, со овој проект се уверивме дека овие деца се креативни и треба повеќе да се работи со нив на вакви проекти – изјави Неделчевски.

Проектот „Креираме заедно“ е дел од проектот „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост од Западен Балкан“.


Вработените треба да ја „отклучат“ креативноста


Скопје, 23 април, 2015 - 11:02 (META) 

Вработените треба да ја „отклучат“ својата креативност, а компаниите треба да воспостават систем за менаџирање со идеите, што подразбира собирање и евалуација на новите идеи добиени од сите вработени. Целта е секој вработен, во секое време да може да ја сподели својата идеја за подобрување на производствените процеси во компанијата.

Ова беше истакнато на првата меѓународна тренинг-конференција „Иновативна компанија – како да ја искористите креативноста на вработените и на клиентите“ во организација на Стопанска комора.

– Целта е да се подигне свеста на компаниите за значењето и за квалитетот на човечките ресурси за постигнување успех. Сите вработени се креативни и затоа е потребно нивните идеи да се соберат на едно место и да се искористи нивниот потенцијал. На оваа конференција сакаме да го дадеме својот придонес за премин на македонската економија од економија на ефикасност во економија на иновации – истакна експертот по иновациски маркетинг во „Вижн консалтинг“, Игор Андреев.

Во 2012 година беше донесена Стратегија за иновации и во таа насока почна да функционира и Фондот за иновации, во рамките на кој веќе се пристигнати 76 апликации, а ќе бидат одобрени средства за 30 проекти.

Но, освен средства, на македонските компании им требаат идеи и тимови што ќе ги спроведат, но и ќе имаат комерцијален ефект од новите производи и услуги.