!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кривични пријави за две лица кои извршиле 21 кражба


Скопје, 16 април, 2017 - 17:49 (META) 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.В. (29) од Дебар и М.Ј. (21) од Скопје поради сомнеж дека извршиле вкупно 21 тешка кражба, со што стекнале противправна имотна корист од 2.763.500 денари и предизвикале материјална штета од 36.000 денари.

Според МВР, Б.В. и М.Ј. ги извршиле кражбите во период од средината на ноември до крајот на декември минатата година, на подрачјето на град Скопје, претежно во попладневните часови, во вкупно 21 објект од кои пет куќи и 16 станови на подрачјето на Аеродром, Центар, Карпош и Ѓорче Петров. Откако ќе се увереле дека нема да бидат забележани од никого, Б.В. со употреба на физичка сила и со погоден предмет (шрафцигер) ги отворал балконските врати или прозори по што влегувал внатре, извршувал претурање и пребарување, одземал пари и златен накит и го напуштал местото на настанот заедно со М.Ј., кој надвор чувал стража.

Одземените предмети Б.В. ги продавал во неколку златарници лоцирани во Старата скопска чаршија, а паричните средства заедно со М.Ј. ги трошеле за свои потреби.

По преземени мерки и активности од страна на СВР Скопје, пријавените се лишени од слобода и со нив е извршен разговор во кој целосно го појасниле начинот на кој ги извршувале кривичните дела.


МЖ: Исклучени патните премини на пругата Ѓорче Петров – Јагуновце поради кражби


Скопје, 13 април, 2017 - 12:51 (META) 

Јавното претпријатие „Македонски железници – Инфраструктура“ од вчера ги исклучило од редовна работа патните премини на пругата Ѓорче Петров – Кичево, помеѓу станиците Ѓорче Петров и Јагуновце, поради зачестени кражби на делови од системот за обезбедување на премините.

Од „МЖ – Инфраструктура“ велат дека зачестените кражби на витални делови од системот за осигурување на патните премини ја нарушуваат безбедноста на железничкиот сообраќај.

Од редовна работа, како што додаваат од МЖ, ќе бидат исклучени сите пратни премини што гравитираат во делот на пругата Ѓорче Петров – Јагуновце.

„Поради ова, ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ апелира до граѓаните кои со нивните возила ги поминуваат овие патни премини да бидат внимателни“, стои во соопштението од претпријатието.


Двајца скопјани осомничени за серија кражби во цркви во Охридско


Охрид, 11 април, 2017 - 10:18 (META) 

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривични пријави против две лица од Скопје, кои се товарат за серија кражби во цркви во неколку охридски села.

Според полицијата, осомничените ги извршиле кражбите во периодот од минатото лето до средината на февруари оваа година.

Против нив е поднесена кривична пријава за пет тешки кражби и за два обида за тешки кражби.

Осомничените, според полицијата, ги извршиле кражабите во цркви во селата Лескоец, Старо Лескоец и Горно Лакоречеј, од каде одзеле околу 2.000 евра.

Полицијата не соопштува дали се одземени и икони или други црковни предмети и реликвии.


Битолчани обвинуваат дека се крадат надгробни плочи од градските гробишта


Битола, 7 септември, 2016 - 12:45 (META) 

Битолчанецот Томе Таповски обвинува дека непознати сторители го сквернавеле гробот на неговата мајка на Светонеделските гробишта во Битола. Мермерните плочи од сите четири страни биле извадени, сè до бетонот. Таповски се сомнева дека можеби мермерните плочи се крадат за да се препродаваат бидејќи и други битолчани се соочиле со вакво непријатно искуство, односно останале без надгробните плочи од вечните живеалишта на своите блиски.

– Кога отидовме, гледаме дека мермерните плочи се извадени. Ова за мене е сквернавење на едно вечно почивалиште, непријатно искуство. Еден гроб да направиш е околу илјада евра. Но, тука не се само парите во прашање, туку нешто многу посилно, емоциите – вели Таповски.

Битолчанецот го пријавил случајот во ЈП „Комунаец“, во чија надлежност е и одржувањето на Светонеделските гробишта. Отишол и во полиција, но засега нема повратна информација за неговиот случај . Таповски вели дека уредно си ги плаќа сметките за гробното место.

– Пријавив во ЈП „Комуналец“, но ми кажаа дека немале надлежност. Пријавив и во правната служба, но и таму така ми кажаа… „Џабе пријавуваш, има и други случаи и нема да ти излеземе во пресрет“, ми велат. Иритира негрижата. Пари даваме, а некој воопшто не се грижи за тоа. Не знам која е нивната надлежност – вели Таповски.

Од битолската полиција велат дека оваа година имале пријави од граѓани за оштетување на надгробни споменици, но дека тоа како појава не е зачестено.

– Сме имале пријави за оштетување на гробови, но тоа се инцидентни случаи и не се работи за сквернавење – вели Сања Стаматова, портпаролка на СВР Битола.


Битолчанец доби кривична пријава за седум кражби


Битола, 31 јули, 2016 - 12:32 (META) 

СВР Битола поднесе кривична пријава против 25-годишниот Ј.П. од Битола, осомничен за седум тешки кражби.

Како што соопшти денеска МВР, пријавениот, во периодот од 10 мај годинава, од 8 часот, до 24 мај до 11.15 часот, извршил тешки кражби од седум различни возила паркирани на различни локации во Битола.

Од возилата пријавениот одземал лаптоп-компјутери, мобилни телефони, банкарски картички, различни документи и многу други предмети со што причинил материјална штета од 83.000 денари.


„Да се заштитиме од кражби“ – превентивен проект на СВР Охрид


„Да се заштитиме од кражби“ е превентивниот проект што СВР од Охрид почна да го реализира преку велосипедската полициска патрола и оделението за превенција.

– Целта е подобрување на општата безбедносна состојба, но и навремена превенција на граѓаните од сите безбедносни ризици поврзани со кражби по плажи, во куќи и во станови, кражби од возила, кражби во згодна прилика и други имотни деликти – информираше портпаролот на СВР од Охрид, Стефан Димоски.

Во рамките на проектот, полициските службеници велосипедисти се во постојана комуникација со граѓаните во централното градско подрачје, а особено на плажите, со угостителите, како и со одговорните на паркиралиштата.

Спречете дрска кражба, внимавајте на паричникот, чувајте го мобилниот, заштитете го вашиот автомобил, се само дел од предупредувањата и од советите што полицајците велосипедисти им ги пренесуваат на туристите по плажите, делејќи им едукативни летоци.

Велосипедската полициска патрола е активно вклучена и во репресивните мерки насочени кон реализација на кражби, спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и приведување на сторители на разни казнени дела по плажите и на паркиралиштата, како и во централното градско подрачје.

Велосипедистите полицајци се вклучени и во реализација на мерките за одржување на јавниот ред и мир.


Две бугарски државјанки доживотно протерани од земјава поради серија кражби


Скопје, 3 април, 2016 - 12:56 (META) 

Секторот за внатрешни работи поднел кривична пријава против две бугарски државјанки, кои извршиле серија кражби во центарот на Скопје, информираат од МВР.

Според полицијата, осомничените Б.Б.И.(33) и Г.Д.Н.(41) се товарат дека извршиле три кривични дела кражба, во кои однеле плен од околу 26.500 денари.

Како што информираат од МВР, судија на претходна постапка на бугарските државјанки им одредил мерка од една година затвор со 3 години условна казна и доживотна забрана за влез во земјава.

Кражбите осомничените ги извршиле во бутик и во автобус во центарот на Скопје, каде користејќи ја гужвата, на оштетените им ги земале паричниците од чантите.


Фатен прилепчанец кој крадел по куќи на печалбари во кичевско


Прилеп, 27 август, 2015 - 13:33 (META) 

Поради постоење основи на сомнение за сторени седумнаесет кривични дела „тешка кражба“, Полициската станица Кичево поднесе кривична пријава против Е.А. (43) од Прилеп.

Пријавениот, во различни временски периоди, со употреба на подесен предмет и кршење на бравите, цилиндрите и стаклата, насилно отворал врати и прозорци од куќи и помошни објекти во Кичево и околината. Тој влегувал и со качување преку отворен потпокривен простор, а најчеста цел му биле куќи чии сопственици се наоѓале на привремена работа во странство. Е.А. противправно одземал пари, златен накит, ЛЦД телевизор, лап топ компјутери, мобилни телефони, текстилна стока, разни видови алати и апарати, рачни машки и женски часовници, постелнини, гасен пиштол и други предмети. На тој начин, пријавениот Е.А. на оштетените им причинил значителна материјална штета а самиот се стекнал со голема противправна имотна корист.

На седми јули оваа година, тој е пронајден во Битола по што е извршен претрес во куќата каде привремено престојувал. Тука пронајдени се и одземени дел од предметите што потекнуваат од извршените кражби.

Покрај овие седумнаесет, пријавениот Е.А. во периодот од јануари минатата до август оваа година, на подрачјето на Кичево, извршил уште 46 кривични дела „тешка кражба“. Истите се реализирани за што полициската станица од Кичево има поднесено кривични пријави.


Гостиварец осомничен за девет кражби во Струга


Струга, 11 август, 2015 - 13:45 (META) 

Струшката полиција поднела кривична пријава против 20-годишниот гостиварец О.А., кој се товари за пет тешки кражби и за четири кражби што ги извршил во текот на минатиот месец во Струга, соопшти полицијата.

Осомничениот, според полицијата, кражбите ги вршел во куќи и во станови, на плажи на струшкото крајбрежје и од возило, одземајќи пари, златен и сребрен накит, мобилни телефони, облека и други предмети, чија вкупна вредност била проценета на околу 800.000 денари, односно околу 13.000 евра.

Полицијата, по добиените оперативни информации, успеала да го пронајде и приведе осомничениот, а при претрес на хотелската соба во Струга, каде што бил сместен, се пронајдени дел од украдените предмети.


СДСМ: Груевски не го интересира народот, туку бизниси, пари и изборни манипулации


Скопје, 29 јуни, 2015 - 16:00 (META) 

Да мислеше Никола Груевски наместо на своите интереси, на интересите на граѓаните, жителите на Шуто Оризари досега ќе имаа водовод, реагираат од СДСМ на поставувањето камен-темелник за нов водовод во Шуто Оризари, на кое присуствуваа премиерот Никола Груевски и градоначалникот Коце Трајановски.

„Колку се важни граѓаните на Шуто Оризари за Груевски и за Коце Трајановски покажува фактот што за најавениот водовод нема предвидено средства во основните буџети на градот и на државата. Слушна Груевски термин избори и се сети дека за оние што ги влечеле за уши треба водовод. Најавениот водовод ќе се реализира со пари од кредит“, пишува во соопштението на опозициската партија.

Оттаму додаваат дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје одлчиле нови повеќе од 40 милиони евра да се дадат за проектот „Скопје 2014“, од кои повеќе од шест милиони ќе бидат од државниот буџет.

„Груевски не го интересираат проблемите на граѓаните. Го интересираат бизниси и пари, кражби и манипулации на избори“, пишува во соопштението на СДСМ.