!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Романија: Пресретнат брод со мигранти во Црното море


Букурешт, 13 август, 2017 - 15:36 (META) 

Романската крајбрежна стража во Црното море пресретнала брод со 69 мигранти со потекло од Ирак, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Крајбрежната стража го забележала бродот, кој пловел под турско знаме, на околу 16 километри од пристаништето Мангалија, кое се наоѓа во југоисточниот дел на Романија, во близина на границата со Бугарија.

Во бродот, кој бил испратен до брегот, имало 30 мажи, 10 жени и 29 деца. Со бродот управувале Бугарин и лице од Кипар.

Од романската полиција соопштиле дека во тек е истрага.


Спасени 1.400 мигранти во близина на брегот на Либија


Рим, 29 ноември, 2016 - 12:34 (META) 

Италијанската крајбрежна стража вчера спасила околу 1.400 мигранти во близина на брегот на Либија, кои со гумени чамци и со два помали брода се обиделе да стигнат до европското копно.

Како што соопшти крајбрежната стража, таквата пловидба е опасна во текот на летото, а уште поопасна на студено време, кога морето е немирно и ризикот од хипотермија е поголем.

Мигрантите се спасени на бродови на италијански и на ирски хуманитарни организации.

Италијанските власти соопштија дека годинава во земјата пристигнале рекорден број мигранти и оти преку море пристигнале повеќе од 171.000 лица, што е за околу 1.000 повеќе во споредба со претходните две години, кога беше забележан претходниот рекорд.

Мигрантите во Италија најчесто пристигаат со намера да продолжат кон север, односно кон Германија и кон Шведска.


Италијанската крајбрежна стража викендов спасила 3.400 мигранти


Рим, 12 септември, 2016 - 11:43 (META) 

Околу 1.100 мигранти вчера биле спасени од крајбрежјето на Либија, со што бројот на спасени мигранти за време на викендот се зголеми на 3.400 лица, соопшти италијанската крајбрежна стража.

Мигрантите кои вчера биле спасени, тргнале од Либија со осум преоптоварени гумени чамци и со два рибарски чамци. Нив ги презеле припадници на италијанската крајбрежна стража, британски и ирски воен брод и уште неколку бродови на невалидни хуманитарни организации.

Во саботата биле спасени 2.300 луѓе, кои на пат кон Италија ги презеле 18 мали бродови.

Според информациите на италијанското министерство за внатрешни работи, околу 124.500 мигранти пристигнале во Италија од почетокот на 2016 година, што е за 4.000 повеќе од вкупниот број на мигранти кои минатата година пристигнале во Италија.


Спасени повеќе од 2.000 бегалци во Средоземно Море


Рим, 10 јуни, 2016 - 10:22 (META) 

Италијанската крајбрежна стража успеала да спаси околу 2.000 мигранти недалеку од брегот на Либија, во последната серија спасувачки операции во Средоземно Море, јавуваат светските агенции.

Според информациите објавени вчера, италијанската крајбрежна стража координирала 15 спасувачки операции, во кои 2.000 мигранти се спасени и сместени на безбедно.

Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (ОН) проценува дека од почетокот на оваа година во Италија пристигнале повеќе од 48.000 бегалци.


Спасени 1.153 мигранти покрај брегот на Италија


Рим, 17 мај, 2016 - 9:36 (META) 

Италијанската крајбрежна стража синоќа спасила 1.153 мигранти во водите меѓу италијанскиот остров Сицилија и Северна Африка.

Според извештаите на италијанските медиуми, италијански, ирски и германски бродови, како и спасувачки чамци на организациите „Лекари без граници“ и „СОС Медитеране“, извршиле 11 одделни спасувачки операции.

Според податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), од 5 до 12 мај во Италија пристигнале повеќе од 2.600 лица, што е 68 отсто повеќе отколку во претходните седум дена. Причината за зголемениот бран е подобрувањето на временските услови.


Уапсени двајца Грци во Пиреа поради ширење на лажни информации меѓу бегалците


Атина, 2 април, 2016 - 10:20 (META) 

Грчката крајбрежна стража уапсила двајца Грци поради измама и ширење на лажни информации меѓу бегалците во пристраништето Пиреа, кај Атина, јавуваат локалните медиуми.

Две момчиња, на возраст од 23 и 21 година, според информациите на крајбрежната стража, ширеле гласини меѓу бегалците дека грчката граница е отворена и им понудиле за одредена сума на пари да ги префрлат преку границата.

Тие биле уапсени вчера и се обвинети за измама и за ширење на лажни информации.

„Катимерини“ пишува дека според последници податоци во пристаништето во Пиреа има 5.330 бегалци кои се сместени во прифатниот центар.