Во Скопје и Атина се пребројуваат раните и се лечат повредите од „Илинденска“


Скопје, 21 мај, 2018 - 10:19 (META) 

За помалку од 48 часа од промоцијата на „новото“ име, и во Скопје и во Атина се бара излез и од оваа нова ситуација. Премиерот Зоран Заев, на лидерската средба доби поддршка (значајна) само од коалицискиот партнер ДУИ, но изостанаа другите чинители.

Неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, помина уште полошо – доби цврсти четири „не“ од партиите и едно завиено „не“ од претседателот на државата. Внатрешната штета за Ципрас допрва ќе се мери, оти ниту една партија од коалицијата не застана зад него, а во последните мигови од новиот предлог се дистанцираа и Мицотакис, па дури и комунистите, кои ја држат анти-НАТО линијата.

Што ќе се случува оваа недела на полето на преговорите?

Министрите за надворешни работи – Димитров и Коѕиас – ќе имаат нова средба во САД. Коѕиас таму ќе одржи серија разговори в четврток и в петок – 24 1 25 мај. На средбата со Димитров ќе присуствува и медијаторот Метју Нимиц.

Грчката влада еден ден по обелоданувањето на предлогот за „Илинденска“ излезе со воопштено соопштение.

Во него се вели „го поздравуваме тоа што од страна на БЈРМ е прифатено дека решението на проблемот со името не може да биде без ерга омнес, односно употреба на новото име насекаде и од сите“.

Грчката влада повика „да се продолжи со соработка во барањето на заедничко прифатливо име со временска или географска одредница“ и потсети дека секое решение подразбира и промена на Уставот.

Премиерот Заев во саботата по лидерската средба ги повика „сите политички сили во општеството, сите групи и заедници да се приклучат за да ја искористиме оваа историска шанса за дефинитивен заеднички успех за Македонија“.

– Република Илинденска Македонија е име со кое го зајакнуваме темелот на нашата Република, a Илинден значи историски континуитет на нашите стремежи, нашата државност и нашата гордост. Илинден е нашето славно минато, Илинден е и нашата светла иднина – рече Заев.


Лидерска средба за името ќе има, но во термин кој на сите им одговара


Скопје, 13 мај, 2018 - 21:58 (META) 

Лидерска средба ќе се одржи во термин кој им одговара на сите политички субјекти кои се дел од овој вид средби. Додека се утврди термин кој одговара за сите, лидерот на опозицијата може да побара средба со премиерот, велат за МИА од Владата во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за итна лидерска средба за преговорите за името.

– Владата на Република Македонија како и секогаш досега кога има значаен развој во текот на преговорите за проблемот кој го има Република Грција со нашето уставно име, навремено и целосно ги информира сите засегнати политички субјекти. Истовремено, транспарентно и одговорно ја информира и јавноста, односно граѓаните – наведуваат од Владата.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев денеска на прес-конференција рече дека бараат итна лидерска средба, на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров во присуство на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името.

По средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, близу до Атина, посредникот во преговорите Метју Нимиц рече дека разговорите биле сериозни, со позитивни моменти.

Министрите за надворешни работи треба да ги информираат своите премиери пред самитот во Софија каде што двајцата премиери ќе имаат средба на 17 мај.


Нимиц: Имавме сериозна средба со позитивни, но и тензични моменти


Атина, 12 мај, 2018 - 21:18 (META) 

По средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска во Сунио близу до Атина, посредникот во преговорите Метју Нимиц рече дека разговорите биле сериозни, со позитивни, но со тензични моменти.

– Имавме сериозна средба на која се обидовме да најдеме решение за спорот за името. Во разговорите имаше позитивни моменти, но и тензични моменти, а за она што се разговараше денеска министрите за надворешни работи треба да ги информираат своите премиери пред самитот во Софија каде што двајцата премиери ќе имаат средба на 17 мај – рече Нимиц.

Ниту тој, ниту Димитров и Коѕиас не одговараа на нивинарски прашања.

Димитров вчера на министерскиот состанок на проширената Вишеградска група и земјите од Западен Балкан, изјави дека средбата со посредникот Нимиц е многу важна во преговарачкиот процес.

– Факт е дека сме во најделикатната и последната фаза. Факт е дека има многу прашања за кои има разбирање, тоа разбирање е врзано со крај. Значи, тоа што е договорено, не е договорено, ако не е договорено сè, и факт е дека утрешниот ден е многу важен, неколку дена е пред Самитот во Софија, и наша должност е да најдеме едно решение кое што е можно повеќе ќе ги покрива потребите на двете страни, за да им овозможиме на премиерите прво да се сретнат, и после тоа да си подадат рака, ама мора да понудиме некакви опции, таа ни е задачата утре – рече Димитров.


Грчката дијаспора бара Коѕиас да ги прекине преговорите за името


Атина, 8 мај, 2018 - 10:12 (META) 

Неколку организации од грчката дијаспора му испратија писмо на шефот на дипломатијата, Никос Коѕиас, во кое го обвинуваат дека ги понижува Грците ширум светот и со кое бараат прекин на преговорите за името.

Во писмото се вели дека „е очигледно оти преговорите се во ќорсокак и дека нема ниту една причина за нивно продолжување“. Тие го обвинуваат Коѕиас дека веќе направил „неисториски отстапки“ со тоа што се согласил во името да стои и терминот Македонија.

Pismo

– Во овој момент треба да се прекинат преговорите и да престанете да го понижувате достоинството на Грците ширум светот со вашето инсистирање да им дадете името на Македонија на Словените во Скопје – се вели во писмото.

На 11 и 12 мај ќе има нова средба меѓу министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕиас во Сунион крај Атина на која ќе присуствува и медијаторот Метју Нимиц.

Како што се најавува од Скопје и од Атина, и ако не се случи ништо непланирано, на 17 мај во Софија ќе се одржи состанок од четири очи помеѓу македонскиот премиер Зоран Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас во рамките на Самитот ЕУ – Западен Балкан.


Коѕиас: Ако прифати ерга омнес, а не го смени Уставот, следната влада ќе го уапси Заев


Атин, 2 мај, 2018 - 10:25 (META) 

Ние правилно направивме што го отворивме прашањето за ерга омнес, можевме да раководиме со преговорите, а со тоа да бидеме блиску, за првпат толку блиску, до договор. Но, и да не постои договор, нема ние да бидеме виновни и ова го знае вселената, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во интервју за емисијата „Историес“ на грчката телевизија „Скај“.

Коѕиас смета дека преговорите одеа и одат добро, но треба и веќе е прашање на другата страна „дали ќе прифати ерга омнес, а тоа е смела одлука“ и објаснува дека е погрешна перцепцијата, ерга омнес да биде само за надворешна употреба.

– За да биде вистинско ерга омнес треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата. Може да се склучи меѓународен договор што ќе го содржи сето ова? Може и постојат правници што веруваат во тоа. Но, искуството покажува дека ако се смени оваа влада, следната ќе го испрати Заев во затвор, велејќи дека го прекршил Уставот, со прифаќање на меѓународно име што не е предвидено и не е дозволено од Уставот. Односно и за нивна заштита, како што им имам објаснето, потребна е промена на Уставот – вели Коѕиас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција, во синоќешното интервју за „Скај“, овој негов став уште еднаш го поткрепи со примерот со документите, дека не може во внатрешните и надворешните документи да се користи различно име, бидејќи ќе има моменти кога еден внатрешен документ, на пример, лична карта или Уставот, или, пак, диплома од факултет, да треба да се преведат на друг јазик за употреба во странство, и во тој случај би го содржеле не новото, туку уставното име.

Според Коѕиас, ова би довело до секојдневни несогласувања за тоа кое име би се користело.

– Тоа ќе биде континуирана кавга. Затоа, секој пат потенцирам дека решението треба да биде стабилно, долготрајно и да решава, наместо да создава проблеми – додава Коѕијас.

Во однос на членството на Македонија во НАТО, запрашан за тоа дали е можна една „привремена интеграција“ одговара негативно, објаснувајќи дека тоа може да создаде проблем и притисоци врз Грција.

– Може да се договориме да се даде покана, од НАТО се дава покана и потоа таа се ратификува во парламентите. Потоа, парламентите тоа го испраќаат до САД, во Вашингтон, бидејќи е чувар на договорите на НАТО уште од формирањето. Тука, во што е проблемот? Им објаснувам на сите. Да речеме дека се 29 држави членки на НАТО, 28 од нив завршиле со ратификацијата, а ние не го имаме ратификувано бидејќи не ги направиле промените што ги ветија. Кој ќе јаде ќотек? Тие од 28-те земји или ние, што ќе не притискаат? Така ќе се префрли проблемот – рече Коѕијас.

Шефот на грчката дипломатија, уште еднаш повтори дека времето е многу кратко за постигнување договор до јулскиот самит на НАТО. Објасни дека за одржување референдум во Македонија, потребни се два месеца, потоа ќе треба да се ратификува во собранието, па во ОН, за да се потпишат меѓународните договори. Сѐто ова, според Коѕиас, не би можело да се направи во периодот што преостанува, односно за два месеца.

Во однос на тоа дали постои договор за името, тој вели дека не е проблемот во тоа кое ќе биде новото име, бидејќи е договорено да биде сложено и географско, а Македонија ќе треба да одбере еден од предлозите на Нимиц, со исклучок на Република Македонија (Скопје), име кое веќе е отфрлено од грчката страна.

Запрашан за тоа дали медијаторот доставил конечен и комплетен предлог, Коѕиас вели дека Нимиц направил проценка на последните преговори, „која страна треба да донесе одлука и да се согласи“, но не откри која е страната што треба да направи отстапка. Шефот на грчката дипломатија коментира дека медијаторот е објективен и покрај тоа што понекогаш и едните и другите имаат поплаки.

– Понекогаш ние имаме поплаки, некогаш имаат другите. Господинот Нимиц 25 години работи на ова, нѐ виде дека се доближивме до решение, го гледа доброто расположение и од двете страни и се обидува да нѐ охрабри да завршиме – додава Коѕиас.

Министерот за надворешни работи на Грција, смета дека за Грција било најсоодветен момент да се започнат преговорите бидејќи, според него разговорите биле и се меѓу двете страни, затоа што „Германија многу месеци немаше влада, а САД не се многу заинтересирани за Западен Балкан, како што беше случај во минатото“.


Теодоракис: Следната недела е клучна дали ќе се реши или нема проблемот со името


Атина, 3 април, 2018 - 9:56 (META) 

Лидерот на грчката партија Река, Ставрос Теодоракис, кој е еден од политичарите со кои Никос Коѕиас имаше средби за да ги информира за текот на преговорите во Виена, по средбата изјави дека „следната недела ќе биде клучна дали ќе се реши или нема да се реши проблемот со името“.

Шефот на грчката дипломатија Коѕиас по разговорите во Виена со македонскиот колега Никола Димитров и со медијаторот Метју Нимиц, одржува серија средби со лидерите на грчките политички партии.

– Коѕиас ме информираше детално, а се надевам и искрено. Си ги кажавме нашите познати ставови. Мислам дека следната недела ќе биде клучна дали прашањето за името ќе се реши или нема да се реши – изјави кусо по средбата Теодоракис.

Денес Коѕиас треба да има уште две средби со лидерката на ПАСОК и на Движењето за промени, Фофи Јенимата и со претседателот на Унијата на центристите, Василис Левендис, додека лидерот на конзервативната Нова Демократија, Кирјакос Мицитакис, одби да се сретне со него и бара за текот на преговорите да биде информиран лично од премиерот Алексис Ципрас.


Атина: Изјавата на Димитров фрла сенка врз преговорите и посетата на Коѕиас


Атина, 19 март, 2018 - 12:02 (META) 

Изјавата на министерот за надворешни работи Никола Димитров кој наводно, при контактитe со европски колеги рекол дека некои грчки ставови за името се „блиску до апсурдни“ го намалија оптимизмот во Атина за брз исход од преговорите.

Оваа изјава грчките медиуми ја припишуваат на „добро информирани дипломатски извори“ и сметаат дека ќе фрли сенка, или како што вели „Катимерини“, „облаци на хоризонтот“ врз преговорите.

Оваа игра топло–ладно во рамките на генералната полуинформираност или клишеата за состојбата во Македонија, се толкува и по малку комично, па, на пример,  се вели дека изјавата на Димкитров не треба да се гледа изолирано од улогата што тој ја игра во владата на Зоран Заев, „иако тој доаѓа од националистичката ВМРО-ДПМНЕ и неговите позиции се далеку од тие на Никола Груевски, сепак се различни и од оние на Заев“.

Во Атина се смета дека сега, по настаните околу  усвојувањето на Законот за употреба на јазиците, атмосферата во Скопје е „особено тензична“, и симлифицирано се прикажува со сликата дека “Владата на Заев успеала да го донесе законот, но не успеала тоа да го стори зна начин кој е во согласност со парактиката на парламентите на европските држави, како и дека улогата на Груевски била негативна“.

 


Коѕиас ѝ го претставил подновениот договор на владата, следната недела слетува во Скопје


Атина, 8 март, 2018 - 10:51 (META) 

Според грчките медиуми, шефот на дипломатијата Коѕиас, на вонредна владина седница ја преставил грчката верзија на нацрт-договорот околу проблемот со името, во кој наводно, се додаден и нови елементи.

Според последните информации, можно е Коѕиас со документот да допатува во Скопје кон средината на следната недела.

За сега, наспроти минатите искуства, содржината на договорот, се држи во тајност и далеку од медиумите.

Грчката страна по секоај цена сака да одбегне содржината на документот да протече и „дипломатските консултации да ги врши преку насловните страници на весниците“.

Премиерот Алексис Ципрас во последно време води политички битки на многу полиња, а оваа околу името е една од најсериозните.

Ципрас и покрај тоа тврди дека е решителен да го затвори проблемот, вели весникот „ИЕфимерида“.

Се очекува Коѕиас договорот прво да му го презентира на неговиот македонски колега, Никола Димитров.

Главната пречка, сепак, според Атина, е нивното инсистирање на промената на уставот, за што засега нема согласност од македонска страна.


Атина била „вознемирена“ од тајмингот на посетата на Заев на Анкара


Атина, 14 февруари, 2018 - 11:57 (META) 

Грчката влада не крие дека е вознемирена оти премиерот Зоран Заев „побрзал“ да ја посети Анкара и „да побара јавна поддршка од Турција“. Во Атина сметаат дека овој потег ја отвора вратата за поголема улога на Турција на Балканот, особено во овој период кога грчко-турските односи пак се во криза, овој пат околу островите Имиа, пишува грчкиот весник „Иефимерида“.

Премиерот Заев, пред посетата на Анкара, на новинарско прашање, одговори дека таа била планирана од поодамна.

Според весникот, сите индикации се дека се преговара околу името „Горна Македонија“ и дека терминот „Македонија“ дефинитивно останува во името.

Коѕиас и Димитров утре и задутре во Софија ќе се сретнат и на маргините на неформалната средба на шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ и државите кандидати за членство.

Министрите за надворешни работи се согласија да ги продолжат напорите под покровителство на ОН, соопшти македонското Министерство за надворешни работи, известувајќи за вчерашната средба на личниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц со министрите за надворешни работи на Македонија и Грција.

„По конструктивната средба која е дел од напорите за наоѓање на заедничко прифатливо решение за надминување на разликата околу името, министрите за надворешни работи се согласија да ги продолжат напорите под покровителство на ОН“, се вели во соопштението на грчкото и македонското МНР по вчерашните маратонски разговори во присуство на Нимиц во Виена.


Димитров: Идентитетските прашања ќе останат надвор од процесот на преговори


Скопје, 2 октомври, 2017 - 15:34 (META) 

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска ги негираше информациите дека во преговорите со Грција се разговара и за идентитетот.

– Преговорите не се почнати, во моментов ги исцртуваме контурите на кое ниво, во каков формат и кога ќе почнат. Не е корисно да се шпекулира за нешто што е брифинг на министерот Коѕиас или не е. За тоа треба директно да се праша Коѕиас. Сметам дека идентетитските прашања треба да ги извадиме од тој процес на преговори, затоа што во спротивно, проблемот никогаш нема да биде решен – рече Димитров, додавајќи дека не е историски соодветно да се оспорува идентитетот на сосед кој не е член на ЕУ ниту на НАТО.

Министерот истакна дека во јавноста честопати ова прашање се одбегнува, но дека политиката подразбира преземање одговорност, како и дека носи одговорност за нерешавање проблеми и за пропуштени шанси.

Во однос на информациите за ревидирање на историјата, особено на делот кој се однесува на бегалците од Егејска Македонија, Димитров рече дека ако сакаме да се развијат односите меѓу двете земји, треба да се прашаат историчарите како Грците гледаат на нас и обратно.

За претстојната регионалната средба во Солун, на која ќе учествуваат министрите за надворешни работи и од Албанија и од Бугарија, Димитров рече дека ќе биде фокусирана на енергетската, економската и на регионалната соработка.

На прашање дали е можно вклучување на земјите од регионот во посредувањето во спорот за името со Грција, тој истакна дека во оваа фаза сепак разговорите ќе се одвиваат на билатерално ниво, додавајќи дека ова прашање е особено важно не само за двете земји, туку и за регионот и за самата Европа.