!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Трајановски, Тодоров и Нухиу го посетија првороденото бебе во Скопје


Скопје, 1 јануари, 2017 - 13:26 (META) 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска го посетија првото бебе кое се роди во Новата 2017 година во Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир.

Трајановски на мајката Нуредини Рамадан Хикмет и на семејството им ја честиташе Новата година и им подари штедна книшка со 20.000 денари и други пригодни подароци.

Претходно и министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, заедно со директорот на здравствената установа „Мајка Тереза“, Башким Исмаили, на семејството им го честиташе новороденото машко бебе, при што во име на МВР им врачи скромен подарок.


Сакаме чист воздух, а не панорамско тркало и боемски улици, порачаа еко-активистите


Скопје, 28 декември, 2016 - 20:12 (META) 

Воведување на системот пар-непар за возилата, бесплатен јавен превоз цела зима, засилени инспекции, казна од 10 години затвор за уништување на каква било вегетација и стопирање на сите проекти како панорамското тркало, боемски улици и стиропорни фасади и пренамена на средствата за лечење на болните од загадувањето. Ова се дел од 17-те барање што неколку стотини граѓани и еко-активисти му ги доставија на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, на вечерашниот протест против енормното загадување на воздухот, кое во одредени денови и до 20 пати ги надминува дозволените вредности.

Протестот почна во Градскиот парк, од каде граѓаните и активистите се упатија кон зградата на Владата. Демонстратните носеа транспаретни на кои пишуваше „Воздух за сите“, „Добро бе, вие деца немате?“, „Филтри место финти“, „Кога ќе пораснам сакам да дишам“.

Од власта побараа веднаш да ги смени приоритетите и на прво место за решавање да го стави проблемот со загадениот воздух.

Според активистите, последните изјави на градоначалникот Трајановски не нудат решение за надминување на проблемот и не ветуваат поквалитетен воздух.

Тие на Трајановски му порачаа дека е време за итни мерки и дека покрај плановите на долг рок, неопходни се и решенија кои веднаш ќе дадат резултати.


Трајановски побара субвенции за загревање на домовите за помало загадување


Скопје, 26 декември, 2016 - 15:34 (META) 

Општините и централната власт да субвенционираат проширување на топловодната мрежа и што повеќе домаќинства да се вклучат на неа, е една од мерките што градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ја предложил на средбата со градоначалниците од Скопскиот плански регион, на која се разговараше за загадувањето на воздухот во градот и во околината.

Тој апелираше до „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) и до „ЕЛЕМ енергетика“ да размислат за намалување на цената на парното греење, за што ќе се разговара на официјална средба.

– Со моите колеги градоначалници зборувавме да се вклучат во субвенционирањето на граѓаните за набавка на печки на пелети, како и да се изготви правилник за користење на цврсти горива со кој во догледно време ќе се забрани употребата на нафта, јаглен и на други недозволени материјали за затоплување на домаќинствата. Разговаравме за можноста општините да субвенционираат други видови загревање во домовите за што тие ќе направат анализа и да субвенционираат велосипеди и изградба на велосипедски патеки – изјави Трајановски.

Тој додаде дека со формирањето на новата влада очекува итно да се објави тендерот за гасификација на Скопје.

Трајановски рече дека Град Скопје ќе продолжи со прскање на градските сообраќајници со калциум магнезиум ацетат за контрола на ситната прашина.

Во однос на воведување на системот пар-непар за употреба на автомобилите, како мерка за намалување на загадувањето од сообраќајот, Трајановски истакна дека тоа не е во надлежност на Градот Скопје, туку треба да се произнесат министерствата за внатрешни работи, за здравство и за животна средина и просторно планирање.

Австриската агенција за животна средина утврди дека најголемото загадување со ПМ10- честички во воздухот потекнува од загревање на домаќинствата (32 проценти), сообраќајот (20 проценти), прашина создадена од неуредените површини, уличната и прашината од градежните активности (19 проценти) и индустријата (18 проценти).


Трајановски утре на состанок со општинските градоначалници за загадувањето на воздухот


Скопје, 25 декември, 2016 - 18:03 (META) 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, за утре свика состанок на кој се поканети сите градоначалниците од Скопскиот плански регион, информираат од Град Скопје.

Тема на состанокот, кој ќе се одржи во салата за состаноци на кабинетот на градоначалникот, ќе биде загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопскиот Регион.

Група граѓани и еко-активсти в среда, во 17 часот, во Градски парк ќе одржат протест против енормното загадување на воздухот, кое во одредени денови и до 20 пати ги надминува дозволените вредности.

Организаторите на протестот имаат 12 барања до централната и до локалната власт, меѓу кои се воведување систем пар-непар за возење, забрана за движење на возила кои се без катализатори за издувни гасови, бесплатен градски превоз цела зима, зголемен број инспекции, обезбедување бесплатен огрев за граѓаните кои се греат на гуми, како и привремена забрана за работа на сите индустриските капацитети.


Денеска ќе бидат засадени 2,6 милиони садници на 550 хектари


Скопје, 30 ноември, 2016 - 9:58 (META) 

Денеска, во рамките на акцијата „Ден на дрвото“, ќе бидат засадени  2,6 милиони садници на 550 хектари, информираше директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџовски.

Тој истакна дека годинава во акцијата најмногу акцент е ставен на најзагадените градови, односно на Скопје (околу обиколницата), Битола, Кичево и на Тетово.

Во Скопје ќе бидат засадени околу еден милион садници.

Градоначалникот Коце Трајановски на вчерашната прес-конференција истакна дека дел од садниците ќе им бидат доделени и на граѓаните.

 


За „Денот на дрвото“ во Скопје ќе се засадат милион садници за почист воздух


Скопје, 29 ноември, 2016 - 13:42 (META) 

Во Скопје утре ќе бидат засадени околу милион садници во акцијата „Ден на дрвото“, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

– Градот Скопје и годинава се вклучува во традиционалната акција „Ден на дрвото“, во којашто на територијата на градот Скопје ќе бидат засадени околу милион садници. Дел од садниците ќе им бидат доделени и на граѓани, односно домаќинства. Градот Скопје ја поддржува оваа граѓанска акција за да се подобрат условите за живот во градот и да се намали загадувањето на воздухот – изјави Трајановски на денешната прес-конференција.

Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџовски, истакна дека годинава ќе се засадат околу 2,6 милиони садници на 550 хектари, а во акцијата најмногу акцент е ставен на најзагадените градови, односно на Скопје, Битола, Кичево и на Тетово. На територијата на Скопје акцент е ставен на просторот околу обиколницата.


Скопскиот „трамвај наречен (пуста) желба“, Груевски го смести во историјата


Скопје, 26 септември, 2016 - 16:58 (META) 

Владејачката партија бега од идејата за трамвајски превоз во Скопје. Откако скопскиот градоначалник, Коце Трајановски, во март 2015 година го стави проектот во мирување, денеска и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најави дека наместо трамвај, Градот Скопје ќе набави „зглобни дводелни електрични автобуси со дизајн на трамвај“.

– Иако се планираше, трамвајот не се реализираше само поради високата цена што ја побараа сите производители и можни концесионери, и со која, за да има приближно иста цена како автобусот, требаше две третини од цената да ја субвенционира државата, што заедно со инвестицијата за копање и за поставување шини, како и за набавка на возилата за трамвај, ќе ја чинеше државата годишна субвенција меѓу 11 и 14 милиони евра во период од 30 години – рече Груевски.

По два неуспешни тендери на Град Скопје за избор на фирма која ќе учествува во изградбата на трамвајска линија, во март 2015 година Трајановски го стави овој проект во мирување. Сепак, рече дека Градот не се откажува од овој проект.

– Градот Скопје нема да се откаже од изградба на трамвај. Имаме контакт со странска компанија која предложи во друга форма да го гради градскиот трамвај, така што Градот Скопје со помош на Владата не се откажува – изјави тогаш Трајановски.

Проектот за изградба на трамвај е дел и од изборната програма на Трајановски:

„Градот Скопје ќе продолжи со постапките за изградба на трамвај во Скопје, по пат на јавно-приватно партнерство. Преку овој проект се очекува да се надгради досегашниот концепт на јавен превоз во градот Скопје, кој покажува одделни недостатоци и ќе се воведе побрз и поголем капацитет на јавен превоз на патници“.

Желбата за трамвај датира уште од времето на поранешниот градоначалник, Трифун Костовски. Во 2013 година беше поништен првиот тендер затоа што само една фирма достави понуда, но не ги исполнуваше условите. Веднаш потоа беше распишан вториот, кој заврши без доставена понуда.


Шилегов: Еден месец по поплавите, сè уште не се знае точниот број на жртви


Скопје, 6 септември, 2016 - 16:35 (META) 

Точно еден месец од поплавите до денеска, сè уште нема конечен биланс на жртвите за кои знаеме дека се најмалку 23, но ниту една институција не ги отфрли неофицијалните информации за неколкупати поголема бројка на загинати, а не се знае бројката на исчезнати, изјави денеска во Стајковци портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Тој рече дека граѓаните од поплавените места сè уште не можат да си го вратат животот во нормала, a доцни и најавената парична помош од државата.

„Еднократната парична помош за семејствата на загинатите сè уште не е исплатена, а голем дел од поплавените граѓани не го имаат добиено ветениот аванс. Голем дел од поплавените живеат кај соседи, роднини, без елементарната покуќнина. Со поплавите исплива на виделина неодговорноста и неспособноста на власта на Никола Груевски и на Коце Трајановски во најсуровата форма – со ужасни последици“, рече Шилегов.

Портпаролот на СДСМ нагласи дека ниту една од државните институции не издала предупредување за невремето, обиколницата кај Стајковци вечерта на 6 август не била затворена за сообраќај, поради што многу граѓани останаа заробени во своите возила и имаше загинати.

„Следните денови единствено функционираше „ајфонот“ на Груевски кој замислуваше дека глуми во реално шоу, додека семејствата на загинатите не можеа да дојдат до телата на своите блиски во капелата во Бутел, бидејќи не им беа издавани документи. Не беше испочитуван ниту протоколот на Интерпол за идентификација на жртви настрадани во катастрофа, со земање отпечатоци и со ДНК-анализа. Потфрлија институциите што ние, граѓаните, ги плаќаме за да нè штитат. Затоа, одговорност мора да има и ќе има“, изјави Шилегов, додавајќи дека по 11 декември ќе дојде одговорна влада, која „парите на граѓаните нема да ги расфрла за тркала и за пиратски бродови, туку ќе изгради систем за заштита од поплави“.


СДСМ: Трајановски е одговорен за последиците од поплавите и мора да си даде оставка


Скопје, 24 август, 2016 - 14:27 (META) 

Социјалдемократксиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска повторно побара оставка од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, поради катастрофалните последици од поплавите што го погодија Скопје на 6 август.

Координаторот на советничката група на СДСМ во Град Скопје и потпретседател на партијата, Дамјан Манчевски, денеска на прес-конференција изјави дека постојат непобитни докази за одговорноста на Трајановски.

Тој нагласи дека жртвите од поплавите на 6 август се директна последница на непреземање мерки за заштита пред поплавите и на недостиг од инвестициии во инфраструктура, целосно погрешно дејствување за време на поплавата и на неспособност за справување со последиците по поплавата.

„Коце Трајановски знаел дека постои план за заштита и спасување уште од 2010 година, во кој Скопје е означено како простор со висок степен на загрозеност од елементарни непогоди, особено од поплави. Знаел дека мора да го заштити градот од поплави од такви врнежи, но не го направил тоа. Коце Трајановски знаел за опасноста од невреме. За тоа информирале метео-порталите уште во еден часот попладне. Наместо за тоа да ги предупреди граѓаните и да го вклучи алармот во градот, тој отворал турнир во мал фудбал. Коце Трајановски знаеле дека има човечки жртви, дека има излевање на акумулација и огромна надојдувачка вода и дека е потребна брза евакуација на населението и затворање на обиколницата. Но, не направи ништо од ова. Напротив, со своите погрешни команди дополнително го зголеми ризикот за граѓаните. Конечно, Коце Трајановски знае дека е потребна итна пренамена на милионите евра од „тркалото на лудоста“ и од другите луди проекти на Никола Груевски за да може да се справи со последиците, нормализирање на животот во погодените подрачја и за изградба на систем кој ќе спречи ова да не се повтори, но не презема ништо“, рече Манчевски.

Тој додаде дека СДСМ бара соодветна парична помош за настраданите за да може, како што рече, да се создадат минимални услови за живот.

„На семејствата им требаат пари итно. Им треба чиста вода, храна, облека, училишен прибор за децата, основни работи. Бараме парите од „тркалото на лудоста“ веднаш да се пренаменат за итна помош на настраданите, во вредност од 90.000 денари по домаќинство. Нема да дозволиме оваа трагедија да се заташка и да се заборави“, рече Манчевски.


ВМРО-ДПМНЕ: Коце Трајановски одговорно и посветено работи за Скопје


Скопје, 16 август, 2016 - 15:12 (META) 

СДСМ продолжува да бара оставка од најуспешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, бидејќи СДСМ не сака кога во Скопје се подобруваат условите за живот, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ во кое се бара градоначалникот Коце Трајановски да одговара морално, политички и кривично.

Од партијата на власт велат дека „градоначалникот Коце Трајановски веќе два мандати одговорно и посветено работи за Скопје и тоа е oчигледен проблем за СДСМ.“

– Градоначалникот Коце Трајановски со многу труд и грижа работи за доброто на жителите на Скопје. Тоа е нешто што СДСМ никогаш не го направи и е непознато за функционерите на оваа партија. Затоа СДСМ и на наредните локални избори нема да добие шанса од граѓаните ниту да се доближи до позицијата градоначалник на Град Скопје – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.