Постигнат е договор со БЕСА на Касами за уставните измени


Скопје, 11 јануари, 2019 - 16:27 (META) 

Постигнат е договор со крилото на БЕСА на Биљал Касами да се гласа за измените на уставот, изјави на прес-конференција попладнево портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов. Тој не прецизираше што е договoрено, но истакна оти тоа ќе биде објаснето преку партиски соопштенија.

Рече дека продолжението на седницата на која ќе се гласа за уставните измени треба да биде закажана од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Костадинов рече дека најостро ги демантираат, како што рече, „изнесените лаги на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на раководството на партијата дека се вршел притисок врз пратениците да гласаат за уставните измени“.


СДСМ: Сите соучесници вмешани во бегството на криминалецот Груевски мора да одговараат


Скопје, 14 ноември, 2018 - 14:10 (META) 

Пред две недели антинародниот пион Христијан Мицкоски, јавно, во интервју на „Алсат-М“ призна дека имал повеќечасовна средба со неговиот ментор, осудениот криминалец Никола Груевски, рече денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов како реакција на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

– На таа средба, според признанието и зборовите на Мицкоски разговарале за „иднината“ и „личните моменти“ на осудениот Никола Груевски. Јавноста, основано се сомнева дека пионот Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, знаеле за планот на Груевски. Антизападниот пион Мицкоски пред граѓаните треба да одговори дали токму на таа средба било испланирано бегството на Груевски? Ние, како и граѓаните, отворено се сомневаме дека досегашната одбрана на криминалот на Груевски од страна на Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е во функција да му помагнат во неговиот план. Вклучувајќи го тука и бегството – рече Костадинов.

Тој додаде дека нема никаков политички прогон, туку спроведување на правда и правна држава и го повика Основното јавно обвинителство да отвори истрага и целосно да се расветли случајот и да се лоцираат сите виновници.

– Сите сочуесници вмешани во бегството на криминалецот Груевски мора да одговараат пред законите – рече Костадинов.


Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ да престане да го блокира референдумот


Скопје, 9 јули, 2018 - 15:11 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ измислува нови барања, техничка Влада, амнестија и слично и сака да прикаже вештачка криза, само за да ги спасат криминалците од одговорност. Тоа е единственото нешто за кое што се бори Мицкоски, порача Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата, велејќи дека напорите на опозициската партија не се насочени кон интересите на државата и граѓаните, туку „за нив единствено важна е одбраната на криминалот и судбината на Никола Груевски и фамилијата“.

– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ последниов период намерно блокира неколку собраниски комисии, на коишто се расправа за реформски закони. ВМРО-ДПМНЕ ја блокира и постапката за  формирање на Државна изборна комисија (ДИК), со што го доведува во прашање одржувањето на референдум за иднината на државата – рече Костадинов.

Тој повика ВМРО-ДПМНЕ веднаш да престане да ја блокира работата на Комисијата за избори и именувања, за да се избере новата ДИК.

– Ако тоа не го направат, значи дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат референдум и бегаат од избори. Очигледно е, ВМРО-ДПМНЕ се плаши од волјата на граѓаните. Македонија забрзано чекори напред и враќање назад нема. Македонија да биде заложник на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството како и секогаш до сега ќе ја превземе одговорноста за државата, наспроти неодговорната опозиција која секојдневно сака да ни ги затвори вратите за ЕУ и НАТО – изјави Костадинов.

Тој порача дека Изборниот законик и Законот за финансирање на политички партии се одамна усогласени и владејачкото мнозинство е подготвено веднаш да ги поддржи во Собранието.


Костадинов: Договорот е патриотски чин, Иванов е должен да потпише


Скопје, 5 јули, 2018 - 14:00 (META) 

Пратеникот од СДСМ и коалицијата, Костадин Костадинов, на прес-конференција во Собранието, откако пратениците вторпат го ратификуваа Договорот со Грција, порача дека станува збор за патриотски чин и договор што го обезбедува и зајакнува македонскиот идентитет, носи членство на Македонија во ЕУ и НАТО и ја обезбедува македонската иднина.

Тој рече дека претседателот Ѓорге Иванов е должен да го потпише, бидејќи и вторпат мнозинството пратеници гласаа „за“.

– Македонски народ, македонско оро, Македонец, Македонка…   се обезбедени еднаш засекогаш. Конечно ќе станеме дел од европските и светски демократии, кои гарантираат напредок, просперитет, стабилност и безбедност. Бидејќи Законот за ратификација на овој Договор Собранието денеска го изгласа по втор пат со големо мнозинство, Ѓорге Иванов е должен, повторувам, е должен да го потпише  – порача Костадинов.

Пратеникот нагласи дека ако постапи спротивно, претседателот на државата ќе направи кривично дело и ќе излезе надвор од неговите надлежности, а директно ќе се вмеша во законодавната власт, односно, Собранието.