Општина Струмица поднесе барање до Владата за намалување на стапката на ДДВ за гасот


Струмица, 11 февруари, 2019 - 13:47 (META) 

Општина Струмица доставила барање до Владата за намалување на стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) за гасот од 18 на пет проценти. Според градоначалникот Коста Јаневски, решението на проблемот со загадениот воздух, во кое во најголем дел учествува затоплувањето на домовите е преку гасификација, како и проширување на гасоводната мрежа. За таа цел Јавното претпријатие „Срумица гас“ аплицирало до Светска банка за кредит во висина од 26 милиони денари, за проширување на гасоводната мрежа во должина од седум километри.

– Направивме и акционен план, дадовме конкретни предлози до Владата кои би требало овој енергенс да го направат поефтин за да може нашите граѓани да се приклучуваат. Предложивме данокот на додадена вредност на гасот да се намали од 18 на пет проценти и има расположение тоа да се направи, потоа да се субвенционираат горилници и приклучни елементи и според мене, тоа е реалниот начин на кој треба овој проблем да се решава, како и со проширувањето на мрежата за гасификација – смета Јаневски.

Општина Струмица го субвенционира секој приклучок на гасоводната мрежа со 100 евра. Советот на Општината изгласал мерка со која идните инвеститори на згради и домови ќе имаат намалување од осум проценти од комуналните давачки, ако се одлучат да изградат зелени покриви и фасади.

Во Струмица, која е гасифицирана од 2012 година, е изградена гасоводна мрежа од 33 километри.


Им престана мандатот на пратениците што станаа градоначалници


Скопје, 1 ноември, 2017 - 12:56 (META) 

Во експресното прво продолжение на 18. седница, прва по долгата пауза поради локалните избори, Собранието денеска констатираше дека им престанал мандатот на пратениците што беа избрани за градоначалници во првиот круг на локалните избори, односно на Петре Шилегов, Стефан Богоев, Сашо Поцков, Максим Димитриевски и Коста Јаневски, но и на Бардиљ Даути од ДПА и на Зеќирија Ибрахими од Беса, кои си поднесоа оставки откако Собранието ја прекина работата поради изборите.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, посочи дека на ред е Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го извести Собранието кои имиња од кандидатските листи на нивните партии ќе ги пополнат испразнетите пратенички фотелји.

По десетина минути работа, Џафери даде пауза и најави продолжение во 13 часот. На него Собранието би требало да ги прогласи новите пратеници од изборната листа на СДСМ.

Пред почетокот на денешната седница, која беше најавена за 11 часот, а почна со задоцнување од 25 минути, во собраниската пленарна сала, пратениците од СДСМ им ги честитаа новите градоначалнички функции на Шилегов, Богоев, Димитриевски, Поцков и на Јаневски.