Работнички исклучен од Суперлигата


Скопје, 14 април, 2015 - 19:34 (META) 

Комисијата за натпреварување го исклучи Работнички од понатамошното натпреварување во Суперлигата и тоа поради два порази со службен резултат, пишува „Спортмедиа“.

„Центарци“ викендов одбија да играат против Карпош соколи, меч кој денеска беше регистриран со 20-0 за „соколите“, што беше втор „жолт картон“ за тимот од „Градски парк“, кој на почетокот од сезоната загуби на „зелената маса“ и од МЗТ Скопје. Тогаш, кошаркарите на Работнички одбија да се вратат на паркетот по прекинот за празнење на трибините, по што останаа и без бодот наменет за поразениот тим.

Според актите, поради фактот што веќе се одиграни повеќе од половина од натпреварите во кошаркарската елита, сите преостанати суперлигашки средби на 14-кратниот шампион ќе бидат регистрирани со службена победа на противниците.


МЗТ Скопје го совлада Куманово


Скопје, 19 март, 2015 - 21:08 (META) 

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва ја совладаа екипата на Куманово со 81-74 и со тоа се зацврстија на челната позиција на табелата во првата македонска кошаркарска лига, пренесува „Екипа“.

Клучна за победата на МЗТ беше третата четвртина од натпреварот, во која тимот од Аеродром со доминантна игра успеа да создаде предност, која ја задржа до самиот крај.

Најефикасен во тимот на МЗТ Скопје беше Сеад Шеховиќ со 26 поени, додека младиот Љубомир Младеновски постигна 13 поени за 14 минути игра, а на тоа додаде и седум скока, две блокади и една украдена топка.

Најдобар поединец во тимот на Куманово, со 18 постигнати поени, беше Урош Луковиќ.


Петар Наумоски, кандидат за претседател на кошаркарската федерација


Скопје, 16 март, 2015 - 20:40 (META) 

Од Иницијативниот одбор за промени во Македонската кошаркарска федерација (МКФ) потврдија дека Петар Наумоски ќе биде кандидат за претседател на федерацијата. Зад кандидатурата на Пеце Наумоски застанаа 21 клуб од вкупно 27 кои имаат право на глас во собранието на МКФ.

– Имавме средба со Петар Наумоски, кој прифати да биде кандидат за претседател на МКФ откако актуелниот би бил разрешен на вонредното собрание што го бараме. Редно е нашите проверени спортисти да седнат на чело на федерацијата и да придонесат за дополнителен развој на кошарката во земјава. Очекуваме свикување собрание, на кое клубовите што застанаа зад иницијативата ќе ги изнесат подетално причините за незадоволството од претседателот – изјави Видоја Секуловски, спортски директор на МЗТ Скопје и член на Инцијативниот одбор.

Од одборот пред десетина дена поднесоа барање за свикување вонредно собрание на МКФ, на кое единствена точка на дневниот ред треба да биде изгласување (не)доверба на претседателот Даниел Димевски, кој има рок до 19 март да свика состанок.

Доколку не го стори тоа, иницијаторите имаат право да свикаат собрание и да ја комплетираат процедурата за смена на првиот човек на МКФ.


Кливленд по продолжение го совлада Сан Антонио


Кливленд, 13 март, 2015 - 9:37 (META) 

Ноќеска, на гостувањето кај шампионот Сан Антонио, екипата на Кливленд по продолжение славеше победа  со 128:125.

Предводник до триумфот беше Кајри Ирвинг, кој постигна рекордни за него 57 поени. Ирвинг реализираше и тројка за изедначување (110:110) и со тоа избори продолжение. Претходно негов рекорд беа 55 поени против Портланд во јануари годинава.

Ова, воедно, е и рекорд за екипата на Кливленд бидејќи досега рекордер беше Леброн Џејмс со 56 поени против Торонто, постигнати во 2005 година.

Резултати на ноќешните натпревари: Сан Антонио – Кливленд 125:128 по продолжение, Индијана – Милвоки 109:103 по продолжение, Вашингтон – Мемфис 107:87, Јута – Хјустон 109:91 и Лос Анџелес лејкерс – Кливленд 125:128.

Пласман – Источна конференција: Атланта 50-14 (победи-порази), Кливленд 42-25, Чикаго 40-26, Торонто 38-26, Вашингтон 37-28, Милвоки 34-31, Индијана 30-34, Мајами 29-35…

Пласман – Западна конференција: Голден Стејт 51-12, Мемфис 45-20, Портланд 42-20, Хјустон 43-22, ЛА клиперс 42-23, Сан Антонио 40-24, Далас 41-25, Њу Орлеанс 36-29…


Србија сака да биде организатор на ЕП во кошарка 2017 година


Скопје, 9 март, 2015 - 12:53 (META) 

Кошаркарската федерација на Србија сака да се пријави за организација на една група на ЕП 2017, доколку ФИБА го задржи овој систем на натпреварување со повеќе организатори, пренесе „спорт365.мк“.

Србија беше кандидат за организација на Еуробаскет 2015 година, но поради големи финансиски трошоци на челниците на КСС, се откажа од кандидатура.

Последен пат нашиот северен сосед го организираше ЕП во 2005 година.


МЗТ Скопје ја совлада Струмица со 62 поени разлика


Струмица, 4 март, 2015 - 20:40 (META) 

Кошаркарите на МЗТ Скопје, во натпревар од 15. коло во Првата лига, го совладаа тимот на Струмица со резултат 107-45.

Дури петмина кошаркари од победничкиот тим постигнаа двоцифрен број поени.

Најефикасни на натпреварот беа Стефан Синовец и Марко Симионовски, секој со 18 поени, Урош Лучиќ додаде 16, а Предраг Самарџиски натпреварот го заврши со дабл-дабл од 11 поени и со исто толку скокови.

Ова е прва победа за словенечкиот стратег Алеш Пипан по неговото враќање на тренерската позиција во МЗТ Скопје.

Во останатите натпревари од ова коло, кои се одиграа во саботата, беа постигнати следните резултати: Фени индустри – Гоце Делчев 109-86, Карпош соколи – Водњански лисици 92-83 и Кожув – Работнички 85-73.


Кошаркарите на Работнички триумфираа во Купот на Македонија


Скопје, 23 февруари, 2015 - 9:39 (META) 

Кошаркарите на Работнички триумфираа во финалето на Купот на Македонија, кое се одигра во спортскиот центар „Јане Сандански“, совладувајќи го тимот на Кожуф со 74-66.

Клучна за победата на Работнички беше третата четвртина од натпреварот, кога тимот од Градски парк направи двоцифрена предност, откако првиот дел помина во незивесна и резултатски изедначена игра.

За најкорисен играч беше прогласен играчот на победничкиот тим, Ѓорѓи Чековски, кој натпреварот го заврши со одличен резултат од 18 поени, 5 скокови и 6 асистенции. Неговиот колега од тимот, Миљан Павковиќ, постигна 16 поени, Дарко Соколов реализираше 12 и Тодор Гечевски – 9 поени и 11 скока.

Во екипата на Кожуф најефикасен беше Миљан Јанушевиќ со 15 поени.

За Работнички ова е деветти трофеј во Купот на Македонија.


Филм за југословенската повоена кошаркарска репрезентација


Белград, 7 февруари, 2015 - 14:23 (META) 

Вистински спортски настани повторно ќе се овековечат на големото платно, преку продукцијата што стои зад успешниот проект наречен „Монтевидео“. Овојпат приказната е посветена на југословенската кошарка.

Филмот „Ќе бидеме светски прваци“ ја следи приказната за четворицата великани на југословенската кошарка: Бора Станковиќ, Радомир Шапер, Небојша Поповиќ и Александар Николиќ од 1945 до 1970 година и освојувањето на титулата светски шампион во Љубљана.


Кошаркарскиот клуб Работнички го избра новото раководствo


Скопје, 23 јануари, 2015 - 15:41 (META) 

Нов претседател на кошаркарскиот клуб Работнички е Ристо Гапиќ, а за нов извршен директор е избран Васко Кичевски.

– Главна цел е да го задржиме сјајот на најтрофејниот клуб во Македонија, КК Работнички, и со тоа да успееме да ја вратиме титулата дома, во „Градски парк“. Големо задоволство ми е што на чело на стручниот штаб го имаме „докторот“, Марин Докузовски, и убеден сум дека заеднички со максимална посветеност и желба ќе успееме во предизвиците кои следуваат. Само со тимска работа и со постигнати резултати може секој спортски клуб да биде видлив во општеството – вели претседателот Ристо Гапиќ.

Директорот на клубот, Васко Кичевски, вели дека ќе работат напорно и дека тимот е отворен за сугестии и за предлози од секој кој сака да помогне.

– Како директор на клубот, ми претстои година на предизвици, односно целосно спроведување на стратегијата во однос на нашите пријатели и помагатели. Секој што сака да помогне на КК Работники, за нас е добредојден за сугестии и за предлози за напредок. Одржување на позитивната енергија во клубот е една од работите кои, исто така, се важни за мене. Ќе работиме напорно, од една страна да бидеме најдобри, а од друга страна да менаџираме на домаќински начин за успехот да не удри по грбот на опстанокот на клубот – вели директорот на Работнички, Васко Кичевски.

Од Работнички велат дека наредната сезона ќе се фокусираат на развој на младинската школа, со што ќе инвестираат во новите сили на кошарката, кои ќе бидат идни репрезентативци на Македонија.


Феникс санс со шеста победа по ред


Лос Анџелес, 29 декември, 2014 - 10:19 (META) 

Откако ноќеска славеа на гостувањето во Лос Анџелес кај „лејкерс“ со 116:107, кошаркарите на Феникс санс ја извојуваа шестата победа по ред.

Резултати:

Кливленд – Детроит 80:103,

Сан Антонио – Хјустон 110:106,

Далас – Оклахома Сити 112:107,

Портланд – Њујорк 101:79,

Денвер – Торонто 102:116,

Шест натпревари се на програмата вечерва:

Шарлот – Милвоки,

Индијана – Чикаго,

Бруклин – Сакраменто,

Орландо – Мајами,

Хјустон – Вашингтон,

ЛА клиперс – Јута.

Пласман Источна конференција:

Торонто 24-7 (победи-порази),

Атланта 22-8,

Вашингтон 21-8,

Чикаго 21-9,

Кливленд 18-12

Пласман Западна конференција:

Голден Стејт 24-5,

ортланд 25-7,

Мемфис 22-8,

Хјустон 21-8,

Далас 22-10,

ЛА клиперс 20-11