Макрон го отфрли барањето за признавање на корзиканскиот јазик


Ајачо, 8 февруари, 2018 - 11:06 (META) 

На својата прва посета на островот Корзика, кој во минатото беше потресуван од голем број терористички напади извршени од поборниците за независност, францускиот претседател Емануел Макрон вчера порача дека нема да го признае корзиканскиот јазик како официјален јазик.

Макрон отфрли и друго барање на корзиканските националисти за специјален резиденцијален статус за да се спречат шпекулациите со недвижен имот на островот. Сепак, францускиот претседател вети нови инвестиции и рече дека е подготвен за префрлање поголеми овластувања на локалните власти.

На локалните избори во декември, на Корзика победа остварија националистите што сакаат поголем автономија. Вчера пред посетата на Макрон, илјадници корзиканци одржаа марш со кој побараа поголема автономија од Франција.

Макрон им порача на националистичките политичари дека островот е интегрален дел од Француската Република, но понуди симболична отстапка: споменување на островот во францускиот устав.


Високите температури предизвикаа пожари во Грција, Португалија и на Корзика


Лисабон, 14 август, 2017 - 12:13 (META) 

Високите температури и сувиот воздух предизвикаа нови пожари на југот на Европа, а најмногу во Грција, Португалија и на Корзика.

Пожарот што изби во село кај Атина, уништи неколку куќи и го примора локалното население да ги напуштат домовите.

На францускиот остров Корзика поради пожари евакуирани се околу 1.000 луѓе. Пожарите избувнале во четвртокот, пренесуваат локалните медиуми.

Повеќе од 4.000 пожарникари се борат со 250 шумски пожари низ цела Португалија, која побарала помош од Европската Унија во совладување на огнената стихија.

Портпаролката на агенцијата за цивилна заштита, Патрисија Гаспар, изјавила дека во саботата во Португалија избиле 268 пожари, што е најголем број на пожари во еден ден.

Поради топлото лето, во Португалија ова лето се случија најлошите пожари во Европа. Животите ги загубија 64 лица.

 


Казнев ја осуди ескалацијата на насилствата на Корзика


Ајачо, 30 декември, 2015 - 12:26 (META) 

Францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казнев, денеска го осуди насилството на Корзика, откако демонстрантите на островот ја демолираа просторијата во која се молеле муслимани.

– На Корзика нема место за насилство, ниту за расизам – рече Казнев во градот Ајачо на Корзика.

Тој рече дека „најостро го осудува насилството“ над пожарникарите, кои биле нападнати од заседа, како и над муслиманите.

Насилствата во главниот град на Корзика почнаа на 24 декември, кога пожарникарите, кои одговарале на повик, биле нападнати од заседа. Причината за нападот засега е непозната.

Следниот ден, стотина лица протестираа против насилството, а потоа група демонстранти се одвоила и демолирала просторија во која се молеле муслимани, како и продавница за брза храна во која се продаваат ќебапи.